Скромна куќа со малку мебел, Волсфаген Буба од 1987 и останат имот кој вреди само 2 илјади американски долари. Ова е анкетниот лист на претседателот на Уругвај, Хосе Мујиса, кој е познат по титулата за најсиромашен претседател во светот.
Во Македонија тешко може да се најде ваков скромен анкетен лист. Иако податоците кои се внесуваат не се комплетни, функционерите во Македонија сепак има со што да се „пофалат“.
Полни банкарски сметки, орочени депозити, земјиште, акции, станови и куќи фигурираат како сопственост и на лидерите на најголемите политички партии во Македонија: ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА.
Груевски не поседува имот на свое име, но има куп картички и депозити
Претседателот на Владата, Никола Груевски, влезе на мала врата во македонската политика, како министер за економија, ресор кој скоро и да немаше буџет и основни средства за работа во 1999 година.
Во 2003 година е избран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, а само по три години седнува на премиерската фотелја. Од 2006 год. тој е премиер на Република Македонија.
СКУП-Македонија истражуваше дали премиерот има сопственост во недвижнини на свое име на територија на цела Македонија. Од Агенцијата за Катастар на недвижности на Република Македонија, на нашето барање по слободен пристап до информации од јавен карактер ни одговорија дека „Лицето не е запишано како носител на право во Катастарот на недвижностите“.
Исто, ниту една фирма регистрирана во Централниот Регистар на РМ не се врзува со името на премиерот, што значи дека тој лично не поседува бизниси.
Јавна тајна е дека Груевски заедно со семејството живее во еден од овие станови, на улица „Павел Шатев“, но енигма е на чие име се води станот во кој, наводно, живее премиерот.
Иако истражувањето на СКУП-Македонија покажа дека во катастарските документи тој не поседува земја и недвижен имот, неговите лути противници од СДСМ на двапати со документи тврдеа дека не само неговиот братучед, директорот на УБК, Сашо Мијалков е богат човек, туку и неговата мајка Надежда. На 1 јуни 2011 година СДСМ покажуваше документи според кои мајката на Груевски е сопственик на дури 4 стана во Скопје, а веќе наредниот ден опозиционерите тврдеа дека во семејството Груевски има уште два стана. Се било купено од 2000 година, па наваму. Премиерот веднаш одговори дека мајка му ги купила становите на кредит, но СДСМ праша како може пензионирана медицинска сестра да исплаќа рата од 7.050 евра месечно за четири стана. И тука дискисијата заврши.
СДСМ бараше Јавното обвинителство и Антикорупциската комисијата да го гонат премиерот бидејќи не ја пријавил целата имотна состојба. Покрај становите, неодамна СДСМ го нападна Груевски и дека сака да купи плац на Водно вреден дури 17 милиони евра. Во т.н. Бомба 13, СДСМ тврди дека тој, наводно, „лажел за неговите парцели на Водно“. Немаше реакција од страна на премиерот, освен стандардното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ, дека „Зоран Заев одработува за странски служби“.
До Државната комисија за спречување на комисијата Груевски пријавил прилично долга листа на имот кој поседува. Во листата може да се видат над триесетина денарски и девизни депозити, штедни книшки и картички. И во 2007 година премиерот навел дека поседува 12 кредитни картички, како и депозити, штедни книшки… Со таа разлика што тогаш Груевски пријавил дека поседува 31.000 евра, 6.100 франци, 1.200 американски долари, 565 фунти и 85.000 денари или се заедно 40.179 евра. Груевски има и имот со сопругата (повторно кредитни картички) вредни 7.918 евра, како и 30 уметнички слики чија вредност тој на проценил на 9.000 евра.
Премиерот и сега има пријавено дека поседува картички и депозити, а за половина од нив „не навел податок“ во графата за потеклото на парите и имотот. Имено, податок за потеклото на парите нема наведено за околу 15.400 евра банкарски депозити, 1.6 милиони денари или околу 27 илјади евра, 1312 швајцарски франци, 204 американски долари и за 246 британски фунти.
Со основ наведен како „стекнување на друг начин“, како банкарски депозити Груевски има пријавено дека поседува 6.6 милиони денари или околу 108 илјади евра, 31.928 евра, 4984 долари, 1054 франци и 595 фунти. Вкупно, Груевски како банкарски депозити има пријавено 48.839 евра, 5.188 долари, 2.366 швајцарски франци 8.330.542 денари и 841 британски фунти. Пресметано во евра, вкупниот имот на Груевски пријавено во ДКЗК резултира на над 200.433 евра (според денешен среден курс на НБМ), што, споредено со 2007 година е за пет пати повеќе. Барем, споредено со она што тогаш пишуваа медиумите повикувајќи се на Антикорупциската комисија.
Заев „тежи“ околу 750 илјади евра
Уште пред да биде промовиран како шеф на социјал-демократите, Заев важеше за човек кому политиката му претставува луксуз поради статусот на богат струмичанец. Медиумите го поврзуваа со неколкуте фирми на негови блиски роднини, но ќе остане запаметен по изјавата во која се смести во средната класа:
„Лично јас спаѓам се уште во средната класа, но доаѓам од богато семејство, кое има 820 вработени. Капиталот е проценет на шест-седум милиони евра, во кредити се исто толку пет-шест милиони евра, апсолутно влезени да се докажеме пред општеството обидувајќи се редовно да дадеме плата и да ги платиме даноците на државата и да генерираме нови производи, нови продукции, кои значат нови инвестиции. Се што имаме е овде во Македонија. Мојот анкетен лист е реално достапен на јавноста. Мојот личен имот заедно со моите и со возилата на сопругата вреди 60-70-80 илјади евра“, изјави Заев во предновогодишното интервју на МТВ дадено лани.
Сепак, бројките во неговиот анкетен лист и тогаш и сега зборуваат нешто сосема друго. Во анкетниот лист, како заеднички имот Заев пријавил куќа во вредност од 18.450.000 ден или 300.000 евра, потоа стан во вредност од 1.854.000 ден или 30.146 евра и земјоделско земјиште во вредност од 2.460.000 ден или 40.000 евра. Освен ова, Заев пријавил дека поседува и деловен простор во вредност од 3.690.000 ден или 60.000 евра. Заеднички имот се водат и акциите од 12 милиони денари или 195.121 евра, како и 616.506 ден или 10 илјади евра, како приходи од продажба на моторно возило. Како личен имот Заев пријавил побарување по основ на даден заем во висина од 4.300.000 ден или 69.918 евра, и орочен девизен депозит од 984 илјади денари или 16.000 евра. Неговата сопруга имала приходи од продажба на моторно возило во износ од 92.250 денари , а има орочен девизен депозит од 153 илјади денари. Девизен депозит имаат и неговите деца од 1.233.000 денари.
Пресметано во евра, Заев „тежи“ околу 750 илјади евра (или точно 744.496 евра според денешен среден курс на НБМ), од кои 431 илјади се недвижен имот, околу 20 илјади евра се хартии од вредност, околу 12 илјади се по основ на „други приходи“ додека околу 40 илјади евра се банкарски депозити.
СКУП-Македонија истражуваше колку поседува Заев. Во Централниот регистар на РМ неговото име не се јавува во сопственичката структура на ниту една фирма или невладина организација. Според Агенцијата за катастар на недвижности на РМ, Заев не поседува никаков имот на негово име. „Лицето не е запишано како носител на право во Катастарот на недвижностите“, стои во одговорот кој го добивме според Законот за слободен пристап на информации од јавен карактер.
Во јули 2008 година, опозицискиот лидер Заев беше уапсен заедно со уште петмина, сите заедно обвинети за финансиски малверзации во врска со изградбата на објектот „Глобал“ во Струмица. Две недели подоцна тогашниот шеф на државава, Бранко Црвенковски потпиша Решение за помилување на Заев и неговите соработници.
Ахмети е „пократок“ за над 300 илјади евра
Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, поседува околу 140 илјади евра (или поточно 138.276 евра), од кои недвижен имот во вредност од 120 илјади, околу 12 илјади евра банкарски депозити и подвижен имот во вредност од 7 илјади евра. Ова е неговото богатство кое го има пријавено со анкетниот лист до ДКСК на Македонија. Како недвижен имот поседува земјоделско земјиште со површина од 700 метри квадратни во Албанија со вредност од 30 илјади УСД и куќа во Кичево со површина од 254 метри квадратни, која е вреднувана со 100 илјади УСД.
Ахмети има пријавено банкарски депозити во вредност од 758.482 денари, за кои е наведено дека се “стекнувани на друг начин“. Тој не пријавил дека поседува моторно возило, туку само Фолсфаген Поло од 2010, со вредност од 7 илјади евра, како имот на брачен другар.
За разлика од 2013 година, Ахмети е пократок за над 300 илјади евра. Во најновиот анкетен лист на Ахмети ја нема куќата во Скопје, со површина од 803 метри квадратни, чија вредност била 150 илјади евра, како и земјоделското земјиште во Кичево која била вреднувана со околу 153 илјади евра.
И документите кои СКУП-Македонија ги обезбеди од Агенцијата за Катастар на недвижности на РМ, велат дека Ахмети не фигурира како “носител на право на недвижностите“, а тој не се врзува ниту со правни субјекти во Централниот регистар.
Според извештај од Државниот завод за ревизија од 2006 година, братот на Ахмети, наводно, склучил договор со „ЈП Пасишта“ во износ од 120 илјади евра (средства на Министерството за земјоделство) за изградба на четири бачила, а за кои медиумите пишуваа дека станува збор за луксузни вили. За секое бачило, по основ на “модернизирање“ од касата на „ЈП Пасишта“, како што стои до извештајот на ДЗР, биле исплатени по околу 30 илјади евра.
Само Тачи е запишан во катастарот на недвижностите
Повеќе од 20-години активен во политичката сцена, лидерот на Демократската партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи, тежи повеќе од половина милион евра. Тој поседува точно 613.406 евра (според денешен среден курс на НБМ) како недвижен, подвижен имот и банкарски депозити, податоци кои се пријавени во Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Околу 75 илјади евра се пријавени како долг врз основа на кредит.
Од пријавеното до ДКСК, на негово лично име фигурираат две куќи во Тетово, од кои првата зафаќа 1.186 метри квадратни и е вреднувана со 213 илјади евра, додека втората има вкупна зафатнина од 205 метри квадратни и е вреднувана 750 илјади евра. Првата куќа е стекната по основ на наследство, додека втората по основ на купопродажен договор.
Како подвижен имот се пријавени две возила, од кои на негово име фигурира возилото од марката „БМВ“ од 1996 година, вреднувана со околу 50 илјади евра, додека возилото „Пежо“ од 2005 година вреднувано со околу 7 илјади евра е пријавено како имот на сопругата. И двете возила се пријавени дека се стекнати по основ на договор за купопродажба.
Тачи, исто така, пријавил дека има побарувања по основ на даден заем во висина од 23.300 евра. За овие средства е наведено дека се стекнати “на друг начин“.
Како банкарски депозити, Тачи, на негово лично име има пријавено околу 173 илјади евра, од кои 1.463.198 денари се на неговата трансакциска сметка, околу 99 илјади евра се девизен депозит, додека 3.134.416 денари се пријавени како средства во неговата штедна книшка. За сите овие банкарски депозити Тачи не дал податоци за нивното потекло.
Од друга страна, според документот кој СКУП-Македонија го доби од Агенцијата за катастар на недвижности на РМ, Тачи “е запишан во катастарот на недвижностите“ и тоа во осум имотни листа, сите во Тетово. Од овие недвижни имоти, шест се во катастарската општина Тетово 1, еден е во Тетово 2 и еден вон градот.
Од страна на ДУИ, Тачи е посочен како скриен сопственик на компанијата “Интерпромет“ од Тетово, на чија сопственост е голем дел од јавниот имот на Тетово. Компанијата беше приватизирана во 1999 година, кога на власт беше ДПА со ВМРО-ДПМНЕ. Во март 2014 година, ДУИ најави кривична пријава против Тачи за “криминалната приватизација на Интерпромет од страна на Тачи“, кој според ова партија “месечно инкасира над 200 илјади евра само по основ на кирија“. Обвинувањата беа изнесени пред парламентарните избори, при што од Јавното обвинителство подоцна негираа дека ДУИ ја поднела пријавата против Тачи.
Реалното богатство со непознато потекло
Поранешниот претседател на Антикорупциската комисија, Драган Малиновски, се сомнева во изнесените бројки во врска со имотната состојба на лидерите. Тој особено е зачуден од фактот што во некои случаи не се изјавува потеклото на дел од имотот кој се пријавува.
„Законски обврзани се да го дадат и тој податок. Треба да го пополни анкетниот лист според образецот. Не давањето на таков податок, значи отпочнување на управна постапка пред УЈП. Ако се лоцира имот кој не е пријавен или имот чиј основ на стекнување не е утврден, тогаш УЈП го оданочува со прогресивна даночна стапка од 70%. Ако има елементи на кривично дело тогаш ќе се вклучи и обвинителството“, вели Малиновски. “Внимавајте овде се мисли на имот на целото семејно домаќинство на функционерот, не само неговиот личен“, додава тој.
Според него, ДКСК треба да преземе мерки, т.е. да покрене прекршочна постапка, потоа управна постапка пред УЈП, а ако има докази за кривично дело – да поднесе пријава до Јавното обвинителство.
Малиновски вели дека непополнувањето на графата за потекло на имотот е бениген дел од проблемот со отсутство на транспаретност на функсионерите.
И Вања Михајлова, ескперт за анти-корупција, вели дека со непополнувањето на графата за потекло на пари или друг вид на имот се прекршува член 36 од Законот за спречување на корупцијата. Според неа, не само кај некои од клучните функционери на државата туку овој поголем со непријавување на потекло на имот е присутен кај скоро сите функсионери.
„Во скоро секој анкетен лист фали по некој податок. Антикорупциската комисија досега требало да покрене постапки за ова, кои им се наложуваат од член 36 од законот за спречување на корупцијата“, вели Михајлова.
Претседателката на Транспаренси Интернешнл Македонија, Слаѓана Тасева, вели дека лидерите на партиите треба да го пријават и имотот на нивните најблиски роднини, а не само нивниот личен. Таа смета дека пријавената имотна состојба на лидерите е прилично реална зошто истата е проверлива.
„Транспаретноста овозможува граѓаните да коментираат и да дадат мислење, или да пријават дека податоците се неточни“, додава Тасева.
Молкот на ДКСК: кого штитат антикорупционерите?
Центарот за истражувачко новинарство СКУП-Македонија помина вистинска голгота во обидот да добие основни информации од Државната комисија за спречување на корупцијата за време на претседателствувањето на Ѓорги Сламков. СКУП-Македонија во неколку наврати се обиде да добие информации за имотната состојба на политичарите, како и за актуелните постапки кои ги води Комисијата.
Еве ги прашањата кои изминативе месеци и ги упативме на Државната комисија за спречување на корупцијата:
-Колку иницијативи се поднесени за кривични и прекршочни постапки за функционери во текот на 2010, 2011, 2012, 2013 и 2014 година?
-Колкав број на јавни опомени за функционери се изречени во претходните пет години и за кои функционери станува збор?
-Во која фаза се постапките кои Државната комисија за спречување на корупцијата ги најави, а се однесуваат на Силвана Бонева и на Радмила Шеќеринска?
-Колкави биле месечните примања на членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата, поединечно во текот на 2011, 2012, 2013, 2014 година?
-Колкави се месечните примања на членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата, поединечно во 2015 година?
-Копија од имотната состојба на функционерите наведени подолу, на почеток на стапување на нивните функции:
- Али Ахмети, пратеник во Собранието на Република Македонија
- Никола Груевски, претседател на Владата на Република Македонија
- Зоран Заев, градоначалник на општина Струмица
- Мендух Тачи, пратеник во Собранието на Република Македонија
На секое наше барање ни беше одговорено на идентичен начин:
„Вашето барање не ги содржи сите потребни елементи за кои имателот на информации, согласно со одредбите од ЗОУП, а во врска со член 14 став 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, внимава по службена должност. Со оглед на наведеното, потребно е да го дополните вашето барање во смисла на член 16 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и одредбите од ЗОУП на начин што:
-во барањето поднесено од ваша страна ќе биде наведено овластеното лице кое го застапува-претставува здружението во правниот промет и истото ќе биде потпишано на барањето, како и заверка на потписот со печат на здружението;
-Ќе доставите уредно полномошно од именуваното лице во чие име го имате поднесено барањето, а кое во барањето е посочено како барател на информациите“.
СКУП-Македонија во изминатиот период го користеше правото за слободен пристап, контактирајќи повеќе од педесетина институции. Во нашето досегашно искуство единствено Државната комисија за спречување на корупција ни бараше полномошно и ни оставаше рок од три дена да го доставиме. Во врска со ова, СКУП-Македонија поднесе жалби и директно ја контактираше Комисијата за заштита на правото за слободен пристап на информации од јавен карактер. Ја прашавме Комисијата зошто Државната комисија за спречување на корупција ни бара посебни полномошна кога лицето кое од нив ги бараше информациите е овластено лице на СКУП-Македонија. Од Комисијата ни објаснија дека за нив е нелогично ваквото однесување на комисијата кога целта на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер е тој да овозможи непречен пристап до информациите од јавен карактер, а не да ги ограничи.
(„Сторијата е во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство”.)