САХАРА ВО МАКЕДОНИЈА: НЕДОВРШЕНИТЕ ПЛАНОВИ НА ЕДЕН КОНТРАВЕРЗЕН БИЗНИСМЕН

Автори: Џелал Незири, Жаклина Хаџи-зафирова, Александар Божиновски

 

 

Со широка насмевка и преполн со оптимизам, како актер од боливудските филмови, во јуни 2012 година во Македонија дојде Субрата Рој, 66-годишен контроверзен бизнисмен од Индија. Облечен во бела кошула со кратки ракави и со црн јелек, едно помодерно издание на индиската традиционална облека, тој во Македонија беше претставен како спасител на домашната економија.

 

Се сретна со поголемиот дел од министрите, со градоначалникот на Охрид и со премиерот Никола Груевски. Неговите планови, кои беа обелоденети по средбите, предвидуваа изградба на туристички комплекс на охридското крајбрежје, фабрика за добиточна храна и млекарница со фарма од 20 илјади грла говеда. Со овие и останатите најавени инвестиции се очекуваше вработувања на над 3 илјади невработени во Македонија. Се оценуваше дека ова ќе значи голем успех за земја со околу 30 отсто невработеност.

Како подарок, Рој најави изградба на споменик на Мајка Тереза во плоштадот на Скопје.

majka-tereza-subrata roj

„Кога прв пат слушав за Македонија знаев дека Мајка Тереза е родена тука. Јас често се дружев со неа„, вели Рој во интервју за една локална Македонска телевизија.

Потоа тој зборува и за првата средба со премиерот на Македонија, Груевски и министерот за Финансии Зоран Ставревски.

„Вашиот премиер и министер за финансии дојдоа во Индија. Ги сретнав во Делхи. Ми делуваа како прекрасни човечки суштества. Потоа јас дојдов тука, и во Охрид. Се среќавав со луѓе тука, заклучив дека се толку невини, добри, фини човечки суштества. Им реков на моите луѓе да направат филм за ова земја. Потоа ќе привлечеме снимања тука од Боливуд и Холивуд. Верувајте дека само со големи филмови една земја се појавува во светската мапа„, изјавуваше Рој.

Целата негова авантура во Македонија се случуваше во време кога во неговата матична земја Индија, му се стеснуваше просторот за делување.

По одлука на Врховниот суд на Индија, донесена во август 2012-та година, неговите компании „Сахара„ требаше да вратат околу 5 милијарди американски долари на милиони инвеститори кои биле измамени во градежниот бизнис.

 

СЕРИОЗНИ ИНДИЦИИ ЗА КОРУПЦИЈА

 

Овој скандал почна во 2010 година, кога еден од сметководителите на „Сахара” Рошан Лаи испрати писмо до Комисијата за хартии од вредност на Индија (СЕБИ) за да се истражува издавањето на хартии од вредност во градежништвото од страна на компаниите на Рој.

После четири години истрага, во февруари 2014-та година Рој е уапсен од индиските власти. Нему му е дозволено да комуницира од затвор со цел да го продаде неговиот имот во и надвор од Индија и да ги собере потребните пари за обесштетување на инвеститорите.

Владата во Македонија се бранеше со активирање на банкарската гаранција од 3 милиони евра, која „Сахара” ја имаше приложено како гарант за исполнување на обврските за инвестицијата во комбинатот Џумајлија.

Но, останува нејасен вистинскиот мотив на инвестициските планови на Рој во Македонија токму во период кога бил под истрага во неговата земја!

slagana taseva intervju za top

Слаѓана Тасева

„Мотивите за влегување во вакви зделки мора да се поисплатливи од она што може да се изгуби. Тоа е веќе многу сериозна индиција за постоење на некаков интерес, кој не е јавен интерес и е многу сериозна индиција за корупција„, вели претседателот на Транспаренси Интернешенал во Македонија, Слаѓана Тасева.

saso-ordanovski

Сашо Ордановски

Дека зад случајот Рој можно е да се крие корупциска афера се сомнева и експертот по антикорупција Сашо Ордановски. Тој вели дека уште од првото доаѓање на Рој во земјава беше јасно дека целата приказна звучи предобро за да биде вистинита.

 

„Но нејзиниот расплет со тоталниот инвеститорски дебакл на овој Индиец и неговото затворање во родната му земја можеби само ги спаси високите функционери од ВМРО-ДПМНЕ да не навлезат подлабоко во опасните води на финансискиот и друг вид на тежок криминал во овој случај„, додава Ордановски.

 

 

СИТЕ КОМПАНИИ НА САХАРА ВО МАКЕДОНИЈА

 

Поаѓајќи од овие сомневања, Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија, дојде до документи каде се прикажуваат сите фирми на Рој и неговите блиски луѓе во земјата, како и нивните финансиски извештаи.

Луѓето на „Сахара„ во Македонија имаат регистрирано вкупно четири компании.

Првата регистрирана фирма е Друштво за градежништво и услуги Сахара Глобал Цом ДОО Скопје, која датира од 16 август 2012, две месеци по првата посета на Рој во Македонија. Како основач се јавува самиот Субрата Рој Сахара, заедно со неговиот втор син – 37 годишниот Семанто Рој. Вкупната основна главнина е само 5 илјади евра, од кој 2.600 гласат на име на Субрата додека останатите 2.400 на име на Семанто.

Втората компанија е регистрирана на 24 август 2012, и гласи на името на првиот син на Субрата – 39 годишниот Сушанто Рој. Фирмата во Централниот регистер на Македонија е заведена под називот Друштво за преработка на земјоделски производи Сахара Пуре Еатаблес Цорпоратион Лимитед Доел Скопје. Основниот влог е 5 илјади евра додека кај адресата на Сушанто се нагласува дека е државјанин на Република Македонија. Користејќи го законското право за доделување на државјанство на странски инвеститори кои ќе инвестираат над 400 илјади евра, Сушанто и неговата сопруга Свампа сега имаат македонски пасоши.

Според доставениот финансиски извештај, вкупните средства со кои располагала компанијата во 2013 година се 9.1 милиони евра. Околу 3.6 милиони евра се постојани средства, околу 5.5 милиони се тековни средства, околу 4 милиони се капитал и резерви додека околу 5 милиони евра се пријавени како краткорочни и долгорочни обврски.

Вкупните приходи за 2013 година изнесуваат околу 2.3 милиони евра, додека добивката за деловната година изнесува околу 200 илјади евра. Просечната исплатена нето плата во ова компанија изнесувала 14.802 денари.

Третата компанија е регистрирана на 14 декември 2012 година, со називот Друштво за градежништво, услуги и развој Сахара Глобал Доел Скопје. Како основач се јавува странската фирма Аамбу Валлеу (УК) Лимитед, со седиште во Лондон, Англија. Во официјалните документи на Обединетото Кралство како директори на оваа моќна компанија фигурира самиот Субрата, со неговите двајца синови – Семанто и Сушанта, неговиот брат Свампна како и лицето Ом Пракач Свикатрава, сите од Индија. На ова позиција сите стапнале во 9 јули 2012 година.

Според финансискиот извештај на оваа компанија која брои 9 вработени, во текот на 2012 немала скоро никаков обрт на средства. Но, во текот на 2013 година како приход се наведени 520.8 милиони евра, од кои 459.8 милиони евра се трошоци а вкупната добивка изнесува 75.4 милиони евра.

Како вкупни средства со кои располага компанијата се наведени над 1 милијарда евра, околу 335 милиони се постојани средства, околу 687 милиони се тековни средства, околу 361 милиони се капитал и резерви додека околу 650 милиони се наведени под графата „долгорочни и краткорочни обврски„. Во текот на 2013, просечната нето плата во оваа компанија изнесувала 13.939 денари.

Четвртата компанија е Друштво за трговија МАРИНЕ ХОСПИТАЛИТИ ДООЕЛ Скопје,  основана исто така од лондонската фирма Аамбу Валлеу (УК) Лимитед.

Во финансискиот извештај доставен до македонските институции е пријавено дека компанијата во текот на 2013 година располага со околу 245 илјади евра. Околу 155 се постојани средства, околу 90 илјади се тековни средства, капитал и резерви се пријавени околу 82 илјади евра додека краткорочни и долгорочни обврски се околу 163 илјади евра.

Компанијата остварила вкупни приходи во вредност од околу 150 илјади евра, при што остварила добивка од околу 34 илјади евра. Според документите, просечната нето плата исплатена од ова компанија изнесувала 9.045 денари.

Според документите, само прво регистрираната фирма Сахара Глобал Цом ДОО Скопје нема доставено никаков извештај за биланс на работа и биланс на успех за 2013 година. „Субјектот нема доставено годишна сметка или известување дека нема деловна активност за 2013 година„, стои во документот на Регистарот за годишни сметки на ЦРМ.  Во 30 ноември 2013 година е одобрена постапка за ликвидација на компанијата, но останува непозната нејзината деловна активност за време на едногодишното функционирање во Македонија.

МИСТЕРИОЗНАТА КОМПАНИЈА

Само прво регистрираната фирма Сахара Глобал Цом ДОО Скопје нема доставено никаков извештај за биланс на работа и биланс на успех за 2013 година. „Субјектот нема доставено годишна сметка или известување дека нема деловна активност за 2013 година„, стои во документот на Регистарот за годишни сметки на ЦРМ.  Во 30 ноември 2013 година е одобрена постапка за ликвидација на компанијата, но останува непозната нејзината деловна активност за време на едногодишното функционирање во Македонија.

 

ОТСУТСТВО НА СТУДИИ ЗА ПРОЕКТИТЕ НА РОЈ

 

Експертите по антикорупција Тасева и Ордановски сметат дека авантурата на Рој уште долго ќе остане запаметена во Македонија.

„Господинот Рој ќе остане запаметен во аналите на македонската држава долго по заминувањето на Груевски и Ставревски од власта и би требало да нѐ научи од политичарите да очекуваме реални и остварливи проекти, а не да се замајуваме со секакви белосветски кловнови и инвеститорски манекени, кои власта ни ги сервира заради очајната потреба да не се разговара за вистинските состојби во државата„, вели тој.

ljubanista proekt

Од друга страна, вели Ордановски, препорачливо е да почекаме и да видиме што и кој ќе изникне на хектарите национализирано земјиште покрај Охридското Езеро и на необработените ниви во светиниколско. „Па тогаш да разговараме за вистинската корупција зад случајот со г. Рој“, потенцира тој.

И Тасева критикува дека за ниту еден од најавените проекти на Рој не постои студија за потребата од таков проект, како ќе се одрази на животот на граѓаните, за законитоста на постапките како за кредибилитетот на инвеститорот.

“Недостатокот на овие индикатори е сериозен индикатор дека со овие проекти нешто не е во ред. Имаше сознанија дека насилно се одземани “откупувани” објекти, вклучително и на спорот со МПЦ„, вели Тасева.

Рој од затворот Тихар во Индија продолжува да ги продава имотите на своите компании со цел да се комплетира целокупната сума од околу 5 милијарди долари за обесштетување на милиони инвеститори кои ги вложиле нивните пари во хартиите од вредност на “Сахара“. Медиумите известуваат дека со последните продажби се обезбедени 93 проценти од вкупната сума. Претставниците на “Сахара“ велат дека не се откажуваат од плановите за инвестирање во Македонија, исто како и од планот за изградба на споменик на Мајка Тереза.

 

ВИСОКА МОРАЛНА И ПОЛИТИЧКА КОРУПЦИЈА

“Ако корупцијата не ја сфаќаме само како деликвенција во сферата на материјалните и финансиските добра и трансакции, тогаш случајот со Субрата Рој спаѓа во еклатантните примери за висока морална и политичка корупција, осмислена и овозможена од врвовите на сегашната власт во Македонија„, вели Сашо Орадновски, антикорупциски експерт.

(„Истражувањето е поддржанo во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство“.)

Оставете коментар

коментар(и)