Пофалница за сторија на „СКУП“ и „Фокус“ за оф-шор компании

Новинарот на „Фокус“, Влатко Стојановски е добитник на пофалница од Македонскиот институт за медиуми за истакнат новинарски ангажман во категоријата Најдобра истражувачка сторија за серијалот текстови на тема „офшор-компании“, објавени на веб страницата на Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија.

-Авторот демонстрира темелно новинарско истражување низ кое многу умешно ги разработува, категоризира и анализира сите правни субјекти во чија сопственичка структура се јавуваат други фирми регистрирани во таканаречени офшор-зони, а открива и информации за лицата кои се поврзани со нив или стојат зад нив, за нивните дејства и активности, се вели во образложението од комисијата која одлучуваше за овогодинешните  награди на Институтот.

Добитничка на наградата за најдобра истражувачка сторија „Никола Младенов“ е новинарката Ирена Каревска од тимот на „360 степени“ за серијалот од 10 телевизиски прилози во кои го истражува случајот со набавката на софтвер за автоматско казнување на сообраќајни прекршоци од страна на поранешниот секретар на Владата, Драги Рашковски.

Наградата за најдобар иновативен новинарски производ е доделена на новинарката Катерина Топалова, за мултимедијалната сторија „Од партиска крава до златна кокошка “ објавена на интернет-платформата „Само прашај“.

Наградата заНајдобра репортерска фотографија ја доби фоторепортерот Игор Бансколиев, за фотографијата на тема „ Херојот од Дељадровце“, објавена во дневниот весник „Нова Македонија“.

Наградите беа доделени вчера, во рамките на одбележувањето на дваесетогодишнината од  постоењето на Македонскиот институт за медиуми.

Оставете коментар

коментар(и)