Првиот бран на вирусот КОВИД-19 поминува полесно од колку што се очекуваше. Капацитетите за згрижување не се пополнети заради спроведување на стратегијата на домашно лекување. Но што ако на есен има втор бран на вирусот, посилен од пролетниот? Инфектолозите предупредуваат: „Ќе ни се случи Италиjа“!
Пишува: Екипа на СКУП
Со аплауз во знак на благодарност за здравствените работници, Скопје се радуваше на се подобрите резултати во борбата против коронавирусот КОВИД-19. По се изгледа земјата го достигна пикот на 19 април, кога броеше 977 активни случаи, и оттогаш бројот на заразените е во постојан пад. По 20 дена од пикот на пандемијата, земјата брои 419 активни случаи, 1112 оздравени и 91 жртва.
Иако според бројот на жртвите на милион жители Македонија е на првото неславно место, се проценува дека, сепак, земјата добро се справуваше со кризата. Предвидениот пик на пандемијата се очекуваше да биде над 2000 активни случаи, а притоа се стравуваше дека слабиот капацитет на здравствениот можеше да придонесува за многу повеќе жртви.
РАНО Е ДА СЛАВИМЕ, ВИРУСОТ Е ТУКА
Инфектолозите велат дека се уште е рано да прогласиме победа над овој вирус. Тие стравуваат од втор бран на пандемијата, сличен на Шпанскиот грип во 1918, кога во пролетта се појавил во поблага форма за да се врати повторно во есента истата година, кога придонесе за смртта на околу 100 милиони луѓе. За разлика од сегашната бројка на светското население од 7.4 милијарди луѓе, во тоа време светот броел околу 2 милијарди луѓе.
Овие дилеми и стравувања ги има и проф-др. Снежана Стојковска, инфектолог од Инфективна клиника Скопје. Според неа, моменталната бројка на инфектолози може да се справи со актуелните случаи од Корона вирусот, но и ако дојде до омасовување на случаите.
„Ние може да се справиме со вирусот за евентуално повторно појавување на зголемен број на случаи и значително омасовување на тешките болни, во периодот зад нас правени се големи инфраструктурни подготовки. Исто така на повеќе нивоа, поради специфичноста на струката и клиничката презентација на болеста зајакнати се и воспоставени и нови мултидисциплинарни соработки со колеги од други клиники, за потребата од лекување компатибилни специјалности. Сите насојувања беа, се и ќе бидат насочени кон тоа да не дојде до колапс на здравствениот систем и да не ни се случи тоа толку често спомнувано италијанско сценарио“, вели Стојковска.
Стојковска била долгогодишен претседател на Здружението на инфектолози. Во струката е 37 години. Вели дека во моментов има 88 инфектолози, без специјализанти.
Според податоците добиени од Институт за јавно здравје (ИЈЗ), повеќе од половината од овој мал број на инфектолози работат на скопската Инфективна клиника, додека другите се распоредени на инфективните одделенија низ државата. Според последните анализи на Институтот, на оваа клиника еден лекар треба да работи со девет пациенти. Но, оваа состојба е проекција направена за „нормални услови“, а не и за евентуална ескалација која би можела да настане при појава на евентуален втор бран на Корона вирусот во државава кој се очекува од оваа есен.
Надлежните се задоволни како ја менаџираат кризата и велат дека имаат капацитет да се справуваат и за потешки форми на пандемијата.
„Нашите болнички капацитети предвидени за згрижување пациенти заболени од КОВИД 19 се практично празни. Ова е одличен модел на третман на пациентите во домашни услови, кој го воведовме учејќи од искуствата на другите земји“, изјави на средината на април министерот за здравство, Венко Филипче.
Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, над една илјада случаи се водат како оздравени. Од нив, 149 биле хоспитализирани, а останатите биле третирани во домашни услови. Но, иако бројот на заразените со Корона се намалува, сепак, се уште е неизвесно дали Корона вирусот ќе се врати од септември и во каква форма?
Според Анализата на Програмата за Југоисточна Европа, Северна Македонија е рангирана на 90-то место од вкупно 195 земји според Индексот на глобалната здравствена безбедност. Според оваа анализа, земјата има најлоши оценки за „посветеност за подобрување на националниот капацитет, финансиски планови за надминување на јазовите и придржување на глобалните норми“. На ова поле земјата е рангирана на 119-то место од вкупно 195. Додека, за „брз одговор и ублажување на ширење на пандемијата“, земјата е рангирана на 112то место од 195.
НЕМА ДОВОЛНО ИНФЕКТОЛОЗИ, ДРЖАВАТА ДА ГИ МОТИВИРА МЛАДИТЕ
Проф-др. Снежана Стојковска тврди дека инфектолози има во градовите, но дека е потребно државата да инвестира и да ги мотивира младите кадри кои би сакале да станат инфектолози. Стојковска појаснува дека инфектолозите се чувари на јавното здравје, а јавното здравје е добро ако инфектологот нема работа.
„За жал, инфектолозите во тек на годината се со полни раце работа само се причините, односно болестите кои се појавуваат различни“, додава таа. Затоа, смета Стојковска, системот треба да ги стимулира младите луѓе кои сакаат да бидат инфектолози дека да се биде инфектолог е одговорна професија, но не непрофитабилна. Стојковска додава дека системот треба да најде начин и финансиски да ги мотивира овие луѓе. „Системот треба да размислува подалеку и да има добра стратегија. Да се создаде добар инфектолог се потребни речиси 10 години. Претходно тој треба да заврши Медицина што трае најмалку пет години и уште 6 години да помине специјализација. Потребно е подмладување и мотивирање на луѓето кои се на специјализација како гранка во која би се нашле и би го дале својот живот. Инфектологот мора да се спремен од повеќе области. Се што се случува кај заболувањата, на пример, бактерија, вирус и сл., сите тие се манифестираат кај одреден орган за кој е потребно мислење и од инфектолог. Затоа насекаде во светот постојат инфектолози, само зависно од политиката на државата, различно се поставени. Некои се советници во терапија, други работат на интерни клиники, на онкологија итн.“, потенцира Стојковска.
САМО ВАКЦИНАТА ЈА РЕШАВА КРИЗАТА, НО ПРОБЛЕМ ЌЕ БИДАТ АНТИ-ВАКЦИНЕРИТЕ
Стојковска смета дека превенцијата како таква е најдобар лек за Короната, но и вакцината исто така. Таа вели дека во моментов има разни терапии, но и разни искуства при примена на терапиите.
„Ние не лекуваме вирус, туку последици од вирусот. Затоа сите колеги учествуваат во лекувањето, иако причинител е вирусот. Ниедна од тераписките шеми не е стриктно специфична за вирусот Ковид-19“, објаснува докторката.
Таа тврди дека вирусот Ковид-19 е нешто со што за прв пат се сретнуваме, иако во нејзината пракса видела и други тешки заболувања.
„Сме имале и маларија, вариола вера, туберколоза, претешки форми на хепатитис, сипаници, мали и големи, тифус, дизентериа, хеморагични трески, таканаречен свински грип и претешки масовни појави на сезонскиот грип, пробив на заушки и што се не. До пред 20 годни кај нас умирале деца од сипаници. Има многу инфективни заболувања присутни во нашата секојдневна работа. Короната носи свои специфики, не само во тежината на болеста, туку во тоа што прв пат организмот на човекот се сретнува со оваа структура на вирусот и затоа е нешто ново на кое никој нема имунитет“, вели Стојковска.
Затоа, таа вели дека е потребно да се создаде колективен имунитет. Но, Стојковска подвлекува дека не може да се створи колективен имунитет ако немаме добра колективна свест, не само за рестриктивните мерки.
„Толку време страотно се потроши во разни муабети, на квази-интелектуалци кои зборуваат против вакцинацијата, а сега чекаме вакцина за спас од Короната. Само вакцината е вистински лек за секое инфективно заболување“, е децидна таа.
Во однос на стекнувањето имунитет на Корона вирусот, Стојковска коментира: „Голем број случаи се со лесни симптоми или асимптоматски. Тие стекнуваат одреден имунитет. Би било добро барем 10 до 20 отсто од населението веќе имаат стекнато имунитет на овој начин.“
Но, додава таа, „потребно е уште повеќе да стекнат имунитет, а тоа ќе се постигне со вакцина“. „Потребно е најмалку 75 отсто од населението да стекне имунитет, иако кај нас тоа тешко да се постигне поради недоволната свест за значењето на вакцините.“
Заради тоа што, според неа, постои голем отпор од анти-ваксерските групи воопшто кон вакцините, недоволно познавање на вистинските придобивки кои она ги носи, „тешко во државата да се случи масовна вакцинација од Корона вирусот.“
Како пример Стојковска ја посочува вакцинацијата од грип, каде заради стравот од вакцините или недоволна здравствена просветеност на населението во целина секоја година се вакцинира не повеќе од 3 до 5 отсто од населението од грип.
„Потребна е континуирана работа, едукација, разговор и едноставно презентирање на сите сакани, но и можни несакани појави на секоја терапија и активна превенција на инфективните заболувања. Само така ќе го победиме стравот од Короната и од “короните” што не демнат во иднината“, потенцира професор Стојковска.
Продолжува…