Вештачката интелигенција може да помогне во создавањето и обработката на медиумски содржини, но не може да ја преземе одговорноста за точноста на информацијата. Човечкиот фактор останува пресуден, а новинарите и уредниците мора да бидат последниот филтер пред информацијата да стигне до јавноста, оценува новинарката Бјанка Станковиќ.
Во интервју за СКУП, Станковиќ ги издвојува дезинформациите и таканаречените „халуцинации“, пристрасноста на ВИ-алатките, заштитата на приватноста и довербата во медиумите како дел од главните предизвици што ги носи употребата на вештачката интелигенција.
Таа предупредува и на потребата од заштита на чувствителните информации и новинарските извори при користење ВИ-алатки, а медиумската писменост ја смета за клучна за публиката во препознавањето на контекстот, изворот и веродостојноста на содржините.
СКУП: Со оглед на вашето новинарско искуство поврзано со медиумската сфера, кои се главните предизвици во употребата на вештачката интелигенција во новинарството?
Бјанка Станковиќ: Постојат повеќе предизвици во употребата на вештачката интелигенција во новинарството. Еден од нив се дезинформациите или таканаречените „халуцинации“. Алатките со ВИ може да создадат уверливи, но неточни текстови со измислени факти, цитати или извори.
Следствено на тоа, предизвик се и точноста и проверката на фактите, бидејќи брзината што ја нуди вештачката интелигенција може да помогне во креирањето содржини, но не може да ја замени човечката проверка на податоците.
Исто така, треба да се земе предвид и пристрасноста на самите алатки со вештачка интелигенција, кои се „тренираат“ врз големи количества информации од општеството.
Еден од предизвиците е и заштитата на приватноста, како на нашите податоци, така и на информациите што ги внесуваме во алатките. Треба да се внимава какви информации им се даваат на алатките со цел да се заштитат тие информации, но и изворите, свиркачите и слично.
Никако не смееме да ја изоставиме и довербата во медиумите. Ако публиката не знае, односно ако во самите новинарски содржини не е наведено која информација е создадена со вештачка интелигенција, тогаш се зголемува ризикот дополнително да се продлабочи веќе нарушената доверба во медиумите.
СКУП: Постојано се зборува за етичка употреба на алатките за вештачка интелигенција. Каде се границите на етичкото и професионалното во споредба со она што го нуди вештачката интелигенција?
Бјанка Станковиќ: Границата помеѓу етичкото и професионалното новинарство, наспроти она што го нуди вештачката интелигенција, е во одговорноста за информацијата.
ВИ може да предложи, да создаде, но новинарот мора да провери.
Дополнително, ВИ не може и не треба да биде извор на информации сама по себе. Секако дека може да ни помогне при преработка или обработка на некои информации или податоци, но новинарот мора да знае од каде потекнува таа информација и дали може да се потврди надвор од алатките.
Наједноставно кажано, човечкиот фактор е пресуден во користењето на ВИ. Новинарската и уредничката улога и натаму се клучни за да се утврди што е релевантно, точно и од јавен интерес.
СКУП: Колку може и треба да им се верува на информациите што ги добиваме преку интернет, а се генерирани од вештачката интелигенција?
Бјанка Станковиќ: Како публика, секогаш треба да ги земаме со резерва, односно да бидеме критички настроени кон информациите создадени со вештачка интелигенција.
Секогаш треба да провериме која е страницата, медиумот, порталот или платформата што ја објавува информацијата, кој е автор на текстот или содржината и дали во самата содржина е наведено дека е создадена со ВИ.
Треба критички да се размислува дали содржината е сатирична или сериозна, вистина или дезинформација, односно во каков контекст е поставена, што сака да постигне, кому му е наменета и со која цел.
Затоа, од овој аспект, многу е важна медиумската писменост.
СКУП: Дали брзината на информациите понекогаш треба да биде на штета на квалитетот?
Бјанка Станковиќ: Никогаш. Брзината на информациите и тоа како може да предизвика штета во општеството.
Публиката има право на точни и проверени информации од јавен интерес, кои новинарите треба јасно, свесно и разумно да ги обработат и објават.
Нивната улога како чувари на демократијата е клучна и таа е нешто што не може да се „автоматизира“ преку машини, алгоритми и алатки.
СКУП: Каде ја гледате иднината на македонското новинарство?
Бјанка Станковиќ: Сакам да верувам дека македонското новинарство ќе остане отворено кон новите технологии, ќе развива стратегии за одговорна употреба на ВИ и ќе ја зајакне улогата на новинарите, уредниците и проверувачите на факти, кои стануваат сè поважни во време на информации генерирани од компјутери.
Кога улогата на медиумскиот работник ќе биде цврста, зајакната и силна, тогаш ќе стане и поотпорна на притисоците и штетните влијанија што ги носи брзиот развој на технологијата.
Овој текст е подготвен во рамките на проектот „Зајакнување на етичката употреба на генеративни алатки за вештачка интелигенција и медиумското покривање на вештачката интелигенција преку образованието по новинарство во Северна Македонија“, финансиран од Меѓународната програма за развој на комуникациите (IPDC) на УНЕСКО. Изразените ставови и мислења се исклучиво на авторот/авторите и не мора да ги одразуваат ставовите на УНЕСКО како донатор. При изработка на овој текст се користени помошни ВИ-системи.





