Градоначалниците со плати од 1.000 евра успеваат да ги подмират кредитите, да подигнат нови, но и да купат автомобили и земјишта
Исмаил Јахоски пријавил сума од 69 илјади евра стекната „на друг начин“, а првиот човек на Скопје, Шилегов ланската година во мај пријавил куќа и земјиште
Теута Арифи во 2018-та пријавила девизен орочен штеден влог во висина од 15 илјади евра, за кој изјавила дека го стекнала со наследство
Пишува: Ангела Рајчевска и Бјанка Станковиќ
Гостите на свадбата на градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, по се изгледа не штеделе многу кога дошло до свадбените подароци. Политичари, владини функционери, бизнисмени и медиумски претставници вкупно подариле околу 30 илјади евра на младоженците на свадбената церемонија одржана на 21 септември минатата година. Во април годинава, Богоев пријавил промена во својата имотна состојба, наведувајќи дека купил нов стан. Според неговиот исказ, се работи за парите кои ги добил како свадбен подарок од присутните гости. Освен ова, тој навел дека подигнале и двa кредити – првиот од 50.000 евра, а вториот од 9 илјади евра – и поседуваат кредитна картичка од околу 1.600 евра.
Иако со не толку високи месечни примања, градоначалниците сепак пријавуваат промена на нивната имотна состојба. Од продажба на старите коли и купување на нови, па се до проширување на листата со нов стан или куќа.
ПЛАТИТЕ НА ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ
Според Законот за плати на избрани и именувани лица, најдлабок џеб имаат градоначалниците на општини со над 50 илјади жители. Нивната месечна плата изнесува 3.4 просечни плати, или околу 86 илјади денари. Во оваа група на најплатени градоначалници освен Богоев, се и Борис Георгиевски, Аце Коцевски и Теута Арифи.
Сашо Поцков, Кутро Дудуш и Живко Гошаревски земаат по 3.2 просечни плати, или по 73 илјади денари, додека Александар Наумоски – 80 илјади денари. По 68 илјади денари земале Соња Стаменкова, Горанчо Крстев, Зоран Ногачески, Јордан Насев, Исмаил Јахоски и Сашо Јанкоски.
ЧЛЕН 17-В ОД ЗАКОНОТ ЗА ПЛАТИ
Коефициентите за утврдување на платите на градоначалниците на општините и за градоначалникот на град Скопје изнесува од 2,70 до 3,70.
Коефициентите од став 1 на овој член се определуваат според бројот на жителите и тоа:
– за градоначалник на општина до 10.000 жители, коефициент 2,70;
– за градоначалник на општина од 10.001 до 25.000 жители коефициент 2,90;
– за градоначалник на општина од 25.001 до 50.000 жители, коефициент 3,20 и
– градоначалник на општина со над 50.000 жители коефициент 3,40.
Петнаесет градоначалници пријавиле промена во својата имотна состојба откако стапиле на функција во 2017 година до 2019 година. Дел од нив подигнале кредити, а некои ги продале своите стари возила и ги замениле со нови.
Според Законот за спречување на корупција, избрано или именувано лице и одговорно лице е должно во рок од 30 дена да го пријави секое зголемување на неговиот имот, како и настанатите промени во имотната состојба.
Пресметувајќи го коефициентот, може да се увиди дека најголема плата од гореспоменатите градоначалници земал градоначалникот со најмногу промени од стапувањето на функција, до сега, Петре Шилегов, 92.884 денари.
Четиринаесет градоначалници земаат плата во износ од 85.354 денари, единаесет во износ од 80.333, дваесет и пет во износ од 72.802 и триесет месечно добиваат по 67.781 денари.
ШИЛЕГОВ КУПИЛ КУЌА И ЗЕМЈИШТЕ
Шилегов, во мај минатата 2018 година пријавил куќа и земјиште вредни 55.000 евра, како и кредит со иста вредност. Шилегов го отплатил и кредитот од 2.400 евра, а во 2018-та година пријавил удел односно непаричен влог од 2.400 евра и основачки влог/главнина од 5.040 евра. Во 2019-та година Шилегов пријавил намалување на заеднички парични средства и тоа во износ од 48 илјади евра и долг во износ од 30 илјади евра. Градоначалникот го вратил и заемот од 13 илјади евра, и го намалил постоечкиот кредит од 55.000 евра на 36.000 евра.
Градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова, во април годинава, на свое име ги префрлува паричните средства од својата ќерка во вредност од околу 1.200 евра како и 4.800 евра од име на нејзиниот татко, со цел „идни вложувања од хартии од вредност“ како што е наведено во документот пријавен во ДКСК.
Градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски, во 2018-та година подигнува лизинг во висина од 12 илјади евра. По една промена пријавиле Аце Коцевски, градоначалникот од Велес, кој во ноември 2017-та година пријавил дадени заеми на Велес во висина од 2.600 евра, Теута Арифи, градоначалничката на Општина Тетово, која во 2018-та, пријавила девизен орочен штеден влог во висина од 15 илјади евра кој го стекнала со наследство и Јордан Насев, градоначалникот на Општина Карбинци, кој ги пријавил подмирените обврски по основ на кредит од 4.900 евра.
Градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумоски, пријавил промени во финансиите. Па така, тој има потрошувачки кредит од 10.000 евра, еден затворен депозит од 10 илјади евра и кредит од 11 илјади евра.
ПРОМЕНИ „СТЕКНАТИ НА ДРУГ НАЧИН“
Исмаил Јахоски, првиот човек на општина Пласница, во март 2018-та пријавил парични побарувања по основ на дадени заеми во висина од 270 илјади евра. Четири месеци подоцна, односно во јули истата година пријавил промена „стекната на друг начин“ во вредност од 69 илјади евра. Јахоски од 1996 до сега, пет пати бил избран за градоначалник на Пласница. До 2014 година тој беше сопственик на фирмата „Пуцко Петрол“, пред да ја преземе неговиот син Асмир Јахоски. „Пуцко Петрол“ која се занимава со промет на нафтени деривати, градежни материјали и други дејности е основана во 1993 година и важи за рекордер во добивање тендери. Само во периодот од 2017 до 2018 година фирмата добила над 400 тендери.
Како и кај останатите државни функционери, така и кај градоначалниците има промени во возните паркови. Седум градоначалници се подновиле, додека шест ги продале своите автомобили.
Купени автомобили:
Градоначалник | Автомобил | Вредност |
Горанчо Крстев | Пасат | 15.000 евра |
Александар Наумоски | Половно БМВ – Х5 | 14.471 евра |
Сашо Поцков | Тојота Јарис | 10.628 евра |
Зоран Ногачески | Волксваген Голф | 8.900 евра |
Сашо Јанкоски | Опел Инсигниа | 5.853 евра |
Стефан Богоев (имот на брачен другар) | Цитроен Ц1 | 2.500 евра |
Соња Стаменкова (имот на брачен другар) | Пежо 407 | 2.432 евра |
Продадени автомобили:
Градоначалник | Автомобил | Вредност |
Курто Дудуш | БМВ 740 Д 2003/2012 | 9.756 евра |
Петре Шилегов | ПМВ Мерцедес Бенз B170 | 5.800 eвра |
Борис Георгиевски | Фиат пунто | 1.600 евра |
Живко Гошаревски | Швролет Калос Хати | 900 евра |
Александар Наумоски | Пежо 1007 | Нема наведена вредност |
Горанчо Крстев | БМВ Х5 2007/2015 | Нема наведена вредност |
МУСА: ДА СЕ ИСПИТА ПОТЕКЛОТО НА ИМОТ
Поранешниот антикорупционер, Ариф Муса, вели дека се` останува во рацете на Државната комисија за спречување на корупција и Управата за јавни приходи.
Муса смета дека треба да се испита врз основа на кои документи, договори и други лични примања се зголемуваат приходите и имотите на градоначалниците.
„Ова е ахилова пета, може многу лесно и јасно да се види од нивните лични примања колку може да се зголемува и врз основа на што е зголемена нивната имотна состојба. Од една плата од таков вид, па биле и 120 илјади денари, во денешно време, една фамилија од четири члена не може да има зголемување на имотот“, вели за СКУП, Ариф Муса.
Тој апелира до ДКСК и УЈП редовно да ги испитуваат и разгледуваат начините на кој е зголемена имотната состојба, врз основа на кои примања и дали се тие примања оданочени.