ТРУЕЊЕТО НА БЕЗДОМНИТЕ МИЛЕНИЧИЊА: СЕ ТРОШАТ МИЛИОНИ ЗА НАДОМЕСТ НА ШТЕТА, А НЕ ЗА РЕШАВАЊЕ НА ПРОБЛЕМОТ

Автор: Ива Андреевска                           

 

Јавноста беше згрозена од крвавиот настан во скопската населба Аеродром, кога куче искаса две жени на возраст од 40-тина години и четири деца на возраст од 10 до 14 години. Очевидците говореа пред медиумите и реагираа на социјалните мрежи дека биле сведоци на крвава драма. Исто куче низ целиот ден напаѓал жители на населбата, а во неколку случави жртвите на збеснатото куче биле спасени од нивните комшии.

Ден потоа кучето беше фатено и носено во во скопскиот стационар за животни „Вардариште“, единствен од ваков вид во целата држава. Се утврди дека се работи за куче од расата Ротвајлер, напуштено од сопственикот.

Реакцијата што следуваше после оваа случка беше повик за да се „реши“ проблемот со сите кучиња скитници. Овие реакции на медиумите и социјалните мрежи резултираа со конкретна акција – масовни труења на бездомните кучиња во повеќе скопски населби.

Мета на јавните критики беа и активистите за правата на животните. Една од нив е и новинарката Мери Јордановска, која е волонерка во Асоцијација на активисти за правата на животните и е една од првите во Македонија, која се бори за подобар третман на институциите и на луѓето кон животните.

Само оние кои не ги сакаат животните и оние кои премногу ги сакаат се обидуваат да алармираат дека проблем постои. Глувоста на институциите во овој дел е енормна. Кај нас проблемот со бездомните животни треба да се третира како комунален проблем, а се третира како попатен проблем“, вели Јордановска.

 

ЗА ДВЕ ГОДИНИ 68 ТУЖБИ

 

Но овој несоодветен третман ги чини општините стотици илјади евра, исплатени по основ на надомест на штета поради каснивање од куче. Наместо градење нови стационари, општините трошат пари за санирање на повредите на граѓаните.

Истражувањето на СКУП покажа дека само против Градот Скопје, за последниве две години по овој основ има поднесено 68 тужби. Тие се засновани врз основа на член 10 од Законот за Град Скопје и член 28 од Законот за заштита и благосостојба на животните.

Во официјалните податоци добиени од Град Скопје, стои дека висината на оштетните надоместоци, утврдена низ судска постапка, се движи меѓу 60.000 и 180.000 денари, во зависност од возраста, степенот на повредите, последиците од нанесените повреди на оштетените од бездомнитре кучиња.

Градот Скопје нема точна бројка колку изнесуваат средствата исплатени по овој основ заради тоа што „од 68 покренати постапки, некои се завршени, некои се во тек и многу тешко е да се дефинира точната сума бидејќи книговотствено заеднички се водат сите наплатени оштетни барања од Град Скопје.

За најголемиот дел пресуди половина од штетата ја исплаќа Град Скопје, додека вторат половина ја исплача ЈП Комунална Хигиена, а во многу мал дел само Градот или само јавното претпријатие.

Експертите велат дека просечната сума исплатена како оштета кон граѓани нападнати од кучиња скитници изнесува околу 2 илјади евра. Според ова, ако за две години имало 68 тужби за надомест на штета поради каснивање од куче, тогаш исплатената сума одм општинската каса на Град Скопје би изнесувала 136 илјади евра, или по 68 илјади евра годишно.

 

ЕДИНСТВЕНИОТ СТАЦИОНАР ВО ДРЖАВАВА

 

Градската администрација се фали со него, а невладините организации и граѓаните ги критикуваат нехуманите услови и третманот за овие беспомишни миленици.

Вистината за „Вардариште“ е некаде помеѓу. Кај институциите можеби преовладува рационалноста, кај активистите и граѓаните емоциите. Но факт е дека освен овој стационар, во речиси милионското Скопје, не постои ниту една друга локација на која државата би се грижела за се побројните беспомошни домашни, а улични животни.

Градот во својата годишна програма планира по околу 250 месечно, а 3.000 животни годишно се заловуваат, транспортираат, стерилизираат и еутанизираат во овој стационар.

Освен „Вардариште“, кој според реакциите воопшто не е пример за соодветно згрижувалиште, во Скопје не постои каква било друга служба за животни. Уште претходно е регистрирано дека стационарот располага со 72 кафеза, а во еден кафез, во зависност од големината, може да се сместат и повеќе кучиња. Одделението на ЈП „Комунална хигиена“ во „Вардариште“ е со 28 теренски работници – заловувачи, а на терен функционираат две возила опремени со специјални сајли и со мрежи.

Активистите со паролата „Катанец за Вардариште“ со згрозеност раскажуваат за ситуацијата во стационарот и неколку пати во последните години излегуваа на протест против третманот на бездомните кучиња.

Но, во Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ се со став дека се во ред. Во нивниот одговор на барањето на СКУП по слободен пристап до информации, е наведено:„Вардариште работи со соодветни простории за медицински третман и со кафези-боксови за сместување“Во целост ги има и се придржува до прописите уредени во Правилникот за технички услови за прифатилишта, обезбедуваат ветринарна услуга, и референтна ветеринарна организација за третман на бездомни животни како ветеринарна болница ДОО Скопје, како и обучен персонал кој се грижи за уловените бездомни кучиња. За еутаназија на бездомните животни  одлучува доктор по ветеринарна медицина согласно законските прописи, а по смртта, мртвите животни се отстрануваат согласно прописите се закопуваат во специјално изградена гробна јама на санитарната депонија Дрисла.“

Од друга страна, Мери Јордановска, вели дека „Вардариште“ е една крајно нетранспарентна институција:

„Кога ќе го видите комбенцето од „Вардариште“ на коешто пишува „Хуман третман на кучиња бездомници“, вие имате чувство дека тоа е некое идилично место, со трева на која што кутриња трчаат. Но, таму кога ќе влезете тоа е стварно хорор. Една институција која треба да пружа хуман третман, не би требало да ми даде чувство кога ќе влезам таму како да сум влегла во УБК“.

 

СОСТОЈБАТА СО БЕЗДОМНИТЕ ЖИВОТНИ ВО ЗЕМЈАВА Е НАДВОР ОД КОНТРОЛА

 

Многу сопственици ги напуштаат своите кучиња. Оставени се на милост и немилост. Смртно исплашени, несвикнати на уличните услови, некои од ни стануваат и ризично агресивни. Најголемиот дел од граѓаните се сериозно загрижени за животните, а дел  пак стравуваат за себе и за своите деца.

“Кога станува збор за евидентното зголемен број на кучиња кои не се вдомени, а пежоративно наречени „кучиња скитници“, тогаш се поставува прашањето која е одговорноста на човекот за ваквата појава и како единка и како општество?“, вели Проф. д-р Мице Дудучки, психијатар.

Според него, безбедносна и здравствените причини не е оправдување за нехуманиот начин на решавање на проблемот – убивање или труење на кучиња.

„Комуналните служби би требало да спроведуваат континуирана акција за загрижување на бездомните животни. Најдобро би било со кастрација да се реши проблемот на нивното понатамошно размножување и на тој начин да се намалува бројот на бездомните животни“, вели Дудучки.

За жал, додава тој, „во човечкиот род, постојат единки кои садистички се иживуваат над животните било преку насилство врз нив самите било како оргснизирана или неорганизирана хајка со убивање од огнено оружје или што е уште поопасно со расфрлање на отров по улиците што се загрозува и безбедноста на граѓаните, а поготово на децата“.

Во меѓувреме, спроведената анкета од страна на СКУП покажа дека граѓаните имаат речиси слични размислувања. Според нив, мора да се најде начин состојбата да се промени. Најчестото можно решение се гледа во градењето на стационари. Анкетираните граѓани ги осудуваат насилните истапи на поединци и инертноста институциите. Некои од нив се плашат од кучињата, но и покрај тоа осудуваат секакво насилство врз нив.

 

 

СЕКОЈ МОЖЕ МНОГУ ЛЕСНО ДА ДОЈДЕ ДО ОТРОВ

Пестицидот „Ланате во земјите од ЕУ од март 2009-та година е забранет за употреба и за продажба. Но неодамна е забранет и кај нас, но во продажба може да се најде сличен пестицид но под друго име. Во Европа може да го купи само лиценциран земјоделец со специјална дозвола. Но кај нас овој опасен пестицид, како и слични хемиски препарати, може без проблем да се купат во земјоделските аптеки. До нив може да дојде секој, па дури и дете и да ги употреби каде сака и за што сака. Нема никаква евиденција ниту пак забрана за продавање за оваа штетна и опасна материја. Екипата на СКУП посети една од земјоделските аптеки во центарот на Скопје. Љјубезната продавачка ни објасни дека се работи за концентрати со толку силни отрови со кои можат да се умртват животни. Неделникот „Фокус“, пак, објави сторија во која се посочува дека хемикалија, односно отров од прва категорија може да купи буквално секој. „За 350 денари ја купивме најтоксичната материја – инсектицидот „Метомил“ од 90 %, отров од кој може да се затруе половина град. Никој не не` праша ни кои сме, ни зошто сме, ниту пак дали имаме лиценца. Едноставно ни го продадоа со фискална сметка во земјоделска аптека во Ново Лисиче“.

 

 

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов пред новинарите излезе со коментар дека со расфрлањето отрови наоколу може да се наштети и на децата кои играат по парковите.

Ги повикувам сите граѓани кои ќе забележат расфрлан отров во околината или лицата кои го расфрлаат таквиот отров веднаш да пријават во полиција со цел да избегнеме предизвикување на опасност од поголеми размери“, изјави за медиумите градоначалникот Шилегов.

Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ неодамна упати  апел до граѓаните доколку забележат сомнителна храна оставена на улици и јавно зеленило, веднаш да пријават во општината и во полициската станица за да може да се пристапи кон расчистување.

“Во досегашното излегување на терен и акциите што ги спроведовме, пронајден е отров во месо и во приготвена храна од ресторани во Капиштец, Буњаковец, Клубот на новинари и кај државна болница. Очигледно се работи за организирана акција која не ја прават 1 или 2 лица, особено активни во ноќните часови. Тешко се доаѓа до сторителите и затоа дел од вработените од општината ќе донираат од своите плати за да се обезбеди награда за оние граѓани кои што ќе пријават расфрлен отров за кучиња“, вели Богдановиќ.

Од општина Карпош велат дека се во постојана координација со надлежните државни органи околу спречување на ваквите инциденти и незаконски постапки.

Локалната самоуправа решително пристапи кон решавање на овој актуелен проблем кој нѐ засега сите. За таа цел веќе утрово стапивме во комуникација со полициската станица Карпош и се договоривме заеднички да делуваме на терен, што подразбира мапирање на откриените отрови, нивно отстранување и идентификација на сторителите“.

 

Закон за благосостојба на животните:

– животните да бидат третирани како свесни суштества на начин кој е најсоодветен за нивните потреби согласно одредбите од овој закон и подзаконските прописи донесени врз основа на овој закон;

– лицата кои се одговорни за животните и ја штитат нивната благосостојба да обезбедат: – животните да не се изложени на глад и жед; – животните да се заштитени од неудобност и да се сместени во средина која е соодветна за нивниот вид; – животните да се заштитени од болка, повреда или болест; – на животните да им е овозможено нормално однесување и – животните да не се изложени на страв и вознемиреност.

– замена и намалување на користењето на животните во постапки и подобрување на условите за сместување нега и користење на животните во постапки;

– ефикасен надзор и контрола на спроведување на одредбите на овој закон;

– поттикне ефективна соработка меѓу субјектите кои се засегнати во однос на заштитата и благосостојбата на животните.

– сопствениците не смеат да ги напуштат домашните миленици

-забранети се следниве интервенции врз животните: хируршки интервенции за модифицирање на изгледот на животните,скратување на опашката и потсекување на ушите, девокализација, отсекување на канџи и обеззабување

– општината, општините во градот Скопје, односно градот Скопје, се надлежни да вршат собирање на бездомните кучиња, односно нерегистрирани кучиња и регистрирани кучиња доколку ги затекнат на јавни површини без присуство на сопственикот и привремено да ги сместат во соодветни објекти – прифатилишта.

– заловувањето на бездомните кучиња се врши од страна на квалификувани лица на начин кој нема да предизвика непотребна болка или страдање.

Годишниот план за работа е поддржан од Цивика мобилитас“.

civica_mobilitas_logo

„Содржината на оваа истражувачка сторија е единствена одговорност на СКУП Македонија и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат“.

Оставете коментар

коментар(и)