ГОЛ БОЛ – ИГРА БЕЗ ГРАНИЦИ

автор: Ангела Рајчевска

1986 година, Роермонд, Холандија, Светско првенство во ГОЛ БОЛ, финале помеѓу Југославија и Израел. Пенали  3-0. Југославија освојува прво место. Во тимот на Југославија е и Рагми Арифовски, оваа златна медала за него претставува најголем успех.

„ГОЛ БОЛ е спорт за слепи лица. Се учи во школувањето. Јас го научив во Заводот за рехабилитација на лица со оштетен вид во Скопје, Кисела Вода. Од трето одделение започнав да се занимавам со овој спорт. Кога завршив основно, бев во изборот на Македонија, составот во кој тогаш беа шест републики и две покраини. Во тој состав од Македонија единствено јас бев тој што беше избран во репрезентацијата на Југославија. Во тоа време завршив средно школо во Белград и тогаш беше светското првенство за ГОЛ БОЛ во Холандија. Го освоивме првото место меѓу 24 држави и со тоа, таа златна медала е мојот најголем успех“.  – нé запознава Рагми Арифовски

Денес, Арифовски работи како физиотерапевт на Одделението за физикална медицина и рехабилитација во Куманово и повремено оди на натпревари со ГОЛ БОЛ тимот на Куманово.

„Денеска има интерес за овој спорт, но тој е модернизиран, впрочем како и сите други спортови. Интересот не е ист како порано. Тогаш немаше компјутери и техника и ние бевме сконцентрирани кон спортување. Затоа сега е намален интересот, бидејќи воедно е и потежок спорт и не го прифаќаат. Не е тоа што беше“ – дополнува тој.

Тој смета дека за афирмација на оваа игра нема доволно средства – „без пари не можеш да створиш тим кој што треба да патува од град во град за натпревари“ – заклучува Арифовски.

Според образложението на Арифовски, во Македонија има три ГОЛ БОЛ групи, Западна, Источна и Јужна. Во нив има севкупно до 14 екипи од кои само од осум се прави првенство на Македонија, еднаш годишно. Се прави и репрезентација, меѓутоа, истата има само пријателски натпревари со Балканските земји, Бугарија, Србија итн.

Гол бол се игра со тројца играчи, еден во средина, двајца се на страна, еден на лева еден на десна. Голот е девет метри широк, метро и триесет и пет висок. Тој што игра во средина е голман и ја игра главната улога, оди и лево и десно, брани. Топката во ГОЛ БОЛ се шутира исклучиво по земја, од гол на гол. Се игра на одбојкарско игралиште и од еден гол до друг должината е 18 метри. Се шутира и се брани со топка која е тешка 1.350 грама. Тоа е тешка топка која бара јак шут. Инаку, крилата, двајцата играчи што играат од страна треба претежно да бидат јаки во шутеви и шутираат со цел да се даде гол. Иако се слепи, со оштетен вид 100 проценти, има специјални наочари кои се ставаат, за доколку некој има остаток на вид, макар и 1 процент, да не може да гледа.

ШАХ, ПИНГ ПОНГ, АТЛЕТИКА И КУГЛАЊЕ, АЛТЕРНАТИВНИ СПОРТОВИ ЗА ЛИЦАТА СО ОШТЕТЕН ВИД

Лицата со оштетен вид, покрај ГОЛ БОЛ, најчесто практикуваат и други спортови помеѓу кои шах, пинг-понг, атлетика и куглање. За шах и атлетика се одржуваат и Државни првенства.

„Националната спортска федерација за слепи лица во 2017 организираше Олимпијада за слепи и слабовидни лица во Шах во која земаа учество 27 земји од целиот свет. Нашата шаховска репрезентација на слепи го освои 14-тото место. Овој резултат од Олимпијадата ни обезбеди учество на Светскиот Куп во Бугарија, Софија во 2018 година. Исто така, шаховската репрезентација зема учество на Светскиот Куп во Бугарија и го освои 9-тото место од 16 земји учесници“ – образложува Зоран Костадиновски, секретар во Националната спортска федерација на слепи лица

Според Костадиновски, оваа година, Шаховската репрезентација на слепи учествувала на Европското првенство во Романија 2019 година во Калеменешти. Таму нашата репрезентација го освои одличното 7-мо место од 15 репрезентации. Наредната, 2020 година, наши слепи шахисти ќе земат учество на Европското поединечно првенство во Апатин, Србија, кое ќе се одржи од 15 Јуни до 25 Јуни.

Од федерацијата велат дека генералното расположение на слепите лица за спортот не е на високо ниво. Имено, кај младите слепи лица има интерес, но е многу слаб за разлика од постарите кои се многу повеќе заинтересирани, што треба да биде обратно, појаснуваат тие.

Националната спортска федерација на слепи лица вели дека е задоволна од поддршката од државата и општеството за ефикасна реализација на вашите активности, меѓутоа смета дека секогаш може да биде поголема.

„Тука мора да потенцирам дека најголемата поддршка ја добиваме од агенцијата за млади и спорт која подржува наши разни проекти. Како Национална спортска федерација на Северна Македонија испраќаме годишна програма и финансиски план во тековнава година од таа програма реализираме да речам 80% благодарение на Агенцијата за млади и спорт, оваа година исто така добивме ваучер 1.540.000 денари кој треба да го искористиме со помош на приватниот сектор на пример некоја фирма ако е заинтересирана некој дел од ваучерот таа истата ослободена од данокот на добивка 50%“ – појаснуваат тие.

Нивните согледувања за она што би можело да се подобри во однос на интегрирањето на слепите лица во спортот и воопшто условите за спортување што ги имаат се поголема финансиска поддршка од државата, обезбедување на сали и терени каде што може спортистите да тренираат и да се натпреваруваат. Да имаат пристапност до самите сали, превоз, тактилни патеки или што е најважно, стручна подготовка, стручни тимови, тренери и навремено откривање на млади слепи спортисти кои ќе бидат стипендирани од страна на државата.

ВО ФИЗИЧКОТО ОБРАЗОВАНИЕ ИМА ПОТРЕБА ОД ПОДОБРУВАЊЕ

Во наставата во училиштето ДУРДМОВ „Димитар Влахов“ Скопје е вклучено физичкото образование. Од таму велат дека во однос на интерес за спорт има голем интерес меѓу нивните ученици, а во рамките на училиштето се организира и натпревар во ГОЛ БОЛ. „Физичкото образование е ефективно со што треба секогаш да има стремеж за подобрување на истото“ – заклучува Елена Пановска од скопското училиште.

Текстот е напишан во рамките на проектот „Попреченоста е само прашање на перцепција“ што го спроведуваат Институтот за различности и медиуми, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидски организации на Македонија, со поддршка од Европската Унија.

Оставете коментар

коментар(и)