СТРАЗБУР САТИСФАКЦИЈА ЗА МАКЕДОНСКОТО НЕПРАВЕДНО СУДСТВО

Автори:

Даниела Трпчевска, новинар уредник

Ангела Рајчевска, новинар репортер

 

Македонските политичари, јавни личности, бизнисмени, па и дел од новинарите, не само што чувствуваат поголема душевна болка од обичните граѓани, туку и лесно се одлучуваат да тужат. Судовите пак, од друга страна се чини им ја олеснуваат ваквата пракса на застрашување, прифаќајќи ги и тужбите во кои, според искуствата од Стразбур, нема основи за клевета и навреда.

„Лакрдијаш, идиот, простак!“ Доколку овие зборови некогаш ги употребите во текст, колумна или коментар на текст во некој од медиумите во земјава, лесно може да се случи да завршите на суд поради навреда и клевета. Додека за Судот во Стразбур ваквите термини се прифатливи, доколку не станува збор за личен напад на некоја јавна личност, кај нас можат да бидат повод за тужба која може да ве чини и по неколку илјади евра.

 

МАКРАДУЛИ, ГЕЛЕВСКИ, ФОКУС ЧЕКААТ АБЕР ОД СТРАЗБУР  

 

Разочарани од исходот на судските процеси, високите парични казни, долгите и мачни постапки, непримената на европските судски искуства и практики, се поголем број граѓани се одлучуваат да ја побараат правдата пред Судот за човекови права во Стразбур.

Иако во земјава и пред и по донесувањето на Законот за декриминализација „врие“ од тужби за навреда и клевета, ваквите предмети ретко завршуваат пред европскиот суд. Всушност, може да се каже дека Македонија досега немаше ниту еден предмет кој се однесува директно на повреда на член 10 – слобода на изразување од Европската конвенција на човекови права и слободи. Но, во наредниот период се очекува да бидат поднесени лавина тужби по овој основ, но и бидат донесени првите пресуди за двете апликациите кои веќе се поднесени до Стразбур – случајот „Гелевски“ и „Макрадули“. За разлика од кај нас, предмети поврзани со повредата на член 10 од Европската конвенција за човекови права и слободи, а која се однесува на слободата на изразување, често се среќаваат во практиката на Судот во Стразбур. Најголемиот број од апликациите се однесуваат на развиени земји со долга демократска традиција, како Германија, Италија, Австрија, Франција, Шпанија. Предничи Велика Британија, иако станува збор за земја која што може да се пофали со голема слобода на медиумите, но и голем број тужби токму по основ на загрозување.

Според Бирото за застапување на Република Македонија пред ЕСЧП, по членот 10 досега се поднесени апликации за предметот на Никола Гелевски, како и две споени апликации поднесени од страна на Јани Макрадули, а за кои се уште се очекува донесување на пресуда. И Гелевски и Макрадули се уште немаат никаков абер за исходот од жалбите во Стразбур. Пред овој суд „моралната сатисфакција“ се одлучија да ја побараат и уредничката на „Фокус“, Јадранка Костова и новинарот Владо Апостолов, повторно за пресуда за објавен текст каде случајот го доби тужителот – поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков.

Филип Медарски

„И тој случај е правосилно заврши и сега е во Стразбур“, вели нивниот адвокат Филип Медарски.

Владиниот повереник Костадин Богданов вели дека ЕСЧП има сопствена методологија на работење и политика на постапување, па согласно тоа некои предмети имаат приоритет пред другите. Вообичаено, приоритет им се дава на предметите кои се однесуваат на членот 2 (право на живот), членот 5 (право на слобода и безбедност), но и на апликации кои третираат некои други прашања кои налагаат итно постапување, но исклучиво по наоѓање на ЕСЧП. „Ова, од искуството на Бирото, не укажува на некој поголем застој во времето потребно за комуницирање на апликациите по член 10 и донесување на пресуда, а имајќи го предвид големиот број предмети кои се во фаза на постапување пред ЕСЧП“, велат од Бирото за застапување.
Единствено пресудата „Поповски“ засега се однесува на случај на изнесување клеветнички искази објавени во напис во весник, како повреда на правото на почитување на угледот на апликантот опфатено со членот 8 (право на приватен и семеен живот), при што утврдена е и повреда на членот 6 (право на правично судење). Станува збор за жалбата на Ристо Поповски (вујко на Јован Вранишковски) поднесена против државата во 2007 година. Аппликацијата е поднесена поради судска постапка која претходно се водела во земјава за напис во „Утрински Весник“ со наслов Вујкото крадел, Јован чувал стража“. Поповски се жалел пред странскиот суд дека постапката во Македонија била прекумерна и дека тужената држава, со оглед на неефикасноста на кривичната постапка за клевета, не успеала да го заштити правотo на почитување на приватниот и семејниот живот. Со пресудата во Стразбур од 31 октомври 2013 година, државата на жалителот била обврзана да му исплати надомест од 4.500 евра како надомест на нематеријалната штета и 2.650 евра за трошоци и издатоци.

На 10 јануари годинава, Судот во Стразбур ја донесе и првата пресуда за Република Македонија во врска со слободата на изразување по жалбата на претседателот на ЗНМ, Насер Селмани и останатите против Република Македонија, која беше објавена на 9 февруари. Пресудата за настаните од 24-ти декември 2012-та година, кога новинарите беа насилно избркани од галеријата на Собранието, според Селмани е потврда дека не се почитува слободата на изразување и прва пресуда со која се утврдува повредата на правото на слободно изразување и на фер судење.

 

И НАД ПОПОТ ИМА ПОП

 

Според најавите, наскоро на дневен ред би можел да се најде апликацијата на социјал-демократот Јани Макрадули, кој речиси две години чека исход од жалбата поднесена пред судот во Стразбур. Всушност станува збор за две апликации поднесени во септември 2011 и во април 2013 година, а кои биле „искомуницирани“ до Бирото на 12 мај 2015 година. Станува збор за две тужби поднесени од страна на поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков, кои што завршија со пресуда во негова корист – во првиот случај Макрадули требаше да му плати 520.000 денари или околу 8.500 евра на Мијалков. Тогашниот пратеник и потпретседател на Собранието, според пресудата, го наклеветил директорот на УБК дека ја злоупотребил опремата за прислушување. Макрадули го изгуби и вториот спор околу изјавите кој стои зад „атрактивата локација зад трговскиот центар Рамстор на која требаше да се гради хотелски комплекс“. И овој пат судот пресуди дека наштетил на честа и професионалниот углед на тужителот Мијалков. По ваквиот исход на судските постапки во Скопје, Макрадули се одлучил да „тропне“ на врата на судот во Стразбур со цел да докаже дека не сторил никаква клевета.

Јани Макрадули

„За мене најважно беше да заврши случајот. Сега ќе се жалам во Стразбур, зашто знам дека правдата е на моја страна и ќе го добијам случајот. Во Европа никој пратеник не може да биде осуден за клевета. Судот во Стразбур веќе донесе три пресуди во корист на двајца пратеници од Шпанија и на еден од Португалија“, изјави Макрадули, откако Уставниот суд го одби неговото барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот определени во член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на слободата на мислата и јавното изразување на мислата и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на политичка припадност.

Битката пред судовите, како и пред највисоката судска инстанца во земјава – Уставниот суд ја изгуби и колумнистот Никола Гелевски. Главниот уредник на националната телевизија „Сител“ и главен и одговорен уредник на весникот „Вечер“ Драган Павловиќ Латас ја доби приватната тужба за навреда и клевета против некогашниот колумнист на „Утрински весник“, Никола Гелевски. Судскиот процес, кој траеше речиси една година, беше покренат поради текстот „Мегафоните од фиреровиот сокак“, побликуван на 31 март 2009, со кој Гелевски ги повредил чувствата на Латас.

Никола Гелевски

„Решив токму од тврдоглавост, без големи очекувања да ја поднесам тужбата, само за да не се предадам, чисто за да докажам дека и над попот има поп – и дека сепак има правда некаде“, вели Гелевски за СКУП, кој исто така веќе две години го очекува исходот од одлуката на Стразбур.

Ова е еден од двата случаи кои што ги застапува адвокатот Филип Медарски. Вториот спор е оној каде што тужител беше поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, а осудени беа уредничката на „Фокус“, Јадранка Костова и новинарот Владо Апостолов. Тужбата беше поднесена во 2013 година поради два објавени текста, чии написи се засновани врз изјави на поранешниот амбасадор Игор Илиевски, кој изнесува обвинувања против ексшефот на УБК. Сите правни можности околу пресудата беа исцрпени во земјава кога Уставниот суд го одби барањето на новинарите за заштита на слободите и правата, во врска со пресудата со која тие беа парично казнети за нарушување на честа и угледот на Мијалков.

Владо Апостолов

Авторот на текстот Владо Апостолов вели дека и ден денеска не му е јасно зошто е донесена пресуда против него, кога немало никаква основа за тоа. „Имавме изјава од амбасадорот којшто го обвинуваше Мијалков дека му вршел притисок, од Мијалков тогаш не добивме изјава, не ја добивме ни верзијата од демантот. Ја имаме само едната страна од приказната. На крајот на краиштата судот со тој процес, којшто имаше други технички проблеми да речеме или административни, не дозволи да се дознае вистината, а тоа ни е на нас работа“.

„Па од Стразбур не знам што може да очекувам, освен да се нотираат  недоследностите во процедурата, кои што дефинитивно ги имаше “, додава Апостолов.

 

ЗА 15 ГОДИНИ ВКУПНО 719 ЖАЛБИ ДО ЕСЧП

 

Бирото за застапување на Република Македонија пред ЕСЧП не располага со статистички податоци колку од апликациите се однесуваат на жалби по член 10 од Европската конвенција за човекови права со кој се гарантира слободата на изразување, а во врска со постапки за клевета и навреда кои биле претходно водени пред македонските судови. Годините извештаи, како што објаснуваат од Бирото, не содржат детален преглед дали станува збор за постапки за клевета и навреда.

„Истовремено, до Бирото не стигнуваат сите апликации поднесени во Стразбур против Република Македонија, туку само мал дел од нив за кои ЕСЧП ќе утврди дека ги исполниле критериумите за допуштеност од членот 35 од Конвенцијата и како такви се подобни за натамошно постапување“, велат од Бирото за застапување.

Според терминологијата на судот, апликациите најпрво се „комуницираат“ до Бирото и владиниот агент заради произнесување по пат на поднесување на писмени опсервации за основаноста и допуштеноста на конкретната апликација. Дури по две такви произнесувања, вклучително и подготовка на опсервации и коментари на Владата по однос на барањето на апликантите за правично обесштетување, ЕСЧП може натаму да го процесуира предметот се до донесување на пресуда. Како апликанти во постапката пред судот во Стразбур можат да се јават физички или правни лица, невладина организација или група поединци кои тврдат дека се жртва на повреда на правата од Конвенцијата или Протоколите.

Анализирајќи ја структурата на предметите против Република Македонија, кои се комуницирани до македонската Влада во текот на изминатите 15 години, во периодот од 1997 до 2015 година имало вкупно 719 жалби до Судот во Стразбур. Најголеми забелешки жалителите имале заради текот на граѓанските, а особено на парничните постапки во домашниот правен систем, меѓутоа значителен број на жалбите се однесуваат и на  кривичните и на управните постапки.

 

МАКЕДОНСКОТО СУДСТВО „ГЛУВО“ ЗА УКАЖУВАЊАТА НА ЕВРОПСКИОТ СУД

 

Иако во последниов период се’ повеќе се бара праксата на европските судови да се применува и кај нас во однос на тужбите за клевета и навреда, факт е дека македонското судство се’ уште нема доволен слух за ова прашање. Сепак, може да се каже дека има благо поместување во однос на имплементирањето на практиките од Стразбур во македонското судство во однос на поранешната состојба.

„Недостига обученост на тие што ја применуваат праксата од Стразбур, а во одредени случаи и од други причини таа не се применува. Постои и политички притисок, според мое мислење, да се донесе соодветна одлука во одредена насока, и таква одлука се носи и покрај тоа што таа е целосно спротивна на праксата на Стразбур“, вели за СКУП адвокатот Филип Медарски.

Политичарите и јавните личности мора да имаат повисок праг на толеранција на критика, затоа што со прифаќањето на јавната функција, свесно прифатиле приватноста да им биде подложена на критика. Судовите, пак, при донесувањето на пресудата треба да ја почитуваат праксата на Европскиот суд за човекови права, според кој слободата на изразувањето вклучува можност за провокации кога се работи за теми кои се од интерес на јавноста. Новинарите треба да провоцираат, а политичарите треба да имаат цврст стомак и да ги проголтаат критиките. За разлика од европската практика, во македонските судови ретко може да се види пресуда во чие образложение се цитираат ставови на Европскиот суд.

Од Основниот суд Скопје 2 не изнесуваат конкретни податоци за процентот на случаи во кои што биле применети европските укажувања, но велат дека во постапката за утврдување на одговорноста за навреда и клевета и надомест на штета судот покрај одредбите од домашните закони, ги применува и Европската конвенција за заштита на човековите права и практиката на Европскиот суд за човекови права, а каде се предвидени критериумите и околностите кои влијаат врз утврдувањето на висината на штетата.

Сепак, анализата на статистичките податоци од судовите во внатрешноста на земјава, покажува дека во периодот од 2011 до 2016 година се поднесени над 1.000 тужби по основ на навреда и клевета. Во само дваесетина од пресудите кои што се правосилни, судиите се повикале на членот 8 или 10 од ЕКЧП и на конкретни предмети од јурисдикцијата на овој суд. На пример во судот во Куманово во 2011 и 2012 година, од вкупно 18 предмети – во 5 од случаите при донесувањето на пресудата судијата се повикал на членот 8 или 10 од ЕКЧП. Слична е состојбата и во 2014 година, каде истиот суд од вкупно 6 предмети, во 2 случаи се повикал на европските практики и искуства. Во судот во Велес, пак, во 2014 година од осум предмети за навреда и клевета – во 4 од пресудите судот се повикал на праксата на европскиот суд. Додека во 2015 година – во само два од случаите.

Европската практика, иако недоволно, сепак, успеала да „продре“ и во штипскиот суд, каде од вкупно девет предмети за навреда и клевета во 2014 година – во два од нив судиите се повикале на искуства од Стразбур. За разлика од нив, судовите во Битола и Струмица се уште ги немаат отворено вратите за искуствата однадвор. Во струмичкиот суд од 78 завршени предмети во периодот од 2013 до 2016 година – во ниту еден од предметите судиите не се повикале на членот 10 и конкретни предмети од јурисдикцијата на ЕСЧП.

Од предметите кои пристигнале до сега пред Судот во Стразбур, од страна на македонските судии се уште не се користи или доволно или правилно праксата на Европскиот суд за правата на човекот, потврдува и поранешната судијка во ЕСЧП, Мирјана Лазарова Трајковска.

Мирјана Лазарова Трајковска

„Праксата на Европскиот суд постојано се надоградува, проширува, дообјаснува. Во тие рамки, колку е важна слободата на изразување, може да видите и од фактот што во изминатите две години, од вкупно 40 пресуди на Големиот судски совет (кој ги утврдува најважните пресуди) 10 пресуди се поврзани за различни аспекти на слободата на изразување“, објаснува судијката Трајковска

 

 

 

БОСАНСКИ ИСКУСТВА

Правејќи споредба со искуствата во Босна, поранешната судијка во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска како потпретседател на Уставниот суд на БиХ, вели дека во делот на предмети за слобода на изразување не е многу големо од едноставна причина што – нема предмети. Тоа, од друга страна, покажува дека многу работи се вршат на сосема друг начин. Тоа значи дека новинарите многу попрофесионално си ја извршуваат работата, од една страна, од друга страна иако има предмети во редовно судство, странките се задоволни со одлуката на редовните судства и не аплицираат во Уставниот суд на БиХ за евентуална повреда на правото на слобода на изразување. Уставот и надлежноста на Уставниот суд на БиХ се многу широки и даваат можност директно да се аплицира до Уставниот суд за повреда на ова право и во дадената ситуација кога се применува таа пракса правилно тогаш не може да се згреши во однос на примена на стандардите.

 

Комплетниот извештај од оваа сторија можете да го прочитате ТУКА.

Интервјуто со Мирјана Лазарова Трајковска, поранешна судијка во ЕСЧП, можете да го прочитате ТУКА

 Oваа истражувачка сторија е изготвена во склоп на проектот „Истражувачко новинарство чувар на демократијата и човековите права“, финансиран од Европската Унија и Британската амбасада во Скопје. Содржината на истражувачката сторија е единствена одговорност на авторот и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија и Британската амбасада во Скопје.

Истражувачката сторија е изработена во рамки на договорот „Заштита на правата преку истражувачко новинарство”, поддржан преку проектот „Истражувачко новинарство – чувар на демократијата и човековите права“ и имплементиран од Центар за управување со промени и Институт за човекови права. Содржината на истражувачката сторија не ги одразува гледиштата и ставовите на организациите кои го имплементираат проектот.

       

Оставете коментар

коментар(и)