НА ПОВИДОК НОВИ МЕДИУМСКИ ГРУПИРАЊА?!

Автор: Горазд Чомовски

 

Политичката битка помеѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и екс-лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски во 2011 година заврши со клуч на врата за А1 телевизија. Настрадаа и весниците кои се издаваа од ова медиумска групација, додека сопственикот заврши во затвор поради затајување данок. Овие медиуми беа квалификувани како про – опозициски поради критичкиот однос кон власта. Иста судбина имаа и неколку останати медиуми, кои не фигурираа на листата на корисници на владините реклами.

Политичката криза која се уште трае, пак, ги погоди про-владините медиуми. Потреси почувствуваа медиумите на МПМ – Дневник, Вест и Утрински весник, додека сопственикот на ТВ Нова е надвор од државата по одредувањето на притвор како првоосомничен во предметот „Труст“, според кој СЈО го товари дека со лажна документација добил тендер од ЕЛЕМ вреден 17 милиони евра.

Превирања, смени на уредници и доцнења на плати се случува и во други медиуми, кои се сметаа за блиски до власта.

Експертите велат дека интервенцијата на власта во медиумскиот пазар, преку реклами и притисоци, ги направиле медиумите зависни од центрите на политичката моќ. Тие сметаат дека при секој судир на политичките партии, медиумите го извлекуваат подебелиот крај.

 

 

 

„Медиумскиот систем треба да се постави на здрави нозе и со цврсти механизми кои ќе обезбедат одржливост и долгорочен развој. Вакво зло, вакво системско уништување на новинарството, на слободните медиуми, на правото на граѓаните да добиваат точни и објективни информации не смее да се повтори“, вели Билјана Петковска, директорка на Македонскиот институт за медиуми (МИМ).

 

Таа смета дека не смее да се подлегне на притисоците со кои слободата на медиумите се користи како параван за оправдување на незаконски постапки за кои се сомничат одредени медиуми или нивни претставници.

„Паранојата што ја шират станува контрапродуктивна. Време е да го менуваат пристапот и да им понудат на граѓаните новинарство според стандарди, етика и принципи”.

 

 

 

МНОГУ МЕДИУМИ ЗАВИСНИ ОД ВЛАСТА

 

За апсурдноста на статусот на “седмата сила” зборува и бројката од околу стотина национални, регионални и локални електронски медиуми и мрежи, над 250 портали и десетици весници наспроти рангирањето на Македонија меѓу земјите со неслободни медиуми.

Пресијата за формирање на некритичко провладино мислење стана препознатлива и по логореичните уреднички настапи, наместо јасни, непристрасни и воведни најави во уредувањето на централните информативни емисии. Разновидните ток шоу емисии се претворија во навивачки хајд-паркови на поделено гледалиште по партиски демаркации. Препознатливи се еуфорично пласираните информации за економско-инвестициските успеси за Македонија како најпривлечна инвестициска оаза во Европа со најстабилна и стимулативна даночна политика за привлекување на странскиот капитал.

 

 

Зоран Димитровски – Фокус: Пропагандната медиумска мрежа на ВМРОДПМНЕ се прошири толку многу, што таа не може повеќе да се храни.

 

 

Бранко Геровски – Слободен печат: Добриот новинар не им слугува на луѓето од политичката елита и од нив не бара началничкиупатства и потоа оценки за сработеното.

 

 

 

 

Иван Кузмановски – ТВ Сител: Сведоци сме дека работите само се вртат во круг во изминативе 25 години независност. Сами дозволивме нечии бизнис интереси да не разделат за да можат да владеат.

 

 

 

Драган Антоновски – Локално: Нема одговорност за стореното, за украденото, има само профит. Правилата во професијата се згазени или вулгаризирани.

 

 

 

 

Сељадин Џезаири – ТВ Арт: Албанскиот, наспроти македонскиот, информативен простор е поотоворен и по либерален.

 

 

 

 

Ацо Кабранов – Либертас: Без отстранување на канцерот што го труеше народот само за да го одржи Груевски и неговата арамиска клика на власт, нема напредок во професијата.

 

 

 

 

 

Медиумските работници често укажуваат на зависноста на медиумите од политиката и за пазарењето со уредувачката политика како единствена вредна валута. Дополнително, ретки се медиумите чиј што сопственик е фокусиран само на таа индустрија.

„Јавна тајна е дека медиумите се бонус кој се приложува за секој очекуван дил или тендер со владејачката елита“, вели за СКУП, Тамара Чаусидис од Синдикатот на новинари.

“Искуството досега дефинитивно покажа дека на долги патеки таквите слугански медиуми прават повеќе штета за оној што ги плаќа, отколку што од нив има полза. Скапи се и само на прв поглед ефективни. Со други зборови политиката на владеење преку медиуми е неисплатлива, штетна и на крајот на денот неефикасна.

Чаусидис оценува дека нема реален пазар, туку тој е контролиран од политичките и бизнис центри. Во таква ситуација, вели таа, „утопија е да се обидете да бидете надвор од контролата, затоа што само таа ви дава шанси да преживеете. „Истовремено, тоа е прилично удобна и лукративна позиција не зависите од гледаност, уште помалку од доверба на публиката туку од милоста на оној што ве плаќа“, додава Чаусидис.

Синдикалната лидерка Чаусидис вели дека е возможно и згаснување на одредени весници, телевизии и радиостаници.

Повеќето од нашите соговорници навестуваат дека на македонскиот медиумски простор ќе дојде до прегрупирања, од сопственички до промени во уредувачката политика. Извршените и навестени промени на влијателните главно-уреднички позиции  се предвесник на нови политичко-медиумски бракови и сојузи, со неизвесност дали ќе се најдат партнери и меѓу новите најавени владини коалиции.

 

 

Јасна Бачовска Недиќ, универзитетски професор УКИМ

 

ВО ОВАА СФЕРА Е УРГЕНТНО ДА ИМА ИНТЕРВЕНЦИЈА

 

Актуелните случувања во медиумите само ја потврдуваат тезата за видливата  крајна зависност на ТВ и весниците од политиката, досегашната власт, па ако сакате и државата. Тие главно живееја од парите од јавниот маркетинг и од бизнисите на нејзините сопственици што беа некритички протежирани од партијата на власт. Маркетингот во јавниот сектор во Македонија беше несвојствено агресивен и обемен, апсолутно несоодветен на економското ниво на државата и корпоративните потенцијали на огласувачите и електронските медиуми. Поради нетранспарентност никогаш не се дозна колку пари се потрошени, колку средства се свртеа и како своевидни перења на партиските пари. Се гледа дека соствениците/бизнисмените се еластични и политички прагматични. Но, во оваа сфера е ургентно да има интервенција, голема политичка волја и акција, за повторно да ни се случи ваква медиумска катастрофа.

 

 

БАНАЛНОСТ НА ЗЛОТО ВО МЕДИУМИТЕ

 

Еден од најпознатите филозофи на 20 век, Германката од еврејско потекло со диплома од Хајделберг, Хана Арент беше преокупирана со злоделата создавани низ системите на управување. Таа ги воведе термините “баналност на злото”. Во еден од своите последните текстови новинарот Зоран Бојаровски потсетува на ставот на Хана Арент на феноменот – „Малите Ајхмани“, кои се појавуваат како резултат на потребата на луѓето да се потчинуваат под притисокот на јавното мислење без способност критички да размислуваат за последиците што може да ги предизвика нивната акција или пасивност.

Новинарите се свесни дека оваа тешка криза, во која се наоѓаат медиумите и новинарството во целост, мора да се реши што побрзо и потемелно.

„Без длабок рез во медиумите на режимот, без отстранување на канцерот што го труеше народот само за да го одржи Груевски и неговата арамиска клика на власт, нема напредок во професијата што е сега на дното“, вели Ацо Кабранов од порталот Либертас.

Според него, Груевски беспрекорно ја воспостави и конторлираше пропагандата со чија помош владееше цели 10 години.

„И пишаните медиуми, весниците на МПМ беа дел од гласоговорништвото на ВМРОДПМНЕ. Сега кога режимот се урива, паѓа и уредувачката пирамида во тие медиуми“, вели Кабранов.

Нема да биде само со промена на уредниците, вели тој, „туку според најавите ќе има и истраги и лично за некој од уредниците.

 

Сефер Тахири – универзитетски професор ЈИЕ

 

ЕДЕН МЕДИУМ МОЖЕ ДА БИДЕ ПРИВАТЕН, НО НЕГОВАТА УЛОГА Е ЈАВНА

 

Илузија е да се мисли дека новинарите имаат слобода да објавуваат негативни вести или да известуваат за спорови за компаниите кои се директни сопственици на медиумите или се во бизнис релации со одредениот медиум.

Не постои едноставен и јасен одговор што е јавен интерес. Освен непостоење на цензура или контрола од центрите на политичката моќ, почитувањето на јавниот интерес во новинарството подразбира и непостоење на прикриено влијание на сопствениците на медиумите или огласувачите врз селекцијата на вестите и врз нивната уредувачката политика. Во теориите за медиумите, нивната улога се дефинира како „јавен интерес“ и како „општо добро“. Притоа, сопственичката структура на еден медиум не треба да се меша со општествениот интерес на тој медиум. Имено, еден медиум може да биде приватен, но неговата улога е јавна.

Поголемиот број радиодифузери, комерцијалните и јавниот сервис, се во рацете на политички субјекти и се продолжена рака на бизнисот. Тргнувајќи од моделот на сопственоста на медиумите, во Македонија многу е тешко да се најде еден сопственик кој не е поврзан со некој бизнис, со политиката или во некои случаи со двете заедно.

 

Според Сељадин Џезаири од телевизијата „Арт Чанел“, албанскиот, наспроти македонскиот, информативен простор е поотворен и полиберален. Но, тој додава дека ова не значи дека медиумите на албански јазик не се соочуваат со болките на таканаречената предолга транзиција.

„Заедничките професионални слабости се детектирани во  однесување, односно почитување и спроведување на професионалните, новинарски стандарди, од една страна, и се уште нерешените проблеми на нивното финансирање, од другата страна. Самите сме криви оти не ретко потклекнуваме од притисоците од страна разни моќници, кои поради своите интереси не сведуваат во своевидни евтини аргати, оддалечувајќи не премногу од  стремежот да го прикажуваме светот како се менува, а не ние да го менуваме светот“, вели Џезаири.

Иван Кузмановски од телевизија „Сител“ вели дека е очигледно дека во годините наназад медиумите се препуштени во битката за бизнис интересите на политиката, па дозволуваат преку нив политичарите да се борат само за своите интереси преку превезот на наводен јавен интерес.

„Додека тие бизнис интереси на политиката не ги отстранат рацете од медиумите тешко дека нешто ќе може да се промени. Сведоци сме дека работите само се вртат во круг во изминативе 25 години независност. Најважно сепак, според мое лично мислење е обединувањето на новинарската фела. Најдобрите резултати или ако сакате најдобрите оценки медиумите ги имале само тогаш кога новинарите заеднички работеле единствено за интересот на граѓаните, но за жал тоа одамна не е така. Сами дозволивме нечии бизнис интереси да не разделат за да можат да владеат. И да не бидеме наивни, граѓаните знаат да препознаат што се случува и што им се нуди“, вели Кузмановски.

Според него, проблемот е во перцепцијата и она што некој сака да го види.

„Јасно е дека грешките се многу попривлечни за јавноста отколку правилните потези и тоа е така во било кој медиум. Но, веројатно во оваа поплава од манипулации не може да се препознае до каде стигнала водата, а каде е копното. Не сакам да верувам дека некој сака да ‘‘одолее‘‘ на каков било притисок. Новинарите денес се поделени како никогаш досега, па неретко гледаме како преку свој грб или во свое име водат нечии туги битки, а притоа како влог ја ставаат професијата на маса. Дваесет и пет години учиме проодување и само што ќе застанеме на нозе ќе не поклопи нов бран.

 

 

МЕДИУМОТ КАКО ПАРАВАН НА БИЗНИСОТ

 

 

Експертите сметаат дека доминантните медиуми во Македонија, односно нивните сопственици не сакаат, не можат или не смеат да се ослободат од политичкото влијание на владејачката партија. Клучната причина, според нив, е фактот што сопственици на традиционалните медиуми – телевизиите и весниците во Македонија се претприемачи, чиј главен бизнис не е медиумскиот.

 

„Таква е состојбата со ТВ Сител, Канал 5, Дневник, Утрински весник, Вест, Нова МакедонијаВо состојба кога владејачката партија нема волја за слободно информирање, туку сака да го контролира јавниот дискурс, таа ги користи мејнстрим медиумите односно нивната моќ за креирање на јавното мислење за своите пропагандистички цели. Газдите на овие медиуми за возврат добиваат мрсен колач од државниот буџет од најразлични тендери во градежништвото, да речеме во проектот „Скопје 2014, концесии во рударството, ископ на руда, јаглен во рудниците на ЕЛЕМ, тендери за набавка на опрема во здравството итн., вели Зоран Димитровски од неделникот Фокус.

 

Сопствениците на овие медиуми и самите беа дел од политиката, водеа свои партии или учествуваа во власта во минатото, па политичката злоупотреба на медиумите не им е туѓа. Во тој брак од интерес, според Димитровски, главно страда професионалното новинарство, а медиумите се претвораат во инструменти за агитпроп.

 

„Поданичко и девалвирано новинарство и одговара на власта, зашто таа во медиумите сака да го гледа својот разубавен лик во огледалото, а не грдата реалност. Причината што овие медиуми се соочуваат со сериозни проблеми при работењето односно на некои им се заканува катанец, е тоа што владејачката партија очигледно не е веќе во можност да го алиментира бизнисот на нивните газди. Ова затоа што пропагандната медиумска мрежа на ВМРОДПМНЕ се прошири толку многу, што таа не може повеќе да се храни, особено во вакви тешки времиња кога партиската врхушка има приоритет да ја спасува својата кожа“, вели Димитровски.

 

Драган Антоновски од порталот Локално вели дека медиумите кај нас се за правење пари и обезбедување власт , а не за информирање.

„Газдите на медиумите ги продаваат новинарите, им ја даваат на поседување програмата и информирањето, а за возврат нивните фирми добиваат големи тендери, во кои има пари за се, освен за извршителите на валканата работа, за новинарите. Тука тие  добиваат некакви привилегии некои од главните уредници стануваат и рекетари ,но големите добивки се во бизнисите на сопствениците, кои  се скриени под туѓи имиња. Во секој случај и новинарите и уредниците  се соучесници на газдите и урнисувањето на професијата, која ја киднапира јавноста на услуга на моќниците, сеедно бизнис или политика.“ 

 

Бранко Героски – Слободен печат , еден од коосновачите на весникот Дневник

СО ПРОМЕНАТА НА РЕЖИМИТЕ, ОПСТАНУВААТ ТИЕ ШТО СЕ СПРЕМНИ ДА СЛУГУВААТ НА НОВАТА ВЛАСТ

 

По доаѓањето на новиот менаџмент во МПМ, поставен од германскиот издавач, изданијата на оваа куќа, а пред сите “Дневник”, за жал, беа злоупотребени за остварување политички амбиции, за политикантски игри и колаборационизам со центрите на политичка моќ и конечно, за отворено слугување на режимот на Груевски. Тој режим сега паѓа и нормално, паѓа и основниот мотив зошто да се одржат остатоците од некогашната “империја” МПМ. Она што се случи и што допрва ќе се случува со оваа куќа, како и со другите медиуми кои прифатија да бидат алатка на режимот, е парадигма, дефиниција на пропаста на медиумите кога тие наместо со новинарство се занимаваат со пропаганда. Со промената на режимите, опстануваат тие што се спремни да слугуваат на новата власт. Така ќе биде се додека не се промени односот на политичарите кон медиумите и севкупниот општествен амбиент. Внимавајте, јас не велам дека не е легитимно медиумските газди, уредниците и новинарите да имаат сопствени политички ставови што сакаат да ги изразат, па и политички амбиции. Напротив. Но, добриот новинар не им слугува на луѓето од политичката елита и од нив не бара “началнички” упатства и потоа оценки за сработеното. Не, добриот новинар им се обраќа на читателите и се труди на нив да им стане важно она што нему му е важно. Кога јас бев уредник на “Дневник”, таа наша средба и “љубов на прв поглед” со читателите беше материјалот со кој од весникот изградивме несовладлива тврдина на либералното новинарство. Таа тврдина можеше да се сруши само од внатре – тоа рушење почна набрзо по доаѓањето на ВАЦ и еве, финишира денес.

 

Годишниот план за работа е поддржан од Цивика мобилитас“.

civica_mobilitas_logo

„Содржината на оваа истражувачка сторија е единствена одговорност на СКУП Македонија и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат“.

 

 

 

 

Оставете коментар

коментар(и)