Ден на укажувачите 2022 година

Пишува: Горан Лефков

Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија и Младинскиот образовен форум, заеднички го организираа денот на укажувачите на 12 и 13 мај годинава. Првиот ден се одржа конференција за укажувањето и предизвиците за во иднина, додека вториот ден, младите организираа мотивациски говори на укажувачите. Конференцијата ја отвори ЕУ амбасадорот во Северна Македонија Давид Гир започнувајќи со една шега на своја сметка, кога модераторот по грешка го најави како Ричард Гир, ЕУ дипломатот се насмевна и рече, „Да бев Ричард Гир, најверојатно немаше да ме видите, овде со вас“. Понатаму кога помина во сериознот дел на дискусијата потенцираше дека во неговото 25 годишно искуство видел голем напредок на укажувањето, но дека има уште многу да се стоти за да се обезбеди вистинска заштита на укажувачите. За него укажувачите се херои на секое општество. Луѓето што не трпат неправди се најправичните луѓе.

Европската Унија ја донесе директивата за укажување во 2019 година и ја препорача на државите членки да ги усогласат своите законодавства со директивата.

Министерот за правда, професорот Никола Тупанчевски кој во својот говор потенцираше дека Северна Македонија беше една од првите земји во Европа која го донесе законот за укажувачи во ноември 2015 година и дека заштитата започна во 2016 година, иако долго време по донесувањето на законот немавме донесено подзаконски акти за заштита. Сепак во државава барем има некакво законодавство за регулирање на укажувањето како општествен благодет. Тој потенцираше дека светот има големи укажувачи како Едвард Сноуден и Жулиан Асанж, кои поставија нови вредности во демократските процеси во светот.

Во Скопје, пред 6 години започна историјата на заштитеното укажување во Југоисточна Европа. Северна Македонија беше првата држава која донесе закон за заштита на укажувањето, што беше еден огромен исчекор напред, потенцираше Арјан Дурмиши, координатор на коалицијата за заштита на укажувањето во Југоисточна Европа. Како важно укажување, тој го издвои и случајот во Македонија, од 2015 година кога вработените во безбедносните структури со нивните укажувања овозможија значителни промени со оставката на Владата на Груевски, новите избори, Договорот со Грција, членството во НАТО. Според него, бројот на укажувања не секогаш е важен, туку квалитетот на укажување и промените што следат.

Укажувањето е моќна алатка на корупцијата. Борбата против корупцијата ќе добие многу силно оружје преку добри практики кои ќе овозможат заштита на укажувачите. Корупцијата е предизвикот кои пред себе го имаат сите Балкански земји потенцираше Десислава Готскова, директор на Секретаријатот на Регионалната антикорупциска иницијатива, со седиште во Сараево, Босна и Херцеговина. Таа додаде дека тие промовираат алатки за борба против корупцијата во сите земји на Балканот. Една од тие алатки е и укажувањето како моќен инструмент во рацете на органите на прогонот. Моќно укажување ќе ги храни институциите на прогонот со квалитетни информации и доази со што ќе се заштеди многу во системот за борба против корупцијата. За возврат како општество треба само да ги заштитиме укажувачите.

Државната комисија за спречување на корупцијата е најуспешна институција за укажувањето, иако целокупната состојба со заштитата на укажувачите не е на нивото кое треба да биде. Минатата година во ДКСК пријавиле 21 лице, што иако е најмногу од сите други институции за надворешно пријавување, сепак е премалку за земја како Северна Македонија, каде корупцијата е сериозен проблем. Претседателката на Антикорупциската комисија, Биљана Ивановска потенцираше дека мора во иднина повеќе да се работи на измени и усогласување на домашното законодавство со директивата за укажувањето на ЕУ од 2019 година, а посебно треба да работиме во имплементација на истото.

Во следните неколку блога, ќе објавиме кратки резимеа и главни поенти од говорите и учесниците на конференцијата.

Оставете коментар

коментар(и)