Укажувањето нов исчекор во Македонската борба за поубава иднина

Пишува: Горан Лефков

Укажувањето како појава дава силен импулс во борбата против корупцијата и придонесува кон подобро демократско управување. Форми на укажување кај нас имало и во минатото. Разликата од тогаш и сега е што укажувањето денес е регулирано со закон. Најпознатиот случај на укажување е случајот со Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски. Тие се луѓето кои со години собираа материјали за криминалното работење на власта на Никола Груевски и тие материјали ги складираа и во одреден момент ги дадоа на лице во кое имаа доверба да ги изнесе до крај. Направија херојско дело со кое сите се гордееме. Тие со своите дела ја поставија земјата на многу повисоко ниво во борбата против корупцијата. Започнаа еден процес што ќе охрабри многу луѓе што трпат неправди. Тие создадоа подобра иднина за новите генерации.

За да ги заштити нив, Македонија беше една од ретките земји во Европа што донесе закон за укажувачи во 2016 година. Со многу енергија и надежи дека укажувањето како процес е озаконето и ќе добиеме цел еден нов систем на пријавување на корупцијата и криминалот.

За жал првичната еуфорија не се покажа како успешна. Многу малку пријави имаме засега. Причините според експертите се различни, од недоволно промовирање на добрите случаи во јавноста, до страв дека укажувачите ќе завршат лошо на своите работни места, дека имаат закани и слично. Треба да се размислува за потемелни измени на законот за укажувачи и неодамнешната конференција на Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија, по повод меѓународниот ден на укажувањето беа потенцирани слабостите на системот за заштита на укажувачите. Измените треба да ги следат потребите на укажувачите. Скоро сите до еден од пријавените укажувачи подоцна трпат реперкусии заради нивното херојство. Тие биле желни да исправат некоја неправда, за жал системот наместо да ги награди, ги казнил.

Нашиот закон за укажувачи препознава внатрешни и надворешно укажување. Внатрешното укажување оди преку лице кое ќе посредува помеѓу укажувачот и институциите кои треба да го расчистат тоа незаконско работење. Досега нема некои поголеми пријави кај внатрешните укажувачи. Скоро сите пријави доаѓаат преку т.н. надворешно пријавување.  Затоа и треба сериозно да се размисли за концептот на внатрешно пријавување. Досега не даде никакви резултати. Потребна е негова целосна смена, како концепт. Она што Северна Македонија треба да го превземе во таа насока е да ја насочи енергијата кон надворешното пријавување. За жал концептот на укажувањето, е нов и нема многу искуства од каде да се препишат, но затоа во Македонија веќе има укажувачи и само со анализирање на нивните искуства, може да донесеме ефективни мерки за нивна заштита и унапредување на системот за укажување.

Најмногу сертификати на укажувачи има во Државната комисија за спречување на корупцијата.

Од надворешниот модел на укажување е структуиран така да укажувачите можат да пријават случај кај неколку институции, меѓу кои се МВР, Јавното Обвинителство, Народниот правобранител, Државната комисија за спречување на корупцијата, Царината и Управата за јавни приходи. Најуспешна и со најголема доверба кај укажувачите е Државната комисија за спречување на корупцијата. Минатата година добиле 19 пријави.

Дали тие се доволни, сигурно дека не. Во држава каде индексот на перцепција на корупцијата е во слободен пад, треба да има многу повеќе случаи на пријавување.

Затоа треба студиозно да се пристапи на измените на законот за укажување, тука е и новата директива на Европската Унија од 2019 година кога се донесоа нови правила и тие треба максимално да се искористат и да се збогати опусот на мерки за заштита на укажувачите. Имаме убава можност да создадеме еден многу ефикасен систем за борба против корупцијата и таа можност мораме да ја искористиме.

Оставете коментар

коментар(и)