Борис Георгиевски: ВИ се злоупотребува за вести и неетички монтажи, потребни се јасни правила

Во интервју за СКУП, Георгиевски предупредува на практиката на дел од медиумите да користат ВИ за создавање вести и информации, како и за неетички монтажи на фотографии и видеа. Проблем гледа и во користењето на технологијата за преведување и обработка на текстови без соодветна проверка на крајната содржина.

Злоупотребата на вештачката интелигенција и нејзината некритичка и непрофесионална употреба се меѓу главните предизвици со кои денес се соочува новинарството, оценува искусниот новинар Борис Георгиевски.

Според него, новинарските здруженија и професионалните организации треба сами да ги постават етичките и професионалните граници за употребата на ВИ. Во спротивно, предупредува тој, во одреден момент тоа може да го направи државата, што би било лошо за медиумите и новинарството.

СКУП: Со оглед на вашето богато новинарско искуство поврзано со медиумската сфера, кои се главните предизвици во употребата на вештачката интелигенција во новинарството?

Борис Георгиевски: Главните предизвици во моментов се во злоупотребата на ВИ и во нејзината некритичка и непрофесионална употреба.

Злоупотребите ги гледам во практиката на некои медиуми да ја користат ВИ за создавање вести и информации, како и во неетичките монтажи на фотографии и видеа.

Во однос на второто, гледам дека кај многу медиуми ВИ се користи за преводи и обработка на текстови, без притоа да се води сметка за квалитетот и содржината на крајниот производ, односно без да се изврши проверка.

СКУП: Постојано се зборува за етичка употреба на алатките за вештачка интелигенција. Каде се границите на етичкото и професионалното во споредба со она што го нуди вештачката интелигенција?

Борис Георгиевски: Таа граница веќе во практика не постои, односно оставено им е на пазарот, медиумите или поединците да одлучуваат каде се наоѓа.

Во тој дел, границите мора да ги постават новинарските здруженија и еснафот. Во спротивно, во некој момент ќе ги постави државата, а тоа ќе биде лошо за сите.

СКУП: Колку може и треба да им се верува на информациите што ги добиваме преку интернет, а се генерирани од вештачката интелигенција?

Борис Георгиевски: Мора да се земаат со голема претпазливост. Мора да се врши професионална проверка и, конечно, доколку се генерирани од ВИ, тоа мора јасно да се истакне.

СКУП: Дали брзината на информациите понекогаш треба да биде на штета на квалитетот?

Борис Георгиевски: Брзината никогаш не треба да биде на штета на квалитетот и тоа е едно од основните правила во новинарството.

СКУП: Каде ја гледате иднината на македонското новинарство?

Борис Георгиевски: Иднината ја гледам во одговорно користење на ВИ, во подобрување на стандардите, како во работењето така и во социјалниот статус на новинарите и, во идеален случај, во ослободување од контролата на бизнисот и политиката.

Овој текст е подготвен во рамките на проектот „Зајакнување на етичката употреба на генеративни алатки за вештачка интелигенција и медиумското покривање на вештачката интелигенција преку образованието по новинарство во Северна Македонија“, финансиран од Меѓународната програма за развој на комуникациите (IPDC) на УНЕСКО. Изразените ставови и мислења се исклучиво на авторот/авторите и не мора да ги одразуваат ставовите на УНЕСКО како донатор. При изработка на овој текст се користени помошни ВИ-системи.

Оставете коментар

коментар(и)