Драстично намалена трската во Охридското езеро

Пишува: Горан Лефков

Трската е растението што го одржува живиот свет на Охридското езеро. Без нејзе тоа ќе биде обична акумулација. За жал односот кон трската е уништувачки. Постојано се намалуваат површините под трска, се сече, се фрла градежен шут, ѓубре и што ли уште не.

Проф. Здравко Крстаноски, поранешен директор на Хидробиолошки Завод Охрид, смета дека состојбата е повеќе од лоша.

„Состојбата со трската е катастрофална. Во Струшкиот дел ја уништуваат трската и понатаму. Искасапени се цели области каде што има трска. Тоа е жално за гледање. Има закон за заштита на трската, ама не се почитува. За заштита на трската треба да има инспектор за земјоделство и тој колку работеше не знам. Треба да се заштити трската од тампонирање истотака. Тоа е обврска на градежните инспектори“, вели Крстаноски.

Тој додава дека луѓето не го сфаќаат езерото дека е безценето и како биотоп, како вода и како бисер на природата. Ова е средина на живеење со целиот ендемичен жив свет во себе.

Не се знае точната површина на трската

Користејќи го законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, побаравме податоци за состојбата со трската во езерото од Хидробиолошкиот завод во Охрид. Од одговорот што го добивме, немаме целосна претстава за површината под трска во езерото.

Последното целосно мерење на површината на трската е направено во 2010 година. Тогаш под трска имало 77 хектари.

Минатата година од Хидробиолошки завод, преку проект финансиран од Европската Унија, извршил мерење само на Охридскиот дел од езерото, од Подмоље до Свети Наум.

Но ова не дава цела слика за состојбите со трската. Таму е измерена површина од 24,6 хектари.

Што е најтрагично, најголем дел од трската е во северо-западниот дел на езерото, вели Берат Села, НВО Натура Струга.

„Сечењето на трската е покрај езерото за туристички цели, каде што се размножуваат рибите поготово крапот тука на тој предел. Наша среќа е на Стружани да речам дека е некаде 75% од целата трска во Охридското езеро се наоѓа во Струга. Меѓутоа оние што се одговорни за таа сеча кои треба да ја контролираат да не се сечи таа трска изгледа не ја познаваат добро оваа проблематика односно важноста на трската во езерото“, вели Села.

Зошто е важна трската

Меѓутоа кај нас крапот се уништува бидејќи му се уништуваат неговите плодишта, односно се исуши студенчишкото блато, се сечат трските, и многу мала абутанција, мала биомаса има веќе од крапот. Тоа некаде кај Свети Наум има, меѓутоа ако се продолжи вака трендот да се уништуваат плодиштата односно трската како мрестно станиште за размножување на крапот ќе го чека судбината на Охридската пастрмка. А истото ја чека и белвицата, Охридската белвица која е ендемична само овој вид го има кај нас од цел свет, вели Крстаноски.

„Таа е и филтратор на езерската вода. Односно бидејќи таа секоја година се обновува и остарените стабла преку брановите се исфрлаат на брегот и тие треба што поскоро да се остранат од крајбрежието за да не се вратат назад бидејќи истите содржат комплекс на штетни материи“, додава Крстаноски.

Една од важните работи на трската е што таа точно се движи онаму кадешто ќе е најзагадено. Меѓутоа на жалост заради создавање на плажи се сече. Значи во Струшкиот дел уништено, во Охридскиот дел уништено. Тоа е голема катастрофа. Тоа е голем проблем.

Вака на прв поглед ако гледате вие нејќе можите најточно да ги согледате промените на овој акватичен екосистем, меѓутоа тие перманентно се под притисок на човекот, на антопогениот фактор и постепено капка по капка доаѓа до деградација на самиот акватичен екосистем, смета активистот Димитри Голабоски од Струга.

Крапот ќе го земеме за пример таа е риба која се размножува на тој предел. Икарата која ја пушта таа се лепи за трската за периодот дури да излезе новата риба таа мора да биде залепена за трската. и после тоа нормално се развива, од една страна втората работа е што рибниот подмладок тука се заштитува од поголемите, другите риби кои ги јадат, вели Крстаноски.

Активистите за заштита на Охридското езеро се гневни. Оваа генерација на жители енормно го уништува езерото.

Сведоци сме на ненормално сечење за икс цели поготово за туристички цели, градење на објекти туристички објекти во тој предел и тн. Има сечење на трската, тоа не може никој да го крие, вели Берат Села од НВО Натура Струга. 

Мене не ми е важно со колку е проценти таа намалена, бидејќи и 1% да се намали штетата е веќе направена и 50% да е намалена тоа пак е штета. Тоа е исто како со крадењето, 1% ако крадиш значи тоа е крадење и милион евра да украдеш и едно евро да украдеш, тоа е крадење, и ова е иста работа. Ако сечеме ние и 1% и 2% и 3% на таа трска пак штета правиме. Не е битно колкав процент е направена, ама штета е направена ние од овде да тргнуваме за да се заштити таа за да не се сече во иднина. Ние сме должни да им го оставиме на идните поколенија, се жали Села.

Охридското езеро е најстаро езеро во Европа и едно од трите најстари езера во светот. Тоа крие историјат на жив свет стар над 4 милиони години. Околу 40.000 генерации на луѓе го гледале, вчуѕвале и негувале езерото за оваа генерација да го уништува безмилосно.

Овој напис е развиен со поддршка на грантовите за професионален развој на Journalismfund.eu за еколошко новинарство.

Оставете коментар

коментар(и)