УНЕСКО: Стопирајте ги плановите за ски-центар и автопат на Галичица

УНЕСКО го објави извештајот за степенот на зачуваност во подрачјата прогласени за светски наследства, состојбата на Охрид е оценета како се поранлива, а главна причина за можната деградација се предвидените инфраструктурни проекти. Македонија има две години да го спаси своето единствено светско природно и културно наследство.

СКУП веќе предупреди на ова во двата документарни филма “ЕЗЕРОТО ПРЕД УНИШТУВАЊЕ, ИНСТИТУЦИИТЕ МИСЛАТ САМО НА ПРОФИТ” и “ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО ПОД ЗАКАНА НА УРБАНИЗАЦИЈАТА” од 10 и 11 април годинава

„Нема веќе никакво сомневање дека таканаречените развојни проекти ќе донесат уништување на вредностите на Охридскиот регион, поради кои е прогласен за УНЕСКО подрачје.“ смета Александра Бујароска од „Фронт 21/42“. „Ова е вистинско време за целосно напуштање на сите деструктивни планови и одбирање на сосема поинаков пат за развој на нашето најголемо природно богатство“ порачуваат од Фронт 21/42. И во извештајот на УНЕСКО се бара од македонските власти да ги разгледаат опциите за еко-туризам, а плановите за ски центар и автопат да ги стопираат веднаш и напуштат засекогаш: „Мисијата во 2017та заклучи дека дел од предложените големи инфраструктурни и градежни проекти (….) ќе доведат до неповратни промени во заштитеното подрачје. (…)“. Мисијата на УНЕСКО, која го посети Охрид во април годинава, одлучно препорачува да не се менуваат постоечките зони на заштита во Националниот Парк „Галичица“.

„Повеќе од три години се бориме против одлуката да се променат зоните на заштита во НП Галичица, со цел да се создадат „законски“ услови за изградба на ски центар, автопат и туристички развојни зони.“ изјави Бујароска од Фронт 21/42 „Укажувањата на незаконитоста на оваа одлука, кои беа упорно игнорирани од страна на националниот парк и сите надлежни, ги преточивме во иницијатива за преиспитување на нејзината уставност, која ја доставивме до Уставниот суд во февруари оваа година. Се надеваме дека судот ќе ја укине одлуката, а по јасниот став на мисијата на УНЕСКО бараме од сите одговорни да ја запрат, односно пренасочат актуелната промена на Планот за управување со Националниот Парк „Галичица“. Предлагаме процесот да се искористи за подобрување на заштитата на Галичица, наместо за нејзина деструкција. Во оваа смисла бараме од Европската банка за обнова и развој, МЕПСО и сите останати потенцијални инвеститори да ги пренасочат средствата кон проекти за еко-туризам.“

УНЕСКО и дава на Македонија две години да ги исполни новите обврски наведени во извештајот, како и оние од 2016та, кои нашата држава сеуште не ги исполнила. Обврските вклучуваат итни мерки за запирање на деструктивните планови, усвојување на Планот за управување со Охридскиот Регион, комплетирање на стратешка оцена на кумулативното влијание на сите проекти врз животната средина во подрачјето, алтернативна рута за железничката пруга до Албанија, итн. Доколку не се реализираат, пораката е јасна: во 2019та ќе бидат исполнети критериумите за ставање на Охрид на листата на „Светско наследство во опасност“.

„Народот вели „секое лошо за некое добро“, ова е моментот кога досегашните грешки може да станат научени лекции кои ќе ни донесат видлив напредок и во заштитата на нашето најголемо природно богатство, но и во развојот на туризмот и економските придобивки, особено за локалното население.“ – смета Искра Стојковска од Фронт 21/42. „Охрид има врвни и уникатни вредности кои може и треба да ги понуди на светскиот пазар, вредности на кои се темелат современите туристички трендови, како научен туризам, набљудување на птици, нуркање, екстремни спортови, итн.“ продолжува Стојковска и додава „ Една од овие вредности е исклучително богатиот жив свет по кој е познат во целиот свет, а за што битна улога има Студенчишко блато. Сметаме дека сега е вистинскиот момент Владата да ја финализира процедурата за прогласување на Студенчишко блато за Споменик на природата, но и да предложи истото да се најде на листата на Рамсар конвенцијата за заштита на водни живеалишта. Во оваа смисла денес испраќаме иницијатива до новиот министер за животна средина да започне со постапката за номинирање на Охридско езеро и Студенчишко блато за Рамсар подрачје.“

Според Фронт 21/42, новата Влада и Парламент треба формално да ги стопираат деструктивните планови, а веднаш потоа да обезбедат спроведување на Законот за управување со Охридскиот регион и изготвување и спроведување на Планот за управување со регионот, кој го налага овој закон. Планот, со соодветна оцена на влијанието врз животната средина, го бара и УНЕСКО во последниот извештај. „Апсурдно е прво да се планираат било какви инфраструктурни проекти, а потоа да се имплементира закон за заштита и изготвува план за управување“ смета Стојковска.

„Со оваа цел и ја организиравме кампањата „Едно е! Вредно е!“, во рамките на која веќе воспоставивме  конструктивна  комуникација  со  Парламентот,  комуникација  која  очекуваме набргу да доведе до конкретни чекори и мерки.“

Заедничкиот  настан  со  парламентарците,  Фронт  21/42  го  најавува  за  21  јуни,  денот  на Охридското езеро.

 

Оставете коментар

коментар(и)