Охридската пастрмка десеткувана: Дали државата кревала раце од езерото?

Пишува: Горан Лефков

Околу 4 милиони години се создавала и опстојувала како вид, но денес охридската пастрмка е пред истребување. Ловокрадство, прелов на риба, неводење грижа за езерото се само дел од причините. Ако до пред десетина години состојбата со популацијата на Охридската пастрмка беше лоша, денес е катастрофална. Пастрмка скоро да нема ниту за лек.

Заради административни причини, односно заради неуспешни тендери, веќе 5 години ниту Хидробиолошкиот завод од Охрид не може да изврши изловување и вештачко мрестење на Охридската пастрмка во езерото, за научни цели.

Здравко Крстаноски, професор во пензија и поранешен директор на Јавната научна установа „Хидробиолошки завод“- Охрид, вели дека состојбата е навистина лоша.

„Драстично е намалена популацијата на Охридската пастрмка. Не знам дали воопшто може да се соберат и 1 милион икри. Ако некогаш собиравме просечно 12 милиони икри, сега не можеме ниту 1,5 милиони зрна икра да собереме“, вели Крстаноски.

Од 2019 не се спроведува вештачки мрест

Побаравме податоци по слободен пристап до информациите од јавен карактер за тоа колку икра од Охридска пастрмка имаат изловено по години од 1986 година досега.

Добивме податоци дека најмногу икри е извадено во 1991 година, 20,4 милиони икри, додека последните 5 години не е извадено ниту едно зрно.

Изловувањето најдобро го чувствуваат рибарите. Никола Писарев е рибар и активист за подобри услови за рибарење во Македонија. Тој е на езерото откако знае за себе.

„Во однос на раните 90-ти години, рибата е десеткувана. Кога одев по риба во раните 90-ти години дневно фаќав по две пастрмки, ги фаќав со трска. Во 1995 можеше да се фатат по 1-2 пастрмки, до 1999 година фаќав по една во ден, после тоа за еден викенд ќе фатев по една пастрмка, за да во 2006 година, во текот на целото лето ќе уловив 2 пастрмки“, вели Писарев.

Тој додава дека со тројца постојано вработени и неколку волонтери може да се зачува Охридското езеро. „Може да се постават камери, радар, термални камери и се да се забележи. Ситното рибокрадството не е опасно за рибниот фонд, проблем се концесиите“, смета Писарев.

Изловот – криминал тежок околу 10 милиони евра

Дали државата целосно се има откажано од Охридското езеро? Веќе неколку години нема концесионер за стопанисување со езерото. Во Охридско може да лови кој како сака. Се е оставено само на себе.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство не знае колку риба е извадено од езерото. Ова е информација која ја добивме по закон за слободен пристап до информациите од јавен карактер.

Од Хидробиолошкиот завод не упатија дека податоци за изловената риба може да се најдат кај компаниите концесионери на езерото.

Писарев се сеќава кога грижата за природата била во поинакво ниво, па затоа и се уживало во вкусот на оваа езерска риба. „Во златните години уловот на Охридска пастрмка оди и до 300.000 килограми пастрмка. Во 1969 година од Охридското езеро се извадени 150.000 килограми риба, од 1969 до 1977 година се ловат од 100.000 до 200.000 килограми. Од 1980 до 1990 година се ловат од 200.000 до 300.000 килограми, риба. Рекордна е сезоната 1989/ 1990 кога се лови нешто над 300.000 килограми пастрмка. За да 1999 година уловот да падне под 100.000 килограми“, вели Писарев.

Концесионерството не се покажа како добар модел

Издавањето на езерото под концесија се покажа како погубно за Охридското езеро. Охридската пастрмка и другите видови ги доведе до истребување. Во изминативе неколку години езерото немаше концесионер. Во март годинава некои медиуми објавија дека е избрана компанијата Еко свет 21 од Струга за концесионер. Се обидовме да стапиме во контакт со оваа компанија но на интернет не најдовме контакт. Од разговори со граѓани од Струга ни рекоа дека тоа е компанија за обезбедување од градот, но повеќе податоци не можевме да обезбедиме за нејзе.

Но дали воопшто треба да се оди со концесионерство на езерото. За Писарев ова е неодржлив модел.

„Решението е многу просто. Не смее да се даваат водите под концесија за стопански риболов. Тој систем треба комплетно да се напушти. Во Швајцарија, Австрија, Скандинавија и САД се регистрирани рибари. И се знае во тие води ќе има одреден број на рибари, ќе имаат одреден број на мрежи и толку. Секоја мрежа ќе има бар код и во секое време инспекторот ќе знае чија е мрежата, колку е долга, какви параформации има и се“, вели Писарев.

Тој додава дека концесиите мора да се укинат под итно. Спортскиот риболов мора да се врати кај риболовните друштва и тие да имаат потполна контрола.

Во светот е познат моделот на заштита на рибата со маркици. Секоја риба дури на бродот кога ќе се фати и се става маркица на опашката. На пример не можеш да земеш пастрмка помала од 800 грама, а не можеш поголема од 2 кила. На секоја риба ќе има маркица, таа маркица се трга во ресторан од крајниот купувач. Така државата ќе има контрола врз уловот на риба. На фискалната сметка ќе стои и бројот на маркицата.

Изловот на мали риби ја уништи популацијата

Концесионерството и малата контрола на изловот на рибите, води до уништување на Охридското езеро. Врз рибната популација практично се врши масакар. Никој не води ред каква риба се лови во езерото.

„Околу 80% од уловот во Охридското езеро е на полово незрели риби, значи риби што ниту еднаш не добиле шанса да се мрестат и не се мрестеле. Тоа ако се спореди со човечка популација се деца под 10 години. Пастрмката ја има половата зрелост на 800 грама и тоа како возраст е над 5-7 година и достигнува тежина од 1 килограм. Тоа што сега имаме во Охридското езеро е масакар. Ги ловат на 300 грама на трета година, риба што ниту ќе се мрести, ниту се измрестила“, вели Писарев.

Проблем е што ние веќе немаме центар за репродукција на Охридска пастрмка. Малото езерце во Шум се користеше за мрестење, сега и таму е направено излов на рибите.

„Причина за ваквата состојба е преловот што беше направен во изминатиов период и слабото чување на езерото. Не можеме со вештачкиот мрест да внесеме повеќе риба од тоа што е изловено, што е украдено од езерото. Тој прелов за жал доведе до голема деструкција на популацијата на Охридската пастрмка. Треба најмалку 5 години да поминат за да се ублажи состојбата. Ова сега што го имаме е катастрофа“, вели Крстаноски.

Тој додава дека во минатото легалните концесионери ловеа со нелегален алат. Самиот концесионер, наместо да употребува мрежа со окце од 26 милиметри, тој употребуваше слепи мрежи со 15-20 милиметри за да ги фатат и помалите риби. Тие го ловеа и подмладокот. Најдобро е да се ловат постари риби кои веќе извршиле 2-3 мреста. 

Според Писарев, големината на окце значи колкав е обемот на мрежата. Значи ако е 25, значи квадратот е 25 на 25 милиметри и тој пречник ги испушта помалите примероци на риби додека поголемите не може да излезат од нејзе. Додека 15 е помала големина и тоа опфаќа многу помали и поситни риби. Ако е 25, риба од 200 грама ќе излезе преку таа рамка, ако е 15, не може.

Пастрмката повеќе ја има кај нас, бидејќи тука е подлабоко езерото во нашиот дел. Таа сака подлабоки води, додека во Албанскиот дел е поплитко езерото. Охридската пастрмка, најголем дел се движи на длабочина од 30 до 50 метри, каде што е фитопланктонот, а се мрести на крајбрежјето на Источната и западната страна на езерото во плитките води до 40 сантиметри длабочина.

Овој напис е развиен со поддршка на грантовите за професионален развој на Journalismfund.eu за еколошко новинарство.

Оставете коментар

коментар(и)