Членовите на Советот за јавни набавки (Ивица Костојчиноски, Златко Арсов, Зоран Трајановски, Суад Зејнуловиќ и Борче Христов) имаат повисоки плати дури од претседателот, шефот на парламентот и премиерот на Република Македонија. Ова се податоците до кои дојде Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија, користејќи го законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Најниската исплатена плата во ова тело е исплатена на Ивица Костојчиноски во септември 2014 година од 97.090 денари, додека највисоката на Зоран Трајановски во јуни 2015 година од 114.337 денари.
Покрај платите, на членовите на Советот за јавни набавки им следуваат и по 1.860 денари за телефон и по 1.500 денари за угостителски услуги. Покрај ова на Ивица Костојчиноски, државата му плаќа и кирија и комуналии за стан во Скопје во висина од 250 евра месечно.
Како се одредуваат платите на членовите на Советот за јавни набавки ни објасни директорот на Бирото за јавни набавки, Александар Аргировски.
„Платата на членовите на Советот за јавни набавки е утврдена согласно со Одлуката за утврдување коефициенти за пресметување на плата на функционери кои ги именува Владата. Оваа одлука ја носи Владата и е објавена во Службен весник на РМ со сите измени и дополнувања“, вели Аргировски.
Тој додава дека Бирото за јавни набавки воопшто не одлучува за висината на платата на овие функционери.
Инаку, претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, како највисока хиерархиска функција има плата од 76.786 денари.
Интересно е што претседателот на Собранието, Претседателот Ѓорѓе Иванов и премиерот Никола Груевски, заедно имаат 75 години работен стаж, додека 5-те членови на советот за јавни набавки имаат 85 години стаж.
Платите на Иванов, Вељаноски и Груевски се 290.000 денари, додека платите на членовите на Советот за јавни набавки за јуни 2015 година изнесувале двојно повеќе или 532.945 денари.
Совет за јавни набавки, „македонски специјалитет“
Советот за јавни набавки е уникатно тело при спроведување на постапките за јавни набавки на Балканот. Тоа е формирано во 2014 година, а годинава, наместо под Бирото за јавни набавки и Министерството за финансии, директни ингеренции над него ќе има Владата на РМ.
Ниту една друга земја на Балканот и во Европа нема ваков орган.
Тешки зборови околу Советот за јавни набавки паднаа и на собраниската говорница. Пратеникот на СДСМ од Струга, Јован Митревски, смета дека ова тело не го спречува криминалот што се прави со јавните набавки.
„Тој е формиран само за собирање пари и вдомување на партиски кадри во него, да земаат високи плати. Срамота е, еден претседател и шест члена да имаат на располагање буџет од 500.000 евра“, вели Митревски.
Тој додава дека Советот им ја отежнува работата на договорните органи за набавките од мала вредност.
Советот за јавни набавки наплатил милиони евра
Во првите 6 месеци Советот за јавни набавки наплатил 1,2 милиони евра. Од Советот се издадени 2401 фактура или просечно по 500 евра за секоја издадена фактура.
Милионски суми се исплаќаат на сметката на Советот за јавни набавки. Секоја институција која ќе сака да набави некој производ мора да плати на Советот за јавни набавки да им ја одобри таа набавка.
Има неколку ситуации кои ги прават смешни и неисплатливи јавните набавки.
„Сакавме да набавиме два телевизори за нашата установа. Се обративме за одобрение до Советот за јавни набавки, не враќаа 3 пати и ни испратија фактура за нивните услуги од 500 евра, а јавната набавка требаше да чини 550 евра. На крај ја плативме фактурата кон Советот, а јавната набавка не ја реализиравме, бидејќи немавме пари“, вели вработена во скопска градинка.
Интересен е примерот со училиштата во Струга, кој на собраниската говорница го обзнани Митревски.
„Во Струга едно училиште спроведува околу 10 набавки (набавка на канцелариски материјал, бои и лакови, превоз итн итн) и за секоја набавка треба да побара согласност од Советот затоа што става услов економскиот оператор да има продавница во Струга. Да има продавница во Струга, затоа што набавката е сукцесивна, денес едно пенкало, утре два топа хартија, друг ден фломастери итн, што значи не може некој од Скопје да го прави тоа, не му се исплаќа. Е сега во Струга има многу книжари што го исполнуваат условот, ама нема три странски. Ако нема три странски треба мислење од Советот. Десет мислења добиени од Советот по десет илјади денари се сто илјади. 15 училишта во Струга, тоа се 1.500.000 денари или 25.000 евра. Училиштата во Струга немаат пари за струја, половина од нив и денес, после три недели од почетокот на учебната година се исклучени од електричната мрежа, а треба да платат 25000 евра на Советот“.
Дискутабилни одлуки на Советот за јавни набавки
Додека ја истражувавме темата за Советот за јавни набавки се соочивме со повеќе ситуации кои ни ги раскажаа вработените во различни институции, кои сакаа да останат анонимни.
Јавно претпријатие кое набавувало ризла за чистење на снег се нашло во затечена состојба.
„Поднесовме 4 барања до Советот за набавка на ризла. Иста големина, исти профил ист квалитет, исто се. Две поминаа на прва, едно го дополнувавме два пати, а едно 3 пати“, вели шефот на одделението за финансии во оваа јавно претпријатие.
Слично искуство имаат и вработени во одделението за јавни набавки во една општина од Источна Македонија.
„Баравме компјутерска опрема и принтери за одделението за урбанизам. Неколку пати не враќаа од Советот за јавни набавки. Во очи ми остана образложението за кое не вратија еднаш. Сме напишале дека принтерот треба да вади 1.000 броеви во минута, и не вратија бидејќи сме напишале броеви, а требало парчиња“, вели вработен во општина од Источна Македонија, кој сакаше да остане анонимен.
Тој додава дека не се сеќава да има некој случај да добиле тендер од прва, туку ги враќале најмалку уште по еднаш.
(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство”.)