Регионална анкета: Свиркачите најнепопуларни во Македонија

СКУП Македонија дел од Коалицијата за заштита на свиркачите на Југоисточна Европа. Минатата година во март во Скопје, СКУП го организираше првиот меѓународен ден на свиркачите и работи на подигање на јавната свест за придобивките од заштитата на овие граѓани, кои се осмелуваат да пријават корупција.

 

Анкетата за перцепцијата на јавноста за укажувањето во Македонија беше спроведена од страна на Советот за регионална соработка во 2017 година. Репрезентативен примерок од 1,000 испитаници одговорија на повеќе прашања во врска со ова.
Анкетата ја открива силната потреба од подобрено јавно образование и свест за придобивките од укажувањето и важноста укажувачите да се заштитат од одмазда, особено на работното место.
Далеку помалку луѓе од регионалниот просек – само 41 процент – се изјасниле дека луѓето треба да бидат поддржани за пријавување сериозни прекршоци со откривање на внатрешни информации. Триесет проценти рекле дека луѓето треба да бидат казнети за тоа. Ова е скоро двојно повеќе од регионалниот просек и значително повисоко од било која друга анкетирана држава.

 

Само 36 проценти од анкетираните испитаници се изјасниле дека би се чувствувале лично обврзани да пријават сериозни прекршоци во рамките на нивната организација – далеку пониско од регионалниот просек.

 

Само 1 од 3 испитаници сметаат дека менаџерите се сериозни во заштитата на укажувачите. Ова се совпаѓа со анкетата од 2015 година од страна на Transparency International Macedonia во која 2 од 3 вработени велат дека ќе се соочат со последици за пријавување на злоупотреба.

 

Тринаесет проценти од испитаниците изјавиле дека медиумите никогаш не треба да се користат како канал за известување за укажувачите – речиси двојно повеќе од регионалниот просек. Ниското ниво на слобода на медиумите може да придонесе кон ова гледиште. Freedom House вели дека медиумите во Македонија се “делумно слободни”, рангирајќи ја на 125 место од 199. Помеѓу 42 европски држави само Турција е рангирана пониска. Според Репортери без граници, повеќе од половина новинари сами се цензурираат. Медиумската опсерваторија за Југоисточна Европа вели дека владата ги финансира медиумските организации до точка на “злоупотреба” и “корупција”, создавајќи “мрежа на сервилни медиуми кои известуваат во нејзина корист”.

 

Во споредба со регионот, луѓето во Македонија имаат поволно мислење за нивната влада. Во анкетата од 2015 година, од седум држави таа се рангираше на прво или второ место во регионот, како држава во која граѓаните веруваат дека владата ефикасно се бори против корупцијата и го следи законот. Се рангираше речиси до врвот во перцепциите на граѓаните за транспарентноста на јавните услуги, како и за зачестеноста на поткуп и злоупотреба на моќта од страна на јавните власти.

 

И покрај ваквите ставови на граѓаните, Европската комисија ги критикуваше официјалните антикорупциски напори. Според неа, овие напори “не се видливи”, а властите не успеаа да ги истражат сериозните наводи против високи јавни службеници.

 

Во анкетата од 2013 година за седум балкански држави, повеќе од 20 проценти од луѓето што платиле мито изјавиле дека најважната причина за непријавување на нивните лични искуства за корупција на властите е тоа што сметаат дека плаќањето е знак на благодарност. Помалку од 10 проценти од оние кои платиле мито велат дека причината за непријавување е поради тоа што поткупот е вообичаена пракса. Ова укажува на тоа дека граѓаните не ги сметаат поткупот и корупцијата како значителни проблеми, што би можело да го објасни нивниот очигледен недостаток на поддршка за укажување (свиркање).

 

Како е во другите земји

 

  • Албанија: 68 проценти од луѓето се изјасниле свиркачите да бидат поддржани. Ова е највисока бројка помеѓу седумте држави. Повеќе од половина се изјасниле дека имаат лична обврска да пријават прекршоци и дека менаџерите се сериозни околу заштитата на свиркачите.

  • БиХ: Само 49 проценти од луѓето –  многу помалку од регионалниот просек – се изјасниле дека свиркачите треба да се поддржат, а само една третина се убедени дека би се презеле мерки доколку тие пријават сериозни прекршоци во нивната организација.

  • Хрватска: 68 проценти од луѓето се изјасниле дека свиркачите треба да бидат поддржани. Ова е највисоката бројка помеѓу седумте земји. Сепак, 44 проценти – повисоко од регионалниот просек – велат дека е генерално неприфатливо да се укажува (свирка).

  • Косово: Три четвртини од луѓето – многу повисоко од регионалниот просек – се изјасниле дека на пријавувањето би се реагирало и дека менаџерите се сериозни во заштитата на свиркачите. Две третини велат дека свиркачите треба да се поддржат.

  • Црна Гора: Само една четвртина од луѓето веруваат дека укажувањето е генерално прифатливо, само 4 од 10 велат дека укажувачите треба да бидат поддржани, а повеќе од 20 проценти – повисоко од регионалниот просек – велат дека треба да бидат казнети.

  • Србија: Повеќе од една третина од луѓето – повисоко од регионалниот просек – не знаат дали укажувањето е генерално прифатливо или дали укажувачите треба да бидат казнети. Само еден од пет луѓе – далеку помалку од регионалниот просек – велат дека најефективниот начин да се спречи прекршокот е преку контактирање на властите.

Оставете коментар

коментар(и)