Формирана Мрежа од совети на публики за ранливите групи

Институтот РЕСИС, со поддршка на Програмата Цивика Мобилитас ја формираше Мрежата од совети на публики во која досега се приклучија над 50 граѓански организации на локално ниво кои работат со различни ранливи групи: деца и малолетници, лица со сетилна и друга попреченост, лица со ретки болести, припадници на ЛГБТ заедницата, социјално загрозени групи, зависници и други ранливи групи. Целта на Мрежата е да ги поттикне ранливите групи и нивните граѓански организации заеднички и координирано да работат на остварување на комуникациските права на ранливите групи во јавната сфера.  

На работилниците што ги организираше РЕСИС при формирањето на Мрежата, граѓанските организации од различните региони низ земјава зборуваа за најактуелните проблеми со кои ранливите групи се соочуваат во јавната сфера и за неопходните чекори што треба да се преземат во полето на медиумските политики за да се надминат овие проблеми: пристапот на ранливите групи и на локалните заедници до медиумите е сериозно загрозен бидејќи националните медиуми главно се фокусираат на централните настани и на политиката; со локалните медиуми постои извесна соработка, но се случува тие маргинално ги покриваат темите и прашањата што ги засегнуваат ранливите групи; најголем дел од граѓанските организации треба да го менуваат пристапот кон медиумите за да ги заинтересираат повеќе за овие теми; и др.           

На формирањето на Мрежата и претходеше процес на Акциско истражување во кој самите граѓански организации критички ги проценуваа медиумските содржини, состојбите во медиумскиот плурализам и јавната сфера пошироко. Врз основа на резултатите од акциското истражување РЕСИС изготви и Насоки за стратегиско вмрежување и комуникација кои содржат основни принципи и насоки за дејствување на Мрежата.     

Како истражувачка организација, РЕСИС има за цел да ги поттикнува и да им помага на членките на Мрежата да спроведуваат кредибилни истражувања на начинот на кој во медиумските содржини и во јавната сфера пошироко се претставуваат ранливите групи и нивните права. За таа цел, на веб страницата на Мрежата се објавени и едукативни ресурси наменети за граѓанските организации за основните методи на анализа на медиумските содржини.       

Оставете коментар

коментар(и)