Ужасни слики и неверување владее кај сточарите на Плачковица. Беспомошно апелираат повеќе од два месеци до Агенцијата за храна и ветеринарство да набави вакцини, но од вакцини за нивната општина нема ниту трага ниту глас.
Стадото на Емин секојдневно се намалува. Говедата зафатени со болеста „Јазлеста кожа“ добиваат воспаление на кожата, покачена телесна температура и бегаат во реките и доловита на Плачковица каде е поладно и таму умираат. Емин вели дека дури не не може да ги пронајде нивните тела.
Додека Агенцијата за храна и ветеринарство одби да одговори на нашите прашања, жителите велат дека постои опасност од загадување на водите со зарази од загинатите животни.
„Во село Парналија од околу 1.300 говеда вакцинирани се дали 50-тина. А неколку стотини веќе се зафатени од болеста и им нема траг“, вели Емин Мустафов од Парналија.
Покрај тоа што не им обезбеди вакцини, државата не им помогна и во затрупување на животните.
„Имам 10 говеда болни дома и нема што да им правам. Ме тераат да копам дупка со раце и да ги затрупам тие 10 говеда. Каде можем да копам дупка за 10 говеда?“ вели Сали Ибраим од Кучица.
Тој има 100 крави од кои веќе 30 се заболени.
Ибраим се жали дека не можат да ги пронајдат загинатите животни. Државата им ги признава само тие крави што ќе ги најдат, а за тие што нема да ги најдат не ги признаваат.
Има семејства чија стока е 100 проценти зафатена од болеста јазлеста кожа.
„Од што ќе живеат тие луѓе“, прашува Сали.
Обесштетување по 400 евра за крава
Дополнителен проблем за сточарите е и висината за обештетување на животните. Неофицијално, една крава државата им ја плаќа по 400 евра.
За Сашо Ј, сточар од Кочанско ова е прениска цена.
„Јас ги сакам животните, мене не ми требаат парите од државата. Не ми требаат субвенции. Мене ми треба стоката. Таа крава што државата ја плаќа 400 евра мене ми излегува 4.000 евра“, вели Сашо.
Тој бара државата да им набави други крави.
Логиката на Сашо беше следнава. Ако една крава од 4-5 години загине од болеста „Јазлеста кожа“, тој од таа крава има изгубено најмалку 10 пати повеќе телиња во иднина. Тие 10 телиња по 400 евра чинат 4.000 евра и на тоа кога ќе ја додадам кравата 700 евра, тоа е скоро 5.000 евра штета.
Со слични проблеми е и Марко Ристовски од Теранци Кочанско.
„Од 100 говеда кои ги имам во моето стадо, веќе 60 се заболени од болеста Јазлеста кожа. Штетата кај мене е повеќе од 50.000 евра. 30 години се мачев да ја подигнам оваа стока и на крај ќе ми ја заколат за џабе. Да имавме држава како што треба, ќе набавеа вакцини и ќе ја спречеа болеста“, вели Ристовски.
Пропусти во Агенцијата за храна и ветеринарство
Сточарите се жалат дека Агенцијата за храна и ветеринарство не им доставила резултати од испитуваните мостри на крв од нивните животни. Емин Мустафов од Парналија, Штипско вели дека резултати од мострите од неговите говеда сеуште нема.
„Доаѓаа кај мене земаа мостри, но резултати дали животните се зафатени од болеста Јазлеста кожа не ми дадоа“, вели Мустафов.
Слична ситуација има и кај Марко Ристевски од Теранци.
„Ги повикав ветеринарите земаа крв од три животни уште пред 2-3 недели резултати нема. Дали не ми ги даваат, дали не се обработени мострите не знам“, вели Марко.
На неажурност на работењето на Агенцијата за храна и ветеринарство пред повеќе од 4 месеци предупреди и тогашниот помошник министер за земјоделство од редовите на СДСМ Љупчо Николовски.
„Од 2 мај до 17 септември 2015 година не се правеле микробиолошки испитувања, не се анализирало присуството на тешки метали и нитрати во одредени прехранбени производи, ниту се испитувало евентуално присуство на остатоци од пестициди во храната или можни ГМО. Дали во овој период сме пиеле млеко од заразени домашни животни, сме јаделе месо со биорезидуи, домати со пестициди или спанаќ со тешки метали“, изјави Николовски на 8 февруари 2016 година.
Освен Агенцијата, молк владее и во Ветеринарниот институт. До затворањето на овој текст не одговорија на прашањата на СКУП.
Додека надлежните молчат, сточарите ги бројат загубите.
„Постојано не лажат дека ќе набават вакцини, а вакцини нема. Ни велеа дека до крајот на мај ќе има вакцина, вакцини нема. Ако стигнеа вакцини во мај, нашата стока ќе се спасеше. Државата е виновна за ширењето на болеста“, вели Зоранчо Крстев од Кочанското село Теранци.
Тој додава дека помош веќе чека само од Господ, од владата одамна кренал раце.
„Годишниот план за работа е поддржан од Цивика мобилитас“.
„Содржината на оваа истражувачка сторија е единствена одговорност на СКУП Македонија и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат“.