Тужбите за навреда и клевета и понатаму остануваат средство за замолчување на неистомислениците, при што најчеста мета се новинарите и медиумите.
Ова беше кажано на денешната презентација на заклучоците од извештајот на Центарот за истражувачки новинарство СКУП-Македонија, што се одржи во ЕУ инфо центарот во Скопје.
Во извештајот се вели дека ова „практика придонесува кон влошување на состојбата со медиумската слобода во Република Македонија, при што се зголемува нивото на цензура и самоцензура кај медиумите и новинарите.“ Според резултатите од истражувањето, политичарите често се јавуваат како тужители на новинарите но и на нивните политички противници.
Александар Божиновски од СКУП информираше дека истражувањето траело шест месеци и било поделено на три тематски области.
Даниела Трпчевска, која била дел од истражувачкиот тим, рече дека во текот на истражувањето се добиени податоци од 26 судови во земјава кои ги побарало СКУП Македонија по Законот за слободен пристап до информации.
„Во периодот од 2011 до 2016 година поднесени се над 1.800 тужби во судовите во земјава. Од нив околу 1.000 се покренати во 2011 и 2012 година, пред декриминализацијата на навредата и клеветата, по што бројката на тужби опаѓа“, рече таа.
Новинарката Ангела Петровска рече дека информациите кои ни ги доставија судовите беа корисни и ни помогнаа во подготовката на истражувањето, а голем дел од податоците се црпени и од јавно објавените пресуди на интернет на веб – страниците на основните и апелационите судови во земјава.
„Имавме и случај кога на едно од барањата, место од службен меил, ни пристигна порака од пoвратен меил од кој што бараа одговор зошто ми се потребни бараните информации. Во тој случај се повикав на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, каде што стои дека барателот не мора да го образложи барањето, но е потребно да наведе дека се работи за барање за пристап до информации, по што ги добив бараните податоци“, рече Петровска.
Инаку, ова истражување e поддржано преку проектот „Истражувачко новинарство – чувар на демократијата и човековите права“, кој e финансиран од Европската Унија и Британската амбасада Скопје и имплементиран од Центарот за управување со промени (ЦУП) и Институтот за човекови права (ИЧП).
Целиот извештај симнете го овде.