Автори: Евгенија Јанакиеска и Никола Рашо Радулов
По завршувањето на јунската испитна сесија, студентката Бојана С. од Скопје ќе замине надвор од земјата на сезонска работа. Претходното лето ја поминала работејќи во Германија, но вели дека и не било баш многу сјајно. Заради копнежот по родниот крај Бојана не можела да да издржи повеќе од 3 месеци, но заработените пари сепак биле од голема помош за да ги покрие трошоците за една година.
Таа вели дека би била среќна ако за време на летниот одмор најдат работа во Македонија.
„Да сме имале можности во Македонија, како студенти да работиме во текот на летниот одмор и да заработиме некој денар, секако не би оделе во странство. Но, така ни функционира системот и мислам дека ќе треба подолг временски период да помине за да се средат работите“, вели Бојана.
До тогаш, таа нема намера да чека. Свесна е дека во странство се бара многу работа, меѓутоа, за разлика од тука, секој прекувремено изработен час се наплаќа.
„Ако останам тука би била бесцелна. Ова лето повторно ќе го поминам надвор од Македонија работејќи како студент, бидејќи тука не гледам можност за работа и заработувачка”, одлучна е Бојана.
Таа е една од стотиците редовни студенти од македонските факултети кои секое лето заминуваат на „печалба“ на плажите во Грција, Бугарија, Хрватска, Црна Гора, но и во некои еврпски земји како и на американскиот континент. Летувањето и плажите не се нивниот предизвик. Мотивот е студентска заработувачка, со која планираат да ја пребродат својата наредна студентска година.
Истражувањето на СКУП покажа Македонија и нејзините институции немаат никави програми, ниту пак планови за организиран пристап кон решавање на потребите на студентите за време на нивниот тримесечен летен распуст. Секоја година во овој период нашите студенти масовно се „иселуваат“ од државава. Можат да се сретнат зад шанковите или како келнери, помошници готвачи, снабдувачи, издавачи на сонцобрани и лежалки и на слични работни задачи во бројните кафулиња, ресторани, плажи и хотели на морските брегови во соседните Грција, Црна Гора и Бугарија. На услуга на туристите, а по заработувачка. Најчесто на работа и по 12, 14 и повеќе часови. За нив летниот одмор е мачна работа.
Марија Р. од Медицински факултет во Скопје вели работата е напорна, но немаат избор.
„Имам искуство од Грција. Работата сама по себе е напорна од неколку аспекти. Пред се, затоа што се работи во најтоплиот период, на места каде што температурата достигнува и до 40 степени. При тоа, третманот од сопствениците е генерално строг. Ризикот од работење без европски пасош е огромен. Постои можност и за депортација, па дури и судска постапка од која крајниот исход е затворска казна.“
Некои од студентите, пак, заминуваат и подалеку – во Германија, Англија, скандинавски земји па дури и во Америка. Работните места и ангажмани слични: келнери, шанкери, снабдувачи, приготвувачи на брза храна, негувателки.
Студентите велат дека во странство се заработува повеќе, но се работи многу напорно, а и трошоците за живот таму се повисоки. Преку лето би работеле и дома, во својот град, во Македонија, но заработката за нив е навредливо мала.
Какви се и дали воопшто има услови да работат, да бидат корисни и да и заработат за својот студентски стандард? Што всушност прави земјава на оваа тема, за потребите на своите студенти и за нивен работен ангажман за време на летниот студентски распуст?
ДРЖАВАТА НЕМА НИТУ ПЛАН НИТУ ЕВИДЕНЦИЈА
Стратешки планови за можни ангажмани за студентите преку лето не постојат, а надлежните институции си ја предаваат топката едни на други. Констатацијава произлезе од сознанијата, од анкетите, интервјуата, изјавите што истражувачкиот новинарски тим на СКУП ги обезбеди трагајќи по одговорите за тоа каде е и што прави македонската студентска младина во времето на нивниот летен распуст?
По Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер побаравме одговор на прашањата дали Министерството за внатрешни работи води евиденција колку студенти, односно млади луѓе од 18 до 26 години ја напуштаат земјата во јуни, а се враќаат во септември.
Дејана Недељковиќ, одговорна за односи со јавноста во МВР ни одговори, вели дека немаат таква евиденција.
„Министерството не води евиденција за студенти, како и не води евиденција по старосна структура за граѓаните кои ја напуштиле државата со што не можеме да дадеме одговор на поставеното прашање“.
Сите институции до кои се обративме, ги наведоа факултетите како одговорни за организирање на студентска пракса. Во секој факултет пак постои Статут со кој се уредува праксата, а на најголемиот број факултети едномесечна пракса е задолжителна за заверка на летниот семестар, односно запишување на зимскиот семестар. Но, факултетите немаат доволно капацитет да обезбедат пракса ниту за една третина од своите студенти, а студентите најчесто носат само печат за остварена практична работа, иако тоа фактички не се случило.
Министерството за образование и наука, исто така, нема никаква платформа, ниту пак, програма за организирање на студентска пракса или работа за време на летниот распуст. Изговорот е дека тоа е регулирано во високото образование и дека МОН не смее да се меша во автономијата на факултетите.
Според Агим Рушити, раководител на сектор за Високо образование „високообразовните установи во рамките на своите надлежности и на природата на високообразовната дејност, донесуваат и интерни правилници за начинот и условите за организирање на практична настава на студентите”.
Биљана Живковска, раководител на одделението за односи со јавност, комуникација и меѓународна соработка во Агенцијата за вработување на РМ одговори со соопштение: „Со оглед на тоа што Вашите прашања се однесуваат на редовните студенти (кои не можат да бидат корисници на услугите на Агенцијата за вработување), Ве известуваме дека Агенцијата нема надлежности во вашиот делокруг на интерес“.
Анета Трајковскa од Стопанската комора на Македонија објасни дека тие ги поврзуваат студентите со оние фирми кои имаат потреба од студентска работна сила. Вели дека секој факултет ова прашање го третира на свој начин.
„Студентите праксата ја остваруваат врз основа на потпишани договори кои ги имаат факултетите со компаниите и нивната директна соработка, а со тоа Комората во спроведувањето на практичната настава нема директна поврзаност и воспоставени програми за спроведување на практчната настава во високото образование.”, вели таа.
Студентите, меѓутоа, сведочат дека за нивниот ангажман во македонските компании не добиваат никаква надокнада, но дека фиктивно, сепак, им издаваат потврди за работен ангажман.
ПРЕКУ СТУДЕНТИТЕ ЗАРАБОТУВААТ АГЕНЦИИТЕ ЗА ПОСРЕДУВАЊЕ
Додека институциите немаат планови за ова потреба на студентите и одговорноста ја префрлуваат едни на други, младите ги вадат пасошите за странство. Меѓу најпосакуваните „ангажмани” се оние преку туристичките агенции, но и преку таканаречени посредници. Преку првите, работните ангажмани се сметаат за легални, преку посредниците – диви, на црно. Во вториот случај, опасностите се работа без осигурување, ризик од депортирање, забрана за влез. Но, и во двата случаи посредништвото чини пари. За подалечните дестинации како САД и до 2500 евра, а добар дел од тие пари е за агенцијата посредник.
Јакоб Ќипровски од Шумарскиот факултет во Скопје вели: „Во мојата конкретна ситуација и струка не сум се запознал со таква опција за волонтирање или платена работа, пракса. Напротив, се распрашував и ги прашав и дел од професорите, но тие не можеа многу да помогнат, да се обратиме до некоја невладина ако не примат и тоа е тоа.
Слично искуство има и Бисера Влахова од Природно–математички факултет во Скопје.
„Не сум добро запознаена со можностите со платена пракса преку лето, бидејќи студентите по екологија ги истражуваат преку летото флората и фауната во Македонија. Сметам дека, треба да има можност за платена пракса од секој факултет која не само што финансиски ќе им го олесни животот на студентите, туку и ќе ги научи на одговорност и ќе ги научи да бидат подобри во својата идна професија.
Георгина Једиковска од Земјоделски факултет вели дека единствена пракса која во моментов факултетот ја нуди е едномесечна неплатена пракса во некоја од компаниите со кои истиот има склучено договор.
„Поаѓајќи од тој факт, веројатно е логично секој студент да се сврти кон опцијата која ќе му обезбеди добра заработка исполнување на летните сободни денови како и добра можност за патување“, вели таа.
Сепак, додава Једиковска, „останува прашањето дали доколку на студентите им се овозможат шанси за добра стручна обука и заработка овде не би се намалил бројот на истите кои се решаваат да одат надвор“.
ИМА И ПОЗИТИВНИ ИСКУСТВА
Сепак има студенти кои велат дека имале и поинакви, позитивни искуства. Анета Мишева, студентка на Филолошки факултет била во САД преку програмата „Work and travel“ и има позиивни искуства. „Накратко, се работи за одлична организација кае имав соработка со луѓе кои беа целосно предадени на својата професија и коректни од самиот почеток до крајот на програмата. Се чувствував безбедно секоја измината секунда од мојот четири месечен престој на островот Block Island. Додека траеше работната програма, спонзорот кој беше одговорен за мене, моите колеги и надредени беа достапни за било какви проблеми и нејаснотии кои се појавуваа. Придобивките од оваа програма се огромни затоа што искуствата со кои се здобиваш, различните карактери, култури и случувањата кои стануваат дел од твоето секојдневие се всушност најдобриот дел од целата програма“.
Но, ако некој за студенстките прашања и проблеми е надлежен, секако тоа е студентската организација. Но токму оттаму никако до конкретен одговор на прашањето: „Има ли било каква иницијатива, програма, реализација на ангажман на студентите за работа во летниот период во земјава или во странство?”
Давор Поповски, претседател на Студентски парламент на Унверзитетот „Св. Кирил и Методиј“, смета дека државните иституции треба посериозно да се позанимаваат со ова прашање. Тој додава дека треба да се направат измени во Законот за волонтерство и пракса, со тоа што ќе ги обврзат сите компании во Македонија на студентите од соодветните области да им обезбедат 1 до 3 месечна платена пракса со минимален месечен надомест од 5.000.оо денари.
Се на се`, велат нашите соговорници студенти, нужна е државна грижа за студентите и за студентскиот стандард. Сега тие се препуштени самите на себе да талкаат по работа по плажите, рестораните, баровите, во соседните но и во прекуокеанските земји.
МАКЕДОНИЈА МОЖЕ, А НЕ КОРИСТИ ИСКУСТВА ОД ДРУГИ ДРЖАВИ
Од Република Словенија на пример: https://www.studentski-servis.com/studenti
Ова се потвртдува и со истражувањето од страна на Институтот за Европска политика
каде врз основа на одговорите добиени од факултетите, студентите и компаниите,. се укажува на тоа дека на факултетите не се целосно посветени на соодветна примена на одредбите од Правилникот за работа на Министерството за образование.Факултетите треба да направат повеќе напори во градењето на софистицирани системи за евидентирање и идентификување на студентите кои имаат завршено стажирање и прецизно се дефинираат минималните критериуми според кои една институција се оценува како соодветна за вршење на практична работа.
Годишниот план за работа е поддржан од Цивика мобилитас“.
„Содржината на оваа истражувачка сторија е единствена одговорност на СКУП Македонија и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат“.