Тројца укажувачи на нуклеарната централа на Генерал Електрик

Пишува: Горан Лефков

Грегори Манор, Ричард Хабард и Дејл Брајденбах, се тројцата укажувачи кои за прв пат излегоа во јавност на 2 февруари 1976 и кажаа дека нуклеарната централа Браунс Фери во сојузната држава Алабама не е безбедна. Тие во јавноста беа познати како тројката од „Генерал Електрик“. Тие ја алармираа јавноста дека новиот начин на поставувањето на инсталацијата во нуклераните централи од првата генерација не е безбеден. Нивната акција беше наречена школски пример на укажување.

Тројцата инженери го привлекоа вниманието на новинарите, и нивните обелоденувања за заканите од нуклеарната енергија имаа значително влијание во јавноста. Тие ги темпираа своите изјави да се совпаѓаат со нивните оставки од одговорните позиции во одделот за нуклеарна енергија на „Генерал електрик“, а подоцна се етаблираа како консултанти за нуклеарната индустрија на меѓународно ниво. Консултантската фирма што ја формираа, „МХБ Техникал асосиеитс“, беше избрана и за консултанти за филмот Кинески синдром. Тројцата инженери учествуваа на конгресните сослушувања кои ги забрзаа нивните обелоденувања.

Изградбата на нуклеарната централа „Браунс Фери“ започна во 1966 година. Се наоѓаше во Алабама и во 1967 година доби федерална градежна дозвола. Централата доби нови стандарди за дизајн со кои физички се одвојуваат електричните кабли. Имаше проблем со упатствата за тоа како да се постигне тоа, па инспекторите за надзор на изградбата на АЕК Ф.У. Бауер побараа од изведувачот на Атомската централа да елаборира за проблемот. Одговор не добија. Во 1970 по пет неуспешни инспекции, не беа издадени никакви упатства.

Недостигот на инструкции за одвојување на каблите доведе до жртва на сигурносните системи за течноста за ладење. Следуваше пожар на 22 март 1975 година и беше на работ од истекување на радијација. Супстанцата што ги одвојува жиците се запалила, што резултирало со оштетување на контролните системи. Електраната беше исклучена.

Овој настан во светот на укажувањето, како системски институт е значаен бидејќи предводеше серија на укажувања низ целиот свет за опасноста од нуклеарната енергија. За жал голем дел од извештаи на укажувачите во 70-тите и 80-тите години беа ставани под тепих, и затоа резултираа со серија разорни катасрофи на нуклеарните електрани од кои до ден денес не можеме да бидеме безбедни заради радијацијата што ја зрачат. Така само 3 години после ова укажување се појави катастрофата на „Три мајл ајланд“ од 28 март 1979 година, април 1986 година во Чернобил Украина и 11 март 2011 година во Фокушима, Јапонија. Карактеристика за сите овие никлеарни електрани е што користат реактори од првата генерација, каде не се посветува многу внимание на безбедноста.

Затоа во светот на укажувањето се регистрирани цел сет на укажувачи за нуклеарната енергија од тој период. Најмалку 20 укажувања за нуклеарни електрани има во САД во периодот од 1974 до 2012 година.

Оставете коментар

коментар(и)