Сиромашните општини го уназадуваат развојот во внатрешноста

Со непочитувањето на законот за рамномерен регионален развој и со земањето на парите од концесиите на природните богатства, државата економски ги истоштува општините. Ваквите состојби ги револтираат граѓаните од внатрешноста.

Стојан од Кочанско е незадоволен како државата ги распределува парите.

Сè се гради во Скопје. Во останатиот дел на Македонија нема ништо. Ми се чини дека откако започнаа со изградба на Скопје 2014, ниту денар не даваат настрана од главниот град“, вели Стојан.

Тој додава дека актуелната власт ниту почитува закони ниту почитува правила. Еден од тие закони е и законот за рамномерен регионален развој, но и воопшто заживувањето на општините.

Малку пари и чудна нивна распределба, ова е дилемата која создава забуна и кај Младен Протиќ, раководител на Центарот за развој на североисточниот плански регион.

M4034S-4211

Младен Протиќ

Од 2009 година досега, ние како најнеразвиен регион имаме добиено 1 милион евра од Владата и имаме земено околу 1 милион евра од европските фондови. Зарем вие мислите да развивате еден регион со 2 милиони евра? Што може да се изгради за 2 милиони евра, ниту едно патче, а камо ли некој поголем инфраструктурен објект“, вели Протиќ.

Тој додава дека добро е што со овие пари е направена значајна техничка документација со која се аплицира кај донатори за реализација на некои проекти.

Незадоволство во распределбата на парите има и кај Момчило Алексовски, градоначалник на Ранковце, од редовите на СДСМ.

momcilo aleksovski

Момчило Алексовски

„Од Бирото за регионален развој, на 5 општини во регионот им дадоа пари, на Општина Ранковци не дадоа, иако овој североисточен регион, каде потпаѓа и Ранковци, е најнеразвиен“, вели Алексовски.

Тој не сакаше да коментира дали има политика во распределбата на парите од Бирото за рамномерен развој.

Похрабар во изјавите е градоначалникот на Центар Жупа, Аријан Ибраим.

arijan ibraim

Аријан Ибраим

„Смешно е што јас од фондовите за рамномерен регионален развој немам добиено ниту денар. Преку Бирото за рамномерен регионален развој се гради улица во сред Тетово или во Гостивар и од ова се гледа колку ние ги почитуваме законите. Сум носел проекти за поврзување на специфични села на повисока надморска височина за да можат децата да имаат пристап до останатиот дел од цивилизацијата, и на крајот ќе видиш дека општина Струга добила пари за реконструкција на кеј на реката Дрим, а за нас нема пари“, вели Ибраим.

Тој додава дека парите од оваа институција се делат според политички, а не според критериумите што се законски пропишани.

 

 

Европските пари чекаат македонски проекти, но општините немаат да си ја платат котизацијата

 

Општините од Источна, Средна и од Јужна Македонија имаат шанси да усвојат проекти од десетици и стотици милиони евра, смета Стојче Самарџиски, економски аналитичар и поранешен претседател на Извршен совет (функција на сегашен градоначалник) на Штип.

„Многу е добро да се искористат европските фондови. Тие нудат еден огромен потенцијал за развој на пограничните општини. Штета е што општините немаат пари да ги имплементираат тие проекти“, вели Самарџиски.

Тој додава дека општините треба да си изградат сопствени стратегии за развој во наредните години и да се знае што ќе финансираат во наредниот период.

Дека се проблем финансиите, потврдува и градоначалникот на Ранковце, Момчило Алексовски.

Ризични се европските проекти. Прво ние треба да ја платиме изградбата на некој проект, па подоцна да чекаме да ни ги вратат парите. Ако ги немаме тие пари да ја платиме изградбата на некој проект, целокупната сума ни паѓа на нас како општина без притоа да ни префрлат пари од фондовите на ЕУ за прекугранична соработка“, вели Алексовски.

Тој додава дека од претходникот пред него е промашена некоја постапка за набавка на возило и парите од европските фондови не им биле исплатени, па морале да плаќаат од сопствената каса.

На оваа проблематика укажува и Горан Ангелов, поранешен претседател за ЗЕЛС и градоначалник на Виница.

goran angelov

Горан Ангелов

„Имаме еден огромен потенцијал во малите општини кои можат да усвојат многу европски пари. Доколку општините од Источна, Средна и Јужна Македонија имаат пари, тие можат да направат чуда со европските фондови за прекугранична соработка. Има можности да уплатат 10% од вредноста на проектот, а останатите 90% да ги покрие ЕУ“, вели Ангелов.

Годинава за првпат државата им дозволила на локалните самоуправи да наплаќаат пари од концесијата за земјоделско земјиште.

Еден од големите успеси на ЗЕЛС е што се изборивме 10% од вредноста на концесиите за закуп на земјоделско земјиште да останат во општините. До 2017 година овој процент треба да стигне до 50%“, вели Душанка Перишиќ, извршен директор на ЗЕЛС.

Таа додава дека во 2016 година, 50% од концесијата за користење на водите за производство на електрична енергија треба да остане во општините. Во иднина ќе бараме и процент од концесиите за користење на шумите и на пасиштата, бидејќи сите тие ги користат патиштата и инфраструктурата на општините, вели Перишиќ.

Услов за добивање на овие пари е општините во претходната година да имаат наплата на данокот на имот од 80%.

 

Закочено формирањето на општинската банка

 

Општинската банка треба да биде институција која ќе ги финансира проектите на локалните самуоправи. По изградбата на проектот, општината ќе бара од европските фондови пари за тој проект, а кога ќе ги добие средствата, ќе ги врати парите во оваа банка.

Ваквата институција е повеќе од потребна за развој на македонските општини.

Зоран Минов, градоначалник на општина Карбинци, во оваа банка гледа силен поттик за развојот на општините.

minov

Зоран Минов

„Ваква банка има во Бугарија. Нашите партнери за прекугранична соработка оттаму имаат силна поткрепа од нивната банка и тие се фокусирани на проектите, додека финансиите им се обезбедени од оваа банка“, вели Минов.

Душица Перишиќ од ЗЕЛС вели дека тие бараат формирање ваква институција и во Македонија.

Имаме студија за формирање општинска банка за финансирање само на локалните самоуправи, но идејата не добила одобрување од Управниот одбор на ЗЕЛС. За ваквата банка чекаме одобрување повеќе од една година. Отворањето општинска банка е влезено и во нашата нова стратегија и во ноември ќе се разгледува од Генералното собрание на ЗЕЛС“, вели Перишиќ.

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство”.)

Оставете коментар

коментар(и)