Во 2023 година запленет е имот во вредност од 2 милиони евра. Во 2022 година сумата на запленет имот достигнува вкупна вредност од дури 22 милиони евра, во 2021 скоро милион евра, во 2020 година 2 милиони евра, во 2019 година 8 милиони евра, во 2018 нешто повеќе од милион ипол евра, во 2017 над пола милион евра и во 2016 година 6 милиони евра.
Автори: Кристијан Трајчов и Горан Лефков
Еден од индикаторите на земјата за борбата против корупција е одземениот имот. На сторителите на кривични дела треба да им биде одземен имотот и истиот да биде вратен кај државата. Иако сторителите би издржувале казна затвор, правдата ќе биде целосно задоволена само ако тој имот биде одземен.
Во однос на тоа колку имот кој е стекнат со кривични дела се запленува, бројките од Агенцијата за управување со одземен имот во периодот од 2016 до 2023 година одат од крајност во крајност во однос на вредноста на конфискуваниот за секоја година посебно.
Тие исто така напоменаа дека за целиот овој наведен период, поточно за секоја година посебно, за поголемиот дел од одземената стока нема направено проценка и не може да се искаже во парични средства.
Во 2023 година запленет е имот во вредност од 2 милиони евра. Во 2022 година сумата на запленет имот достигнува вкупна вредност од дури 22 милиони евра, во 2021 скоро милион евра, во 2020 година 2 милиони евра, во 2019 година 8 милиони евра, во 2018 нешто повеќе од милион ипол евра, во 2017 над пола милион евра и во 2016 година 6 милиони евра.
Одговорна институција за одземањето на имот стекнат со кривични дела е Агенцијата за управување со одземен имот која е формирана во јануари 2009 година со влегување во сила на Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземените предмети во кривична и прекршочна постапка.
Таа независна агенција е директно одговорна пред Владата. Агенцијата е надлежна да управува со одземените имоти, имотната корист од кривични дела и одземените предмети, а со согласност од судот и надлежни органи таа управува со привремено замрзнат и запленет имот, конфискуван имот и имотна корист од кривични дела и одземени предмети, со цел да се зачува нивната вредност.
Агенцијата ги води сите постапки кои се однесуваат на управувањето со имот, вклучувајќи складирање, правење проценка на состојбата и вредноста, евидентирање на сите имоти со кои управува и продажба на имотот. Таа исто така е одговорна за правење на статистички, финансиски и други извештаи за управуваниот имот.
Домашното законодавство во Северна Македонија предвидува конфискација или одземање во кривична постапка што не е заснована/о врз кривична осуда, во однос на физички лица и правни лица кои сториле кривични дела, доколку осомничен е починат, избегал или на друг начин е недостапен (чл. 540 од ЗКП).
За корупцијата е потребна ангажираност, а при одземањето имот подлабинско истражување
Професорката по кривично право и криминологија Елена Максимова од Правниот факултет при Универзитетот Гоце Делчев во Штип вели дека мерката за конфискација на имот и имотна корист е нужна, но не изолиранa во борбата против корупцијата.
„За жал живееме во општество во кое корупцијата преовладува и ги подрива сите негови аспекти, односно образование, здравство, правосудство. Со цел постигнување било какво намалување на корупцијата каде за нејзино искоренување е премногу рано и нереално да се зборува, би била потребна мултисекторска и мултидисциплинарна ангажираност“, појаснува таа.
Максимова додаде дека во ситуации на нејасни и променливи законски решенија не би можеле да очекуваме огромна и цврста успешност во пракса.
„Тоа е утопија. Потребно е претходно стабилизирање на националната законска уреденост на подолг рок, одржување на адекватни обуки за сите чинители кои имаат надлежности во процесот на конфискација на нелегална имотна корист во рамките на кривичните постапки, модели на координација на истите и соработка, зголемување на квалитет при прибирањето на податоци од институциите, во целост зајакнување на капацитетите на органите кои се директно инволвирани во реализација на процесот. Она кое е нужно за успешна примена на мерката е постоење на правна стабилност“, децидна е Максимова.
Поранешниот член на Државната комисија за спречување корупција Нури Бајрами пак вели дека треба да се истражуваат и блиските пријатели и роднини на оние кои сториле кривични дела и кои стекнале имот на тој начин за да се открие дали блиските околу него имаат негов имот кој е стекнат на нелегален начин и на тој начин да се најде некаква поврзаност.
„Без Закон за потекло на имот на сите граѓани тоа не може да се прави за сите граѓани, туку само за функционери, надвор од кривично дело. Ако има кривично дело, за секого важи тоа. Затоа беше потребен тој Закон за потекло на имот на сите граѓани да може Комисијата да ги провери тие лица. Тука всушност се кочи целата работа и тука настанува целиот проблем бидејќи нема истражување понатаму“, вели Бајрами.
За проблемите пак кои институциите ги имаат при обидот за запленување на имот, поранешниот директор на Агенцијата за управување со одземен имот Фатон Асани вели дека потешкотии постојат во моментот кога запленетиот имот е под товар, а оној имот кој е под товар нема никакво решение, односно истиот не може да оди на лицитација за да биде продаден па да може државата да ги врати во своја сопственост.
„За да имаш чист случај треба да имаш и чиста судска пресуда каде кај нас тоа не се случуваше. Постои движен и недвижен имот. Движниот имот се препишува од име на сопственикот кој е осуден и кој му е одземен имотот со судска пресуда се става на име на Агенцијата така што одземањето имот и не е толку тешко, меѓутоа тешко е кога во раце имаш хартија а немаш ништо физички. Агенцијата не е ни истражен орган кој треба да истражува за некаков движен имот. Додека бев јас директор за прв пат се воспостави продажно одделение кое не постоеше“, рече Асани.
Обвинителството и судството – клучни за ефикасно запленување на имотот
Во Проценката на националниот систем на интегритет на Република Северна Македонија објавен од страна на Transparency International – Macedonia во декември претходната година е објаснета улогата на обвинителството која е една од клучните институции во борбата со корупција генерално, па игра и важна улога во запленувањето на имотот стекнат со кривични дела.
„ОЈО е дефинирано како единствена и независна државна институција која ги гони сторителите на кривични дела и други казниви дела санкционирани со закон и врши други работи утврдени со закон. Таа е организирана во согласност со принципите на хиерархија и подреденост, а е воспоставена и може да се укине со закон. ОЈО може да постапува пред Врховниот суд. Раководител на канцеларијата е Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, стои во публикацијата.
Таму се потенцира дека во пракса, обвинителите често се отстрануваат од нивните позиции пред да им заврши мандатот и дека довербата граѓаните во јавното обвинителство е исклучително ниска, односно само 3 проценти од граѓаните имаат „голема доверба“ во оваа институција.
„Постигнувањата на обвинителството во случаите на корупција се ограничени, а пресудите во случаи на корупција од висок профил се ретки. Специјалното обвинителство (СЈО), формирано во 2015 година за да ги истражува случаите на корупција, не го зачува својот интегритет и беше распуштено во 2020 година. Враќањето на предметите во јавното обвинителство не резултираше со значителен напредок. Случаите за корупција често се соочуваат со застареност поради долгите правни процеси. Истрагите и обвиненијата поврзани со корупција се во тек, но запленети се неколку имоти со висока вредност“, се наведува таму.
Што се однесува пак до судството, тука е споменат податокот дека само 4 проценти од граѓаните имаат доверба во оваа институција.
„Посветеноста на судството за борба против корупцијата може да се доведе во прашање поради малиот број на успешно завршени предмети. Извештаите укажуваат на системски проблеми во судството и обвинителството, каде што има влијание од владејачките партии и недостатокот на соодветна одговорност и механизми за интегритет. И покрај тоа што Уставот и законите на Северна Македонија нагласуваат високо ниво на независност на судството, истражувањата укажуваат на скептицизмот на судиите во однос на транспарентните процеси за унапредување, а тензиите во Судскиот совет доведоа до нелегитимни отпуштања“, стои во публикацијата.
Професорката Елена Максимова додава дека успехот на постапката за конфискација на имотот стекнат со кривични дела во Македонија варира и зависи од неколку фактори.
„Успехот зависи од ефективноста во спроведувањето на законите, силата на законските рамки, судскиот капацитет и политичката волја за борба против корупцијата. Во последниве години, Македонија презеде чекори за зајакнување на своите правни и институционални рамки за борба против корупцијата, вклучително и зајакнување на механизмите за враќање на имотот. Една од позначајните први измени беше и изменетиот модел на кривичната постапка – Законот за кривичната постапка од 2010 година, кој стапи во сила во 2013 година со кој главниот товар врз прибирањето на доказите и докажување на кривичните дела, а со тоа и на незаконски стекнатата имотна корист се премести од судот врз јавните обвинители“, вели Максимова.
Во однос на комуникацијата на судството со другите институции се со цел поефикасна борба против корупцијата, тука е наведено дека истата е најчесто на ниво на политика.
И во публикацијата насловена „Борба против корупцијата во Западниот Балкан: зајакнување на регионалната соработка на полето на одземање на незаконски стекнат имот“ направена од Совети за индивидуални права во Европа (AIRE) и Регионална антикорупциска иницијатива (РАИ) објавена во 2021 година е објаснета улогата на обвинителството и законодавството кои имаат клучна улога во запленувањето имот стекнат со кривични дела.
„Законот за кривична постапка во член 530 дава правна основа за пронаоѓање и идентификување на имотот и имотната корист стекнати со извршување на кривично дело. Јавниот обвинител е должен да собира докази во текот на постапката и да ги извиди околностите што се од важност за утврдување на имотот и имотната корист и да предлага мерки наведени во член 202 од ЗКП. Во врска со утврдување на висината на износот на имотот и имотната корист прибавени со кривичното дело, јавниот обвинител може да побара потребни известувања од други државни органи, финансиски институции или правни лица и граѓани, кои се должни без одлагање да ги достават информациите. Доколку постои основано сомневање дека имотот е во странство, судот е должен да распише меѓународна потерница или објава“, се наведува таму.
Јавното обвинителство е севкупно надлежно за финансиска истрага. Во вршењето на работите кои спаѓаат во надлежност на ЈО, јавниот обвинител соработува со широк спектар на агенции и органи, вклучувајќи ја Финансиската полиција, Министерството за внатрешни работи, Управата за јавни приходи, Царинската управа, Државната комисија за спречување на корупцијата, Државниот завод за ревизија, Државниот девизен инспекторат, Државниот пазарен инспекторат и други инспекциски органи и тела, други државни органи и правни лица кои според закон имаат задачи да спречуваат и откриваат кривични дела.
„Јавниот обвинител исто така може да соработува и да разменува информации со обвинители, странска полиција и државни тела од други земји и организации кои работат во областа на финансискиот криминал, врз основа на билатерални договори и ратификувани меѓународни договори во врска со прашања кои спаѓаат во обвинителска надлежност. Сепак, јавниот обвинител само врз основа на судска наредба може да врши пребарување во сите бази на податоци, банкарски сметки, евиденции и прегледи на Управата за јавни приходи, Катастарот, регистрите на хартии од вредност, моторни возила и други бази на податоци. Ова не е ефикасна постапка и таа треба да се подобри со законска и процедурална измена“, стои во публикацијата.
Во однос на законодавството, во оваа публикација е наведено дека истото дозволува банкарските сметки да се следат под одредени услови утврдени во ЗКП.
За време на предистражната или истражната фаза, по барање од јавниот обвинител во врска со незаконски стекнат имот, судијата на претходна постапка може да донесе решение за следење на трансакциите на банкарска сметка, а такво решение по поднесување на обвинителен акт се донесува од првостепениот суд.
„Судијата на претходна постапка мора да одлучи во рок од 12 часа од приемот на барањето. Ако судијата не го прифати барањето на јавниот обвинител, тој или таа ќе побара советот на судии без никакво одлагање да донесе одлука за барањето. Потоа, советот на судии донесува одлука во рок од 24 часа од приемот на барањето од јавниот обвинител. По барање од јавниот обвинител, судијата на претходна постапка може да ѝ нареди на банка или друга финансиска институција да ги следи финансиските трансакции на тоа лице и редовно и навремено да го известува јавниот обвинител во одредени временски интервали кои се наведени во решението. Врз основа на образложено барање од јавниот обвинител, судот исто така може да ѝ нареди на финансиска институција или друго правно лице да запре извршување на одредени финансиски трансакции или времено да заплени одреден имот“, стои во публикацијата.
Претходните извештаи на AIRE и РАИ заклучија дека капацитетот на полициските служби и јавното обвинителство за спроведување финансиски истраги е низок. Дури и ако се земе предвид Законот за финансиската полиција, студијата на AIRE и РАИ истакна бројни недостатоци во ефективните инструменти за пронаоѓање и идентификување на незаконски стекнат имот, нецелосни имотни евиденции, отсуство на специјализирани одделенија надлежни за пронаоѓање на имот и недостаток на меѓуинституционална координација.
Во 2016 имало шест правосилни пресуди, во 2017 добиени биле 16, во 2018 имало 42, во 2019 година 112 правосилни пресуди, во 2020 година 20, во 2021 година 90, во 2022 година 131, а најмногу правосилни пресуди во наведениот период имало лани и тоа 132 правосилни пресуди.
Фатон Асани додаде дека Владата треба да даде поголема поддршка за оваа Агенција за истата да го извади својот максимум.
„Не можете да очекувате оваа институција да биде третирана како било која, а од истата таа институција да очекувате влез на парични средства во Буџетот. Агенцијата мора да има поддршка од Владата за сериозно да може да придонесе при одземањето на имотот и враќањето на оние средства кои припаѓаат на државата. Поентата не е одземените средства да бидат само вратени во Буџетот. Јас имав идеја сите тие парични средства од продажбите што се случуваат на возила да одат на посебна сметка каде со тие средства би се купувале амбулантни возила каде на тој начин народот директно ќе го види бенефитот од одземањето на имот стекнат со кривични дела. Институција која нема континуитет нема да има успех во работата“, дециден е Асани.
Во извештајот на Европската Комисија за земјава за 2023 година, наведено е дека Северна Македонија треба да ја подобри својата евиденција на истраги, кривично гонење и изрекување пресуди во случаите на организиран криминал и случаите на перење пари со фокус на конфискација на приносите од криминал, да го донесе и да го спроведе неопходното законодавство за Служба за одземање имот и да ги зајакне човечките и финансиските капацитети на агенциите за спроведување на законот што ги истражуваат организираниот и сериозниот криминал, финансискиот криминал и перењето пари.
Во однос на тоа кога запленетиот имот е под товар, Бајрами рече дека тоа мора да се решава преку извршители.
„Во однос на тоа што Државната комисија за спречување корупција може да направи во ваквиот случај е да истражува имот на службени лица, односно избраните и именуваните лица во јавниот сектор, нормално ако има сознанија. Првично се тие лица, но, за да го истражуваат целосниот имот, треба да ги проверат и лицата блиски до нив, каде не се секогаш се пријавува имотот на тие лица. Во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси нема таков правен основ бидејќи тие не се службени лица. Ако евентуално се случи некој податок да не се совпаѓа со она што го пријавил функционерот, ДКСК бара дополнителни информации и ако се открие нешто, се покренува иницијатива“, објаснува тој.
Користењето на мерката е на ниско ниво
Преку конфискацијата на имотот стекнат со кривични дела се покажува дека се преземаат мерки за запленување на незаконски стекнати средства, што може да помогне да се намали корупцијата и да се зајакне довербата во правниот систем.
До 2017 година, само на еден политичар му е одземен имотот, тоа е Љубе Бошковски, поранешен лидер на партијата Обединети за Македонија кој одлежа казна затвор за незаконско финансирање на предизборната кампања.
Освен на Бошковски, имот му беше одземен и на Слободан Богоевски, поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразунавање за кривичните дела перење пари, злоупотреба на службена положба и овластување и даночно затајување.
Според податоците од Државниот за статистика, во периодот од 2017 до 2022 година изречени се 308 конфискации на имот, како и 3749 одземени предмети.
Професорката Максимова потенцираше дека на ефикасноста на мерките кои се превземаат може да влијаат предизвици како што се ограничувањата на ресурсите, процедуралните одложувања и потенцијалното мешање или корупција во правосудниот систем.
„Податоци за првпат изречена мерка кај нас за конфискација на имот имаме од 2008 година, четири години по нејзиното воведување каде до 2004 година постоеше одредба за пленување на имотна корист прибавена со кривично дело, а со оглед и на статистиката, гледаме дека практичната примена на мерката е реално релативно ниска, а посебно кога имаме случаи на висока корупција“, објаснува таа.
За тоа кои други индикатори се потребни за ефикасна борба против корупцијата, таа рече дека оваа борба бара повеќестран пристап, вклучувајќи силни правни рамки, транспарентни структури на владеење, независни судски системи, заштита на укажувачите, кампањи за подигање на јавната свест и посветеност и од владата и од граѓаните да го поддржуваат интегритетот и одговорноста.
„Потребна е меѓународна соработка. Корупцијата често ги надминува границите, така што меѓународната соработка преку договори и споделување на најдобрите практики може да ги зајакне антикорупциските напори. Исто така, ангажман на граѓанското општество во насока на овластување на граѓанските организации, медиумите и групите за набљудување на граѓаните да ги следат владините активности, да се залагаат за транспарентност и да бараат одговорност од функционерите е од витално значење. Неминовно е потребно соодветни и up-to-date технолошки решенија и дигитални платформи. Не помалку важна е едукацијата на јавноста за негативните ефекти од корупцијата, нивните права и како да се пријави корупцијата може да ги поттикне граѓаните да станат активни учесници во напорите за борба против корупцијата“, потенцираше таа.
Последните законски измени беа направени во март годинава во Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка и Законот за канцеларија за поврат на имот каде се потребни да поминат 6 месеци за измените да влезат во сила.
Во 2009 година воведена е проширената конфискација, со цел адекватно имплементирање на меѓународните препораки и инструменти за ефикасна борба со организираниот криминал и корупцијата.
Земјите од Западен Балкан со слични проблеми околу одземањето имот
Во публикацијата спомената во овој текст е објаснета и состојбата за другите земји од Западен Балкан во однос на одземањето имот стекнат со кривични дела, но и за работата на Агенцијата за управување со одземен имот во секоја од тие земји.
„Меѓународните стандарди препорачуваат дека, за да можат државите ефикасно да ги таргетираат и намалат криминалните активности преку употреба на мерки од сферата на одземање на незаконски стекнат имот, одземањето на незаконски стекнатиот имот треба да биде во посебен фокус на работата на министрите, креаторите на политиките, законодавците и практичарите од сите органи и агенции. Оваа состојба може целосно да се оствари само ако одземањето на незаконски стекнат имот е цел на политиката. Да се обезбеди дека одземањето на незаконски стекнат имот е цел на политиката ќе налага, исто така, цврста политичка волја“, стои во неа.
Наведено е дека не постојат посебни комитети или комисии за одземање на незаконски стекнат имот во ниту една од шесте земји.
„Одземањето на незаконски стекнат имот е составен дел на кривичната правда и потребно е да се изменат секојдневните процеси на агенциите за да се врши ефективно одземање на незаконски стекнат имот. Ова вклучува нужност за опипливи промени кои можат да бидат спроведени само од практичари. Акционен план без комитет за негово спроведување е фундаментална слабост во процесот на спроведување на ефективно одземање на незаконски стекнат имот. Дополнително на тоа, постоечките стратегии за борба против организиран криминал, против спречување на перење пари и против корупција не се однесуваат конкретно на одземање на незаконски стекнат имот, туку содржат само мал број цели за конфискација на имотна корист од соодветните кривични дела“, се појаснува во публикацијата.
Други важни аспекти кои се споменати овде се мерењето на ефективноста и прибирање на статистики.
Мерењето на ефективноста на кој било систем за одземање на незаконски стекнат имот се потпира врз голем број фактори, вклучувајќи и статистика за одземање на незаконски стекнат имот, но исто така и за нивото и видот на криминалот во јурисдикциите и заканата што тој ја предизвикува.
Исто така, имањето пристап до сеопфатна статистика која се подготвува и/или чува на една централна локација е од суштинско значење за процесот.
Покрај прибирање на збирна статистика за бројот на запленувања и конфискации и за нивната вредност, стандардите на ЕУ сега исто така налагаат јурисдикциите да го следат бројот на меѓународни влезни и излезни барања со цел да се набљудува и измери ефективноста на меѓународното одземање на незаконски стекнат имот.
„Кога се прибираат статистички податоци за запленетите и конфискуваните имоти и за нивната вредност, ретко се спомнуваат интеракциите со други јурисдикции. Меѓународната соработка во процесот на одземање на незаконски стекнат имот е витален дел на секој успех. Стандардите на ЕУ сега налагаат прибирање на статистички податоци за влезни и излезни меѓународни барања за извршување на наредби за привремено одземање и конфискација и тоа е стандардот кон кој регионот треба да се стреми“, стои во неа.
Се проценува дека во Европа висината на користа прибавена со кривични дела се движи од неколку стотина милијарди евра до речиси илјада милијарди евра, од кои успешно се одзема само мал дел.
Република Северна Македонија е меѓу првите Балкански земји која ги имплементираше мерките за конфискација на приходи стекнати од криминал и ја воспостави законската основа за конфискација на приходи при што главниот предизвик е нејзината практична имплементација.
Конфискацијата на приходи стекнати од криминал се повеќе е признаена како ефикасен начин за борба против организираниот криминал.
Оваа истражувачка сторија е подготвена во рамките на проектот: „ЕУ4 Владеење на правото: Граѓански ангажман за јавен интегритет (ЦЕПИ) во Западен Балкан и Турција“, имплементиран од Транспаренси Интернешнл- Македонија, а финансиран од страна на Европската Унија и Владата на Швајцарија. За содржината на овој документ одговара авторот и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија и Владата на Швајцарија.