ИНТЕРВЈУ / Слободанка Блажевска: Хиперпродукцијата на вести со ВИ може да ја уништи довербата во новинарството

Вештачката интелигенција за комерцијалните медиуми може да стане начин за намалување на трошоците преку замена на новинарите, но таквиот пристап носи ризик од губење на духот на новинарското известување и на довербата на публиката, оценува новинарката Слободанка Блажевска од Канал 77.

Во интервју за СКУП, Блажевска вели дека ВИ треба да остане техничка помош за новинарите, а не извор кој ќе го замени човекот. Според неа, технологијата не може да излезе на терен, да присуствува на настан и да процени што е суштински важно за јавноста.

СКУП: Со оглед на вашето богато новинарско искуство поврзано со медиумската сфера, кои се главните предизвици во употребата на вештачката интелигенција во новинарството?

Слободанка Блажевска: Сметам дека комерцијалните медиуми, односно нивните сопственици, гледаат светла точка во вештачката интелигенција во смисла на кратење на трошоците преку замена на новинарите со ВИ.

Од друга страна, проблем при користењето на вештачката интелигенција во Македонија е и нејзината недоволна усовршеност во однос на македонскиот јазик.

СКУП: Постојано се зборува за етичка употреба на алатките за вештачка интелигенција. Каде се границите на етичкото и професионалното во споредба со она што го нуди вештачката интелигенција?

Слободанка Блажевска: Мислам дека изворот на информацијата не треба да биде ВИ. Пред сè, треба да има новинар кој ќе го процени тонот со кој треба да биде презентирана информацијата, насловот и нејзината автентичност.

ВИ може да се користи, но повеќе како техничка помош – за визуелно прикажување на веста, пребарување документи и информации кои потоа ќе бидат проверени преку релевантни извори.

СКУП: Колку може и треба да им се верува на информациите што ги добиваме преку интернет, а се генерирани од вештачката интелигенција?

Слободанка Блажевска: ВИ не може да излезе на терен, не може да биде на самото место, на прес-конференција или на настан, односно на места каде што човекот може да процени што е суштински важно во случувањата и што сака да слушне или да види другата страна, односно публиката.

Јас лично немам 100 проценти доверба во ВИ, бидејќи и самата сум пронашла грешки во информациите што ми ги има дадено.

СКУП: Дали брзината на информациите понекогаш треба да биде на штета на квалитетот?

Слободанка Блажевска: Зависи. Брзината на информациите е важна, на пример, ако се известува од самото место, а под квалитет се подразбира квалитетот на звукот, сликата или видеото.

Но, ако брзината генерира дезинформации или други погрешно проценети информации, тогаш не се согласувам таа да биде на штета на квалитетот.

СКУП: Каде ја гледате иднината на македонското новинарство?

Слободанка Блажевска: Реално, ако продолжи хиперпродукцијата на вести со ВИ, при што се губи духот на новинарското известување, постојат два правци.

Едниот е да се изгуби довербата на публиката во новинарското известување и да настане своевиден информативен мрак.

Другиот е да се развие свеста кај редакциите и кај публиката и да се ограничи користењето на ВИ во информирањето.

Овој текст е подготвен во рамките на проектот „Зајакнување на етичката употреба на генеративни алатки за вештачка интелигенција и медиумското покривање на вештачката интелигенција преку образованието по новинарство во Северна Македонија“, финансиран од Меѓународната програма за развој на комуникациите (IPDC) на УНЕСКО. Изразените ставови и мислења се исклучиво на авторот/авторите и не мора да ги одразуваат ставовите на УНЕСКО како донатор. При изработка на овој текст се користени помошни ВИ-системи.

Оставете коментар

коментар(и)