„ШИРОК КОНСЕНЗСУС“ ЗА ЗАГАДУВАЊЕ НА КОЧАНИ: ПРОФИТОТ ПОВАЖЕН ОД ЗДРАВЈЕТО

Пишува: Горан Лефков

Кочани до скоро важеше за најчиста урбана средина во Македонија. Со околу 30 илјади жители, градот лежи на Кочанското поле, познато по квалитетниот ориз и термалните води. Овој град од источна Македонија беше синоним на здравата средина, чистиот воздух и бистрата вода.

Се се смени кога во 2016 година повторно почна да работи фабриката за хартија „Пејпер Мил“. Од тој ден градот е претворен во депонија за хартија. Загадувањето од е енормно, а тоа го покажуваат и резултатите од анализите, до кои дојде СКУП.

ДОЗВОЛЕНО Е ДО 500, А НИВОТО НА ЈАГЛЕН МОНОКСИД ДОСТИГНУВА И ДО 1.5000

Вредности од 600 до 15.000 милиграми на Јаглерод моноксид е маргината во која се движи мерењата од различни акредитирани лаборатории во Македонија и Бугарија. Иако според А- интегрираната еколошка дозвола овие вредности не смеат да надминат 500 милиграми Јаглерод Моноксид на нормален метар кубен гас.

Ова се резултати од мерењето направено на 18 мај 2022 година, направени од Скопската лабораторија „Еуромак- контрол“. Како управител се потпишува Сузана Темелкоска, додека како менаџер на одел Лабораторија се потпишува Наташа С. Крстевски.

Ова е најниското мерење на вредностите на Јаглерод Моноксид. Мерењата на  Бугарската акредитирана лабораторија Лаб ленд од Софија ги мери следните вредности 5.745 милиграми на нормален метар кубен гас, Јаглерод моноксид додека дозволена највисока вредност во А- интегрираната еколошка дозвола е 500.

Апсолутен рекорд на труење на Кочани, според извештаите на лабораторијата Фармахем ДООЕЛ Лабораторија за животна средина од Скопје на 30 декември 2020 година, а резултатите се издадени на 04 јануари 2021 година. Јаглерод моноксид има вредност од 15.703 милиграми на метар кубен гас со 11% кислород, додека гранична вредност е 500.

ОПАСЕН ГАС КОЈ ГИ УГУШУВА ЛУЃЕТО

Колку е опасен за здравјето оваа загадување? Според пензионираниот професор по биологија од Универзитетот Свети Климент Охридски, Д-р Здравко Крстановски, Јаглерод Моноксидот е исклучително опасен гас.

„Јаглерод моноксид ако го има во високи количини е исклучително токсичен и за многу бргу ги угушува луѓето. Тој се користи дури и како начин на самоубиство во автомобилите. Ги полни белите дробови, од таму се пренесува во мозокот и за многу кратко време настапува смртта“, вели Д-р Крстановски.

Прашина има 726 милиграми на метар кубен гас, додека гранична вредност е 150.

За Кочанчани, овие не се вистинските вредности на труењето на градот.

Милан Димовски вели дека преку денот фабриката работи со многу помал капацитет, додека во ноќните часови е ужасно и неподносливо.

„Смрди не се излегува надвор. Не смееш да отвориш прозор, не смееш да излезеш надвор. Ова е страшно“, вели Димовски.

Карактеристично за мерењата направени во Пејпер Мил е што сите се правени во интервалот од 10.00 часот утрината до 14.00 часот. Ниту еден извештај и ниту едно мерење не е направено во ноќните часови кога смрдеата од фабриката е неподнослива.

ОТСУТСТВО НА КАЗНИ

Директорот на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), Сретен Стојковски, е поставен на функција во оваа институција на 16 Август 2021 година на местото на Ана Петревска. Тој за медиумите изјави дека неговата претходничка Ана Петревска, ниту еднаш не го казнила Пејпер Мил.

Поставивме две прашања до инспекторатот на Стојковски:

1. Од извештаите од акредитираните лаборатории се гледа дека Пејпар Мил од Кочани испушта и до 15.000 мг Јаглерод Моноксид што е 30 пати над дозволената горна гранична вредност од 500 мг на метар кубен воздух. Дали од назначувањето на Сретен Стојковски за директор на инспекторатот Пејпер Мил е казнет со некаква казна?

2. Дали е спроведена постапка за отцена на корумпираноста на директорот Сретен Стојковски, инспекторката Сенка Андреева, надлежна за Пејпер Мил и Благој Игновски?

Но од Инспекторатот, наместо одговори, добивме дополнителни бирократски препреки за да стигнеме до бараните одговори.

Очигледно е дека компанијата не ги почитува граничните вредности на Јаглерод моноксид, кој според Законот за стационарни ложишта со капацитет од 1 до 50 мегавати, не смее да надмине 250 милиграми на метар кубен, а во интегрираната дозвола на Пејпер Мил му е дадено гранична вредност од 500 милиграми.

И тоа и не е толкав грев, ако компанијата има над 500 милиграми, но Пејпер Мил никогаш и да немала помали вредности од 1.000 милиграми јаглерод моноксид на метар кубен.

Покрај ова, во интегрираната дозвола е наведено дека од оџакот на фабриката не смее да излегува видлив чад, повеќе од 20 минути од стартувањето на печката.

Не само што не се почитува оваа одредба, туку целата Кочанска котлина е покриена од овој чад. Тој е најсилен во доцните ноќни часови кога нема никаква контрола над фабриката.

„Наутро не се гледа прст пред око. Целата котлина е прекриена со чадот од Фабриката Пејпер Мил. По 100 пати пријавуваме и до инспекторати и до надлежни институции, ама очигледно институциите затајуваат во заштитата на граѓаните, а резултат на тоа е големото загадување што го трпиме“, вели Зоран Тодоров, од Граѓанската иницијатива „За здрав живот“ од Кочани.

Испративме прашања до компанијата Пејпер Мил, но до затворањето на овој текст, одговор не добивме.

ГРАЃАНИТЕ ВО ОЧАЈ

Кочанчани се организирани во граѓанската иницијатива „За здрав живот во Кочани“ и се обидуваат преку сите легални сретства да дојдат до решавање на проблемот.

Надежта за поубав живот во родниот крај, по 18-годишна печалба во Швајцарија во 2015 година го враќа во родното Кочани, 43-годишниот Орце Николов.

„Заминав на 19 години од Кочани во 1998 година. Тогаш Кочани важеше за зелен и најчист град во Македонија. Во 2015 година се вратив со таа мисла дека ќе продолжам да живеам тука и отворив свој бизнис вработувам 10-тина луѓе и сакам да се реализирам во родниот крај“, вели Николов.

Тој додава дека заштитата на институциите врз криминалот и корупцијата го уништува оваа општество.

„Се чудам, како може да биде пуштена во употреба таква фабрика 6 години да работи и да нема пречистителна станица за отпадните води. Како може да нема заштита од Јаглеродниот моноксид што го испушта. Тие луѓе немаат ни срам ни перде“, вели Николов.

За да ги анимираат граѓаните, но и странските институции, кочанчани се организираа само иницијативно и собраа над 10.000 потписи против загадувањето од фабриката Пејпер Мил.

„Целта не ни е да ја затвориме фабриката како што не обвинуваат, туку сакаме Пејпер Мил да не не труе. Фабриката започна да работи на природен гас во 2015 или 2016 година. Не ни знаевме на што работи, се додека во 2019 година не преминаа да работат како демек на пелети, откога започна и голготата на целиот град“, вели Ефтимиј Атанасовски, активист на граѓанската иницијатива За здрав живот.

Тој додава дека тој лично учествувал во носењето на стратегискиот развој на Кочани, каде како дејност која треба да се развива е туризмот.

„Се прашувам кој турист ќе дојде во ваков загаден град“ вели Атанасовски.

Против загадувачите од Пејпер Мил е поднесена и кривична пријава уште пред неколку години. Засега сеуште се наоѓа во Судско-обвинителските лавиринти.

СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ ОБЕДИНЕТИ ВО МОЛК

Уште од самиот почеток на работењето на фабриката Пејпер Мил, таа е поврзана кадри поврзани со двете најголеми политички партии во Кочани, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Така фабриката се отвара во време на градоначалничкиот мандат на Ратко Димитровски, функционер на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен пратеник.

Како директор на Комуналното претпријатие Водовод се појавува сегашниот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов, десна рака на Димитровски во ВМРО-ДПМНЕ.

Од страната на СДСМ, Гоце Серафимов, сегашен претседател на општинската организација на СДСМ во Кочани и директор на Центарот за јавно здравје во Кочани и поранешен инспектор во општина Кочани, веднаш по отварањето на фабриката станува нејзин директор.

Работно место во администрацијата на компанијата Пејпер Мил наоѓа и сегашната пратеничка на СДСМ Марија Ангелова. Пред да ја започне својата пратеничка функција, Ангелова работеше во Пејпер Мил.

И додека политичарите се менуваат во фотељата на Пејпер Мил, граѓаните на Кочани се гушат секојдневно од фабриката. Честопати на шега ќе ја наречат и модерниот Аушвиц. Се е исто, само гасот е различен.

Овој напис е развиен со поддршка на грантовите за професионален развој на Journalismfund.eu за еколошко новинарство.

Оставете коментар

коментар(и)