Укажувачите незаштитени во пракса

За укажувачите нема финансиска подршка кога ќе останат без приходи или ќе ги избркаат од работа. Осудени од институциите и без правна помош се борат со системот како со мечка

Пишува: Горан Лефков

Укажувачите се државен непријател. Ова е впечатокот на лицата кои за доброто на државата и граѓаните влегле во чевлите на укажувач, само затоа што не можат да ги поднесат неправдите и неправилностите во водењето на институциите во кои работат. Оставени сами на себе, без никаква помош од државата, институцијата кајшто работат, институциите коишто треба да ги заштитат, тоа не го прават, буквално поставени за отстрел како глинени гулаби.

Идејата за укажувачите беше дека тие треба само да посочат каде има незаконски дејствија и со тоа да се активираат институциите на прогонот и да ја расчистат ситуацијата.

Но за жал, нештата не се поставени така. Во моментот кога некое лице ќе го вклучи алармот на укажување, наместо институциите коишто се задолжени да го расчистат криминалот, влегуваат во борба против лицето што го пријавило случајот.

Голготата започнува од основното ниво на организација на системот за укажување во земјава. Според законот за укажувачи, кај нас има две форми на пријавување. Внатрешно и надворешно. За укажувачите и познавачите на состојбите внатрешното укажување е многу дискутабилно. Секое раководно лице, за обвластено лице за прием на пријави од укажувачи, поставува доверливи луѓе. Со самото вакво поставување, веројатноста дека обвластеното лице ќе го издаде укажувачот на раководното лице е многу голема.

Со вака поставениот систем кај укажувачот се јавува недоверба во институтот внатрешно пријавување, а со тоа се намалува довербата во системот, што носи големи штети на борбата против корупцијата.

Токму во овој проблем лежи и малиот број на пријави од укажувачи. Државната комисија за спречување на корупцијата е институција задолжена за надворешно пријавување. Таму во 2019 година се пријавени 19 случаи, додека во 2020 само 5. Укажувачите со кои разговаравме го потенцираат токму внатрешниот начин на пријавување како проблематичен и причина зошто нема внатрешно пријавување.

Сите укажувачи со кои разговаравме потенцираат дека обвластените лица за примање на пријави се промашен институт во законот и тие треба да се иземат во измените на законот за укажувачи. На новиот закон се работи, само сеуште не е донесен до институциите за гласање.

Ваквиот пристап на државата кон системот на укажувачи прави голема штета на граѓаните. Овој закон требаше да биде една од најмоќните алатки на државните институции за борба против корупцијата. Тие на контролните служби им даваат готова информација, каде настанала неправилноста или корупцијата и криминалот, и тие не треба да листаат многу документи за да го евидентираат криминалот.

Втора позитивна карактеристика на овој закон е што и самите институции и директори, доколку функционира законот и системот на укажувачи, знаат дека кога ќе направат криминал, некој тоа будно го следи и дека за тоа ќе бидат пријавени и еден ден ќе одговараат. Тоа ја има функцијата на таканареченото осветлување на темнината во која се раѓа корупцијата.

Штетите од корупцијата за Македонски услови се бројат со стотици милиони евра секоја година. Пред неколку години излегоа некои информации дека системот на Никола Груевски од коруптивни активности извлекол околу 6 милијарди евра за 10-тина години. Тоа на секој Македонец му има зафатено по околу 4.000 евра или 16.000 евра по семејство што е премногу.

Овој закон и овој систем требаше да ја бие таа корупција, засега за жал од него немаме позначајни резултати.

Оставете коментар

коментар(и)