Укажувачите мета на властите- наместо херои на системот

Состојбата со укажувањето е катастрофална. Северна Македонија од лидер во Европа се претвори во последна дупка на свиралото. Укажувачите се незаштитени, укажувањето како инструмент е неискористено. Укажувачите се бркаат од работа и ја тужат државата

Пишува: Горан Лефков

Република Македонија го донесе законот за заштита на укажувачите во 2015 година, а беше објавен на 10 ноември истата година во Службен весник. Тоа беше едно од првите законодавства за укажувачи во Европа. Европската Унија ја носи директивата за заштита на укажувачите дури во 2019 година, а најголем дел од земјите членки немаат усвоено законодавства за заштита на укажувачите. Македонија наместо да држи лекции за заштита на укажувачите, ние сме на самото дно по нивна заштита.

Разочарување има и кај нашиот најпознат укажувач и херој Ѓорѓи Лазаревски.

„Кога се донесе законот, јас лично гледав голема надеж во него. Очекував дека дијаметрално ќе се сменат работите во иднина и дека луѓето ќе бидат охрабрени, што повеќе да пријавуваат неправилности во своите организации, работни места и се што ќе дознаат. За жал во сите овие години, мислам дека веќе има 8 години како постои законот, многу малку се известува за позитивните ефекти од тој закон. Дали тоа значи дека законот не се применува, или се применува, а јавноста не е информирана за тоа“, смета Лазаревски.

Тој додава дека главната цел е таа информација што ја даваат да стигне во јавноста и да биде применлива во евентуална судска постапка.

Скоро и да нема пример на заштитен укажувач. Редакцијата на СКУП Македонија направи мини анкета од неколку укажувачи и ниту еден не прикажа дека законски бил третиран после пријавата на злоупотреба кај надлежните според системот на укажување.

Најеклатантен можеби и единствен пример во Европа, е случајот на укажувачот Јован Јовчевски од Оперативно техничката агенција (ОТА). Тој како офицер за примање на претставки од укажувачи, примил две претставки, и ги процесуирал според законот што налага. Подоцна и самиот се ставил во улога на укажувач, за да на крајот биде избркан од работа, му биде суспендиран безбедносниот сертификат. Од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), и Јавното обвинителство, и после 3-4 години не добил сертификат за укажувач, иако рокот за издавање на овој документ од ДКСК е само 8 дена.

„Сам поднесувам пријава до Јавното Обвинителство, во исто време ја известувам и Комисијата за спречување на корупција. За жал немам никаков одговор, дури сум барал и по основ на одредбите од законот за укажувачи, институционална заштита. Ншто не е поведено едноставно институциите молчат и тоа е најголемата болка“, вели Јовчевски.

Од неговата поранешна институција потврдија дека со судска пресуда е отпуштен и ни испратија линк од оваа пресуда. и му го суспендирале и безбедносниот сертификат.

Од пред една недела тој доби решение од второстепена комисија дека се укинува решението на ОТА за суспендирање на безбедносниот сертификат, и сертификатот му е вратен назад. Целиот случај на Јовчевски е во Судот за човекови права во Стразбур.

Незадоволство од напредокот со институтот укажување во Северна Македонија неодамна манифестираше и Марк Вурт, извршен директор на Whistleblowing International во своето интервју за СКУП Македонија потенцираше дека земјава е едно големо разочарување во заштитата на укажувачите.

„Џабе се носат закони и директиви кога надлежните институции како ДКСК не ги имплементираат законите и немаат добра воља да ги заштитат укажувачите“ вели Вурт.

За него е несфатливо како институциите можат да ги остават укажувачите на цедило.

Укажувањето на маргините и кај јавните претпријатија

Институциите воопшто не се заинтересирани за создавање на инфраструктура за заштита на укажувачите, но и поволна клима за укажувањето како институт. Имплементацвијата на законите за укажувачи на терен е скоро никаква.

Ова го потрврди и најновото истражување на Институтот за стратешки истражувања и едукација.

„Бројот на примени пријави, како и бројот на претпријатија коишто примиле пријави, покажува дека концептот на укажувачи е на ниско ниво на имплементација. Самиот факт дека само 3 јавни претпријатија примиле пријави во тригодишниот период на анализа  е нелогичен ако се има предвид дека во согласност со голем број анализи и извештаи, степенот на корупција во Република Северна Македонија е на релативно високо ниво. Отсуствува довербата во институциите (во овој случај јавните претпријатија) дека ќе биде соодветно постапено по пријавата, друго објаснување е дека потенцијалните укажувачи не се запознаени со овој механизам, додека трето објаснување би било дека потенцијалните укажувачи се плашат да пријават, поради евентуални идни последици. Од дополнителните податоци може да се заклучи следново: Сите претпријатија кои добиле пријави, ги известиле укажувачите за исходот,  претпријатијата не ги проследиле пријавите понатаму до други институции. Само за едно претпријатие е направено заштитено надворешно пријавување, кај ниту едно претпријатие не е спроведен надзор, ниту на едно претпријатие не е изречена глоба, и само 6 претпријатија организирале обука за своите вработени со цел запознавање како да бидат укажувачи“, се наведува на страница 26 од Студијата за проценка на состојбите за постапување по пријави на укажувачи и Транспарентност и отчетност на јавните претпријатија во Република Северна Македонија изготвена од Институтот за стратешни истражувања и едукација во 2023 година.

Според професорот на Правниот Факултет Борче Давитковски, нештата се очикледни.

„Идејата на укажувачот е пред се тајност. Тој увидел некоја работа, сака да помогне, корупција, некој земал мито, направил кривично дело, наместил тендер, и сега вие ако инстуционално да го проследите, па ако треба записник да прави, ако треба да го информира него, едноставно целата работа се разводнува, и идејата на законот паѓа во вода. И не случајно кај нас во Македонија, законот не заживеја. Има многу јавни органи што требаше да ги донесат правилниците, не ги донесоа“, вели Давитковски.

Тој додава дека во неговата институција нема ниту една пријава од укажувач, регистрирана кај обвластеното лице.

За жал имавме голема шанса да направиме еден исчекор кон многу подемократски процеси користејќи го укажувањето како институт, тоа не го користиме засега.

Оставете коментар

коментар(и)