Штетни надворешни влијанија се присутни и во медиумите во Северна Македонија

Пишува: Џелал Незири

Руското присуство во медиумскиот простор во Северна Македонија се зголеми со почетокот на агресијата врз Украина во февруари 2022 година. Паралелно со воените дејствија на терен, страните започнаа и медиумска војна за креирање на светското мислење во прилог на нивните агенди. Како одговор кон оваа засилена пропаганда, државните руски медиуми РТ и „Спутник“ со одлука на Владата на РСМ беа забранети да се емитуваат од кабелските оператори во земјата. Сепак, руското влијание продолжи да се шири преку одредени српски но и бугарски ТВ канали кои се присутни во дигиталните и кабелските платформи во земјата.

Податоците за сопственоста на медиумите, кои СКУП ги доби од Централен Регистар на Македонија (ЦРМ), покажуваат дека ниту еден медиум во земјата не е во сопственост на ниту еден руски државјанин или бизнис компанија. Но, анализата на четири медиуми на македонски јазик, од кои еден е во сопственост на руската држава додека три се блиски до политички партии во земјата, кои од одредени владини или експертски претставници се квалификуваат и како проруски, покажа дека руските наративи се повеќе од присутни во тукашната медиумската сфера. За потребите на оваа истражување беше мониторирано известувањето на порталите Russia BeyondThinkАнтропол и Кукурику. Овие онлајн медиуми ги промовираа руските позиции во однос на агресијата против Украина, ставовите на Русија против НАТО и ЕУ, и истовремено ја воздигнуваат фигурата на рускиот претседател Владимир Путин. Што се однесува до традиционалните медиуми, сферата на влијание е потесна.

Влијание преку наративи

На експлицитен начин руските позиции и ставови за главните геополитички теми беа промовирани главно од порталот think.mk, кој е во сопственост на Даниел Краљевски. Овој портал е создаден на 28.02.2022 година, само еден ден по започнувањето на руската агресија над Украина.  Порталот antropol.mk е во сопственост на Здружение АНТРОПОЛ Скопје, додека Кукурику.com.mk, во сопственост на Друштво за услужни дејности РАДАН АДВЕРТАЈЗИНГ ДООЕЛ Скопје.

Russia Beyond (РБ) е онлајн повеќејазичен медиум кој ги промовира интересите на Русија на неколку јазични простори. Според описот на самиот медиум, РБ е меѓународен мултимедијален проект управуван од автономната непрофитна организација „ТВ-Новости“. Но, западните медиуми ја опишаа РБ како уште една алатка за пропаганда на Москва, која се разликува по начинот на известување на државните медиуми, но дека ја игра истата улога. Овој медиум има изданија на вкупно 14 јазици, вклучувајќи го и македонскиот јазик.

Домашните проруски медиуми не ја кријат наклонетоста кон двете маргинални партии на политичката сцена во Северна Македонија – првата е „Левица“ и Димитар Апасиев, која има 2 пратеници, а втората е „Единствена Македонија“ и Јанко Бачев, која моментално не е претставена во Собранието.

Освен порталите, и Фејсбук страните и групи се динамични и доста активни, а максималното активирање беше во насока на подривање на односите со Бугарија по постигнувањето на договор кон средината на 2022 за укинувањето на ветото за почеток на преговори со ЕУ. Протестите во Скопје беа поттикнати од вакви онлајн медиуми, а истите имаа тенденција да прераснат во етнички македонско-албански судири. Кон ваков расплет на настаните без сомнение дека придонесе недоволната транспарентност на Владата за целиот тек на преговорите со официјална Софија. Додека владините претставници се оправдуваа со чувствителноста на темата за која се преговара, отсуството на информации за што всушност се преговара и ексклузивноста на државните институции во целиот овој процес, придонесе во јавноста да се пласираат полувистини или лажни вести, кои потоа служеа да се изградат анти-европски и анти-албански наративи во дел од македонската јавност. Овие наративи имаа за цел да го убедат македонскиот граѓанин дека „Европа не не сака со нашиот идентитет“ и дека „Албанецот Бујар Османи е во соработка со Бугарија за да го продаде македонскиот идентитет“.

Истите групи и онлајн медиуми се обидоа да конструираат наративи насочени кон оштетување на имиџот на НАТО и ЕУ и зајакнување на врската на македонскиот народ со Русија. Северна Македонија од своето формирање како стратешка ориентација ја има интеграцијата во евроатлантските структури. Нејзиното членство во НАТО на 30 март 2020 година и датумот за почеток на пристапните преговори со ЕУ беа условени со потпишувањето на Договорот од Преспа со Грција. Процесот на постигнување компромис, преговорите, потпишувањето на Договорот, референдумот, усвојувањето на амандманите на Договорот со измена на Уставот и процесот на имплементација во пракса беа проследени со силна антизападна пропаганда. По усвојувањето на уставните измени кои произлегуваат од Договорот од Преспа, прорускиот наратив го сочинуваа информации кои упатуваа на супериорноста на Русија во однос на НАТО и ЕУ, особено пред и по започнувањето на агресијата врз Украина. Меѓу најприсутните наративи се:

  1. Членството во НАТО е штетно, скапо но и предавство откако Грција ја презема контролата над воздушниот простор на Северна Македонија;
  2. Русија има воена и научна супериорност над НАТО и ЕУ; Воената моќ на ЕУ-САД не може да ја издржи воената моќ на Русија;
  3. Русија и Кина најдобро се справуваа со кризи со пандемијата COVID-19, нивната солидарност и себичноста на Западот кон Северна Македонија;
  4. Западот е поделен во напорите за донесување одлуки против руската агресија во Украина;
  5. Санкциите на ЕУ, САД и другите земји против Русија нема да бидат ефективни и ќе бидат повлечени затоа што од ова на прво место ќе настрадаат самите овие земји;
  6. Путин е силен лидер кој ги штити интересите на рускиот народ и на целиот православен свет;

Со започнувањето на руската агресија врз Украина, листата на наративи се прошируваше како што се разгоруваше медиумската војна за прикажување на „вистината“ околу случувањата во Украина. Според анализа на „Вистиномер“, објавена во октомври минатата година, новите наративи имаа за цел да ја оправдаат или релативизираат агресијата со следните конструкции:

  1. Се работи за специјална операција, која следува како резултат од настаните започнати во 2014, со Мајдан револуцијата, и која придонела за зацврстување на антируските политики во Украина.
  2. Западот е дволичен, пристрасен и непринципиелен – работеше Косово да се отцепи од Србија, и да стане независна држава, но се противи Донбас да го изоди истиот пат.
  3. Специјалната операција нема за цел освојување на Украина, туку нејзина денацификација од елементи кои користат нацистички методи против етничките Руси во оваа држава.
  4. Украинците се жртва, а Зеленски е „корисен идиот“ на САД и Обединетото Кралство. Преку Украина НАТО сака да и се заканува на Русија и да ја загрози нејзината безбедност.
  5. НАТО развило биолошко оружје во Украина.
  6. Европа е најголемата колатерална штета на војната на САД и Обединетото Кралство против Русија, користејќи ја Украина.
  7. Не е НАТО најсилен воен сојуз, туку Шангајската организација за соработка (ШОС). Во неа членуваат Русија, Кина Индија Иран, Пакистан, а посматрач е и Северна Кореја.
  8. Руската армија е непобедлива, надмоќна и во однос на НАТО, а досега го има користено само мал дел од нејзиниот воен потенцијал.

За разлика од Russia Beyond, како медиум со седиште во Русија, набљудуваните медиуми од Северна Македонија се помалку посветени на промовирање на руските интереси во земјата и регионот. Некои од овие медиуми, по усвојувањето на Договорот од Преспа и уставните измени во 2018 година, беа порезервирани во ширењето на наративите за Русија и поотворени со вестите кои ја промовираат конструктивната улога на НАТО и ЕУ.

Генерално, Russia Beyond е фокусиран на објавување коментари, интервјуа, анализи и вести кои ја истакнуваат воената супериорност на Русија над земјите од НАТО и културната блискост на Русија со македонскиот народ.

Има ли кинеско и иранско влијание во нашата медиумска сфера?

Поради тоа што припаѓаат на групата на недемократски земји, Кина и Иран се смета дека може да имаат малигно влијание во недоволно консолидираните балкански демократии. Набљудувањето покажа дека целта на кинеските медиуми, кои емитуваат содржини и на јазиците на регионот, е промоција на културата, историјата и економскиот развој на нивната земја. Истите не покажуваат намера да влијаат на локалните политички фактори или да се мешаат во креирањето на национални политики. Главната цел е да се промовира подобар имиџ за Кина.

Нивниот интерес за влијание на Балканот и во Македонија нараснува последните години. Во интервјуто на „Вистиномер“ со Давид Плашек, докторант на Карловиот Универзитет во Прага за кинеското влијание во Југоисточна Европа и на Балканот, Северна Македонија е опфатена со инфраструктурните проекти, но е спомената и во емисијата на Кинескиот Универзитет во Будимпешта.

Според последните истражувања на јавното мислење, влијанието на Кина расте, додека она на земјите од Персискиот залив останува константно. Кина ја користи интернет платформата, социјалните медиуми, но и радиото и телевизијата за да се промовира како идеална држава, со најголемо техничко-технолошки развој во светот.

Во исто време, Кина се обидува да влијае на јавното мислење преку нејзините државни медиуми што се движат на глобално ниво – CCTV, Xinhua, CGTN и др. Најприсутна компанија на јазиците на Балканот е China Media Group (CMG), која е составена од сите државни компании. Од 2013 година функционира Радио Ејани на албански јазик, кое ги таргетира сите етнички албански простори во Западен Балкан и пошироко.

Во нивното известување за случувањата во и околу Украина, Кина е сепак во одредена синергија со Русија. Во Првиот извештај за манипулација со странски информации и закани од мешање од страна на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАS), објавен во февруари оваа година, се вели дека за периодот октомври-декември 2022 г. Русија и Кина ги користеле своите дипломатски мрежи за ширење на дезинформациите и имало синергија во нивниот напор за оцрнување на Западот и оправдување на руската агресија. Додека руската пропаганда главно се вртела околу Украина, кинеска се однесува претежно за односите со САД.

Според извештајот, најчестиот кинески наратив низ анализираните инциденти беше наративот „Западот е агресор кон Русија“, при што се користат пораки што го прикажуваат Западот како антагонистички кон Русија, туркајќи ја Украина до војна, провоцирање и профитирање од таа војна, насочување против воената мобилизација и вклучување во акции што ги разгорува тензиите меѓу Украина и Русија. Овој наратив, се вели во извештајот, бил забележан во 17 инциденти. И во останатите наративи се забележува преклопување со руските, како на пример: „Украина е агресорот насочен кон Русија“, „Санкциите против Русија даваат контраефект“, „Западот е лицемерен“, „Украина е наци и терористичка држава“.

Влијанието на Иран се реализира главно преку Радио IRIB, кое произведува вести и на албански јазик. Оваа радио е државен медиум на Иран. Содржината е главно пропаганда на иранската влада против Западот, како и промовирање на активностите на Владата на Иран ширум светот. Содржините се емитуваат од локални радиостаници во земјите на Балканот, со што се постигнува поголемо влијание кај локалното население. Целите на иранското влијание во Северна Македонија, но и во регионот, зависат од етно-културолошките карактеристики на народите или поединците. Како таргет група се граѓаните од исламска вероисповест, со промовирање на шиизмот како огранок на верата, меѓу верниците кои во огромно мнозинство припаѓаат на другиот огранок, т.е. сунизмот. Преку распространување на оваа верска школа се создава терен за поголемо влијание, имајќи го предвид фактот дека верата претставува најефикасно и најефтино средство за проширување и зацврстување на тоа влијание и во политиката, економијата и останатите сфери.

Заради геополитичките партнерства во Блискиот Исток, влијанијата на Иран често се во синергија со тие на Русија, особено кога станува збор за сајбер-нападите. Цел на такви напади беше и Албанија, заради одлуката да им даде засолниште за околу 2 илјади борци против иранскиот режим. Преку сајбер-напади Иран успеа да се пробие во неколку клучни електронски системи на албанската држава, со што дошол и до клучни државни тајни. По овие напади, Албанија одлучи да ги прекине односите со Иран.

Оставете коментар

коментар(и)