Тajкуни, политичари, осуденици… – кој стои зад офшор компаниите во земјава? (Втор дел)

Автор: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Во сопственичката структура на 408 компании се јавуваат други правни субјекти со седиште во вкупно 28 странски држави, кои, како што објавивме во првиот дел од серијалот посветен на офшор фирмите во земјава, претежно се европски специфични јурисдикции, но меѓу нив се сретнуваат и безмалку сите далечни даночни оази што нудат највисок степен на дискреција. Во ова продолжение, пак, откриваме за кои компании станува збор – каков е нивниот статус, со што се занимаваат, кои лица и субјекти фигураат во нивната сопственичка структура итн.

Од обемните податоци што ги обезбедивме од Централниот регистар произлегува дека многу од веќе утврдените офшор компании се јавуваат како сопственици на други компании во државава, кои пак често водат кон трети фирми. Иако за помал дел од нив се води стечајна постапка, друг дел се деловно неактивни, сепак, најмногу од нив реално функционираат и остваруваат значителен обрт на средства, со тоа што некои работат со загуба, а некои со добивка. Не е мал ниту бројот на фирми чии финансиски резултати се движат околу нулата.

Притоа, податоците со кои располагаме за овие офшор компании покажуваат дека тие може да се групираат во повеќе категории, врз основа на различни карактеристики и параметри. Така, може да се издвојат реномирани странски и интернационални групации, компании со мешовит капитал, како и многу фирми поврзани со локални и регионални бизнисмени. Згора на тоа, некои од нив се доведуваат во врска со поранешни и сегашни политичари и функционери, па дури и со политички партии.

Инаку, оваа тема веќе ја поставивме во корелација со законските измени донесени уште пред две години, кои налагаат сите компании во сопственост на странски (офшор) фирми да пријават физичко лице како краен сопственик во Регистар на вистински сопственици, кој пак е важен за постапката на идентификација на реалните сопственици од страна на банките, адвокатите, нотарите и други надлежни и овластени субјекти. По публикувањето на нашата прва сторија, овој Регистар беше официјално пуштен во употреба, така што сега следува период на негово полнење и вмрежување.

МЕЃУНАРОДНИ ГРУПАЦИИ

Дури повеќе од половина офшор компании во земјава имаат сопственици од 3 европски држави со офшор елементи. Поточно, од 408 вакви правно активни друштва, колку што пронајдовме во македонскиот трговски регистар, 260 имаат (ко) сопственици од Холандија (102), Швајцарија (92) и Кипар (66). После нив, следуваат и други европски специфични јурисдикции како Лихтенштајн, Луксенбург, Малта, како и класичните офшор зони во Азија и Атлантикот – Делавер, Британските Девствени Острови, Панама, Обединетите Арапски Емирати, Хонг Конг…

Меѓу нив се сретнуваат познати и реномирани меѓународни и интернацонални компании и групации, кои делуваат преку претставништво, отвориле нова фирма или пак реализирале гринфилд-инвестиција во нов производствен погон. Притоа, многу од овие компании во земјава влегле преку матичната држава, но многу тоа го направиле и преку фирми од други офшор подрачја. На тој начин, тие индиректно настапуваат во трети држави како Северна Македонија.

Рускиот нафтен гигант „Лукоил“ во земјава влезе преку швајцарска компанија, а денес е присутен преку холандско друштво

На пример, „Лукоил“ е позната руска нафтена компанија, но таа во земјава прво беше присутна преку холандската компанија „Лукоил Европа“, а неодамна сопственик на македонското друштво стана швајцарската „Литаско“. Англоамериканската ревизорска куќа „Дилоит“, пак, делува преку кипарски субјект, а американски „Леар Корпоратион“ отвори фабрика во Тетово за навлаки за автомобилски седишта преку холандска фирма. Ниту јапонски „Сони“, ниту кинески „Хуавеи“, ниту шпанска „Зара“, во земјава немаат номинални газди од матичните држави, туку од Холандија.

И покрај тоа што поголем дел од овие странски компании со позната сопственичка структура остваруваат голем обрт на средства, а најчесто и високи профити, сепак, дел од нив работеле  проблематично и се движат кон пропаст. Таков е случајот со компанијата за одгледување на јаболкесто и коскесто овошје Таурус Фармс, која во земјава влезе во 2010 година како германска инвестиција, иако во нејзината сопственичка структура нема германско друштво, туку субјекти од Кипар и Лихтенштајн.

Германската инвестиција „Таурус Фармс“, реализирана преку фирми од Кипар и Лихтенштајн, пред две години направи голема загуба и падна во стечај

Како и да е, финансиските извештаи покажуваат дека компанијата во 2018 прави голема загуба и паѓа во стечај. Според информациите од стечајниот управник, таа не оди кон ликвидација, туку кон рестарт, со оглед дека е прифатен планот за реорганизација од доминантните доверители. Тоа значи дека оваа компанија, која се јавува и како сопственик на гевгелиското друштво за одгледување на грозје Шуклев-Компани, наскоро може да почне да функционира со нови сопственици.

КРУПНИ КОМБИНАТИ

Понатаму, многу странски компании и бизнисмени лоцирани во специфичните јурисдикции овде поседуваат разни комбинати и крупни индустриски капацитети, па дури имаат и клучно влијание во цели бизнис-гранки. Во поткрепа на тоа, треба да се наведе „Фени“ од Кавадарци, кој вработува околу илјада луѓе и учествува со скоро 2 отсто во БДП. Всушност, овој комбинат веќе извесно време го носи називот „Еуроникел Индустри“, според компанијата која што го презеде во 2019 година во рамки на стечајната постапка.

Како што ни посочија од таму, основач и краен сопственик на „Фени“ е „Global Special Opportunities Ltd (GSOL)“, кој е приватен капитален фонд со долгорочен инвестициски опсег основан во 2009 година. Во фондот вклучени се бројни европски финансиски институции, при што, велат од „Еуроникел“, никој нема одлучувачки права, туку управувањето е во надлежност на Одборот на Директори. Нивниот идентитет, како што нагласуваат, е соодветно приложен до надлежните институции.

Краен сопственик на „Фени“е „Global Special Opportunities Ltd“, приватен капитален фонд основан во 2009 година, во чии рамки никој нема одлучувачки права


Проверките што ги извршивме покажуваат дека GSOL овде е присутен преку неколку компании кои водат до Бахамите. Една од нив е друштвото за управувачки дејности „Еуроникел“, во сопственост на „Глобал Спешал Опортјунитис ЛТД“, управувана од Андреас Цагарис и Герасим Кујинџиев. Овој правен субјект во двете заокружени календарски години по формирањето во 2018 година работи во минус, така што загубата во 2019 година надминува над 2 милијарди денари.

Според достапните податоци, споменатата „Еуроникел“ и нејзиниот сопственик од Бахамите – „Глобал Спешал Опортјунитис“, се јавуваат како содружници на друштвото „Еуроникел Индустри“, основано во 2019 година за производство на обоени метали. За разлика од „Еуроникел“, „Еуроникел Индустри“ работи со позитива, со оглед дека 2019 година ја завршила со приходи од над 10 милијарди денари и профит од 647 милиони денари. Овластувањата и на овој субјект се во рацете на тандемот Цагарис-Кујунџиев.

Преку компанија од Бахамите, GSOL ги поседува „Еуроникел“ и „Еуроникел Индустри“, кои пак се јавуваат како содружници во неколку други фирми

Но, мрежата на компании поврзани со Фени не застанува тука. Во прилог на тоа, „Еуроникел“ се јавува како сопственик на „Ново Фени“, но и како косопственик „Нова Рефрактори“ од Пехчево, каде уште како содружник фигурира и „Ватростална“ Михајло Михајловски. Дополнително, Еуронинел Индустри ја поседува градежната компанија Нова Инжинеринг“, како и консултантската компанија Долина на никелот, чии управители се Борка Петровска и Љубомир Митровиќ.

РУДАРСКИ КАПАЦИТЕТИ

Обработката на податоците со кои располагаме говори дека и многу рудници се во сопственост на странски газди кои делуваат преку офшор дестинации. Така, ЦМК Европа, основана од истоимена холандска фирма за трговија со метални руди, го поседува рудникот САСА во Македонска Каменица. Она што е интересно, САСА како посебен субјект работел со позитива, но тоа особено важи за фирмата – сопственик ЦМК Европа, која остварила приходи од над цели 4 милијарди денари и патем немала речиси никакви расходи.

Според одговорот што ни го испратија од „САСА“, од 2017 година краен сопственик на холдинг-компанијата „ЦМК Европа“, регистрирана во Холандија, всушност е британската компанија „Central Asia Metals PLC“, која, како што велат од таму, котира на берзата во Лондон. Во однос на финансиското работење, тие објаснуваат дека „ЦМК Европа“ не остварува приходи од сопствени деловни активности, туку само од распределената добивка од работењето на „САСА“ во форма на дивиденда.

За една година, „ЦМК Европа“ остварила приходи и воедно добивка од 4 милијарди денари по основ на распределената добивка од работењето на рудникот „САСА“

Добропознатиот рудник за бакар од Радовиш – Бучим, пак, од 2009 година е во сопственост на фирма регистрирана на егзотичните Сент Винсент и Гренадини. Односно, сопственик на рудникот е Солвај Индастрис Ести, која, како што тврдат од Бучим, е дел од Солвеј Инвестмент Груп со седиште во Швајцарија, во сопственост на семејството Бронштeјн. Во секој случај, со-управител на рудникот е Николајчо Николов, кој како физичко лице ја поседува трговската компанија Никекс, која пак е сопственик на Мантово Ресорт, Окис Хемија итн.

Уште една компанија со слична дејност за вадење руда е „Диатомак“ во сопственост на швајцарски „Металикс“. Нејзин управител е Томас Хоелсхер, кој воедно како физичко лице поседува уште една една компанија во Пробиштип – „ТХ-Мининг“. Истовремено, тој е и управител АД „Стрмош“, рудник во Пробиштип кој беше купен пред 2 години на берза за 2 милиони евра. Автоматски, концесијата на Стрмош за експлоатација на вулкански туф во Ранковце премина кон „Диатомак“.

Откако „Индо Минералс“ падна во стечај, рудниците „Злетово“ и „Тораница“ ги презеде бугарски „Минстрој“, кој е дел и од бизнисот со медицинска марихуана

Како што е познато, рудниците Злетово и Тораница ги поседуваше Индо Минералс во сопственост на холандската Марков, дел од Бинани Групацијата. Откако компанијата ја заврши 2015 година со загуба од 130 милиони денари, во време кога компанијата впрочем најавуваше инвестиции од 225 милиони денари, Индо Минералс падна во стечај кој не е затворен до ден денес. Сепак, во 2016 година двата рудници ги презема бугарски Минстрој, кој воедно е дел од бизнисот со медицинска марихуана.

ИГРИ НА СРЕЌА

Речиси сите класични и електронски казина, исто така, ги поседуваат офшор компании. Оттука, Ирада од Вадуз, Лихтенштајн, е сопственик на гевгелиското казино Принцес во рамки на „Рамада Плаза Хотел“. Од друга европска јурисдикција влече корени електронското казино Сенатор, чии сопственици сеБлек Маунтин Инв ЛТД од Ирска и Интерфутура“/„Интеркватро со седиште во словенечкиот град Порторож.

Потоа, дојранското казино „Хит Интернационал“ е во сопственост на Киро Костовски и на „Минт Клуб Интернационал“ од Гевгелија, која, исто така, ја поседува Костовски заедно со „Минт Интернационал Лимитед“ со седиште во Сент Китс и Невис. Моментално, управител на „Минт Интернационал“ е Кристијан Костовски, но во еден период во 2012 година управител бил и поранешниот пратеник Рафет Муминовиќ, прв човек на чаирскиот фудбалски клуб „Шкупи“.

Гевгелиското казино „Принцес“ функционира преку фирма од Лихтенштајн, додека електронското казино „Сенатор“ преку компании од Ирска и Словенија

Патем, содружникот во Минт Клуб Интернационал и Хит Интернационал, Киро Костовски,се јавува и како единствен сопственик и управител во хотелското друштво Корморан од Стар Дојран. Воедно, тој е и управител во хотелската фирма „Интерна“ заедно со Драган Поповски, кој пак, фигурира како сопственик на градежната фирма Про Аксис и какоовластено лице во ФК Работнички. Досега, не добивме одговори на прашањата околу соработката и поврзаноста меѓу сите споменати лица и фирми.

Уште едно познато гевгелиско казино носи назив „Корона Интернационал“ (хотел „Аполонија“), кое е во сопственост на „Стелар Интернешанал С.А“ од Маршалските острови и „Ајтона Холдинг С.А“ од Панама. Претходно, во сопственичката структура на друштвото биле британската „Гала Холдингс“ и „КХЛП ДООЕЛ“. Втората компанија е регистрирана за финансиско-услужни дејности во 2007 година, така што нејзин сопственик порано бил Хамберт Форвалтнинг Актиеболаг, а моментално е бугарската „МК Ејџенси ЕООД“.

МВР своевремено поднесе кривични пријави за повеќе лица од компаниите поврзани со „Корона Интернационал“, бидејќи, незаконски „свртеле“ 250 милиони евра

За потсетување, Министерството за внатрешни работи во 2015 година поднесе кривични пријави за злоупотреба на службена положба и даночно затајување против одговорните лица на Корона и уште неколку поврзани компании. Тие се товареа дека од 2004 до 2007 година извршиле неоснован пренос на капитал од една во друга фирма преку лажни договори за менаџерски и консалтинг услуги во износ од над 250 милиони денари, при што половина од парите ги присвоиле и преку странски сметки ги пуштиле во оптек. Од таму не ни доставија информации каков е епилогот од пријавата.

РЕГИОНАЛНИ ТАЈКУНИ

Уште еден заеднички именител за дел од домашните компании со голем потенцијал, влезени во крупни инвестициски проекти, е фактот што биле или сѐ уште се поседувани од офшор фирми на локални и регионални тајкуни. Една од нив е Комтрејд Дистрибуција, основана во 2007 година за информатичка технологија, чиј сопственик е холандската Комтрејд Груп Б.В, а управител е Дејан Димов. Според Бирото за јавни набавки, компанијата во последниот период добила четири тендери од Завод за статистика и од Народна банка од вкупно 18 милиони денари.

Официјално, основач и сопственик на „Комптрејд“ е српскиот бизнисмен Веселин Јевросимовиќ, кого македонската јавност го запозна откако за 2,5 милиони евра во 2012 година го купи удделот на шпедиторот „Фершпед“ во телевизијата „Алфа“. Исто така, Јефросимовиќ влезе и во сопственичката структура на порталот „Телеграф“, меѓутоа тој во 2016 година се повлече од двата медиуми. Телевизијата моментално функционира со нови газди од Унгарија, додека порталот одамна згасна од медиумската сцена.

Србинот Веселин Јевросимовиќ своевремено го купи удделот на „Фершпед“ во телевизијата „Алфа“ и влезе во сопственичката структура на порталот „Телеграф“

Преку Холандија, тука присутна е и Балфин Групацијата на албанскиот бизнисмен и милијардер Самир Мане. Поточно, Балфин одамна ја поседува компанијата за електрични апарати за домаќинство Нептун, каде уште како сопственици се јавуваат Арсим Папарнику и Илир Папарнику. Освен тоа, Балфин, Папарнику и уште една холандска компанија – Пиаз Инвестмент ВВ, го поседуваат друштвото за управување со недвижен имот Скопје Еаст Гате Сег, кое го гради новиот трговски центар во кругот на некогашниот саем.

Периодов, многу актуелен беше контроверзниот и црногорски бизнисмен Миодраг Давидовиќ Дака, чија Јелак Градба, според Катастарот на недвижности, поседува скоро 6 илјади квадратни метри од земјиштето на истоимениот тетовски комбинат, каде со неодамна донесениот урбанистички план се вцртаа градежни маркички. Конкретно, Давидовиќ е управител на Јелак Градба, чиј сопственик е панамската Адастра Груп, која воедно го поседува и друштвото Хронос сум, управувано од Бранко Рудовиќ. Во црногорскиот трговски регистар, пак, Рудовиќ стои како управител на Нексан, компанија во целосна сопственост на Дака.

Црногорскиот бизнисмен Дака преку панамска фирма ја поседува земјата во рамки на тетовски „Јелак“, каде со неодамна донесениот ДУП се вцртаа градежни маркички

Во оваа категорија може да се вброи и Балкан Енерџи Груп, која преку неколку правни лица од АД Топлификација своевремено го презеде производството, снабдувањето и дистрибуцијата со топлинска енергија. Првично, сопственици на БЕГ беа офшор компаниите Битар Холдинг и Пројект Менаџмент, за по неколку години акционер да стане уште една офшор компанија – Кадрикод Инвестментс Лимитед. Сите тие се поврзуваат со Синтез групацијата на контроверзниот руски бизнисмен Леонид Лебедев.

МЕШОВИТ КАПИТАЛ

Значаен дел од овие компании со офшор компонента се издвојуваат по тоа што во нивната сопственичка структура фигурираат и македонски фирми и/или државјани, кои имаат реален странски партнер или пак ја поседуваат и странската компанија-содружник. Во многу случаи, според официјалните податоци, македонскиот партнер како физичко лице самостојно поседува и други компании. Некои вакви фирми, пак, на почеток биле основани од физичко лице од земјава, за потоа да преминат во сопственост на офшор компанија.

Една од нив е консултантската фирма за управувачки дејности СВ Партнер Фунд. Нејзин прв сопственик и управител по основањето во 2012 година бил Џони Тодоровски, но подоцна на негово место дошле две компании – Тодоровски Менаџмент од Холандија и МЈМА Консалтинг ЛТД од Обединетото Кралство. Оваа компанија се јавува како сопственик на Сан Вајрлесс, формирана во 2009 година за телекомуникациски дејности, каде како содружници уште се заведени и Ѓоше Преметаров и Душко Кончалиев, а управител е Весна Стојановска.


Еден од многуте содружници на „Македониа Гармент Индистри“ е и Џон Јоновски, кој воедно е дел и од органите на „Тиквеш“

Во таа насока, треба да се наведе и текстилната Македониа Гармент Индистри, меѓутоа за неа се води стечајна постапка, во чии рамки е донесена одлука деловниот потфат да се затвори и имотот да се впаричи. Нејзини сопственици се Детел Холдинг БВ, две компании од Британија и Канада, како и уште десетина физички лица од земјава и странство. Еден од нив е Џон Јоновски, кој е сопственик на Фаланкс Капитал“  и член на Управниот одбор на „Винарска визба Тиквеш“, а неговото име се најде и во документите што протекоа од панамската адвокатска канцеларија „Мосак Фонсека“ како сопственик на Фалакнс Цапитал Инц.“

Од овој аспект, впечатлива е и компанијата за преработка на млеко „Фрисмак“, чии сопственици се холандската „Скерјон Инвестментс Б.В“, како и една позната домашна компанија – „Рудине“. Моментално, „Фрисмак“ нема речиси никаква активност, но „Рудине“ остварува голем профит. Таа е во сопственост на Ивана Марковска и Мартин Марковски, но порано сопственик бил нивниот татко Димитар Марковски, кој поседува и компанија во Хрватска. Пред цели 15 години, тој беше обвинет за буџетска штета од 20 милиони евра преку продажба на смрзнато место, но судскиот процес сѐ уште нема конечна разрешница.

Друштвото “Хемиски Инженеринг“ на Горјан Максимовски и фирма од ОАЕ купи дел од објектите и машините на „ОХИС“ за над 7 милиони евра

На крајот, спојот меѓу странска офшор фирма и домашно физичко лице се забележува и во друштво лоцирано во Обединетите Арапски Емирати, кое купи дел од објектите и машините на ОХИС за сума од 7,1 милиони евра. Се работи за Хемиски Инженеринг во сопственост на Стеел Анд Прессуре Енгинееринг и Горјан Максимовски, кој индивидуално поседува и други фирми. Вреди да се истакне дека Хемиски Инженеринг влезе и во групата на најуспешни фирми со само еден вработен со профит од 437 илјади евра за една година.

ИНФОРМАТИЧКА ТЕХНОЛОГИЈА

Доколку се земе предвид дејноста на компаниите во сопственост на офшор фирми, тогаш доминираат друштвата за информатичка технологија. Дел од нив се изворно странски компании, кои во земјава функционираат по принципот на аутсорсинг, односно изнајмување на работна сила. Но, друг дел од овие компании имаат домашни партнери, па дури можеби зад нив стојат стопроцентни домашни бизнисмени затскриени зад странски компании.

Една од најпознатите и најголемите компании за информатичка технологија во земјава е Сеавус, која неодамна ја купи чешката компанија Арикома, дел од групацијата на Карел Комарек. Оваа компанија е основана пред дваесетина години од страна на Игор Лештар, но до овој период на продажба компанијата е во сопственост на Сеавус Груп Холдинг Б.В од Холандија. Како физичко лице, Лештар е сопственик на Клим Медиа Груп, која пак е сопственик на порталот Макфакс.

ИТ-компанијата „Сеавус“ првично ја поседувал Игор Лештар како физичко лице, но пред продажбата на „Арикома“ била во сопственост на „Сеавус Груп Холдинг“ од Холандија

Освен тоа, холандски Сеавус Груп Холдинг во 2019 година ја основа и компанијата Ратсел Груп со дејности на холдинг-друштва. Во меѓувреме, дошло до промена во сопственоста, така што моментално нејзин сопственик е уште една холандска фирма – Ратсел Интернационал Б.В, додека како управител се јавува Мите Марков, сопственик на Сенгалт Инвест. Ратсел Груп, пак, се јавува како сопственик во повеќе други компании, како Ента Сеал, Еуроевентс, Окки Технологиес

Што се однесува до Лештар, тој порано бил сопственик на уште една компанија за компјутерско програмирање, која сега е во сопственост на друштво од Малта. Станува збор за друштвото И-Продуктс основано во 2016 година, чиј сопственик е Сеавус Продуктс Лимитед, а управители се Бојан Тасевски и Ана Станојевска. Оваа компанија е регистрирана на иста адреса со другите претходно споменати компании поврзани со Лештар.

„Сеавус Груп“ и „Ратсел Груп“ порано ја поседувале и „Б-Технолоџи“, која денес е во сопственост на „БТОБЕТ Лимитед“ регистрирана во Гибралтар

Дел од споменатите компании се поврзуваат и со ИТ-компанијата Б-Технолоџи, која е во сопственост на БТОБЕТ Лимитед од далечната даночна оаза Гибралтар. Управител на фирмата е Моника Стефановска, која воедно е управителка и на Пејсаж ДООЕЛ, формирана годинава од страна на друштвото за издавање и управување со сопствен недвижен имот Ратсел Балкан, која пак е во сопственост на Ратсел Груп. Претходно, сопственици на Б-Технолоџи биле неколкупати споменатите Сеавус Груп и Ратсел Груп.

МЕДИЦИНСКА МАРИХУАНА

Податоците што ги обезбедивме покажуваат дека приличен број на офшор компании делуваат во уште неколку други области. Еден од нив е секторот за производство на медицинска марихуана, кој стана атрактивен откако државава дозволи производство на канабис за медицински цели, а сега се најавуваат и законски измени со кои, покрај екстракт од канабис, ќе се овозможи и извоз на сув цвет. Другите два сектори што се издвојуваат се трговија со струја и производството на облека.

Најчесто, компаниите за медицинска марихуана се целосно неактивни или слабо активни и претежно имаат мешана домашно-странска сопственост. Таков е случајот и со компанијата Т.Х.Ц. Куалити Гроуп, основана во 2018 година, која беше во сопственост на кипарската Епиони Холдинг ЛТД, но и уште неколку лица. Меѓу нив е и српскиот државјанин Предраг Колувија, кој неодамна беше уапсен во родната земја токму поради нелегално одгледување марихуана во пластениците што ги поседувал за органска храна кај Стара Пазова.

Предраг Колувија, содружник во фирма за медицинска марихуана во Северна Македонија, беше уапсен во родната Србија поради незаконско одгледување на канабис

Заедно со него, во Т.Х.Ц. Куалити Гроуп имаше и двајца македонски бизнисмени, од кои едниот е струмичкиот бизнисмен Александар Пиперевалиев, кој беше партнер во уште една фирма за марихуана – Бул Билдинг, заедно со бугарски Минстрој и со Горан Крстев, кого опозицијата го нарекува „партнерот на Заеви“. Исто така, Пиперевалиев ја поседува градежната компанија „Алпима Градба, која неодамна доби тендер вреден 200.000 евра од депонијата Дрисла во постапка со преговори без објавување оглас.

Уште една фирма за медицинска марихуана што води кон Кипар е Стефаник Медикал формирана во 2018 година од страна на кипарската Ренконт Сервисес Лимитед“, како и Радица Вељанова и Маја Вељанова, додека управители се грчки државјани. Патем, Радица Вељанова е сопственик и на Лимитлес ДООЕЛ, Енергу Плус и Агро Проџек Рамака. Последната компанија своевремено беше опфатена со истрагата на финансиската полиција за злоупотреба со земјоделски субвенции.

Поранешниот содружник во „Куалити“, Александар Пиперевалиев, ја поседува „Алпима–Градба“, која доби тендер од „Дрисла“ во 4 очи вреден 200.000 евра

Колку за потсетување, во бизнисот со медицинска марихуана е вклучено и семејството на премиерот Зоран Заев. Поточно, неговите братучеди Трајче Заев, Бобан Заев и Катерина Бојовиќ-Заева се дел од две компании – „МАМ Свети Николе и Фарма Медика Канабис, каде Заеви имаат неколку партнери од земјава и од странство. Фирма за медицинска марихуана поседува и поранешниот адвокат на премиерот Заев – Ване Андреев, но таа нема лиценца за одгледување и производство од Министерството за здравство.

ДОМАШНИ ОЛИГАРСИ

Независно од дејноста, најголемо внимание привлекуваат офшор компаниите поврзани со крупни бизнисмени, како што е Трифун Костовски, чија компанија со седиште во Швајцарија беше главен акционер во веќе пропаднатата Еуростандард банка. Тоа е Гофи ДООЕЛ, чиј сопственик е Гофи-Груп оф фаиненс анд инвестмент С.А. Мелиде, а управител е синот на Костовски – Коста Костовски. Швајцарската Гофи, заедно со Ѓоко Стојановски, ја поседуваат и Нова Холдинг, додека помладиот Костовски е сопственик и управител во Нова Зоии.

Една од најпознатите градежни компании во земјава, пак, води кон Лихтенштајн. Формално, „Настел“ е во сопственост на странската „Еуро Свис Кредит АГ“, како и на домашната „Алпина Инжинеринг“, чиј сопственик е, исто така, лихтенштајнската „Еуро Свис Кредит АГ“. Управител и на „Настел“ и на „Алпина Инжинеринг“ е Зоран Азманов, кој на официјалната интернет-страна на „Настел“ е претставен како „претставник на основачот“. Воедно, тој е наведен како член на управните одбори на „Еуро Свис Кредит“, на„Алпина Инженеринг“, на „Интекс“

„Еуро Свис Кредит“ со седиште во Лихтенштајн е сопственик на градежните компани „Настел“ и „Алпима Инжинеринг“, чиј управител е Зоран Азманов

На Белизе, пак, се наоѓа седиштето на компанијата Грундал Лимитед, која е ко-сопственик на македонското друштво основано во 2011 година за инжинерство и техничко советување Бел Трејд. Втор содружник на оваа компанија е Мите Николов, штипски бизнисмен познат како Мите Брилијант според штипската фабрика за масло што ја поседуваше се до продажбата на прилепска Витаминка. Управител на Бел Трејд е неговиот син Мишо Николов, кој воедно е содружник во МЗ Инвестмент Гроуп и Арабеска заедно со Зоран Милески Кичеец, правосилно осуден во случајот „Рекет“.

Дел од офшор-мрежата е и семејството на Методија Смиленски, кој своевремено беше осуден на 4 години затвор за злоупотреба на службена положба, бидејќи, според судот, парите што ги добил со залог на имот на фирма во Свети Николе ги префрлил на своја фирма во Виена. Имено, неговиот син Горан Смиленски е управител на друштвото за лизинг на сопствен недвижен имот Имобилијаре Центар, чии сопственици се Дан Традинг од Виена, Австрија, и Сигма Груп Фондација од Маурен, Лихтенштајн.

Делумно, активностите и на други бизнисмени кривично гонети за финансиски малверзации се потпираат на офшор. Во сопственост на фирма од Кипар е текстилното друштво „Кимико од Струга, кое во самиот назив го носи името на Георги Миладинов, осуден заедно со неговиот брат Димитар Миладинов во случајот Изгрев. За Кимико се води стечај, но моментално активна е Кимико Компани на Кирил Миладинов, чија фирма-ќерка Слома Инвестор работи со загуба и има долг кон Управата за јавни приходи од 7,3 милиони денари.

ДИРЕКТОР И ПРЕМИЕР

Освен што водат кон контроверзни бизнисмени, некои офшор фирми во земјава, директно или посредно, имаат линкови и кон поранешни и актуелни политичари и функционери. Меѓу нив може да се вброи поранешниот директор на македонската Царина, Драган Даравелски, кој долги години живее и работи во Белград, иако во земјава беше осуден во отсуство на 7 години затвор и се бара негова екстрадиција. Меѓу другото, тој беше сопственик на ЈУРИСДД и на Саксес Брокерс, меѓутоа и двете компании се веќе ликвидирани.

Сепак, друга компанија поврзана со Даравелски сѐ уште постои. Тоа е „Скотиха Тихама Оверсис Лимитед“, регистрирана во Скопје за закуп и управување со сопствен недвижен имот. Сопственик е истоимената кипарска компанија, а управител е Милан Добосављевиќ, додека претходни управители биле Едвард Петровски и Коста Топузовски. Оваа компанија долго време е неактивна, располага со нетековни средства од 15 милиони денари и истовремено должи 2,7 милиони евра по основ на неплатен ДДВ.

Според официјалните податоци, на иста адреса со Скотиха е регистрирано друштвото за трговија на мало ИТЗ Центар, кое е во сопственост на истоимена фирма од Белград, додека управител е синот на Даравелски – Томислав Даравелски. Истовремено, помладиот Даравелски се јавува и како овластено лице на Југоопрема АД-Скопје заедно со Марко Даравелски. И ова акционерско друштво е со дејност за управување со сопствен имот.

Воедно, Томислав Даравелски фигурира и како неизвршен член на Одборот на директори на АД Козјак, која се занимава со изградба на станбени и нестанбени згради. Ова акционерско друштво, пак, се јавува како сопственик на Кеп Инвестмент, основана во 2018 година со седиште во Куманово. А, втор содружник во Кеп Инвестмент е компанијата Еуропрофил на Љубчо Георгиевски, кој беше премиер на владата на ВМРО-ДПМНЕ од 1998 до 2002 година, кога Даравелски беше директор на царина.

Томислав Даравелски е дел од органите на „АД Козјак“,  кое ја поседува компанијата „Кеп Инвестмент“, чиј втор содружник е и „Еуропрофил“ на експремиерот Љубчо Георгиевски

Поточно, Еуропрофил е во сопственост на Вип Проект, чиј единствен сопственик е Георгиевски. Воедно, Вип Проект се јавува како сопственик на Едилха од Струмица заедно со струмчкиот бизнисмен Горан Мицевски. Оваа компанија, пак, се се јавува како сопственик на ГМ Инвест Груп и Мега Инвест од Струмица итн. И Мицевски, партнерот на Георгиевски, поседува уште неколку компании.

ПАРТИСКИ ДОНАТОР

Неколку офшор фирми се поврзуваат и со довчерашни функционери во актуелната гарнитура на СДСМ. Некои од нив се легитимни и транспарентни фирми, како што е случајот со реномираниот холандски производител на мали машини за чистење и метење Греен Масхинес, која во 2019 година основала компанија за трговија со машини на големо со велешката компанија Брако. Оваа компанија е во сопственост на Кочо Анѓушев, кој беше вицепремиер во претходната влада.


Уште еден поранешен функционер – екс министерот и потпретседател на СДСМ, Дамјан Манчевски, стана генерален менаџер во испостава на странска компанија што формално доаѓа од специфична јурисдикција. Тоа е ИТ-компанијата „Мак-Систем“, која, како што кажа и самиот Манчевски, е водечки светски провајдер на медицински софтвер за менаџмент на крв, плазма, ткива и клетки, чиј сопственик неодамна станала глобалната „Карлајл групација“. Сепак, македонската фирма делува преку фирма од Луксенбург со назив „СПАЦЕ-СБДА“.

фВо директен допир со ДУИ на Али Ахмети, пак, дошла компанија во сопственост на „Ланген Холдинг“ со седиште во Холандија, која неодамна беше купена од белгиската „Катоен Нати“. Фактички, нивна фирма-ќерка во земјава е „Супорт Солушнс“, која, според Државниот завод за ревизија, на парламентарните избори во 2016 година донирала 25.000 евра за ДУИ. Во исто време, во оваа компанијата работеше Аритон Фида, брат на тогашниот директор на Агенцијата за странски инвестиции Висар Фида, именуван токму како кадар на ДУИ.

Холандско-белгиската „Супорт Солушнс“ донираше 25.000 евра за кампањата на ДУИ на предвремените парламентарни избори во 2016 година

Патем речено, Ланген Холдингот во земјава уште ја поседува компанијата за издавање и управување со недвижен имот Флора МК, која има ист управител како и Супорт СолушнсСофи ван Керцхове. Згора на тоа, холандската компанија ја поседува и Буветекс МК, основана во 2017 година за неспецијализирана трговија на големо. За разлика од останатите, кај Буветектс се забележува послаба деловна и финансиска активност.

Во следното продолжение детално ќе ги обработиме мистериозните офшор компании со нетранспарентната и сложена сопственичка структура, кои во изминатите години непречено водат бизнис – вршат трансакции, купуваат недвижен имот, па дури и стекнуваат хартии од вредност во најголемите акционерски друштва во земјава.

(Крај на Вториот дел)

Оваа истражувачка сторија е изработена со финансиска поддршка од Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.

Оставете коментар

коментар(и)