Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, минатата недела беше домаќин на претставникот на УНЕСКО со седиште во Сараево, Џошуа Масаренти, кој престојуваше во тридневна посета на земјава. Масаренти имаше средба со професорката на Правниот факултет, Јасна Бачовска Недиќ, со којашто разменија искуства во врска со проектот „Зајакнување на етичката употреба на генеративните алатки за вештачка интелигенција и медиумското известување за ВИ преку новинарското образование во Северна Македонија“, поддржан од УНЕСКО преку Меѓународната програма за развој на комуникациите (ИПДЦ).
Проектот го имплементира Центарот за истражувачко новинарство СКУП-Македонија во соработка со Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. За време на посетата, Масаренти го посети и мултимедијалното студио односно Центарот за иновации во медиумите лоциран на Правниот факултет, којшто е основан со поддршка на Амбасадата на САД во Скопје.
Истакнувајќи поддршка за ваквите проекти коишто се во насока на мотивирање на студентите да се занимаваат проактивно со новинарството, заеднички беше потенцирано дека медиумите мора да ги следат трендовите, но истовремено и да бидат одговорни кон публиката и јавноста, почитувајќи ги професионалните стандарди.





