Демирхисарци пијат бактериолошки загадена вода, василевци со-хемикалии

пишува: Љубица Иванова

Демир Хисар е општина со најголема изложеност на бактериолошка загаденост на вода за пиење во државава, додека Василево е општина со најголема физичко-хемиска неисправност, покажа истражувањето на СКУП кое ги опфати сите региони во државава за период од последните пет години.  Резултатите кои ги добивме од Центрите за јавно здравје, а на кои работевме изминативе месеци, покажаа дека урбаните средини имаат почиста вода за пиење, особено средините за чијшто водовод се грижат комунални претпријатија. Додека, позагадена е водата во селата кои се снабдуваат со сопствен водовод и друг вид водоснабдителни објекти, како и јавните, крајпатни чешми.

Во Демир Хисар процентот на бактериолошка загаденост во период од четири години од 2015 до 2018 година, се движи од 53,5% до 67,6% и е на самиот врв по бактериолошка загаденост. Веднаш по Демир Хисар, меѓу првите пет општини со висок процент на бактериолошка неисправност, за четирите години, се и општините: Свети Николе, Велес, Чешиново-Облешево, Битола заедно со Могила и Новаци, Зрновци, коишто наизменично го делат второто, третото, четвртото и петтото место.


               Општина Василево, пак, е општина со најголема изложеност на физичко-хемиска неисправност од сите останати општини. Четири последователни години неисправноста на водата во оваа општина се движи од 81,6% се до 95,7%. Веднаш по Василево, првите четири општини со најголема физичко-хемиска неисправност на водата, чиј процент на неисправност е над 50% се: Босилово, Ново Село и Валандово. Тука некаде по нив доаѓаат Гостивар и Куманово, чиј што процент на физичко-хемиска неисправност се движи околу 40%.


                Општините коишто ги покрива Центарот за јавно здравје Прилеп се константно на дното на табелата по неисправност на анализи од мостри, за периодот од 2014 година до 2018 година. Бактериолошката неисправност кај нив се движела од 1%-2%, а физичко-хемиската неисправност од 0,1% до 3,3%. Меѓу општини со најмала физичко-хемиска неисправност за некои од годините се јавуваат и Гевгелија, Радовиш, Демир Хисар.

Д-р Љупчо Костадиновски – специјалист по хигиена при Центарот за јавно здравје Скопје, вели дека месното население во некои општини е „навикнато“ на бактериите што се наоѓаат во водата.
Луѓето таму велат дека со години си ја пијат водата и немаат проблеми. Но, има млада популација, кај која може да се јават стомачни проблеми и повраќање. Со пиење на неисправна вода може да дојде и до жолтица, хидрични епидемии, кои можат да го покосат целото население. Само двајца да заболат, тоа веќе значи дека има епидемија“, вели тој.
Покрај тоа, тој раскажува дека луѓето ги користат крајпатните чешми во периоди кога снемува вода, не водејќи сметка за исправноста за водата и притоа неконтролирано полнат вода во шишиња, којашто треба да се искористи до 3, односно најмногу до 5 дена. Главната опасност, според него, е ако шишињата стојат подолг временски период и на повисоки температури, во пластични, неизмиени шишиња и на сончева светлина, со што се создаваат и размножуваат бактерии.

Според Центарот за јавно здравје Скопје,  95 проценти од крајпатните, селски чешми во скопскиот регион, не се соодветно заградени, а како што наведуваат, постојат места каде што луѓето прават импровизации, со довлечкани црева, со незаштитени отвори на бунари.


Д-р Костадиновски објаснува дека изворот каде што се наоѓа водата, мора да има три заштитни зони. Првата заштитна зона е во пречник од пет метри, каде што резервоарот мора да биде заграден со жица, за да нема пристап на стока, или некој да уфрли нешто не сакајќи во резервоарот. Втората зона треба да е на 15 метри од самиот извор, каде што не се дозволува да има големи високи дрва, да има посеви на пипер, патлиџан, јагоди, итн, каде што би се употребувале вештачки ѓубрива како би дошло до загадување на таа почва, со самото тоа се загадува водата во резервоарот. Резервоарите треба задолжително еднаш годишно да се чистат механички.


                „Многу често околу крајпатни чешми наидуваме на расфрлено ѓубре наоколу, пластика, измет од стока, коритата им се запуштени“
, потенцира д-р Костадиновски и додава дека неисправните резултати се испраќаат во Агенцијата за храна и ветеринарство. Потоа, се известува месното население дека водата е неисправна, а тие се должни да го известат населението со поставување на табла дека водата не е за пиење, но најчесто, како што вели тој, тие табли се испокршени.

Ванчо Новоселски, в.д. раководител на Секторот за инспекциски надзор од Агенцијата за храна и ветеринарство, вели дека инспекциски надзор на водоводните системи од страна на агенцијата се врши еднаш во годината. Комуналните претпријатија вршат лабораториско тестирање на водата која ја испорачуваат согласно своите планови, а колку често се прави тоа зависи од капацитетот на системот. Исто така, мониторинг на водоводните системи согласно своите програми вршат Институтот за јавно здравје и Центрите за јавно здравје.

                „Водата од водоводните системи со кои стопанисуваат комуналните претпријатија е безбедна, а водата од јавните индивидуални чешми и селски водоводи со кои не стопанисуваат комунални претпријатија генерално е небезбедна“, нù изјави Новоселски од Агенцијата за храна и ветеринарство:

Доколку се констатира дека водата е небезбедна за пиење, јавните комунални претпријатија кои стопанисуваат со водоводните системи и другите оператори кои стопанисуваат со водоснабдителни објекти ја забрануваат водата за пиење и го известуваат населението дека водата е небезбедна и преземаат активности водата да биде безбедна. Доколку субјектите кои стопанисуваат со водоснабдителните системи и објекти не ги преземат наведените обврски, АХВ со решение ги задолжува да го сторат истото.

Во неодамнешно интервју за Инбокс 7, Михаил Кочубовски од Институтот за јавно здравје, изјави дека Македонија е една од ретките земји која е во одлична состојба во однос на квалитет на води.
Во полоша состојба се мал број населени места, кои се напуштени или повремено населени, околу 3% од населението, според податоци од последниот попис“, констатираше тој.

Пресушени чешми

Д-р Љупчо Костадиновски појаснува дека во текот на летото, на некои места немало вода.


Во летниот период е опасна водата за пиење, вели тој, поради тоа што има недостаток, така има поголема можност за развивање на бактерии, а повеќето бунари се несигурни, неиспитани, па затоа луѓето треба да побараат стручни лица.
Хигиенската состојба е загрижувачка во Нова Брезица, Јаболце, Патишка река, Горно Соње, Долно Соње, велат од Центарот за јавно здравје Скопје, констатирајќи дека таму луѓето имаат пластични садови, буриња, купуваат вода дури и за полевање на цвеќиња, за стока, меѓутоа напоменуваат дека со надоаѓање на врнежите во есенскиот период состојбата се подобрува.


Доколку водата е бактериолошки неисправна се става хлор и ќе биде безбедна, објаснува д-р Костадиновски, но од хемиски аспекти ако имаме појава на амонијак, нитрити, нитрати, тоа оди потешко до исправност на водата бидејќи се потребни филтри и поголеми финансии.
Од Центар за јавно здравје апелираат луѓето со бунари во дворовите да не посегнуваат на своја рака да пијат од таа вода, без извршена контрола.
Д-р Љупчо Костадиновски смета дека треба да направи акција во која ќе бидат вклучени сите општини, и во секоја куќа каде што има бунари, чешми кои луѓето планираат да ги користат за пиење, да бидат испитани. Иако најпрепорачливо е да се пие од градски водоводи и локални водоводи за кои се грижат стручни лица и состојбата на водата се проверува три пати во ден.

Бактерии има кога водата не се хлорира

Во летните периоди луѓето најчесто консумираат вода од чешми, но не знаат дека поради високите температури е можно тие води во себе да имаат бактерии како  ешерихија коли и колиформни бактерии. Најчеста причина за појава на хидрични епидемии се несоодветен или комплетен недостаток на соодветни прочистителни мерки на водата за пиење, контаминација на водата за пиење со патогени фекални микроорганизми кои потекнуваат од луѓето или од топлокрвните животни, или комбинација на двете. Контаминација на водата со фекални микрорганизми најчесто настанува при мешање на дождовната вода со подземната вода во текот на поројни дождови или при оштетување на канализационата мрежа.

Токму грам негативните бактерии (Escherichia coli, Proteus, Klebsiella, Enterobacter, Pseudomonas), се тие кои што се и најчести предизвикувачи на инфекции, особено инфекции на бубрезите и уринарните патишта. Бактеријата Escherichia coli се детектира кај 80% од болните со акутна инфекција на уринарните патишта. Како ризични групи за почесто јавување на уринарни инфекции се болните од дијабет, бремените жени, жените во менопауза поради дефицит на естрогени и сл.

Специјалист по хигиена ни објасни дека опасна е секоја проверка, односно стопирање на вентилот, затоа што доаѓа до усисување на нечистотии и можеби некоја од водоводните цевки има пукнатина, од притисок или слично, така што кога ќе снема вода, при прекин доаѓа до вшмукување и влегуваат нечистотии. Тогаш водоводната мрежа се полни со кал, земја и затоа луѓето кога ги пуштаат славините излегува жолта вода. Препорачливо е при такви прекини поради поправка или враќање од одмори, да се испуштат славините 5-10 минути, водата да се истече пред користење, бидејќи со некористење се развиваат бактерии во цевките.

Бактериите Ешерихија коли и псеувдомонас се меѓу десетте најопасни бактерии и загрижувачка е пред сè, нивната резистентност на антибиотици. Истражувањата на Светската здравствена организација од 2017 година, покажаа дека во Македонија, Ешерихија коли е отпорна на 11 од 14 антибиотици.
                Во земјите од Европската унија, присуството на ешерихија коли и ентерококи во водата се земаат како микробиолошки индикатори за контаминација. Во примерок од 100 ml не треба да има ниту една од овие бактерии. Од крајот на 2003 година, целокупната вода која се дистрибуира во земјите на ЕУ ги запазува овие критериуми. Доколку која било од споменатите бактерии се најде во земениот примерок на вода, неопходно е веднаш да се земе контролен примерок. Истовремено, неопходно е без одлагање да се преземат соодветни репаративни и заштитни дејствија.

Центар за јавно здравје: Скопјани пијат безбедна вода

Д-р Љупчо Костадиновски – специјалист за хигиена од Центарот за јавно здравје Скопје тврди:
Скопјани пијат многу безбедна вода, од Рашче, изворска вода, каде и тоа како се грижи Водовод и канализација, кои ги испитуваат сите чешми. Исправноста е на високо ниво.“
Во Центарот за јавно здравје ги испитуваат и селските водоводи. Процентуално е голем бројот на неисправни води во селата, преку 50%, но тоа е така затоа што луѓето не се грижат за хигиената и самиот извор од каде доаѓа водата, додава д-р Костадиновски.

Од Центарот за јавно здравје Скопје велат дека многу е лоша состојбата во Арачиново каде што пијат небезбедна вода и не се врши дезинфекција на водата, не се врши хлорирање, си пијат од свои бунари и чешми. Во Арачиново 80% од водите се небезбедни за пиење. Д-р Костадиновски вели дека треба да се соберат повеќе институции да им се помогне на луѓето, за да се пристапи кон реализирање на проектот за пристап кон безбедна вода за пиење.
Постојат неколку такви општини, како Чучер-Сандево, каде што порано водата била небезбедна, но откога се направени пречистителни станици, канализации, водата е доведена во ред.     

Како се прочистува водата?

Предлог мерки:
-Секојдневно два до три пати треба да се испитува резидуалниот хлор во водата, тоа значи да биде од 0.2 до 0.5 милиграм во литар вода, како што е во градскиот водовод така треба да биде и во  селските чешми. 
-Дефинирање на заштитни зони околу водоснабдителни објекти според законски прописи, стручно одржување на водоснабдителни објекти според законски прописи.
-Дезинфекција на вода според законски прописи (хлорирање). Потребна е дезинфекција и чистење на извориштата, каптажа, резервоари, најмалку еднаш годишно, по потреба и почесто. Механичко чистење, дезинфекција и испирање во случај на прекин во водоснабдувањето заради прекин (тогаш доаѓа до вшмукување на нечистотии).
Дезинфекција се врши со 10 милиграма на литар активен хлор, за време од најмалку 24 часа, па 50 милиграми за 12 часа и 150 милиграм на литар активен хлор за време од 30 минути. Хлорот е отров, но во дадена ситуација кога е разблажен и под контрола врши дезинфекција и доуништување на сите бактерии кои се наоѓаат во водата, ракувањето со хлорот го прават лица кои се обучени, неправилно ракување со хлор може да доведе до вдишување на хлорна пареа, механичко уништување на кожата, хлорот се држи во специјални садови.

ПОДАТОЦИ ЗА КВАЛИТЕТОТ НА ВОДАТА ВО ОПШТИНИТЕ

Центарот за јавно здравје во согласност со Националната годишна програма за јавно здравје во Република Македонија врши континуиран мониторинг и евалуација на санитарно хигиенските состојби на водоснабдувањето на населението, објекти за водоснабдување, безбедна храна, итн. Преку мониторингот се вршат санитарно – хигиенски увиди над објектите за водоснабдување, заштитни води на водозафатите, над извориштата и нивната околина. Центарот зема примероци од водата за лабораториски анализи и следење, спроведување и предлагање за безбедност на снабдувањето на населението со безбедна вода за пиење.
СКУП испрати барања за слободен пристап до информации од јавен карактер до сите 10 Центри за јавно здравје кои дејствуваат на територијата на државава. Во нашите барања побаравме извештаи за квалитетот на вода, за целиот регион кој го покрива секој од десетте центри за јавно здравје, за период од пет години ( 2014, 2015, 2016, 2017 и 2018 година ). Одговор добивме од сите 10 центри. Дел од одговорите на барањата беа подетални и целосни, додека дел од нив беа површни податоци.
Целосната слика што ја добивме, преточена во анализи по општини, е следнава:

  1. Центар за јавно здравје Струмица
  2. Во општина Струмица, во три села со индивидуално водоснабдување, мониторинг се врши повремено поради лош пристап и мал број на население, во две струмички села, мониторинг воопшто не се врши бидејќи нема население.
    Поради лош пристап и мал број население, само повремено, или воопшто не се врши мониторинг и во неколку села од следниве општини:
    општина Василево – во едно село повремено, во две села мониторинг не се врши бидејќи нема население
    општина Ново Село –  во четири села мониторинг воопшто не се врши поради лош пристап и мал број на население
    општина Босилово – во едно село не се врши мониторинг поради мал број на население
  3. Од ЦЈЗ Струмица, информираат дека најголем број од физичко-хемиски неисправните мостри се поради отсуство на резидуален хлор. Отсуството на хлор е значително позабележително кај селата со сопствен водовод и јавните и крајпатни чешми, на истите овие места поизразени се и бактериолошките неисправности, за разлика од градски водовод и села кои се снабдуваат од градски водовод.
  4. Општина Василево е општина со најголема физичко-хемиска неисправност, од сите останати општини врз основа на добиените податоци.
    Во Василево 7.863 жители се снабдуваат со вода од градски водовод, и села под ЈПКП Огражден, додека 4.297 жители се снабдуваат од сопствени водоводи и јавни крајпатни чешми. Во оваа општина физичко-хемиската неисправност се движи од 81,6% се до 95,7%.
    Босилово, Ново Село и Валандово, кои исто така спаѓаат под Центар за јавно здравје Струмица, исто така имаат висок процент на физичко-хемиска неисправност и се веднаш после Василево, делејќи го најизменично второто, третото и четвртото место како општини со висока неисправност на водата за пиење.
    Во првите десет општини со висок процент на појава на физичко-хемиска неисправност се вбројува и Струмица, во просек, од 2015-2018 година, физичко-хемиска неиправност изнесува 33,5%, додека бактериолошки, неисправноста на водата е релативно мала во однос на другите општини.
  • Центар за јавно здравје Тетово
  • Во општина Тетово, во градските населби каде што се снабдуваат со вода од централен градски водоснабдителен објект и градски локален јавен водоснабдувач, процентот на неисправни лабораториски анализи е значително помал во однос на селските населби кои се снабдуваат од селски чешми од сопствен извор, централни селски водоснабдителни објекти, индивидуално, итн.
  • Во општина Гостивар од градски водовод биле земани помал број на мостри, во однос на мостри од селски водовод, притоа бројот на физичко хемиски неисправни мостри секогаш бил едноцифрен број, иако процентуално донекаде се изедначува со неисправните физичко-хемиски мостри од селските водоводи. 
    Во 2017-та година, дупло е помал процентот на бактериолошка и физичко-хемиска неисправност, во однос на другите години кога бактериолошката неисправност се движи од 23% до 23,8%, а физичко-хемиската од 43,4% до 52,4%.
    Бактериолошката неисправност од градски водовод, за четири години изнесува вкупно 18,2%, додека од селските водоводи 65,3%.
  • Центар за јавно здравје Битола
  • Од примероците од градски водовод во Битола, Могила, Новаци и Демир Хисар, процентот на неисправни анализи е нула, освен во 2016-та и 2017-та година кога била забележана неисправност од  0,8% (во Битола, Могила и Новаци). Бактериолошката неисправност на анализите доаѓа од селата со сопствен водовод, како и крајпатни, споменични чешми, и е постојано над 60%. 
  • Демир Хисар е општина со најголема неисправност на бактериолошки анализи чијшто процент на неисправност во период од четири години, се движи околу 60%. Кога станува збор за физичко-хемиска неисправност, процентот на неисправност во Демир Хисар е доста мал, не надминал повеќе од 9%.
  • Помеѓу првите пет со најголема бактериолошка неисправност се и општините Битола, Могила и Новаци. Во овие општини најголем процент на неисправност се јавува во 2018-та година, иако биле земени помал број на мостри во однос на претходни години.
  • Центар за јавно здравје Охрид
  • Во општина Дебар во 2014-та година, физичко-хемиската неисправност се должи на отсуство на резидуален хлор, додека параметрите на бактериолошка неисправност кај градски водовод се однесуваат на пронајдена ешерихија коли од 2,56%, а кај селата со сопствен водовод како параметри на бактериолошка неисправност се јавува ешерихија коли со 55,3% застапеност и ентерококи. Застапеноста на овие бактерии во изворите во Дебар, изнесува 80% ешерихија коли и 100% ентерококи.
  • Во Охрид во 2014-та година, неисправност во лабораториските анализи на градскиот водовод и села приклучени на градски водовод, нема.  Неисправноста доаѓа од селата со сопствен водовод, преку кој се водоснабдуваат 15.590 жители. Од селата со сопствен водовод заедно со други видови објекти, артериски чешми, викенд населби, хотелско-угостителски објекти, се пронајдени вкупно 110 бактериолошки неисправни мостри, во нив се евидентирани бактериите ешерихија коли, ентерококи и псеудомонас.
  • За годините 2015, 2016, 2017 и 2018та добивме сумирани податоци за општините Охрид, Струга и Дебар. Најголем процент на бактериолошка неисправност, вкупно за овие три општини, имало во 2017-та година и изнесувал 20,5%. Инаку физичко-хемиската неисправност на анализите, за четири години, се должи на отсуство на резидуален хлор и матност поголема од 1,5. Бактериолошка неисправност претежно е поради евидентирани колиформни бактерии, Е.Коли, ентерококи, псеудомонас. И во овие општини процентуалната застапеност на овие бактерии е поголема во селата со сопствен водовод, извори, бунари.
  • Центар за јавно здравје Прилеп
  • Според добиените податоци од ЦЈЗ Прилеп, регионот којшто го покрива овој центар се на дното на табелата по неисправност на анализи од мостри. Бактериолошката неисправност се движела од 1%-2% (2014-2018), физичко-хемиска неисправност 0,1% до 3,3%. Во надлежност на ЦЈЗ Прилеп се општините: Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Долнени, Кривогаштани и Пласница.
  • Центар за јавно здравје Штип
  • Во 2018-та година, во Штип, бактериолошка неисправност е евидентирана во мостри од јавните водоснабдителни објекти во градот, неисправноста изнесува 12,2% и се должи на сулфурно редуцирачка бактерија и ешерихија коли. Во села со сопствен водовод и села кои се снабдуваат со вода од други објекти, како и крајпатни чешми се забележани бактериите Е.коли, псеудомонас. На овие места во физичко-хемиска неисправност, забележано е присуство на нитрати 12.2% и манган  13,4%.
  • Слична е ситуацијата и во Пробиштип, повторно во села со сопствен водовод и со водоснабдување од други видови објекти се пронајдени, покрај Е.коли и псеудомонас спп, и сулфурно редуцирачката бактерија. Истите параметри на неисправност се застапени и кај крајпатни чешми. Во физичко-хемиските анализи, на овие места, застапени се параметри на нитрати и хлориди.
  • Во Радовиш, во села со сопствен водовод од кој се снабдуваат 10.400 жители, детектирани се бактериите Е.коли и протеус спп, во вкупен процент од 3,6. Во селата пак, каде што 1226 жители се снабдуваат со вода од други видови објекти, пронајдена е бактеријата протеус спп, со застапеност од 3,7%. Во 2018-та година, Радовиш е општина со најмал процент на неисправност на водата за пиење. 
  • Центар за јавно здравје Велес
  • Центар за јавно здравје Велес ги опфаќа општините: Велес, Свети Николе, Неготино, Кавадарци и Гевгелија. Во овие општини физичко-хемиската неисправност доаѓа од јавните чешми, селата со сопствен водовод како и селата кои се снабдуваат со друг вид објекти. Истото се однесува и на бактериолошката неисправност, со тоа што најголем е процентот на неисправности во местата заведени како село со друг вид водоснабдителни објекти. Од овие пет општини, највисоки параметри на неисправност има Свети Николе. За некои од годините, Гевгелија се јавува како општина со најмала физичко-хемиска неисправност.
  • Центар за јавно здравје Кочани
  • 2014 година, во Кочани ситуацијата е поинаква од другите општини, овде се забележуваат неисправности и во мострите од водата од градски водовод, со кој се снабдуваат 28.330 жители. Бактериолошката неисправност од градскиот водовод е 19,4%, инаку севкупната бактериолошка неисправност на ниво на градот е 48,5%, овде спаѓаат неисправни води од извори, збирна сурова вода, јавни природни чешми, бушени бунари.
    Во четири кочански села, кои бројат 533 жители, кои се снабдуваат со вода за пиење од сопствен водовод, бактериолошката неисправност изнесува високи 75%, физичко-хемиската 41,2%.
    50% бактериолошка неисправност е забележана во водата, во села, каде 172 жители се снабдуваат од други видови објекти.  
  • Бактериолошката неисправност во општините: Кочани, Пехчево, Берово, Македонска Каменица, Делчево, Виница, Чешиново-Облешево се должи на поголема количина на колиформни бактерии, вкупен број на бактерии на 37  ͦС во 1мл вода, зголемен вкупен број на аеробни бактерии на 22  ͦС во 1мл вода, присуство на ентеропатогени бактерии: ентерококи, псеудомонас аерогиноза и ешерихија коли.
    Според физичко-хемиската анализа, неисправноста во овие општини, се должи на нехлорираност на водата – нема резидуален хлор, зголемен степен на обоеност и потрошувачка на калиум перманганат, со тоа што во водата од градски водовод во Пехчево е забележено присуство на поголеми вредности на железо, додека во Чешиново-Облешево и Кочани е евидентирано присуство на поголеми вредности на нитрати, нитрити, железо, манган и електролитна спроводливост.
  • Во општините под надзор на ЦЈЗ Кочани, се забележани и неисправности во водата за пиење во викенд населби, угостителски објекти, работни организации од сопствено извориште и рекреативни подрачја. Во Чешиново-Облешево, во работни организации кои се снабдуваат со вода од сопствено извориште, а каде се пронајдени неисправни мостри, се наведени и неколку училишта: ОУ „Страшо Пинџур“, ОУ „Климент Охридски“, ЈОУГД „Кокиче“, ПУ „Климент Охридски“ Чифлик, ЈОУГД „Ѕвездички Чешиново“.
  • Центар за јавно здравје Куманово
  • Од овој Центар, кој го испитува квалитетот на водата за пиење на територијата на општините Куманово, Крива Паланка, Кратово, Липково, Старо Нагоричане и Ранковце, велат дека одреден број на селски средини кои имаат мали водоводи, кои се подложни на соодветен третман и дезинфекција, се испитуваат постојано на квалитет и здравствена исправност и резултатите од тие испитувања во најголем број одговараат на параметрите пропишани со Правилникот.
    „Резултатите од овие испитувања варираат во зависност од сезоната, па во одредени периоди одговараат, а во некои не ги задоволуваат критериумите од Правилникот.“ – информираат од ЦЈЗ Куманово.
  • Од шесте општини под овој центар за јавно здравје, Куманово е општината со најголема физичко-хемиска загаденост, која во текот на пет последователни години се движи од 38,2% до 44,3%. Липково исто така има висок процент на физичко-хемиска неисправност, кој се движи околу 30%.
  • Крива Паланка и Ранковце, во однос на овие шест општини, се карактеризираат со најмал процент на физичко-хемиска и на бактериолошка неисправност. 
  1. Центар за јавно здравје  Скопје
  2. Податоците добиени од ЦЈЗ Скопје се сумирани од 2016-2019 година, за сите општини кои се под надзор на овој Центар. Најголема бактериолошка неисправност 56,54%, е забележана во мострите од вода од крајпатни и споменични чешми, каде што се евидентирани бактериите псеудемонас спп – 9.22%, процент на колиформни бактерии во 100мл – 26,70%, ешерихија коли – 28,09%, ентерококи.
    Физичко-хемиската неисправност е исто така најголема во водата од крајпатни и споменични чешми, вкупниот процент на неисправност изнесува 49,28%, каде се забележани 1,44% амонијак, 2,17% нитрити, 16,27% нитрати, 18,18% сулфати, 29,41% манган, 5,50% железо, како и матност на водата од 3,07%.
    Мал процент на неисправност се забележува во градските населби кои се снабдуваат со вода од ЈП Водовод и канализација, додека висок е процентот на неисправност во населените места кои се снабдуваат со вода од сопствени извори, чешми, како и работни организации со вода од сопствено извориште.
  3. -12 населени места во селските населби се приклучени на градските водоснабдителни мрежи
    -32 населени места се приклучени на јавни водоснабдителни објекти со кои стопанисува јавно комунално претпријатие (Илинден, Петровец, Чучер-Сандево, и др.)

-29 населени места од селски места (околу 6.500 жители) се снабдуваат со вода за пиење од локални водоводи со кои самите управуваат ( овде неисправноста е околу 50% поради отсуство на дезинфекција, не се формирани или не се одржуваат зоните на санитарна заштита, и поради чести дефекти на водоводни мрежи).

Оставете коментар

коментар(и)