ВМРО-ДПМНЕ една од најбогатите партии во Европа

СКУП Македонија во април годинава веќе ги објави и мапира имотните листови на четирите најголеми политички партии во земјава. Тој текст може да го прочитате овде.

 

 

 

ВМРО-ДПМНЕ е една од најбогатите партии во Европа според квадратурата која ја поседува како политичка партија. Има 93 имотни листа за партиски седишта низ Македонија во кои имотни листови се впишани 33.238 метри квадратни објекти, земјоделско земјиште и пасишта. Според пазарната вредност, вкупниот имот се проценува на околу 60 милиони евра, додека само новото седиште на партијата во центарот на Скопје вреди околу 40 милиони евра.

После ВМРО-ДПМНЕ најголем имот во Европа поседува Партијата на Центарот во Шведска, чиј имот се цени на околу 53 милиони евра.

Партијата СДУ на Ангела Меркел во Германија поседува имот од 50 милиони евра, Лабуристичката партија во Велика Британија има недвижности во вредност од 9 милиони фунти, додека конзервативната 11 милиони.

Вртоглавиот раст на имотот на ВМРО-ДПМНЕ започнува во 2006-та година, кога и станува носител на власта на чело со Никола Груевски.

„Поранешниот сојуз на комунисти на Македонија, како единствена партија која имаше 168.000 членови на кои со исплатата на плата им се задржуваше членарина, да му се собере се, со пропис одредено, па веројатно немаше 60 милиони, простории и имот, вели Петар Гошев, поранешен лидер на ЛДП.

 

ПОТЕКЛОТО НА ПАРИТЕ

 

СДСМ во Кастарот за недвижности се јавува 14 пати, а поседува имот со вкупна површина од 4.120 метри квадратни. Од оваа површина половината отпаѓа на седиштето на партијата која е поранешна државна зграда трампана во 1993 година. Друг поголем имот партијата има во Битола.

За разлика од нив ДУИ има 4 имотни листови од кои 3 во Скопје. Највредна од овие имоти е зградата на партиското седиште со вкупна површина ос 1.533 метри квадратни во Чаир.

Дискутабилно за соговорниците кои ги консултираше СКУП Македонија е потеклото на парите за купување на овој имот.

„Како е создадено, со кои ресурси е создаден тој имот на партијата? А знаеме денес по имотни листови, знаеме по нивната материјално-финансиска состојба партиите се најбогатите институции во државата“, вели Академик Абдулменаф Беџети, поранешен лидер на ПДП.

Судејќи по извештаите, партиската сметка на најголемата владејачка партија во последните три години постојано се зголемува. Не можат да се пожалат ни од ДУИ и ДПА бидејќи и кај нив од година во година сумата пари која им легнувала на сметка е поголема, што не е случај со СДСМ.

Од каде доаѓаат и како се трошат партиските пари? Колку се реални бројките во извештаите? И зошто партиите ги кријат финансиските извештаи кои не можат да се видат на нивните веб сајтови?

„Ако вие ги погледнете политичките партии, само ако пресметате за кампања колку даваат, тоа е лесно пресметлива димензија, ќе видите дека одат на избори одат со по неколку милиони евра на изборите. Сега се псотавува од каде е тоа финансирање? Уште поинтересно е што, ајде некои пари доаѓаат на сметка, ама 2/3 од тие пари не ни доаѓаат на сметка и најверојатно се плаќаат со кеш во телевизиите или се плаќаат преку индирекни услуги, односно повторно доаѓаме до една масовна корупција“, вели Љубчо Ѓорѓиевски, лидер на ВМРО-Народна партија

 

МИЛИОНСКИ ОБРТ СО ДВАЈЦА ВРАБОТЕНИ

 

Луксузни автомобили, станови, куќи, 170.000 членови, а само двајца вработени на партискиот список на најголемата владејачка партија со плата од околу 1500 евра. Пред три години пак немало ниту еден вработен во партијата, што е чудно со оглед на законските прописи кои налагаат барем претседателот на непрофитните организации да биде вработен. За оваа тема загриженост покажа и поранешниот ЕУ медијатор за кризата, Питер Ванхауте кој изрази сомнеж за потеклото на парите во партијата непосредно пред да биде прогласен за непожелен во земјава од партијата на Груевски.

bilans-na-uspeh-na-vmro

„Сите ние знаеме дека се работи за, како да кажам, за одреден театар околу целата таа работа и дека се разбира, одговорот е невозможно е така големи политички партии да функционираат со еден вработен“, вели Сашо Орданоски, борец против корупција.

Стојан Андов, основач и поранешен лидер на ЛП, вели: „ВМРО си разработи шема партиските операции да ги вршат луѓе кои тие ги вработиле тие во државна служба. Тие повеќе ја тераат партиската работа отколку што ја тераат државната служба.“

Иако во опозиција, СДСМ со вкупно 29 вработени на својот грб, делува како да е на власт. Нивните плати се многу помали од нивните политички опоненти, но не како оние во таборот на албанските партии, ДУИ и ДПА кои имаат по 4 односно 1 вработен во партијата.

„Ако имате некои луѓе коишто постојано работат таму, а немаат формалноправен заснован работен однос, не се на друго место вработени тоа значи земаат пари под рака, во кеш. Значи самиот тој индикатор покажува дека нешто не е во ред“, вели Гошев.

За познавачите на политичките прилики македонските политички партии се основа за корупцијата.

„Корупцијата на некој начин извира од тука, ако извира од политичките партии кои се платформа од каде се делегираат кадровските решенија низ институциите, можете да замислите како пенетрира, како се мултиплицира и како се помножува таа корупција по сите основи во институциите“, вели Беџети.

Имер Селмани, поранешен лидер на НДП, вели дека корупцијата метастазирала до сите сегменти на општеството. „Ако корупцијата се појавува горе, ако не се спречи, тогаш таа се симнува на долни структури на институциите и завршува некаде до портирот, односно до обичниот работник, што врши наједноставна работа во некоја институција. Корупцијата е како карцином. Корупцијата е како рак во едно тело. Ако таа се појави и не се исече на почетокот, таа секој ден се шири, метастазира и на крај ќе си го изеде телото, односно органот каде што настанал“.

Ѓорѓиевски, пак, смета дека корупцијата веќе е норма на функсионирањето на политичките партии. „Тоа е една голема корупциска шема, сите се правиме луди и тоа функционира 25 години и најверојатно ќе продолжи и понатаму“.

bu-na-site-partii

 

ТРОШАТ ПОВЕЌЕ ПАРИ ОТКОЛКУ ШТО ДОБИВААТ

 

Големата дискрепанца помеѓу приходите и расходите на политичките партии се гледа и во парите што се потрошени за последните парламентарни избори во 2014 година.

Владеачките партии ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ потрошиле многу повеќе пари, во однос на СДСМ односно ДПА. Но, генерално може да се заклучи дека овие партии трошат повеќе пари отколку што добиваат. И изборите ги завршуваат/во минус.

izbori-2014-grafika

Симптоматично е и начинот на кој партиите се рекламираат во медиумите. Државниот завод за ревизија утврдил прекршување  на изборниот законик за политичко рекламирање во медиумите.

Цената на услугата искажана во фактурата за политичко рекламирање доставена од 1 радиодифузер е за 50% пониска од цената утврдена во ценовникот за политичко рекламирање.

 

 

„Тука има елементи на корупција. Медиумите ги корумпираат политичарите, односно политичките партии или политичарите ги корумпираат медиумите. Затоа тука треба органите на државата, сега е модерно Специјалното јавно обвинителство, да проработат во овој правец“, вели Селмани.

Уште полош е соодносот помеѓу позицијата и опозицијата во албанскиот блок.

ДУИ, за изборите во 2014 година потрошила околу 570.000 евра што е скоро 4 пати повеќе од СДСМ и 70 пати повеќе од ДПА. 

„Ако сите медиуми ги имате наклонето кон една страна, едноставно таа опција и таа политичка партија ќе победи кога сака и како сака. И најдобрата идеја и најдобрата програма, ако не биде достапна преку медиумите, едноставно граѓаните и нема да знаат за таа понуда и нема да знаат за што се работи. Може да биде било кој денеска сатанизиран со полувистини или никакви вистини и тоа е на штета на демократијата, на штета на иднината на државата, на штета на сегашноста на граѓаните на Република Македонија“, вели Селмани.

Изборите, иако уште непочнати ги принудија партиите наголемо да трошат за предизборните активности, а за потеклото на парите алармираа од Транспаренси Интернешнл Македонија и Центарот за економски анализи. Нивната порака е иста како и онаа од експерите-се додека не се вклучат надлежните институции да испитаат од каде доаѓаат средствата, ќе постои сомнеж дека тоа се црни пари.

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство”.)

Оставете коментар

коментар(и)