Тројца македонски пратеници имаат „позлатени“ сопруги

Народните избраници љубители и на вредни уметнички предмети и скапа книжевна литература. ПратеницитеХалил Снопче, Елми Азири, и Сали Мурати пријавиле вредно злато и златен накит на име на своите брачни другари.

Изработил: Тим на СКУП Македонија

Сопругите на тројца македонски пратеници поседуваат злато и накит вреден илјадници евра, покажува новото истражување на Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија.

Сопругата на пратеникот Халил Снопче поседува накит вреден 15 илјади евра, стекнат со договор за подарок во 2019 година. Покрај накитот на име на брачен другар, Снопче на свое име пријавил уметнички предмети во вредност од 2.900 евра како и книжевна литература во износ од 2.500 евра, стекнати со договор за подарок во 2019 и 2010 година.

И сопругата на пратеникот Елми Азири поседува вреден накит. Во анкетниот лист на име на брачен другар Азири пријавил вредно злато од скоро 10 илјади евра стекнато со подарок пред дваесет години.

Како чеиз- подарок за невеста, златен накит на име на брачен другар пријавил и пратеникот Сали Мурати. Накитот е стекнат во 1992 година и според наведеното вреди само 10 евра.

Само еден денар вреди семејниот накит на пратеникот Павле Арсоски судејки по поднесениот анкетен лист. Семејниот накит е стекнат со наследство во 1990 година. На лично име пратеникот Арсоски пријавил и уметнички слики стекнати со купопродажба  пред 34 години што како што навел, вредат 1 денар.

Како заеднички имот, накит и благородни метали пријавил и пратеникот Иван Живковски. Нивната вредност е  10.500 евра, како што е наведено, стекнати на друг начин без да се прецизира во која година. Живковски на свое име пријавил дека поседува и уметнички и колекционерски предмети, поточно уметнички слики во вредност од 11.3 илјади евра, стекнати со договор за подарок.

Собранискиот спикер Африм Гаши, претходно како пратеник во својот анкетен лист пријавил благородни метали, односно накит на име на својот брачен другар вреден 2.000 евра, стекнат со договор за подарок. Во новиот анкетен лист како собраниски претседател накитот недостасува, т.с не е пријавен.

Оставете коментар

коментар(и)