Со спортски игри за поголема безбедност на децата

Деца од десет скопски градинки денеска учествуваа на манифестацијата „Движи се за здравје“, организирана од Детскиот културен центар „Карпош“ која се одржа во Градскиот парк во Скопје, пред фонтаната Лотос. Дечињата од прешколска возраст беа дел од игрите кои имаа за цел да ги мотивираат децата да се занимаваат со спорт.

„Покрај другите манифестации, Ролеријада, цртање на асфалт се одржува и оваа „Движи се за здравје“ во склоп на Факултетот за физичка култура и во соработка со професорот Горан Никовски. Тоj ни помага со своите студенти за да ги запазиме сите прописи кои што треба да бидат запазени за безбедност, која е нашата основна цел покрај рекреацијата“, изјави Ружа Ѓоргоска, директорка на културниот центар „Карпош“.

По нејзиниот говор, настанот беше отворен со танцова точка на група при основното училиште „Блаже Конески“.

„Ние како културен центар се трудиме уште од најмала возраст како во овој случај, да ги научиме децата за значењето на спортот и мобилноста“, додава таа.

На настанот покрај студентите од Факултет за физичко образование, спорт и здравје беше присутен и нивниот професор Горан Никовски. Тој вели дека биле поканети од страна на Културниот центар „Карпош“ како најкомпетентни за спроведување на игри, каде децата треба да си ги покажат своите вештини и способности. Присутен беше заедно со своите студенти со цел да им покажат на децата дека спортот е пред сè забавен.

„Децата треба да почнат со вежбање уште во семејството, а родителите да бидат пример за своите деца, иако тоа денеска не се случува. Во предшколската возраст децата мора да се занимават со физичка активност. Што порано почнат да се занимаваат со физичка активност тоа потрајни ќе бидат нивните навики во животот, она што ни фали во оваа средина. За жал, треба да има повеќе вакви манифестации“, вели Горан Никовски, универзитетски професор на Факултет за физичко образование, спорт и здравје.(Б.С.)

Оставете коментар

коментар(и)