ТРГОВЦИ СО ЧОВЕЧКИ СУДБИНИ: МИЛИОНСКИОТ ПРОФИТ ОД БАЛКАНСКАТА РУТА

Балканската рута беше официјално затворена во 2016 година, но остана главен извор на профит на организираните криминални групи. Во услови на голема невработеност, многу млади стануваат дел од овој илегален бизнис. Локалните заедници и невладини организации се активни на терен за градење на отпорност кон организираниот криминал, но велат дека отсуствува поддршката од страна на институциите. Министерство за внатрешни работи вели дека секоја година расте бројот на откриени обиди за илегален премин на државата, како и бројот на сузбиени групи кои оперираат со овој илегален бизнис. 

Автор: Бардул Заими

Наместо пат за замислениот рај, дваесетиседумгодишната Хана од Ирак го поминала патот до пеколот. Нејзината голгота поминува низ неколку држави: откако пред три месеци бега од војната во Ирак, првото засолниште и е Турција, за потоа на илегален начин да премине во Грција. Нејзината крајна цел не била Грција, туку било која држава во Западна Европа каде ќе може да почне нов живот, ослободен од стравови и страдања.

По три месеци патување полно со опасности и предизвици, Хана со нејзиниот маж стигнале до границата меѓу Македонија и Грција. Локален жител кој добро го познавал теренот ги водел преку илегален премин во близина на Гевгелија, најјужниот град на државата, само неколку стотици метри оддалеченост од грчката територија. Освен Хана и нејзиниот сопруг, во групата биле и уште десетмина други мигранти.

„ВО ГЕВГЕЛИЈА МЕ ФРЛИЈА ПОД ВОЗ ЗОШТО НЕМАВ ДА ПЛАТАМ 1000 ЕВРА“

Границите се извор на приходи за криумчарите

По едночасовно пешачење, конечно стигнале на железничката станица на Гевгелија. Водичот постојано комуницирал преку телефон за да се осигура дека се е безбедно додека стигне возот. После неколку минути чекање, возот дошол. Водичот прв се качил на него, а од групата побарал секој да ги спрема парите пред да му се приклучи.      

„Ни побара по 1000 евра зошто не пренел“, вели Хана во разговор за СКУП, под услов на анонимност. „Немавме да му дадеме 2000 заедно со маж ми, само еден дел можевме. Кога пробав да се качам на возот, ме турна силно. Почувствував толку силна болка. Возот ми го откина стапалото од едната и дел од стапалото на другата нога. Плачев и молев за помош.“

Кога видел дека ја нема Хана, од возот скокнал и нејзиниот сопруг. Покрај шините ја нашол искрвавена и тешко повредена. Без да знае каде се движи, безнадежно барал помош додека ја носел на грб повредената сопруга. Поминал неколку километри до најблиското место за да побара помош.

„Таму се обративме на полицајци за да ја пријавиме несреќата. Набрзо стигна и брзата помош и така се најдов во болница каде ми беше направена операција на нозете.“, вели Хана.

Таа се плаши да го открие нејзиниот идентитет зошто може да биде ставена на црниот список на групите кои тргуваат со мигранти. Ова би значело крај за нивниот пат до ветената земја. Таа не изгубила надеж за планираниот нов живот со нејзиниот сопруг, иако има не само физичка загуба, туку постојано запаѓа и во депресија. Го нема ниту нејзиниот сопруг да ја утеши во нејзините трауми. Поради потребата за изолација од корона вирусот, сопругот на Хана е во кампот во Визбегово.

ПОРОЗНИ ГРАНИЦИ – РАЈ ЗА ОРГАНИЗИРАНИОТ КРИМИНАЛ

Хана е само една од илјадниците животни приказни на мигрантите, кои им носат милионски профит на криумарите. Не само Гевгелија, туку и останатите населени места долж границата со Грција се „влезни врати“ за мигрантите. Иако во овој дел патролираат полициски единици на државата, но и полицајци од неколку европски земји, криумарите сепак успеваат да најдат начин за да трансферираат мигрантите во Македонија.

Камповите се користат за одмор од мигрантите, потоа продолжуваат во нивниот пат кон ЕУ

Во истражувањето на теренот, СКУП успеа да детектира неколку предели кои служат како илегални гранични премини. Главна рута за криумчарење на мигрантите е Коридорот 10, поточно патниот и железничкиот сообраќај Гевгелија-Велес–Скопје-Куманово. Исто така, како патни правци за транспорт на мигрантите и логистичка поддршка се користат Кумановскиот, Струмичкиот и Штипскиот регион. Во последно време се користи и подрачјето на Свети Николе, како дел од трасата за транспорт на мигранти кон Куманово и Скопје.

Најекспониран е регионот околу Струмица, македонски град кој се наоѓа на триаголникот на границата со Грција и Бугарија. За илегален пренос на мигранти од грчка на македонска страна, организираните групи за криумчарење на мигранти од овој регион ги користат рутите преку планината Беласица, а потоа локалните патишта помеѓу селата Банско, Муртино, Робово, Свидовица, Костурино и Куклиш, магистралниот пат Струмица-Радовиш-Штип или Штип-Свети Николе.

ГЕВГЕЛИЈА-ТАБАНОВЦЕ: 250 ИЛЈАДИ ЕВРА ДНЕВЕН ПРОФИТ

Возот на кој се качил Хана застанува во  Куманово или Табановце, северниот дел на државата кој се граничи со Србија. Таа не успала да стигне до последната станица на територија на Македонија, но многумина имаат повеќе среќа од нив. Според неофицијалните проценки, од 100 до 500 лица дневно ја поминуваат границата со Грција и за тоа на кријумчарите им плаќаат по 1000 евра секој. Транспортот од јужниот кон северниот дел од државата ја прави посебна група, која наплатува по 200 евра од човек. Трета група е ангажирана во илегалниот пренос на мигранти од македонска на српска територија, услуга за која се наплатува исто така 1000 евра од човек. Ова значи дека организираните криминални групи од еден мигрант профитираат до 2.500 евра. Ако во текот на еден ден поминуваат по 100 мигранти, тогаш обртот на средства е околу 250 илјади евра дневно. Огромни суми кои придонесуваат во синџирот на криумчарите да се приклучат и лица од различни профили – земјоделци, таксисти, полицајци па се до политичари.

Криумчарите имаат силна логистика, вели МВР

Извори од полицијата, говорејќи под услов на анонимност, за СКУП велат дека  сите лица кои криумчарат мигранти имаат силна логистичка поддршка. Та логистика се состои во почесто менување на возила, користење на рент-а-кар, често менување регистарски ознаки. Главна карактеристика за оваа организирана група е и користење на таканаречени „чистачи на патот“, кои пред да се изврши криумчарењето ја прегледуваат рутата на движење од полициски патроли и сообраќајна контрола. При обид да бидат сопрени, возачите но и мигрантите најчесто бегаат од местото на настанот.

Изворите од МВР велат дека бројот на бегалци кои транзитираат низ земјава е намален, но се уште функционираат таканаречните неофицијални рути.

Тие велат дека модусот останува ист – при откривање на случаите на криумчарење мигранти, возачите предизвикуваат сообраќајни незгоди удирајќи во други возила со цел да ги избегнат полициските патроли. Според МВР, криумчарите штом ќе ги забележат полициските патроли се движат со голема брзина при што или излетуваат од патот во провалија или пак удираат во друго патничко возило, загрозувајќи го својот живот и животот на мигрантите. Велат дека често се случува да загинат мигранти, но и возачот на транспортното средство. Во еден од случаите откриен од МВР, во обид за илегален премин на границата, во патничко возило биле сокриени осум лица од Ирак, двајца од Непал и еден од Косово.

ИЛЕГАЛЕН ТРАНЗИТ ЦЕНТАР ЗА МИГРАНТИ

За разлика од Хана, 39-годишниот Реза од Сирија успеал да стигне со воз до Куманово, град во северно-источниот дел на државата, откако им платил 1000 евра на криумчарите. Заедно со останатите од неговата група, на почетокот на октомври, тој се симнал пред да стигне до Табановце – граничниот премин со Србија. „Водичот“ ги насочил да се движат по нивите кон селото Лојане – населено место на околу 2 илјади жители, кое се наоѓа на самата граница.

Од 2007 година Лојане е неформален илегален транзит центар, каде поминува најфреквентниот илегален граничен премин со Србија. Селото е собиралиште на мигранти и криумчари, каде се прават последните подготовки за поминување на претпоследната граница кон Европската унија (ЕУ).

Реза со групата, користејќи ја навигацијата од мобилниот телефон, по 4 часа пешачење поминале стигнале во Лојане. Криејќи се од полициските патроли, поминале околу 17 километри. Во Лојане тој се одмарал два дена и, откако платил, тој успеал илегално да стигне до Миратовац, првото населено место на територијата на Србија. Но Реза одлучил да се врати назад во Лојане од причина што не се чувствувал добро. Сам ја поминал границата, но не успеал да стигне до селото. Неговото безживотно тело го забележал овчар од селото, кој и го информирал претседателот на месната заедница на Лојане, 60-годишниот Селами Мехмети. Откако случајот бил пријавен во полиција, заедно со волунтерите од невладината „Легис“ и Црвен крст го погребале на гробиштата на селото. Гробот на Реза е одма на влезот, одвоен од останатите гробишта. На него нема ниту еден знак, ниту пак е напишано неговото име.

Pретседателот на Mесната заедница на Лојане, Селами Мехмети

„Најверојатно умрел од корона вирусот“, вели Мехмети, кој од 2007 година е претседател на селото и е ангажиран за ред и поредок во овој регион. Вели дека често се случува мигрантите да се скараат помеѓу себе, да има конфликти со смртни последици. „Доаѓаат од различни држави, народи…кои често се во војни меѓу нив. Таа нетрпеливост често експлодира тука. Не се закачат со локалното население, но не сакаме нашето сакано село да биде синоним на криумчарењто мигранти. Јас се борам институциите да обезбедат ред тука, но ги нема посакуваните резултати“.

Мехмети, заедно со активистот на „Легис“ Авни Селами, работат храбро со локалното население за да се подигне свеста кај нив за штетата од илегалната активност, со која нивното село е широко познато сега. Не пречекаа на терасата на локалната кафеана, во централниот предел на селото. Велат дека на почетокот селаните им помагале на мигрантите, нудејќи им бесплатна храна и засолниште, се додека криумчарите не намирисале профит. Откако организирани криминални групи почнале да оперираат во селото, многу млади и невработени им се приклучиле да за заработуваат.

„Порано, во 2015 и 2017 имало случаи кога тука имаше и по 3 илјади мигранти. Чекале со недели сигнал да продолжат понатаму. Едни одеа, други доаѓаа. Беа помногубројни од локалните жители. Сега не, доаѓаат и заминуваат веднаш“, вели Селами.

Додека зборевме со Селами и Мехмети, група од мигранти кои не беа постари од 30 години, поминаа тивко низ селото. Од страна селаните, седнати на терасите на кафулињата, ги набљудува без било каква реакција. За нив ова е секојдневна глетка.

„Овие доаѓаат од кампот во Табановце. Таму се регистрираат, го користат за одмор, и потоа продолжуваат понатаму. Има кои доаѓаат од Куманово и од влезот во Гевгелија не биле регистрирани никаде“, вели Селами.

Криумчарите во селото не ги спречуваат хуманитарните акции на „Легис“ како и напорите подигнување на отпорноста на локалното население кон организираниот криминал. Селами вели дека криумчарите не ги присилуваат мигрантите да ги користат нивните услуги. „Мигрантите ги бараат и им плаќаат, криумчарите го работат своето. Без да постојат мигрантите кои илегално влегуваат, нема да оперираат ниту овие групи.“

Повеќето од мигрантите кои поминуваат низ селото се од Авганистан и Пакистан, но ги има и од Сирија и Ирак. Првиот човек на Лојане, Мехмети, вели дека има две главни организирани групи – од Гевгелија кои ги земаат од границата со Грција и ги носат до Куманово, и липковско-кумановската која ги носи до границата со Србија. „Многу мигранти се ранети и убиени додека се обидувале да ја поминат границата, но никаде не се евидентирани. Институциите ништо не преземале, ниту не поддржале како локална заедница.“

Активистот на „Легис“ Селами вели дека слушнал и за случајот со Хана, која ги изгубила стапалата откако била исфрлена од возот во близина на Гевгелија. „Сега не се случуваат вакви нешта во Лојане“, додава тој.

Мехмети додава дека често имаат помеѓу мигрантите и криумчарите зошто првите немаат пари да ја плаќаат договорената сума. „Порано имало силувања, малтретирања, но претежно помеѓу самите мигранти…“ 

Но, за разлика од порано, Селами додава дека сега има помалку мигранти и нема инциденти. „Има пад на бројот на мигранти за 90% од пред неколку години. Сега нема жени и деца, туку само млади под 30 години. Мигрантите имаат конфликти меѓу нив заради конкуренција во бизнисот. Тие се главните координатори на целата илегална рута“.

„Авганистанците и Пакистанците се главните играчи во сите држави низ кои поминува рутата до европските земји“, додава Мехмети.  

ОД ФЕВРУАРИ ЗГОЛЕМЕН БРОЈОТ НА МИГРАНТИ КОИ ИЛЕГАЛНО ПОМИНУВААТ НИЗ СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

За да ги добие официјалните податоци, нашиот тим за истражување испрати барања за слободен пристап до информации од јавен карактер до Министерство за внатрешни работи (МВР).

Оттаму ни одговорија дека, во соработка со останатите  надлежни институции, „МВР посветено работи на  полето на спречување на нелегален влез на мигранти и во борбата со криумчарење на мигранти“. „Според годишниот извештај од 2019 година, лани се спречени двојно повеќе oбиди илегално минување на државната граница во споредба со истиот период минатата година, а 2018 година ја завршивме со тројно повеќе спречени обиди од 2017. Кон ваквата ефикасно делување во интерес на граѓаните придонесуваат и заедничките активности со ФРОНТЕКС, војската и колегите од земјите од Западен Балкан и земјите од ЕУ“, вели МВР во писмениот одговор испратен до СКУП.

Со затворањето на „Западно балканската рута” за легален транзит на мигранти во март 2016 година, МВР вели дека единствениот начин за овие лица да пристигнат во посакуваните крајни дестинации е илегалното движење. „Од 2018 година па наваму, притисокот континуирано расте, особено во летниот период, кога транзитот по Коридор 10 е, секако, сезонски зголемен“.

Според МВР, во 2020 година бројот на откриени мигранти значително е зголемен, особено во текот на февруари 2020, кога Турција одлучи да ги отвори границите за мигрантите кон Грција. “По три месеци, бројот на мигранти почнува да бележи опаѓачка линија, со затварање на границите и зајакнување на присуството на безбедносни сили на границите поради состојбата со корона вирусот.“ Но, со олабавување на мерките кои се преземаа за спречување на појава на коронавирусот, според МВР, кривата на движење почнува да се зголемува од крајот на мај па наваму.

Официјалните податоци кои МВР ги испрати до СКУП велат дека во периодот од 2017 година до јануари-септември 2020 година спречени се вкупно 71.174 обиди за илегално преминување на границите. Најмногу обиди имало во текот на деветте месеци од 2020 година, кога се спречени 25.549 обиди, а по граници, најголем дел од обидите се регистрирани на границата со Грција – 62.542.  

Во наведениот период најбројни се мигрантите од Пакистан – 20.487 лица, Авганистан – 18.604 лица, Иран – 6.153 лица, Бангладеш – 5.848 лица, Сирија – 4.091 лице, Индија – 3.160 лица и др.

Од МВР велат дека Република Северна Македонија е земја со специфична геополитичка и геостратегиска положба, позиционирана во центарот на Балканскиот полуостров. „Ваквата позиција ја прави подложна на илегална миграција зошто фактички се наоѓа на крстосницата на мигрантските рути кои водат од Азија и Африка кон Централна и Западна Европа.“

Со оглед на состојбите на политички, безбедносен, економски и социјален план, од МВР очекуваат оваа рута да биде активна и во иднина.

РАСТЕ БРОЈОТ НА ОТКРИЕНИ ОБИДИ НА КРИУМЧАРЕЊЕ МИГРАНТИ

Официјалните податоци велат дека во периодот од 2017 до јануари-септември 2020 година, спречен е обид да бидат прокриумчарени вкупно 7.299 мигранти.

Според бројките, само во првата половина на 2020 години се спречени повеќе обиди отколку во изминатите три години заедно. Од откриените мигранти доминираат државјаните од Пакистан – 2.367 и од Авганистан – 1.117, а присутни се и мигранти од Бангладеш – 967, Сирија – 356 и од други земји.

Мерки на кривичен прогон се преземени против 264 лица за сторени 162 кривични дела „криумчарење на мигранти“.

Според официјалните податоци, во истиот период биле поднесени и кривични пријави за сторени вкупно 18 кривични дела „организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење на мигранти“. За ваквите криминални активности биле пријавени 83 сторители.

Во однос на структурата на сторителите, официјалните документи покажуваат дека најбројни се државјаните на Северна Македонија, додека 30 од сторителите се странски државјани – претежно државјани на Србија и Косово.

Членовите на групите кои се сторители на кривичните дела „криумчарење мигранти“ во најголем број се од машки пол, но има и случаи, каде како помагачи во извршување на кривичните дела се јавуваат и лица од женски пол.

Но, овие организираните криминални групи кои дејствуваат на територија на Северна Македонија, најчесто се дел од поголеми меѓународни криминални мрежи, на кои организаторите се лица од Блискиот или Средниот исток.

Во однос на преземени акции за сузбивање на организирани криминални групи инволвирани во криумчарење мигранти, од МВР официјално велат дека Националаната единица за ова намена постигнала евидентни резултати  при сузбивање на организирани криминални групи инволвирани во оваа илегална активност. Според нивните податоци, само за 2019 година биле сузбиени четири организирани криминални групи, од кои две се во рамките на криминалистичките истражувања. Две групи броеле од 14 до 21 член и делувале на национално ниво, додека останатите две биле помали – со по 5 члена. Во текот на 2020 година, биле сузбиени две организирани криминални групи од страна на Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе. Се работи за една 6-члена и една 12-члена криминална група, кои подолг временски период делуваа на тeриторија на Република Северна Македонија.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА Е ЗЕМЈА-ТРАНЗИТ ЗА МИГРАНТИТЕ, МАЛКУМИНА СЕ ОДЛУЧУВААТ ДА БАРААТ АЗИЛ

Иако низ земјата поминале илјадници мигранти од Блискиот и Далечниот исток, како и од Африканските земји, малкумина од нив се решиле да побараат азил во Северна Македонија. Според официјалните податоци до кој дојде СКУП, во последните три години – 2018, 2019 и 2020 – барања за азил поднеле 952 лица, од кои само 4 се прифатени.

Во текот на 2018 година вкупно се поднесени 264 барања за азил за 299 лица. Истата година на 3 лица им е признато право на азил заради супсидијарна заштита. Во текот на 2019 година се поднесени 452 барања за на азил, од кои само едно лице добил позитивен одговор. За 14 лица е донесено решение со кое се одбива барањето за азил, додека за 475 лица е запрена постапката од причини што го повлекол барањето, не се јавил на покана за сослушување во Секторот за азил или го напуштил местото определено за негово сместување без одобрение за време на траење на постапката. Од јануари па се до септември оваа година до Секторот за азил поднесени се 181 барање за азил, од кои само на едно лице е прифатено. За 15 лица е донесено решение со кое се одбива барањето за признавање право на азил, а на 13 лица е запрена постапката.

Сторијата е реализирана во рамките на проектот подржан од Resiliance Fund.

Оставете коментар

коментар(и)