Пишува: Горан Лефков
Состојбата со одлагањето на отпадот во Северна Македонија е повеќе од алармантна. Ниту една градска депонија како што се нарекува кај нас не ги исполнува условите за одлагање на отпадот, и скоро сите се дивоградби и не се урбанизирани. Само Дрисла има некакво планско одлагање на отпадот, но е далеку од стандардите бидејќи нема пречистителна станица за преработка на отпадните води.
„Ниту една од 54 општински депонии не ги исполнува стандардите за заштита на животната средина. Само околу 70%-80% од населението е вклучено во системот на собирање на комунален отпад, додека пак опремата, возилата и нивото на услугата која се извршува не е сообразна со воспоставените стандарди за оваа дејност“, се наведува во планот за управување со отпад изготвен од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
Ана Каранфилова Мазневска, раководител на секторот за управување со отпад при Министерството, вели дека нашиот закон е хармонизиран со директивата на Европската Унија и во текот на преговорите ќе се бара да се испочитуваат зацртаните цели. „Наш таргет е до 2035 година 70% од отпадот од пакување дека ќе го рециклираме. До 2030 година 65% од целиот отпад ќе биде рециклиран. Досега 33% од отпадот од пакување е испратен на рециклирање, тоа ни се моменталните постигнувања. Меѓутоа проблем е што не се собира целата количина на отпад од пакување“, нагласува таа.
Каранфилова Мазневска додава дека е проблем што сеуште не е воспоставена примарна селекција на целата територија на државата.
Македонскиот информативен центар за животна средина ги систематизира извештаите од општините. Сепак, само околу една третина од општините доставуваат извештаи, и покрај нивната законска обврска.
Селекцијата на отпадот – рак рана за македонските комуналци
Селекцијата на отпадот е сериозен проблем во управувањето со отпадот. Според податоците од Планот за управување со отпад имаме од 47 до 57% органски отпад, во зависност од регионите, потоа околу 30% е отпад од пакување и 10% друг отпад.
Од овој сооднос, органскиот отпад треба да се селектира и да се одлага во домаќинствата. Ова е претежно отпад од храна и тој лесно и брзо се разградува, посебно во домаќинствата што живеат во куќи.
Отпадот од пакување треба да биде собран од самите производители на тој отпад, преку трите лиценцирани компании во земјава: Еуро Еко Пак, Алпакеко и Пакомак.
Додека на депонија треба да заврши само 10% од вкупниот отпад од домаќинствата.
Но според Кирил Зајков, директор на Јавно Претпријатие Исар Штип, ние сме далеку од овие проекции.
„Ако одите на било која депонија во град што има текстилна индустрија во Источна Македонија, ќе забележите дека депонијата е претрупана со текстилен отпад. Граѓаните мора да размислуваат за селекција на отпадот. Картонот сега има цена на берзата, има компании што сакаат да го купат картонот, но треба да биде селектиран и во него да има само картон. Кај нас целиот отпад завршува во комуналниот отпад, а картонот, пластиката, амбалажниот отпад не треба да завршува во комуналниот отпад“, вели Зајков.
Тој додава дека во Штип на повеќе места имаат поставено контејнери за селекција на отпадот на стакло, пластика, картон и друга амбалажа од пакување, во 60% од волуменот на контејнерите има се друго, а нема отпад за којшто се поставени.
Како што поминуваат годините, се повеќе и повеќе ѓубре завршува на депониите бидејќи многу повеќе производи се пакуваат, и со тоа создаваме ситуација која што е тешка за менаџирање.
Моментално перцепцијата е дека проблемот со отпадот е проблем на комуналните претпријатија. Духот на новиот закон е дека проблемот на отпадот е проблем на креаторите на отпадот, а тоа се физичките лица и индустријата. Не постои јавно претпријатие во светот што може да го менаџира неконтролираното расфрлање на отпадот од граѓаните и индустријата без почитувањето на законските обврски и без примарната селекција.
„Селекцијата на отпадот кај нас е започната уште пред 13 години. Сеуште не се постигнати резултатите што ни се поставени во планските документи и во законот. Идејата е да имаме примарна селекција, тоа значи дека и правните лица и граѓаните треба да го селектираат отпадот“, вели Каранфилова Мазневска.
Таа додава дека културата кај граѓаните е на многу ниско ниво за селекција на отпадот. Имаме напредок во селекцијата на отпадот, но сеуште треба време да се постигнат зацртаните цели.
Расте отпадот во земјава
Се проценува дека во следните 20 години, на светот ќе му бидат потребни за 50% повеќе храна и за 40% повеќе енергија од денес. За да се задоволат овие потреби мора да се создадат ситуации на поголемо искористување на сегашните ресурси. Затоа се бара напуштање на т.н линеарна економија, каде производите се фрлаат после искористувањето, во таканаречена циркуларна економија или нула отпад, каде истите ресурси ќе се искористат по неколку пати.
Според податоците на Државниот завод за Статистика во 2020 година се собрани 630 илјади тони, додека вкупното количество на создаден комунален отпад е 913 илјади тони. Секој жител на Северна Македонија во 2020 година создал по 452 килограми комунален отпад. Само мала количина од овој отпад се рециклира.
Според Планот за уѕправување со отпад 2021-2031 година, Стапките на селектирање и рециклирање се многу ниски, информациите и податоците за видовите отпад се неадекватни, а клучните институции кои се надлежни за оваа проблематика имаат ограничени капацитети.
Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупното количество на собран комунален отпад во Република Северна Македонија во 2020 година изнесува 630 086 тони. Споредено со 2019 година, вкупното количество на собран комунален отпад во 2020 година бележи намалување од 0.4 %. Вкупното количество на создаден комунален отпад во Република Северна Македонија во 2020 година изнесува 913.033 тони.
Годишното количество на создаден комунален отпад по жител во 2020 година изнесува 452 кг по жител, што е за 1.0 % помалку од истото количество во 2019 година.
Во 2009 година, сме имале 726 милиони килограми отпад или 352 килограми по жител.
Според Кирил Зајков повеќе од 40% од отпадот што се одлага е несоодветен, може да се рециклира и не треба да заврши на депонијата. Амбалажниот отпад, картон и пластика, секаде кај нас завршува на депонијата, а тоа е отпад што може да се рециклира.
„Излезете во градот фрлете поглед кон контејнерите, ќе забележите дека се полни со амбалажен отпад, посебно кај маркетите. Тоа не смее да завршува на депонијата, мора да се рециклира“, вели Зајков.
План за зафаќање на отпадот од пакување
Година | Процент од вкупниот произведен отпад од пакување |
2021 | 55% |
2022 | 57% |
2023 | 60% |
2024 | 65% |
2025 | 70% |
2026 | 75% |
2027 | 80% |
Според Рамковната директива за отпад (2008/98/EЗ) во 2018 година дополнително се зајакна со „Пакетот за циркуларна економија“. Со цел да се зголеми стапката на рециклирање и да се постигне повисоко ниво на ефикасност на ресурсите, рамковната директива ги вклучува следните активности и цели.
– Стапка на рециклирање од 50% (вклучувајќи ја подготовката за повторна употреба) на комунален отпад до 2020 год, зголемување на 55% до 2025, 60% до 2030 и 65% до 2035 година;
– Стапка на рециклирање на материјалите за пакување од 65% до 2025 год., а 70% до 2030 год;
– Ограничување на депонирање на комунален отпад од 10% до 2035 год;
– Одделно собирање на материјалите за повторна употреба – хартија, метал, стакло и пластика до 2015;
– Ова одделно собирање ќе се прошири и ќе опфаќа и био-отпад до 2024 и текстил како и опасен отпад од домаќинствата до 2025;
– Стапка на преработка од 70% (подготовка за повторна употреба, рециклирање и друга преработка на материјалите) за сиот инертен и неопасен отпади отпадот од градежништвото до 2020.