Автори: Сандра Никчевска, Ива Андреевска, Моника Себиќ
Многу спомени од детството и младоста го поврзуваа Северџан Сејфула за старата куќа во Чаир. Таа куќа била купена од татко му во 1957 година, само шест години пред тој да се роди. Во овој дом израснал заедно со својот брат и четири сестри. На 32-годишна возраст стапува во брак, од кој има еден син. Но, се разведува по една година.
Од овој момент во животот на Северџан почнува да се превртува наопаку. После 2 години му починал и татко му, кој финансиски му помагал да преживее во старата куќа полна со спомeни. Старата куќа почнала да се урива заедно со плановите на Северџан, при што тој почнал да бара покрив над глава за да живее.
Се потпрел на неговите сестри кои живеат во Битола, но откако и тие починале, почнал да талка по скопските улици.
„Се обидовме да го донесеме во Белгија. Но, немаше среќа“, раскажува неговата братучетка Лејла Адемов, која живее во Белгија.
Улицата беше и местото каде Севeрџан ги помина последните мигови од неговиот живот полн со несреќи и неправди. Таму пред неколку месеци беше убиен во неразјаснети околности, кои се уште се предмет на полициски истраги.
На 16-ти март оваа 2017-та година, МВР, како што тогаш пренесоа медиумите, објави соопштение за убиство на бeздомник:
„СВР Скопје поднесе пријава против 19-годишниот М.З. од Скопје поради „убиство“ заради што од страна на судија за претходна постапка одредена му е мерка „одземен пасош и има обврска да се пријавува секој ден во полициска станица“.
„На први месецов околу 15 минути по полноќ 52-годишниот С.С. од Скопје, додека се движел пеш по тротоарот од булеварот „Св.Климент Охридски“, бил удрен со едно бекатонско парче во тилот од страна на насилникот кој управувал велосипед.“
„Од ударот скопјанецот паднал на тротоарот и останал да лежи, каде бил пронајден од припадник на Единица Алфа“, се вели во полициското соопштение.
БЕЗДОМНИКОТ Е УСМРТЕН ВО РАСПРАВИЈА СО УДАР ОД ТАП ПРЕДМЕТ
Северџан бил убиен на суров начин во центарот на Скопје. Од засега наводно, неутврдени мотиви.
Од МВР, обвинителството, судот велат дека случајот за бездомникот Северџан Сејфула се уште не е затворен. Но, освен бавноста во истрагата овие институции одолговлекуваат и со прецизни одговори на прашањата на СКУП за оваа сторија.
Последната зима од својот живот Сејфула ја поминал во пунктот на Црвениот крст на Македонија. Драгана Лазаревска од оваа хуманитарна организација потврдува дека бил згрижен во пунктот за бездомници.
„ Тој целиот зимски период беше згрижен во пунктот за бездомници. Со надзор за консумација на алкохол, како и примањето на соодветна медицинска терапија, во голем процент се подобри неговата здравствена состојба. Убиството на ова бездомно лице се случи откако го напушти пунктот “, вели Лазаревска.
За случајот е запознаен и Хелсиншки комитет. Уранија Пировска, претседателка на оваа организација, вели дека има многу прашалници за тоа како Сејфула останал бездомник и зошто бил убиен.
„Немаме точни информации како и зошто Северџан Сејфула останал бездомен. Се гледаше дека тој човек не е неписмен, дека некогаш живеел во многу поинакви услови, дека имал нормален живот. Како дошло до тоа да заврши на улица, не ни е јасно докрај“.
Пировска додава дека бездомните лица многу често се во тешка непресметлива психичка или алкохолизирана состојба. Многу е потребно, вели таа, „да се донесе закон за социјално домување за да може да се згрижуваат бездомните лица“.
КОЛКУ ВРЕДИ ЖИВОТОТ НА ЕДЕН БЕЗДОМНИК?
Инертноста на институциите и молкот на јавноста за случајот со убиството на бездомникот Северџан Сејфула го исфрлаат на површина прашањето дали луѓето без адреса имаат вредност?
Новинарскиот тим на СКУП искина „железни чевли“ за на јавноста да и го презентира Записникот што на местото на убиството го направија полициските инспектори за крвни деликти К.Г. и Е.Т., да ги добие одговорите од Обвинителството и да провери во Судот дали е отпочната било каква правна постапка.
Истрагата се чини е замрзната. Предолго ги чекавме одговорите од МВР, Обвинителството, Судот. Ќе помогне ли барем Законот за слободен пристап до информации?
Постапувајќи по него, од Министерството за внатрешни работи сепак дојде писмен одговор потпишан од помошник министерот Јордан Лајманоски во кое на прашањето за случајот Северџан стои:
„Што се однесува до Вашето прашање за убиството на лице со иницијали С.С. Ве информираме дека истото имало пријавено место на живеење и не е евидентирано како бездомник. По преземени мерки од страна на Секторот за внатрешни работи Скопје поднесена е кривична пријава против еден сторител поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „убиство““.
Од Основното јавно обвинителство во Скопје на прашањето на СКУП дали е отворен и до каде е оформувањето на предмет за случајот со убиството на бездомникот Северџан Сејфула, кусо одговорија:
„За предметот за кој пишувате се постапува во Основното јавно обвинителство во Скопје. Надлежен јавен обвинител презеде бројни дејствија и прибрани се бројни и материјални докази во насока на расветлување на кривично правниот настан. Се чека пристигнување на Извештај од наредното вештачење. Потоа, по разгледувње и анализа на прибрaните докази ќе биде донесена јавно обвинителска одлука“.
СКУП побара и дополнителни одговори за тоа од кого Основното јавно обвинителство од Скопје „чека пристигнување на Извештај од наредното вештачење“. Овој пат одговор не пристигна.
Во одговорот, пак, на Основен суд Скопје 1, побаран според Законот за слободен пристап до информации, стои:
„Судот, постапувајќи по барањето донесе одлука да Ви се овозможи пристап до бараната информација, но имајќи го во предвид Акмис системот во кој што работи овој суд, во истиот не може да се пребарува по податоци за оштетени лица, како што имате наведено во барањето, туку само по податоци за обвинети лица кои што се странка во постапката“.
Од новинарскиот тим на СКУП Судот бара да достави „податоци за обвинетото лице“ за да можеле по таа основа да го најдат бројот на предметот и да ги достават бараните податоци. Но, и оттаму нема одговор за тоа дали од обвинителството во судот воопшто е пристигнат било каков обвинителен или друг акт за жртвата Северџан Сејфула и дали во тој акт е наведен идентитет на обвинетиот за убиството на скопскиот бездомник.
ПРОДОЛЖУВА..
УТРЕ ЌЕ ЧИТАТЕ: БЕЗДОМНИЦИТЕ НЕВИДЛИВИ, НИВНИОТ ЖИВОТ – БЕЗВРЕДЕН
Годишниот план за работа е поддржан од Цивика мобилитас“.
„Содржината на оваа истражувачка сторија е единствена одговорност на СКУП Македонија и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат“.