автори:
Ангела Рајчевска
Бјанка Станковиќ
Кристина Атовска
Кристина е студент на втора година на еден од државните факултети во Скопје. Како и многумина други, и таа, во пресрет на летото размислува да замине во Америка, за да заработи некој денар. Овде, како што вели, е разочарана од тоа што државата за неа, како и за многумина други студенти не обезбедува доволно поволности и услови за студирање, но и за пракса, како и за многу други олеснувања кои ги уживаат нејзините колеги од регионот.
„Ни недостига пракса на факултетот. Моите очекувања кога се запишав на факултет се само делумно исполнети. Единствено нешто кое што го имаме како поволност е бесплатен јавен превоз. Укинати ни се бесплатните влезници за театар и кино. Имаме бесплатен јавен превоз и два пати месечно може бесплатно да користиме воз. Повеќе пати сум се обидела да добијам бесплатна влезница во кино или театар, но не сум можела. Или тој ден нема претстави или пак образложението е дека не можат да пуштат деца бидејќи им прават врева“, раскажува Кристина, која се жали и на условите во домот во кој живее.
Во последниве 10 години, бројот на студенти сместени во домовите е намален за 1000, а рапидно паѓа и сумата инкасирана за добиени легла која е намалена за три пати, споредено со учебната 2008/2009
Во сите државни домови во Скопје, годишно во просек легла добиваат околу 3000 студенти, а сумата која се влева на сметката на домовите по основ издадени легла се движи од 1 милион до 1 милион и 600 илјади евра – покажуваат податоците кои ги доби СКУП преку слободниот пристап до информации од јавен карактер. Податоците добиени за последните 10 години покажуваат дека бројот на студенти кои добиваат легла во домовите бележи тренд на постојан пад. Ова се должи, пред се, и на затворањето на дел од домовите.
Од учебната 2013/2014 не функционираат блоковите В и Г во студентскиот „Гоце Делчев“, а домот „Невена Ѓорѓиева Дуња“ не сместува студенти од учебната 2014/2015 година. Податоците покажуваат дека во последната учебна година бројката на суденти во домовите споредено со онаа пред 10 години рапидно паѓа и е намалена за 1000. Но, и сумата инкасирана за добиени легла е намалена за три пати споредено со учебната 2008/2009. Од 3.046 студенти во 2008-ма година и инкасирани над 1 милион и 600 илјади евра, бројката во последната учебна година паѓа на 2.204 студенти и остварени приходи од само 576 илјади евра.
Студентите плаќаат за партиципација на факултетите, за учебници, за формуларите во текот на студирањето, за сместување во студентски домови, за превоз, а тука се и непродуктивните задолжителни трошоци како оној за културни и спортски активности и слично. Секако, пред се, тука се основните трошоци за живот како оние за храна и облека. Студентите велат дека трошоците им се зголемуваат поради мошне лошите општи услови во домовите.
„Поради катастофалните услови во студентските домови има и други трошоци кои ни паѓаат на товар. На пример, мора да купиме храна затоа што храната е лоша. Немаме ни интернет, па мора сами да си ставиме во студентскиот. Во зима е студено, мора да си донесеме греалки. Исто така, дел од студентите не се примени во студентските домови и мора да живеат во станови“, вели Ѓурѓица Бојчовска, студентка сместена во бараките на домот „Стив Наумов“.
Ваква е состојбата во речиси сите студентски домови. Студентите кои домуваат во нив имаат бројни поплаки, а состојбата станува особено алармантна во текот на зимските месеци кога се случува студентите да останат без струја или вода.
Од помпезните најави за студентски и средношколски поволности кои стартуваа пред две години, денес студентите, (и средношколците) можат да користат единствено бесплатен јавен превоз. Бесплатните билети за кина, театри, жичарата на Водно останаа во историјата.
Во скопското кино Милениум лоцирано во Градскиот Трговски Центар ни кажаа дека поволностите за бесплатни билети за кино се укинати од септември лани и не важат цела учебна година. „Претходната учебна година за студентите важеа бесплатни кино билети во четврток, додека за средношколците секоја среда. Проекциите беа во 13 и 15 часот. Сега тоа не важи“, ни одговорија од киното „Милениум“.
Нема бесплатни билети ниту во Театар Комедија. „Порано имаше бесплатни претстави. Сега студентите имаат 50 отсто попуст на билетите“, велат во театарот.
Во Драмски театар, пак, тврдат дека правилото за бесплатен билет за студенти важи во четврток, иако немаат претстава секој четврток, како што велат оттаму.
Цела учебна година не важат ниту поволностите за бесплатно користење на жичарата на Водно.
Единствената поволност која се уште важи за студентите е бесплатниот јавен превоз, но само за редовните студенти на додипломските студии. Додека, воз смеат да користат само два викенди во месецот.
Условите во студентските домови не се сјајни ниту во соседството, но сепак студентите од околните држави ретко се соочуваат со недостиг на струја или вода. Во домовите во европските држави пак е незамисливо да се исклучат струјата или водата кои се основни услови за живот.
Бојана Кокиновиќ е студентка од Белград која по дипломирањето продолжила на магистерски студии во Берн, Швајцарија и Барселона, Шпанија, а штотуку докторирала на Универзитетот во Умеа, Шведска. Кокиновиќ за СKУП вели дека во Белград може да се забележи голема разлика во условите кои ги нудат одредени студентски домови.
„Мислам дека зависи во кој студентски дом ќе добиеш легло. Има домови кои се одлични, но има и домови во кои условите се ужасни. На пример, во студентскиот дом „Крал Александар Први“ кој порано го носеше називот Лола, условите се речиси хотелски. Студентите добиваат апартман со спална соба и сопствена бања. Имаат теписи и завеси на прозорците, клима уред и телевизор“, раскажува Бојана Кокиновиќ.
Таа појаснува дека останатите домови во Белград се студени згради кои не нудат добри услови, а дел од нив не се реновирани повеќе од неколку децении.
Кокиновиќ, исто така, вели дека најлоши услови од студентските домови низ Европа, имала во Берн, Швајцарија, а најдобри во Умеа, Шведска. „Државниот дом во Берн во кој бев сместена беше евтин, но ужасен. Имав мала соба за себе во која имаше само кревет, 12 студенти делевме купатило и кујна – чекањето беше „вечно“, се присетува таа. Според неа, во Барселона студентските домови се пристојни, но мали – наменети за еден студент, а купатило делат двајца студенти. Во Шведска таа поминала три години на докторски студии, каде вели дека единствено плаќала за интернет.
Недостигот на пракса и услови за развивање на науките се главен демотиватор за студентите. И перцепцијата на професорите е дека студентите во земјава немаат адекватни услови за студирање и не се ниту блиску до европскиот стандард. Професорката Јасна Бачовска која предава на студиите по новинарство на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, смета дека е потребно државата да вложува повеќе финансии во образованието, но и дека е потребно да се промени целокупната образовна стратегија на земјава.
„Паралела помеѓу студентите од земјите на ЕУ и студентите од Република Македонија е невозможна бидејќи тоа се земји каде што од буџетот на државата се издвојуваат многу поголеми средства за високо образование и наука. Тие имаат многу подобри услови и можности во текот на студиите. Македонските студенти секако дека се лишени од одредени привилегии, како на пример достапност до бази на податоци, бесплатни списанија, опремени библиотеки, други технички можности (компјутери, интернет), пријатни простории (чисти, креативни), стипендии, награди , грантови, помали студентски групи и слично“, смета Бачовска. Таа нагласува дека треба да се зголеми буџетот за наука и високо образование.
На студентите од земјите во Европската унија им е олеснето и функционирањето надвор од факултетите. Тие имаат многу поголеми финансиски олеснувања за културни, спортски и друг вид едукативни активности. Финансиските олеснувања и попустите варираат од држава до држава, но генерално европската пракса им овозможува на сите лица под 26 години да користат попуст за градскиот, како и за меѓународниот превоз. Попустите во одредени држави зависат и од вклученоста на студентите во студентските организации.
„Во Белград студентите имаат попуст во градскиот и железничкиот превоз, театрите и другите културни центри. Исто така, имаат попусти за студенти, а попусти имавме и за спортски центри, фестивали и за одредени училишта за странски јазици. Во Швајцарија, Шпанија и Шведска, за превозот важи олеснувањето за лица под 26 години. Олеснување кое студентите го добиваат во Шпанија е бесплатно отворање и одржување на сметка во банка која се користи за сите плаќања. Има и попусти во одредени кафетерии и бутици, но само со членска карта на некоја од студентските организации“, вели Бојана Кокиновиќ за своето искуство во овие држави.
Студентите имаат надеж дека ваквите состојби можат да се променат преку студентското организирање, но признаваат дека нема доволно студентска вклученост и волја да се партиципира во активности кои треба да донесат некаква промена. Студентското организирање во земјава е пратено со бројни контроверзии, токму поради политичките притисоци и политичкото влијание.
СКУП анкета: Над 80 отсто студенти не влегле бесплатно во кино
СКУП реализираше онлајн анкета меѓу педесетина студенти за тоа колку се задоволни од третманот на државата. Резултатите покажаа дека дури 82% од нив никогаш не ја искористиле студентската легитимација за влез во кино, 68% не ја искористиле за влез во театар, додека 42% никогаш не ја искористиле легитимацијата за меѓуградски превоз. Над 60 отсто од нив имаат студентска слободна картичка за јавен превоз, додека 32 отсто одговориле негативно. Тие се жалат дека институциите често пати се изигруваат со овие поволности, па, наместо конкретниот ден да ја гледаат атрактивната претстава која е на репертоар, на нивно изненадување, таа е поместена.
Студентите посочија и на примерот во Словенија, односно дека би сакале железничкиот превоз да биде бесплатен во текот на целата недела, да имаат ваучери кои ќе ги користат за попусти на оброците во сите ресторани, сендвичари, пекари и продавници ширум Македонија, не само во Скопје. Попусти за курсеви, обуки, семинари и поевтина храна во бифеата на факултетите се, исто така, на дефицитарната листа на студентски поволности.
(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Промовирање отчетност преку истражувачко известување”.)