ПРАТЕНИЦИТЕ СО АКЦИИ ВО РАЗЛИЧНИ ФИРМИ

  • На листата на акционери во различни фирми се јавуваат вкупно 21 пратеник
  • Ферид Мухиќ за уделите наведени во својата имотна листа изјави: „Уделите беа во Комерцијална Банка, меѓутоа, истите јас повеќе не ги поседувам“
  • Пратениците од владејачката СДСМ, Горан Милевски и Далибор Богдановски во своите имотни листи ги пријавиле акциите и уделите на своите родители.

Пишуваат: Бјанка Станковиќ и Ангела Рајчевска

Вкупно 21 пратеник се јавуваат како сопственици на акции во различни друштва, покажува истражувањето во рамките на проектот ПЕП. Освен министрите, за кои СКУП претходно пишуваше, акционери се и пратениците од Собранието на Република Северна Македонија. Па така, тие, нивните брачни другари и родители имаат акции во фирми како Алкалоид и Телеком.

Пратениците од владејачката СДСМ, Горан Милевски и Далибор Богдановски во своите имотни листи ги пријавиле акциите и уделите на своите родители.

Во изјава за СКУП, за акциите на родителите, Милевски вели: „Станува збор за акции во Телеком, кои што на моите родители, како и на сите вработени во фирмата, им беа доделени по приватизацијата на Телеком“.

Богдановски, пак, за уделите на своите родители изјави: „Се однесува на удел или сопствеништво на приватна фирма, Техно – заштита ДООЕЛ, основана во 1995 година“.

Пратеничката од ДОМ, Лилјана Поповска за своите акции вели дека се од 1993 година.

Моите 284 акции се од „Алкалоид“, каде што работев 11 години како самостоен истражувач во Институтот за истражување и развој, а фирмата ја напуштив со 24 плати, според тогашниот закон“, додаде Поповска.

Хари Локвенец поседува удели во негова лична сопственост и тоа 100% во фирмата ХА-ЕМ и 30% во печатницата ГИНИС. Додека, пак, Ферид Мухиќ за уделите наведени во својата имотна листа изјави: „Уделите беа во Комерцијална Банка, меѓутоа, истите јас повеќе не ги поседувам“.

Славица Шуманска Митева во врска со акциите на нејзиниот сопруг, накратко изјави дека се во ,,Агро Миленковски” ДОО и се 50 отсто.

Горан Манојлоски за сопственичкиот удел на неговата сопруга, евидентиран во неговата имотна листа, вели дека станува збор за амбулантата која таа ја поседува, а во која тој има основачки удел.

Други пратеници кои се најдоа помеѓу оние кои поседуваат акции на лично име се: Маја Морачанин, Јован Митревски, Димитар Стевананџија, Јохан Тарчуловски и Илија Димовски. Сопственичките удели и акции на своите брачни другари во имотните листи ги навеле и пратениците: Антонио Милошоски, Васил Пишев и Горан Манојлоски, Весна Дамчевска Илиевска, Илија Димовски и Панчо Минов.

Акции како заеднички имот има пријавено пратеникот Зоран Илиоски, а пратеничката Дафина Јованоска Стојаноска за пријавените акции нема дадено податок за чиј имот се однесуваат. Акции како имот на родители имаат наведено Илија Димовски и Васил Пишев.

Оставете коментар

коментар(и)