Над 100 милиони евра отидоа, нефункционални апарати останаа низ болниците

Автор: Билјана Богдановска

Вкупно 199 медицински апарати во 74 јавни здравствени установи добиле епитет „нефункционални“ во април 2015 година, кога тогашното Министерство за здравство пратило Информација до Владата за состојбата со опремата низ болниците. Станува збор за апарати набавени и инсталирани од 1 јануари 2006 до април 2015 година – најголем дел од нив во рамки на големите набавки што ги правеше претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Тоа е прва таква детална листа за состојбата со медицинските апарати до која дојдовме преку Барање за пристап до информации од јавен карактер. Збирната информација покажува: 37 апарати за кои било финансиски неисплатливо да се сервисираат; 17 кои воопшто не можеле да се сервисираат; 21 апарат биле ставени во расход; за 39 бил во тек сервис, 64 биле ставени за функција, а уште 21 требало да се распише јавна набавка од Министерството за здравство. Повеќе од третина од нив се набавени во 2010, 2011, 2012 и 2013 година.

Набавките почнаа со 40 милиони евра, по пат „пораснаа“ уште најмалку трипати

Колку чинеа тие набавки, државата никогаш не даде точна информација. Поранешниот министер Имер Селмани во 2007 година калкулираше со цифра од 40 милиони евра. Бујар Османи како екс министер за здравство во 2010 година зборуваше за набавки вредни 68 милини евра. Последниот министер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров, во одговор на интерпелацијата што СДСМ ја поднесе за него во Собранието во 2015 година, објави дека до тогаш, „вкупно се инвестирани над 100 милиони евра за набавка на нова, најсовремена медицинска опрема“.

Министрите се менуваа, цифрите се зголемуваа

Министерството за здравство, пак, и по повеќе од еден месец откако испративме прашања и по пет потсетувања дека очекуваме одговор, не кажа дали е направена ревизија на големите набавки на медицински апарати и колку вкупно средства од буџетот на Министерството за потрошени за тие набавки за периодот од 2006 до 2015 година.

Менче Точи, новинарка која долги години одблиску го следи здравството, вели дека никогаш не се дозна колку вкупно тендери за медицинска опрема имаше, ниту колку како држава сме задолжени за тоа.

Менче Точи: Голем дел од овие апарати останаа да скапуваат по подрумите, а на многу од нив кога ќе се расипеше некој дел, болниците не можеа да го набават
  • Дали се земени кредити или се тоа буџетски средства? Ако беа само буџетски, се поставува прашање од каде толку пари во буџетот кога Министерството за финансии одбиваше да се финансираат реконструкции на одредни болници кои скапуваа, со образложение дека пари нема. Ќе го земам пример, најголемиот тендер за медицинска опрема во здравството кој толку се „напумпа“ што достигна сума и од 120 милиони евра. Се направи непланско купување на медицински апарати, опремата некаде послужи, но некаде им помина и гаранцијата додека да се обучи кадар за да ракува со нив. Голем дел од овие апарати останаа да скапуваат по подрумите, а на многу од нив кога ќе се расипеше некој дел, болниците не можеа да го набават поради високите суми, деловите се многу скапи. Дури и предизборно, пред заминување тогашната власт најави тендер за набавка на 3.700 апарати во вредност од 33 милиони евра. Како да не беше доволен претходниот. Многу од тие апарати што беа набавени корозираат и затоа што нема кој да работи одредени интервенции со нив – ни изјави Точи.

Според неа, јавна тајна е дека во вака големи проекти, големи тедери за медицинска опрема цените се превисоки, апаратите се прескапи, а со тоа можноста од корупција е поголема.

  • Таквите работи се договараат во четири очи, а познато е и дека фирмите даваат висока провизија за да го добијат тендерот. Каде завршуваат тие пари може да погодуваме – вели Точи.

Но, во исто време додека тогашната власт набавуваше апарати, граѓаните се жалеа дека не можат да се снимаат на мамограф, на компјутер, на магнетна резонанца… немаше термин, долго се чекаше за термин или апаратот не работел. Тоа им беше добро познато и на пациентите и на лекарите, поради што во 2017 година, поранешниот министер за здравство, Арбен Таравари, им наложи на директорите на клиниките и на болниците да проверат што имаат од опрема и колку истата работи.

  • Сите знаевме дека постојат различни апарати кои беа набавени, а не се користат. Некаде тоа се случи поради тоа што лекарите заминаа во пензија, па немаше кој да работи на нив, немаше обучен кадар, некаде воопшто не се ставија во функција, некаде беа однесени апарати за кои немаше простор, па стојат во магацини. Кога јас бев министер побарав сите директори на сите здравствени установи да ми пратат список на апаратите кои ги поседуваат, кои се во функција, кои не се, но не ја добив таа листа, затоа што 15 дена потоа се кандидирав за градоначалник. Тие списоци веројатно се доставени до Министерството за здравство. Целта ми беше, кога веќе ги имаме да се стават во функција, па на пример, некој апарат што е однесен во некоја болница, а не се користи од некоја причина, да се пренесе во друга каде би се ставил во функција – ни изјави Таравари.

Арбен Таравари: Сите знаевме дека постојат различни апарати кои беа набавени, а не се користат

Од апаратите кои не беа во функција, а кои требаше да се поправат преку тендер на Министерството за здравство за резервни делови на медицински апарати се наведени: класичен РТГ апарат во здравствен дом Неготино, набавен 2007 година; дигитален РТГ во прилепската болница, набавен во 2009 година; дури 8 ЦТГ апарати во Специјалната болница за гинекологија и акушерство во Чаир, набавени во периодот од 2008 до 2012 година и други.

Груевски: „Траен капитал за македонското здравство“

Екс премиерот Груевски своевремено ги претставуваше големите и скапи набавки на медицинска опрема за клиниките и болниците како „траен капитал за македонското здравство“. Се обидовме, нo не успеавме да добиеме одговор од поранешниот министер за здравство, Тодоров, на повеќе прашања за тоа како е набавувана, распределувана и користена таа опрема.

Од кога дојде на власт, СДСМ почна „процес на рехабилитација на здравствениот систем“, како што го нарече партијата во едно од своите соопштенија. Но, иако како опозиција се сомневаше во местени тендери, алармираше за купени, а нефункционални апарати, досега нема одговор на прашањето – како заврши таа опрема, дали и колку некој „ќари“ од тендерите на сметка на граѓаните?

Сега, министерот Венко Филипче вели дека направиле стратегија за опремата што е потребна, а досега ја немало.

Камен темелникот за бункер за акцелератор во ГОБ „Осми септември“ беше поставен во 2016-та Акцелераторот 4 години стоеше во магацин – сега се купува нов

-Тоа е компјутерска томографија во Гевгелија, кадешто се гради ново крило на болницата. Понатаму, компјутерски томограф којшто треба заради тоа што ќе се пушта новото крило во струмичката болница, да се надополни капацитетот. Магнетната резонанца за прв пат во Охрид, Гостивар и Битола. На барање на Клиниката за гинекологија нешто за интензивната нега, исто така на Клиниката за педијатрија, поединечни барања од посебни ЈЗ Установи за нешто што им е потребно, дали за нова метода или за нешто што е надвор од функција или често се расипува. Еден апарат на Клиниката за хематологија којшто ќе се користи за воведување нова метода за онаа трансплантација на коскена срцевина но на деца, зашто сега се праќаат во странство. Има барање од Клиниката за радиологија за
нов ангиограф заради тоа што овој е навистина со перформанси коишто треба да се апгрејдираат и ангиографот којшто многу често се расипуваше и сега не работи во Битола – ни изјави Филипче.

Камен темелникот за бункер за акцелератор во ГОБ „Осми септември“ беше поставен во 2016-та Акцелераторот 4 години стоеше во магацин – сега се купува нов

Додека траеше истражувањето, во ГОБ „8 септември“ беше монтиран линеарниот акцелератор,  купен во 2015 година, за 1.8 милиони евра. Наскоро се очекува да биде пуштен во употреба, откако четири години стоеше спакуван во кутии во магацин на една скопска фирма.

  • Кај нас, проблем беше акцелераторот. Дури сега го монтираа. Тој е апаратот што стоеше во магацин долго време. Поставен е, завршени се сите технички работи. Дури и пробно го пуштија, но се уште не се пренесени правата од Министерство за здравство на ГОБ „8 Септември“ и всушност не е во наша сопственост. Кога ќе го направат тоа, не знам. Од екипа што треба да работи на него имаме една докторка што е на специјализација, која наскоро ќе го положи специјалистичкиот испит и еден физичар, кој исто нема завршено. Но, со апаратот ќе работат стручни лица од Клиниката за онкологија
  • ни изјави д-р Христијан Костов, директор на ГОБ „8 септември“.

Набавката на акцелераторот, заведен со акт на примопредавање бр.17-24/138 од 15.12.2015 година, ја следеа сомнежи од почетокот: дека МЗ ја распишало постапката и изработило тендерска документација   со   која   се   фаворизирал   еден   економски   оператор.   Прво   е   избрана фирмата

„МЕДИМПЕКС“ ДОО од Сараево, а потоа е елиминирана со образложение дека немала референтна листа. Притоа, Министерството за здравство добило стручно мислење од страна на ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија согласно кое понудениот акцелератор на првично избраниот, а подоцна  елиминиран економски  оператор, во  однос  на финалниот резултат е компатибилен со бараниот од страна на МЗ.

„МЕДИМПЕКС“ поднела тужба пред Управниот суд, но била одбиена како неоснована.

Во ГОБ„Осми Септември“ се финализира инсталацијата на нов линеарен акцелератор

  • Тоа е акцелератор што во овој момент не може да се стави ниту во еден од постојните два слободни бункери. За изградба на бункер требаше да се одвојат негде околу 60 милиони денари, а за 90 милиони денари можевме да набавиме нов. Со тоа што сега би набавиле нов, многу пософистициран апарат. Тоа што сега ќе го направиме е да набавиме нов којшто ќе го поставиме во постојниот бункер, за да не градиме нов бункер, а тој што е во кутија ќе го искористиме за замена на еден од трите коишто се многу стари. Не го менуваме сега заради тоа што ако еден се стави во функција ќе се зголеми листата на чекање значајно – појасни Филипче за потребите на нашето истражување.

Според нашите извори, сумата што се плаќала за месечна кирија за чување на акцелераторот била по

25.000 денари.

За тоа што се случува со овој акцелератор го прашавме и директорот на Клиниката за онкологија, д-р Нино Васев.

  • Знаете дека од претходната власт имаме оставено нов апарат од производителот „Вариан“ во магацин, што треба негде да се смести. Значи бункер да се направи, да се овозможат услови за него. Под гаранција беше, ќе ја екстендираат гаранцијата. Тоа правиме со министерство план, кога ќе се стави во болницата „8 септември “ во функција… Јас ова не го знаев, мене глава ме фати … Тоа е нов апарат, но сигурно не може доживотно да стои…, рече Васев.
Д-р Нино Васев: Тоа е нов апарат, но сигурно не може доживотно да стои

Овој проблем се спомнува и во Конечниот извештај за извршена ревизија на финансиски извештаи и ревизија за усогласеност за 2017 година на Министерството за здравство, што Државниот завод за ревизија го објави во мај 2019 година, „Со оглед на тоа дека опремата уште не е пуштена во употреба поради доцнење во изградбата на бункерот во кој треба да биде сместена, а гарантниот рок ќе истече во текот на 2019 година, појавата на можни дефекти по пуштањето во употреба на опремата по истекот на рокот од три години, нема да бидат покриени со гаранцијата и евентуалното сервисирање ќе мора да биде покриено со средства од буџетот на МЗ, со што цената на чинење на набавената опрема дополнително ќе се зголеми..“, констатирал ревизорот.

Акцелераторот се користи за терапија на пациентите со канцер. Тој овозможува максимална прецизност во планирање и изведување третмани, имајќи предвид дека насочувањето на третманскиот зрак се врши со рубини, додека кај сите останати апарати се врши со огледала. Годишно, во Северна Македонија се регистрираат по 5.100 – 5.200 нови пациенти со малигни заболувања.

Ургентниот центар работел со еден компјутерски томограф – и тој од донација

Во Ургентниот центар, кој годишно згрижува по 35.000-40.000 пациенти, нема ништо од големите набавки што се правеа

По кои критериуми се одлучувало која здравствена установа ќе добие апарат, каков и кој имал приоритет? Ургентниот клинички центар, најголем во државата кој ги згрижува итните случаи, од големите набавки нема добиени ништо, ни изјави д-р Алберт Леши, раководител на Ургентниот центар.

  • За жал, кај нас нема ништо од тие големи набавки што се правеа. Немаше ни компјутери ни монитори. Имаше еден компјутерски томограф, но и тој беше донација. Во почеток функционираше, но технологијата е веќе застарена, рендгенолозите не се нафаќаат да работат на него. Ако работи, на него може да се снимаат по 100 – 120 пациенти, колку што дневно згрижуваме. Во меѓувреме, во последните три години набавивме некои неопходни апарати. Сега побаравме компјутерски томограф и комплетна опрема за операциона сала – вели д-р Леши.

Ургентниот центар на скопските клиники годишно има по 35.000 – 40.000 пациенти.

Во општите болници низ државата биле носени апарати кои не им вршеле работа на докторите. Во кумановската болница, тоа се случило со апарат за анестезија, набавен во 2010 година.

-Апаратот за анестезија „Siare“ не е користен никогаш. Ист апарат претходно добија Клиниката за максилофацијална хирургија и Општа болница Кочани. Заради негативните искуства, при работењето со овие машини, истите беа повлечени од операционите сали како небезбедни за пациентите, без можност да со сервисирање се подобри безбедноста за нивно користење – се вели во одговорот што го добивме од Општата болница Куманово.

Тука била донесена и машината за автоматско миење и дезинфекција на флексибилни ендоскопи од фирмата „Соникс“, набавена во 2015 година. Не била пуштена во употреба поради проблем со цревата за довод и одвод на вода, потврдија од болницата во одговорот до нас.

Рентгенолозите не се нафаќаат да работат на овој компјутерски томограф – а и тој е од донација

Неискористени и неупотребени апарати има и во општата болница во Охрид. Кај ултразвучен гинеколошки 4Д ехо апарат, набавен во 2013 година, 4Д ехото не работело уште во моментот кога апаратот бил ставен во употреба, така што оттогаш досега работи само 3Д апаратот. Инкубатор за недоносени новороденчиња, со пациент монитор, поради неисправност на одредени сензори не е ставен во функција од кога е донесен, стои во дописот што го добивме од ЈЗУ Општа болница –Охрид.

Илустрација: Клинички центар „Мајка Тереза“

Во специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ – Охрид не е во функција парен стерилизатор Top Getinge, набавен 2009 година, поради чести поправки. Апарати за компјутерска томографија и за РТГ дијагностика набавени во 2015 година, а ставени во функција на 31.05.2017 поради „изведување реконструктивни работи“ во делот каде требало да се постават.

Во Општата болница во Битола на 25 мај 2017 година влегоа истражители од СЈО кои бараа документи за групна набавка на рентген-апарати направена преку Министерството за здравство, во случајот поврзан со набавките преку фирмата „Висарис“ на Ивона Талевска.

Имаше информации дека и во „Св. Еразмо“ има дел од спорната опрема од „Висарис“, од таму велат дека таква опрема кај нив не е пристигната.

  • Фирмата „Висарис“ покрена постапка против потписниците на рамковната спогодба за набавка на апаратите, меѓу кои и ЈЗУ Св. Еразмо-Охрид. На ден 26.06.2019 година е донесена пресуда број 53TC- 21/17 со која се одбива како неоснована – ни одговорија од „Св.Еразмо“.

Пред точно две години, меѓу 7 нови истраги за корупција и кривични дела сторени од страна на поранешни владини функционери, СЈО го објави и случајот „Рентген“. Имено, СЈО покрена истрага за набавка на четири рентген апарати од страна на Тодоров во 2012 година при што е осомничен дека ја злоупотребил службената положба и како министер фаворизирал компанија за милионски бизнис за набавка на рентген апарати. По обелоденувањето на овој случај во јавноста, Тодоров го поништи договорот со „Висарис“, но според СЈО, тој спротивно на Законот за јавни набавки склучил договор со второрангираната фирма, иако требало во целост да ја поништи набавката. За овој случај, според СЈО, направената штета врз буџетот изнесува 860 илјади евра. Разврска или казна и за овој случај засега нема, оти предметот уште се работи.

  • Предметот „Рентген“, како и останатите, беше преземен од ОЈО. Тој е во фаза на истрага, и во наредниот период ќе биде продолжена истрагата. Предметот ми е доделен мене повторно и ќе продолжиме со истрагата – ни изјави специјалната обвинителка Елизабета Јосифовска, која го водеше случајот.

СДСМ, кога беше во опозиција, обвинуваше дека цените на медицинските апарати што ги набавува тогашната влада се од 60 отсто до 100 отсто повиски од реалните.

-Во првиот пакет на медицинска опрема, тежок 68 милиони евра, што ја промовираше Владата, има разлика од 28 милиони евра од првичните ветувања на Груевски. Во чии џебови ќе завршат овие 28 милиони евра разлика во цените? Доволни ли се овие 28 милиони евра за да ги задоволат личните и партиските апетити, праша тогашниот портпарол на партијата, Емилијан Станковиќ. Како примери ги посочи: кардиоангиограф набавен по цена од 820 илјади евра вреди дупло поевтино, 450 илјади евра; магнетна резонанца набавена по цена од 1 милион и 380 илјади евра, а вреди 790 илјади евра, како и сомнеж дека линераниот акцелератор е набавен по цена двојно повисока од нормалната.

Владимир Лазаревик: . Кај нас верувам дека најважен криериум е „кој повеќе ќе ги инспирира тие
кои плаќаат“

Владимир Лазаревик, претседател на „Хелтгрупер“, меѓународен проект за размена на информации од здравството вели – набавката на опрема во Северна Македонија била и остана крајно централизирана и таа централизираност носи своја цена. Според него, болниците се` уште ниту  имаат пари, а веројатно ниту идеја сами нешто да набават од опрема и чекаат на Владата и на Министерството за здравство.

Го прашавме, кои критериуми се најважни при набавките на опрема, и каде во таа процедура се најголеми можностите за коруптивни активности?

  • Има толку многу фирми и опции да навистина тоа не е лесна задача. Кај нас верувам дека најважен криериум е „кој повеќе ќе ги инспирира тие кои плаќаат.“ Оставам на вас да интерпретирате што инспирацијата би требало да значи. Како и да е, се` додека набавките се одвиваат на централно ниво, и додека болниците немаат нов систем на управување целосно децентрализирано, со инволвирање на локалните заедници, бизниси, и слично, проблемите ќе постојат, изјави Лазаревик.
Илустрација: Медицински апарати низ ходниците на клиниките

Според Точи, пак, од кога изби скадалот со тендерот за реагенси јасно е дека и актулната власт оди по

„лизгав терен“.

  • Иако во агендата на СДСМ немаше најава за Јавно приватно партнерство, одеднаш тоа стана приоритет на сегашниот министер за здравство. План или некоја стратегија за набавка нема, односно не кажале дека има такво нешто. И анализите или физибилити студиите за одредени проекти не се објавуваат јавно. Недостасува транспарентност. Големи тендери за медицинска опрема нема во најава, ама затоа тука е Јавно приватно партнерство за стерилизацијата, на пример, еден голем проект во кој ќе се набавува и опрема за стерилизација и возила, ќе се прави и реорганизација. Преголем залак, кој во соседна Албанија се покажа за неуспешен, прескап проект – вели таа.
Дистрибуција на капиталните инвестициите според потпрограми во здравството за периодот 2010-16 година (‘000.000МКД)
Извор: „Фајнанс Тинк“,„Ефекти од државните инвестии во јавно здравство 2010-2016“

Институтот за економски истражувања и политики „Фајнас Тинк“ во февруари 2018 година објави Студија насловена „Ефекти од државните инвестии во јавно здравство 2010-2016“ http://www.financethink.mk/mk/publikacii/studii-za-politikite/. Врз основа на економски и здравствени параметри, во неа се препорачува – пред да се пристапи кон нова набавка на опрема, дополнително на донесената одлука заснована на фармакоекономска анализа, потребно е да се осигури дека се исполнети сите предуслови и во однос на просторот и во однос на обезбедување и едукација на кадар за да се стави во употреба веднаш по испораката.

Направени 43 споредбени анализи со другите европски земји укажуваат дека нашиот здравствен систем и понатаму има потреба од континуирана набавка на крупна дијагностичка опрема како компјутерска томографија и магнетна резонанца. Меѓутоа, пред да се реши за нов циклус инвестиции од ваков вид, треба да се направи претходна подетална анализа во однос на степенот на искористеност на веќе постојната опрема и нејзина рационална употреба, пишува во студијата.

Оваа истражувачка сторија е изработена со финансиска поддршка од Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.


 

Оставете коментар

коментар(и)