Минатата година, КАМ – ИМОБИЛЕН ДООЕЛ СКОПЈЕ реконструира и урива објекти во поранешниот Југотутун во Кочани, без никаква градежна документација, дозвола или било какво одобрение. Се шпекулираше дека инвеститорот бил спонзор на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и од градоначалникот на Кочани koj e од истата партија добил одврзани раце да врши реконструкција без никакви документи.
Пишува: Горан Лефков
Рушења на објекти во соседството, бучава и звукот на градежните машини, беше секојдневието на околните жители на поранешен Југотутун, во Кочани, во летото и есента, 2022 година. Во малото гратче проструи информација дека КАМ ИМОБИЛЕН од СКопје го купил објектот на поранешниот монопол во Кочани.
Дел од овие згради беа вистинска гордост за Кочани, бидејќи се градени пред повеќе од 100 години, цвртсти градби од камен. На пуштањето во употреба на овие објекти било испратено писмо дирекно од кралот на Југославија.
Граѓаните се осебно загрижени за тие објекти. Пријавуваат до градежниот инспектор во Кочани, по што тој започнува процедура и постапка на утврдување на состојбата на теренот.
На терен забележува дека се срушени неколку објекти, се врши менување на кровните конструкции на други и ред други градежни активности без да имаат било каква документација. Се бара запирање со градежни активности. Се алармираат и другите надлежни институции, како Јавното Обвинителство, МВР во Кочани.
На ова реагираше и советничката во општина Кочани, од политичката партија Левица, Жаклина Свеќаровска.
„Дали градежните активности се вршат бесправно, без соодветна документација, одобренија и Решение за градба, откако од истата локација претходно се отстранети пет објекти без Одобрение за отстранување? На истата локација се врши и реконструкција на постоечки, многу стар и руиниран објект. Дали реконструкцијата се врши со соодветно одобрение за реконструкција или и за таа активност не е обезбедена соодветна техничка документација? Ако сите активности се извршуваат без соодветна техничка и друга документација, зошто општина Кочани молчи, а надлежните инспекциски служби не постапуваат?“, вели Свеќаровска.
Таа понатаму продолжи да ги следи активностите со овој објекти и да реагира во Општина Кочани за запирање на нелегалните активности.
„На неколку пати поднесував советнички прашања до Општина Кочани и до Градоначалникот Љупчо Папазов, но на ниту едно од овие прашања не добив одговор“, додава Свеќароска.
Кривична пријава за организиран криминал
Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија, испрати барања за слободен пристап до информациите од јавен карактер до Општина Кочани 26 Октомври 2022 година. Барањата тогаш беа да ни достават копија од решенијата за градба и реконструкција на објекти во комплексот на некогашниот објект на Југотутун во Кочани.
Следуваше прилично брз и експедитивен одговор од Општина Кочани на 3 ноември 2022 година во кој беше назначено дека општината нема издадено такви документи.
Ви го доставуваме одговорот во целост од Општина Кочани.
Прилог 1. Одобрение и Решение за градење.
Истотака на истиот датум од страна на Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија е доставено уште едно барање за да имаме целосна прецизност на сторијата, а тоа е барање за фотокопија од одобренијата или решенијата за отстранување на објектите. Исто и во овој случај, општинските служби за слободен пристап до информациите од јавен карактер беа експедитивни и во рок од една недела ни доставија одговор нека немаат издадено вакви документи.
Прилог 2. Одговор за документи за отстранување.
Според законските одредби, при реконструкција, доколку се прави замена на кров, со исти материјал, например, ако е покривот со керамиди, и повторно ставате керамиди, не треба одобрение од надлежните органи, но доколку се менува кровот како што направи компанијата КАМ- Имобилен, замена на кров од керамиди со панели, тогаш е потребна соодветна документација од општината.
Во рок од следните два месеци, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје, за овој случај.
Испративме прашања до ова Јавно обвинителство, но до објавувањето на оваа истражување, не добивме одговор.
Затворени катанци наместо спа центар
Во текот на градбата во Кочани се ширеа гласини дека компанијата КАМ –Имобилен ќе гради дистрибутивен центар со СПА комплекс. Со почетокот на оваа реконструкција во градот на оризот се раширија гласини дека компанијата Кам –Имобилен е спонзор на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и затоа сега гради без никакви документи.
СКУП Македонија испрати прашања до КАМ -Имобилен, од каде ни одговорија дека нема кој да ни даде одговор:
Прашања поставивме и до политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, но до денес одговори не добивме.
Љупчо Папазов, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, за градоначалник на Кочани беше избран во 2021 година.
На 27 декември 2022 година конечно влезе градежен инспектор на градилиштето и го затвори.
Судска разврска на овој случај сеуште чекаме.