ИСТРАЖУВАЊЕ: КОЈ Е ВИНОВЕН ЗА КЛИЕНТЕЛИЗМОТ НА МЕДИУМИТЕ?

Автор: Мирјана Василева

За потребите на оваа сторија реализиравме анкета со 30 новинари од печатени и електронски медиуми во земјава, која е спроведена во периодот од 20 ноември до 20 декември 2019 година. Според резултатите од анкетата, клиентелистички практики и корупција во медиумите постоеле и за време на претходната и за време на оваа власт.

Поголем дел од новинарите одговорија потврдно на прашањето дали имало клиентелистички пракси во медиумите за време на претходната власт. На прашањето „Дали клиентелистичките практики во медиумскиот простор се присутни и денес, за време на оваа влада“, 86,6 отсто одговорија со„да“.

Околу тоа, кои се најмалку трите причини кои што се користат за влијание врз медиумите и новинарите резултатите покажаа дека најголем дел од новинарите сметаат дека најголема причина  е финансирањето на медиумите и поединците, помал број сметаат дека тоа се политичките притисоци кои се најмногу присутни во медиумскиот простор, други ги наведоа застрашувањето и уцените по работното место. Додека, некои го чувствуваат пристисокот на уредниците во смисла на обидите за манипулација, а за постоење на форми на клиентелизам во медимите. Некои, пак испитаници, како главна причина за клиентелизмот ја наведоа соработката на некои новинари со маркетиншки агенции, но и со портпароли на власта, преку ангажирање на изработка на конкретни проекти. За некои, причината лежи во влијанието на меѓународниот фокус во креирањето на уредничката политика и неефикасноста на новинарските организации, а за други постои и непотизам.

Колку политиката и економските центри на моќ влијаат врз појавата на клиентелистичка практика во медиумскиот простор, 60% од новинарите причината за корупција ја согледуваат кај сопствениците на  медиумите,  11%  се  изјаснија  дека  и  сопствениците   и  новинарите   се  тие  кои  дозволуваат политичката и економска моќ да делува во уредувачката политика, но и во остварување на корист, додека 29% одбија да одговорат.

На дел од новинарите, односно на 20% од нив, им биле понудени пари за да објават или необјават некоја сторија или текст, поголем дел од нив , поточно 66,7% немаат такво искуство, додека 13,3% одбија да одговорат на прашањето.

На прашањето „Дали сметате дека новинарската работа во нашата држава е суштинска за политичка партиципација на граѓанинот и функционирањето на општеството“, 73,3 % се изјаснија дека професијата е многу битна во вклучувањето и на граѓаните во влијанието околу донесувањето на одлуките, останатите се изјасниле дека новинарството и не е толку клучна професија.

За угледот на новинарската професија во општеството, 80 отсто од испитаниците сметаат дека тој е низок. Во одговор на дополнителното прашање да објаснат зошто се изјаснија најмногу за нискиот углед на новинарите, нашите испитаници причините ги наведоа меѓу другото: необразованоста и корупцијата.

Во врска со прашањето „Дали оние новинари кои се занимаваат со истражувачко новинарство се соочени со притисоци и закани“, поголем дел од анкетираните сметаат дека тие делумно се соочени со притисоци и закани.

Во анкетата на новинарите им беше оставена можноста и да дадат своја оценка, поврзана со актуелната состојба во сите аспекти во медиумската сфера. Генерално, новинарите сметаат дека во последните две години климата во медиумите е подобрена, но и дека далеку е од она како  што треба да биде, па се до тоа дека, има медиуми кои се уште се професионални во делот на презентирањето на основните информации, вести итн. Но, и дека има новинари кои се вистински професионални и се држат до високите стандарди на професијата.

КОГА СЕ ИМА ПАРИ СЕ ИМА СЕ

Дали само во Северна Македонија е присутен клиентелизмот на медиумите или пак е појава која е присутна и во останатите држави од регионот? Овој одговор го имаат во Институтот за партнерство и општествен развој со седиште во Загреб, кои во истражувањето за тоа колкав е индексот на клиентелизмот во медиумите во сите 6 земји од Западен Балкан, што се спроведе во периодот од 2014 до 2018 година, покажало дека земјата е во горниот дел од листата.

Момир Подувањак

Извршниот директор нa Институтот, Момир Подувањак, вели дека истражувањето е спроведено во рамките на проектот „Медиумски             круг“,             подржан             од претпристапните фондови на ЕУ и од Civil Society Facility (CSF). Тој ни изјави дека последното мерење е извршено при крајот на 2017 година и дека тие ги немаат внесено емпериските податоци по доаѓањето на новата власт во Северна Македонија во 2016 година.

„Некарактеристичен и највидлив проблем за вашата земја во периодот до 2017 година е консолидацијата на сопственоста над медиумите. Имено, значителен дел на медиумите паднаа во рацете на сопствениците, на кој што медиумите во нивниот делокруг им се секундарна дејност“, вели Подувњак.

Според него, во ваквата дизајнирана структура лесно е да се купи лојалноста на медиумите преку фаворизирање на секундарната дејност, која начесто е бизнис активност.

На иста линија е и професорката Снежана Трпевска. Таа вели дека сликата на сопственичката структура, горе-долу е истата, и истите повторно слугуваат на новата власт. „Сопствениците на медиумите се однесуваат во контекст што го нарекуваме клиентелистички однос, користејќи ги медиумите за да остварат влијание и некаква корист од  политиката, Приватните медиуми  не сакат да излезат од финансиско клиентелистички триаголник. Тие сакаат да им служат и натаму на политичките елити, но тоа не ги застапува интересите во улога на јавни радидифузери“, вели таа.

Во делот за С. Македонија, во извештајот од проектот предводен од Подувњак, се вели дека земјата „бележи пад во Индексот во клиентелизам на медиумите, особено во делот на способноста на државата сеопфатно да ја разбере состојбата на медумите според декларативното постоење на податоци, што значи проблем во детектирањето и спречувањето на клиентелистички практики.“

„Неопходна е потполна транспарентност на вистинското сопствеништво на медиумите, како прв приоритет кој мора да го решаваат сите идни политики кои го уредуваат медиумскиот простор, но, и дека мора да имаме достапни сеопфатни регистри за сопствеништвото над медиумите, за финансиската и материјална поддршка која се доделува на медиумите, за субвенции, како и декларирани интереси на оние кои се вклучени во одлучување за медиумските прашања. Финансиската ‘поддршка’ на медиумите со буџетски средства им е добро познат модел на сите власти во Македонија во изминативе години“, се вели во извештајот.

Но, кој стои зад медиумите во државава? Според податоците добиени преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и отворените бази на податоци, најголем дел од македонските телевизии, радија и печатени медиуми се во сопственост на физички лица.

Од вкупно 49 телевизиски станици – само 14 се во сопственост на правни лица, и тоа најголем дел од нив се телевизиски станици кои емитуваат програма на државно ниво. Имено, девет од вкупно 12 телевизии на државно ниво, четири од осумнаесетте регионални телевизии и само една од деветнаесетте локални телевизии се во сопственост на правни лица.

Речиси сите комерцијални радиостаници што емитуваат програма се во сопственост на едно или повеќе физички лица. Правни лица се сопственици на само шест радиостаници – една на државно ниво, две регионални и три локални радиостаници. Од вкупно 22 издавачи на печатени медиуми, 19 се во сопственост на едно или повеќе физички лица, а сопствениците само на три издавачи се правни лица.

Странски физички или правни лица се сопственици на удели има кај десет издавачи на медиуми: четири телевизии (ТВ Алфа – од Србија и Унгарија; ТВ Компани 21 – од Косово, ТВ Клан – од Албанија и ТВ 24 Вести – од Австрија), една радиостаница (РА Урбан ФМ – од Финска и од Кина) и пет издавачи на печатени медиуми (Репро Принт и Капитал Медиа Гроуп – од Девствени острови, Слободен печат и Колор медиа – од Србија и Индепендент Балкан Њус Агенси – од Грција).

Во 2018 година, четири правни и три физички лица се јавуваа како сопственици на повеќе од еден радиодифузер. До јуни 2019 година интеграција на капиталот постои само помеѓу: телевизијата на државно ниво ТВ Шења и регионалната ТВ Ера; потоа телевизијата на државно ниво Наша ТВ и регионалната радиостаница РФМ; како и кај регионалната ТВ Ускана еден и локалната ТВ Ускана Медиа и кај радиостаницата на државно ниво Метрополис и регионалната радиостаница Сити.

Во 2018 година, Агенцијата донесе вкупно седум одлуки со кои одобри да се спроведе промена на сопственичката структура на три телевизии и четири радиостаници.

БЕЗ ФИНАНСИСКА, НЕМА НИ МЕДИУМСКА СЛОБОДА

Според податоците од истражувањата на ЗНМ и на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, просечната новинарска плата не достигнува ниту 300 евра. Резултатите од анализата покажуваат дека во државава не може да се стигне ниту блиску до поимот „економски сигурен новинар“ бидејќи дури 85% од новинарите имаат помала плата од 500 евра месечно, а 45 проценти имаат пониска плата од државниот просек од 376 евра. Анализата е реализирана во август 2017 година, а во неа беа вклучени 127 медиумски работници. Просечната плата во медиумската гранка е помала од 300 евра, односно малку повеќе од 17.600 денари.

На 55 проценти од анкетираните работници им доцнат платите, додека дури 54% од новинарите не се вработени на неопределено време, а 19% се ангажирани привремено како хонорарни соработници со договор на дело.

И професорката Снежана Трпевска вели дека е многу загрижувачки трендот на порастот на несигурното вработување со договор на дело или на определено време.

„Тоа ја прави положбата на новинари и медиумските работници уште потешка и поподложна на притисоци и уцени. Затоа е нашиот аларм дека само економски сигурен и слободен новинар може  да продуцира професионална медиумска содржина и потребно е да се искористи моќта на новинарската заедница која треба да сфати дека прашањата за тоа колку медиумските работници се платени и во какви услови работат е заедничка цел“, смета таа.

Продолжува…

Оваа истражувачка сторија е изработена со финансиска поддршка од Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.

Оставете коментар

коментар(и)