„Обезбедивме материјални докази дека корупцијата беше главниот извор на моќ за автократите. Повеќе корупција, поголема политичка моќ. Тоа беше формулата. Можевме да ја земеме слатка капсула која ќе ни ги затвори устите или горчлива пилула која може да не убие и нас и општеството. Убеден сум дека го направивме вистинскиот избор“, рече Ѓорѓи Лазаревски, еден од свиркачите кои го обелоденија скандалот со нелегалните прислушувања во Македонија, на одбележувањето на Меѓународниот ден на свиркачите 23 март, кој викендов се одржа во Приштина.
На настанот, поранешните вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање, Лазаревски и неговиот колега Звонко Костовски добија „Награда за слобода на говорот“ од Коалицијата на свиркачи во Југоисточна Европа.
„Среќен сум што сега луѓето зборуваат гласно и реагираат на секој обид да бидат излажани или манипулирани. Верувам дека нема власт која ќе ги игнорира или замолчи граѓаните во иднина“, изјави Лазаревски на доделувањето на наградата.
Тој додаде дека владите кои нема да ги заштитат укажувачите во нивните херојски дела, немаат ниту желба да се борат против корупцијата.
Според Марк Ворт, координатор на Меѓународната мрежа на укажувачи, по аферата Вотергејт кога беше сменет поранешниот американски претседател Ричард Никсон, случајот на Лазаревски и Костовски е најуспешен случај на укажувачи во светот.
Во Приштина беше претставен и случајот со Мурат Мехмети, службеник за даноци во Косово кој ги обелодени мрачните тајни на косовски компании кои не плаќале данок.
Горан Лефков