Пишува: Горан Лефков
Езеро од 30 хектари. Жална слика во Средно Коњаре, Скопско. Шверцерите го изместиле целото корито на реката за да и го извадат песокот. Дрвата се исечени, а реката е оставена без неопходниот појас на шуми. Голготата на Пчиња на овој потег започнува во 2010 година, кога помеѓу два изборни циклуси, на фирма од Долно Коњаре и се дава концесија за експлоатација на минерални суровини од власта на Никола Груевски.
„Ова е крадење на песок. Крадење од тоа што им припаѓа на граѓаните кои живеат во околните места. Ова беше расадник под концесија го зеде еден бизнисмен во 1997 година. За прв пат беше инсталиран систем капка по капка во него. Тој работеше овде до 2010 година. Сега ова е една дупка, провалија длабока неколку метри и се што има од земјиште е уништено“, вели Халиме Емини, активист и член на Месна заедница Средно Коњаре.
Направена е дупка длабока од 5 до 10 метри. Пресметката е дека од ова место се извадени од 2 до 3 милиони кубни метри песок. Ако се земе цената на метар кубен песок од 20 евра, излегува дека само од овој песок заработиле од 40 до 60 милиони евра.
Најболното е што со копањето на овој песок уништува обработливо земјиште наоколу. “Доколку поседувате нива околу оваа дупка, спуштена е водата, спуштена е реката и подземната влага во нивата е спуштена пониско. Ќе треба многу повеќе вода и труд за да произведете нешто од сопствените ниви. Штетата е неповратна“, вели Емини.
Брегалница е опустошена
Сликата во Средно Коњаре е пресликана и по течението на реката Брегалница на потегот од Штип до Виница. Диви сепарации кои под плаштот на регулација на речното корито шверцуваат песок. Ова е недозволена активност што се толерира од властите.
„Веднаш по поставувањето за директор на Водостопанство на Македонија во 2017 година, кај мене дојде Митко Костадинов, кадар на СДСМ од струмичко Ново Село. Заминавме да го разгледаме коритото на Брегалница кај селото Облешево, Кочанско. Се распрашуваше колку песок има во реката, јас му реков дека селаните на Теранци и Облешево, нема да дозволат да се вади тој песок од овде. И подоцна таков ископ никна 15-тина километри подолу кај селото Долни Балван“, вели Добре Нисев, поранешен раководител во Водостопанското претпријатие Брегалница во Кочани.
Според Нисев, целта на овие дозволи за уредување на речното корито на реката Брегалница е само крадење на песок.
„За регулација на реката треба да има проект и тоа баш хидролошки проект по кој ќе биде поставено минор и мајор корито на реката. Треба да се предвидат патишта и насипи и целосна инфраструктура, треба да има насади со дрва кои ќе ја задржуваат реката да не се излева. Тоа е цела наука“, вели Нисев.
На 26 септември 2018 година против поранешниот директор на АД Водостопанство Митко Костанов е поднесена кривична пријава од страна Министерството за внатрешни работи.
За реме на поранешна Југославија имаше 3 претпријатија за експлоатација на песок. Во Штип беше „Водостопанство Штип“, во Кочани, беше Кочанското „Водостопанско претпријатие“, додека во Виница беше Виничкото. Виница земаше песок од Осојница, во Кочани земавме од сеперацијата во Грдовци, додека Штип од околу Караорман. Сега на истата делница има најмалку 10 уредувачи на коритото на реката Брегалница.
Катастрофални еколошки последици по живите организми
Ископувањето на песокот остава многу лоши последици и во делот на екологијата. Се уништуваат цели микросредини кадешто живеат организми. Со вадењето на песокот нивните колонии се уништуваат.
„Реката е богата микросредина. Во нејзе има шуми, има и други микроорганизми, алги што живеат. Песокот е средината каде тие функционираат. Ако го извадиш песокот има ја уништуваш животната средина им ја уништуваш куќата, им ја уништуваш заедницата им уништуваш се“, вели Јорданка Калајџиевска, претседател на Еколошкото друштво „Виножито“ од Штип.
Оставањето на дупките подоцна ќе доведе до целосно нефункционална животна средина.
„Во време на Југославија имавме едно место каде што копавме подлабоко и се наполни со вода. Ни дојде инспекција и ни наложи веднаш да ја вратиме првобитната состојба. За жал денес нема такви инспекции“, вели Нисев.
Токму копањето на дупките е најголемата штета за животната средина.
„Тие дупки се претвораат во депонии, секој фрла се и сешто внатре. Се фрла отпадоци, но се фрла и искористено масло што со векови ќе ги труе организмите во реката“, вели Калајџиевска.
Таа додава дека инспекторите воопшто не казнуваат и не ги гледаат ваквите проблеми на граѓаните.
Незадоволство од работењето на инспекторите имаат и во Средно Коњаре.
„Воопшто не сме задоволни од постапувањето на државниот инспектор за води Лидија Зафировска. Ние протестиравме 27 дена го блокиравме патот. Ни покажуваа записници дека таа доаѓала и констатирала дека нема сечење на дрва во реката, како нема сечење на дрва, кога тоа сега е езеро, а претходно беше орман од дрва“, вели Емини.
Тој е многу благодарен на поранешната директорка на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петревска, со нејзина помош успеале да ја одземат концесијата за ископ на песок во Коњаре. Но нема кој да ја затвори дупката сега и да ја врати реката во првобитната положба, да засади дрва на тој потег.
(Крај на прв дел)