ПОЛОВИНА МИЛИОН ЕВРА ЗА ПЕТ ГОДИНИ: ПРОМЕНА НА ИМОТНА СОСТОЈБА НА ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ НИЗ ГОДИНИТЕ

Пишуваат: Ангела Рајчевска и Бјанка Станковиќ

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, за 5 години го надополнил својот имот со ставки вредни скоро половина милион евра. Според истражувањето на СКУП во рамките на проектот ПЕП, Шилегов стапува на функцијата пратеник во 2014 кога до Државната комисија за спречување на криминал и корупција (ДКСК) пријавува имот во вкупна вредност од 914.857 евра. Денес тој имот, според податоците од веб-сајтот на ДКСК, вреди 1,332,115 евра, што значи го зголемил за 417 илјади евра.

Од изборите во октомври, 2017 година Шилегов е градоначалник на град Скопје, една од најбогатите општини во земјава. Тој е една од клучните фигури во Социјал-демократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), партија која дојде на власт во 2016 година. 

Според овие податоци, Шилегов во просек станувал побогат за 83 илјади евра годишно. Документите покажуваат дека целата разлика е во вредат ставките што припаѓаат на неговата сопруга, а од нив само три стана во Скопје чинат 208.380 евра. Останатите 200 илјади евра се однесуваат на кредити, лизинг, и основачки долгови. Во новите ставки ја има и куќата во Маврово проценета на 55 илјади евра, за која јавноста дозна преку информациите од веб порталите кои пишуваа дека Шилегов ги употребил плочките за вилата во Маврово. Тој ја демантираше оваа информација.

Куќата е пријавена во мај 2018 година, кога Шилегов го информира ДКСК дека го отплатил и кредитот од 2.400 евра. СКУП објави дека во 2018-та година пријавил удел односно непаричен влог од 2.400 евра и основачки влог/главнина од 5.040 евра. Во 2019-та година Шилегов пријавил намалување на заеднички парични средства и тоа во износ од 48 илјади евра и долг во износ од 30 илјади евра. Градоначалникот го вратил и заемот од 13 илјади евра, и го намалил постоечкиот кредит од 55.000 евра на 36.000 евра.

Шилегов во 2013 година, само една година пред да биде избран за пратеник, важел за еден од најбогатите адвокати. Според истражувањето на СКУП за имотот на адвокатите, во таа година актуелниот градоначалник бил меѓу тројцата најплатени адвокати во државава, пријавувајќи добивка од скоро 300 илјади евра. Кога стана пратеник, Шилегов рече дека адвокатската кариера ја ставил во втор план. Иако како адвокат заработувал многу повеќе пари, рече дека одлучил да стане пратеник затоа што сакал да се бори против тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ. Но во 2015 – та година Шилегов добил известување од  ДКСК дека не може истовремено да биде пратеник и управител на неговото адвокатско друштво, бидејќи постои судир на интереси.

КАКВИ ПРОМЕНИ ИМА ВО ИМОТИТЕ НА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ НА ОПШТИНИТЕ ВО ГРАДОТ СКОПЈЕ?

Стефан Богоев во 2014-та станува пратеник во Собранието и тогаш ја пријавува првата негова имотна состојба, која покажува вкупна вредност од 507.967 евра. Тој во 2017 година излегува од пратеничкиот состав и се кандидира на локалните избори. Младиот карпошанец победува во првиот круг, со што станува градоначалник на општината. Актуелната имотна состојба на Богоев, според документи на ДКСК, се разликува од онаа претходната која ја пријавил како пратеник и е помала за околу 360 илјади евра. Истата е проценета на 141.346 евра, при што се забележува дека се отстранети ставките кои припаѓаат на неговите родители. СКУП пишуваше и за промените кои Богоев ги пријавил. Во април 2019, Богоев пријавил промена во својата имотна состојба, наведувајќи дека купил нов стан. Според неговиот исказ, се работи за парите кои ги добил како свадбен подарок од присутните гости. Освен ова, тој навел дека подигнале и двa кредити – првиот од 50.000 евра, а вториот од 9 илјади евра – и поседуваат кредитна картичка од околу 1.600 евра.

Курто Дудуш, исто така, беше дел од пратеничкиот состав на СДСМ во 2016-та година. Како пратеник, Дудуш во ДКСК пријавил имот проценет на 109 илјади евра. Една година подоцна се кандидира за градоначалник и на изборите добива повеќе гласови од Елвис Бајрам. Имотот од тогаш, па до сега, не се разликува многу, односно само за една ставка. Автомобилот кој е отстранет од имотниот лист и поради него, вредноста на имотот се намалува т.е вреди 100 илјади евра.

ВЕЧНИ ГРАДОНАЧАЛНИЦИ

Тројца од скопските градоначалници со години се навикнати да седат во градоначалничката фотелја. Јован Пејковски, Жика Стојановски и Борче Митевски веќе по трет или четврти пат се градоначалници во исти општини. Низ текот на мандатите, комфорната зона им дозволи и промени во имотите.

Борче Митевски, на функцијата градоначалник на Општина Петровец, за прв пат доаѓа во 2009 година со имот од 36.423 евра. Народот во 2013-та година му дава уште една шанса и така го добива вториот мандат. Со новиот мандат се подновува и неговиот имот кој, овој пат, изнесува 168.130 евра. Петровчани не го менуваат своето мислење, па во 2017 година повторно му ја даваат својата доверба. Но, овој пат имотот на Митевски претрпува мали промени и вредноста на имотот е намалена на 125.203 евра.

Јован Пејковски е градоначалник на Чучер Сандево уште од 2009 година и во моментов и служи на општината по трети пат. Со првото стапување на оваа функција, Пејковски може да се пофали со имот вреден 821.950 евра. Десет години подоцна, ставките се намалуваат, а со тоа и вредноста. Имотниот лист сега е проценет на 333.333 евра.

И во време на владеењето на двете најголеми партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, жителите на Илинден својата доверба по четврти пат му ја даваат на Жика Стојановски. Тој е градоначалник на оваа општина уште од 2005-та година и неговиот имот претрпува минимални промени. Според податоци од ДКСК, Стојановски во 2009 пријавил имот вреден 97.027 евра, а во 2019-та година, имот од 99.555 евра.

ОД ДРУГИ ДРЖАВНИ ФУНКЦИИ ДО ГРАДОНАЧАЛНИЧКА ФОТЕЛЈА

Актуелниот градоначалник на општина Гази Баба, поранешен советник во истата општина, Борис Георгиевски, на функцијата советник стапува во 2010 година. Во ДКСК пријавил имотен лист со само еден автомобил Лада Самара, кој тогаш бил проценет на 1.500 евра. Денеска, Георгиевски како градоначалник поседува имот вреден 307.000 евра. Ладата Самара „се претвора“ во Опел Зафира, а дел од имотот е на име на неговите родители, кој се состои од стан, земјишта, куќа, ливада, лозје и шума. На негово име, Георгиевски пријавил лизинг, кредит и стан во Скопје.

Блерим Беџети е политичар кој низ своето работно искуство има сменето неколку државни функции. Од 2002 до 2005 година работи во Министерство за правда, а следната година станува пратеник, се до 2009 година. Истата година се откажува од оваа функција и станува градоначалник на општина Сарај. На чело на општината е до 2011-та година и тогаш пријавил имот вреден 142.401 евра. Во 2011 е избран за министер за правда и функцијата ја извршува до 2014 година. Во 2017 повторно е избран за градоначалник на Сарај. Имотот сега му е проценет на 98.773 евра.

Јавноста го запознава Саша Богдановиќ во 2013 година, кога станува вршител на должноста директор на Паркинзи на Општина Центар. Како тогашен директор пријавил имот вреден 230.650 евра. Во 2017-та година, победува на локалните избори и на истата општина станува градоначалник. Во 2019-та година имотот му е проценет за 40 илјади евра повеќе, односно 277.848 евра.

Златко Марин е поранешен член на Совет во општина Аеродром од 2009 година, а сегашен градоначалник во истите простории. Пред десет години пријавил имот од 117.424 евра. Како актуелен градоначалник според податоците од ДКСК, имотот му вреди 137.236 евра.

Оставете коментар

коментар(и)