СЕКОЕ ПРЕМОЛЧУВАЊЕ Е СОУЧЕСТВО

Одредени институции кои се задолжени да ги заштитат укажувачите, не можат да се заштитат себе, а камо ли укажувачите. Најголема несреќа за едно општество е чуството дека е залудно да се биде чесен. За жал ние сме близу до таа состојба. Не може незаконието да биде снаодливост, а чесноста смотаност.

Горан Лефков

Ѓорѓи Лазаревски е еден од најголемите укажувачи на Балканот, а можеби и во Европа. Неговото херојско дело слободно може да се спореди со случајот Вотергејт, Едвард Сноуден, Жулиан Асанж или Сергеј Магнитски во Русија. Македонија е горда што има луѓе како Лазаревски. Неговото херојско дело сакаме да го пренесеме што пшоблиску до младите. Ова е причината зошто го правиме ова интервју.

СКУП Македонија: Почитуван Г-дине Лазаревски, вие сте основоположник на укажувањето во Северна Македонија. Како гледате на движењето на процесот на укажувањето од носењето на првиот закон за уѕкажувачи досега?

Лазаревски:  Не би се сложил со констатацијата за основоположник, првите укажувачи во независна Македонија колку што знам се во случаите Сина птица и Телеком. Не треба да се заборави и ‘Изворот’ од случајот Големото Уво, кој за жал остана анонимен, а доколку тогаш отворено се излезеше во јавноста, работите можеа да бидат многу поповолни за демократијата во Македонија. Ако се набљудува од аспект на општествено влијание, нашиот случај без конкуренција направи најголеми, тектонски, промени во општеството, ја разобличи општата матрица на функционирање на политиката и власта во Македонија и предизвика искрена надеж кај добронамерната јавност дека работите може да се променат на подобро. Се ослободи една огромна општествена енергија која очекуваше правда и мир, а доби условно кажано мир и делумно правда, што секако е голем напредок во однос на дотогашната состојба. За жал, очекувањата беа многу поголеми од остварените придобивки, новата власт, пред се во сопствените редови, не успеа во доволна мера да го елиминира тоа против што се бореше додека доаѓаше на власт. Многу маски паднаа, што доведе до одредена апатија, но јас сум сигурен дека во моментов сме многу поблиску до правда и мир од што бевме.

Од првиот закон за укажувачи до сега има огромна разлика, не статистичка со обѕир дека нема нови случаи со публицитет, туку суштинска. Формално закон постои, но укажувањето не се поттикнува, не се ни спомнува во позитивен контекст, не само што се избегнува да биде пофалено, туку се игнорира и на некој начин се праќа порака до јавноста дека укажувањето е непожелно, а укажувачите не се добронамерни туку имаат политички, бизнис агенди и разни други интереси. Мој впечаток е дека барем до сега, законот не помага да се обезбедат судски пресуди врз база на информации добиени од укажувачи, туку ги става укажувачите во не доволно безбедни административни процедури и индиректно им дава време на пријавените да го минимизираат дејството на укажаните информации.  

СКУП Македонија: Колку укажувањето во Северна Македонија придонесува за развој на демократијата?

Лазаревски: Придонесува, но не колку што би сакале. Ние сега имаме ситуации во кои се игнорираат официјални извештаи на ревизорски комисии, државната антикорупциска комисија и разни други релевантни институции. Како да очекуваме да биде прифатена информација од непознат укажувач, кога се игнорираат извештаи од платени државни чиновници. За жал многу информации кои се релевантни завршуваат незабележани, а не доволно проверени информации од непознати извори добиваат третман на сензација. Тоа ја отапува острината со која јавноста застанува на страна на вистината, бидејќи се потешко е да се препознае што е релевантна информација, а што спин. А кога на јавноста нешто не и е познато, тогаш и правната разврска полесно може да биде лажирана.

Но како што сите гледаме, се стега обрачот околу недопирливите, никој од функционерите не може да биде баш комотен и да злоупотребува без контрола. А тоа е пред се заслуга на укажувачите и освестената јавност.

СКУП Македонија: Зошто е значајно укажувањето и заштитата на укажувачите за една држава?

Лазаревски: Ќе парафразирам една мудра мисла – Најголема несреќа за едно општество е чуството дека е залудно да се биде чесен. За жал ние сме близу до таа состојба. Не може незаконието да биде снаодливост, а чесноста смотаност. Ние гледаме неправди и ги премолчуваме за да не си правиме непријатности, не сме директно засегнати во моментот, но кога неправдите не се спречуваат, конечно тие ќе не засегнат и нас за жал кога веќе е доцна за реакција. Многу неправди се случија во нашето општество бидејќи јавноста не беше алармирана на време, не снајде ефектот на сварена жаба, кога конечно свативме дека водата врие, веќе беше доцна. Затоа, секоја информација од укажувач е драгоцена и може на време да ни помогне да корегираме грешки пред штетата да биде направена. А за да има укажувачи, мора општеството да ги заштитува и охрабрува, дури и кога соочувањето со укажаните факти не е баш пријатно за општеството. 

СКУП Македонија: Како гледате на капацитетот и начините со кои институциите ги заштитуваат укажувачите?

Лазаревски: Имам впечаток дека одредени институции кои се задолжени да ги заштитат укажувачите, не можат да се заштитат себе, а камо ли укажувачите. Шега на страна, реалноста е таква каква што е, институциите ги управуваат луѓе поставени по политичка линија и тие секогаш мораат да водат сметки за партиските и коалиционите интереси или нема да бидат таму каде што се. Мислам дека институциите за заштита на укажувачи, служат пред се како медијатори помеѓу укажувачите и пријавените моќници, како олеснувачи. Од една страна, да не се прејудицира што е точната вистината во случајот додека не се случи правна разврска, а од друга страна укажувачот да не биде избркан од работа и да има други сериозни последици. Тоа не го сметам за лошо бидејќи после пријавувањето и укажувачите и пријавените треба да продолжат со животот. Не секогаш пријавеното е доволно за осудителна пресуда, ниту пак секогаш укажувачот испаѓа дека е комплетно во право. Пријавувањето е всушност почеток на еден долг пат низ правни лавиринти, кои може и никогаш да не завршат или комплетно да исчезнат од фокусот на јавноста. Затоа е многу важно институцијата да го евидентира статусот на укажувачот и секогаш да има обврска да реагира во случај на реваншизам.

СКУП Македонија: Што според вас недостасува во борбата за подобри права на укажувачите?

Лазаревски: Дали институциите за заштита на укажувачи имаат капацитет да дадат социјална, правна и психолошка поддршка на укажувачите, не знам, имам впечаток дека тука укажувачите се оставени сами. Во одреден период таа помош е неопходна затоа што после пријавувањето животот на укажувачот е комплетно пореметен, а не секој може да се соочи со новонастанатата ситуација без стручна помош.

Последиците кои укажувачот ги трпи се долгорочни и нај лошо е чуството на осаменост. Институциите го евидентираат укажувачот, го сослушуваат ако има некоја поплака, реагират ако е изложен на насилство и закани, но тука завршува нивната обврска и укажувачот продолжува сам. 

СКУП Македонија: Кои се идните чекори што државата треба да ги превземе за подобра положба на укажувачите?

Лазаревски: Државата треба јасно и недвосмислено да покаже дека укажувачите се потребни и ценети. Дека нивните укажувања носат правни развршници. Дека секоја информација добиена од укажувач е квалитетно обработена од институциите и добродојдена дури и ако на крајот испадне дека не е комплетно точна. Дека укажувачите можат да продолжат нормално да живеат заштитени од реваншизми.

СКУП Македонија: Која е вашата порака за младите укажувачи?

Лазаревски: Секое премолчување е соучесништво. Дури и никој да не дознае дека си премолчел, ти секогаш ќе знаеш. Не може секој да живее со тоа сознание.

Оставете коментар

коментар(и)