Пишува: Горан Лефков
Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија, во следниот период ќе ги објави херојствата на најпознатите укажувачи во регионот на Балканот и пошироко. Целта со ова е да ги потикнеме храбрите и честите граѓани во институциите да ги извадат на површина неправилностите што ги прават властодршците во сите земји во регионот и светот.
На почетокот на мојата новинарска кариера во 2009 година, во една посета на Струмица, во неврзан разговор со Зоран Заев, тогашен градоначалник на Струмица, подоцна, претседател на СДСМ и премиер, го коментиравме однесувањето на Никола Груевски, премиер со најдолг стаж на оваа позиција во самостојната македонска историја. Тоа што ми остави впечаток тогаш беше една реченица што тогаш ја кажа Заев, дека власта уморува, и колку и да бил човек принципиелен, многу често еден човек или карактер е една личност пред да добие власт, а сосема друга личност, доколку не внимава, кога ќе се уседне во удобната државна фотеља.
Токму тоа и се случи. Краток временски период после тој разговор, година или две, Груевски и неговата екипа почнаа да флагрантно да ги кршат и демократските вредности, но и човековите права. Сведоци на тие однесувања бевме сите, но некои граѓани сепак имаа поголем товар врз себе. Бидејќи тие знаеја нешто повеќе од тоа што официјалната партиска пропагандна машинерија на ВМРО-ДПМНЕ преку медиумите и институциите со кои раководеше, го претставуваше во јавноста.
За разлика од нас обичните граѓани, кои потслушнувавме за злоделата на властите, нашите херои Ѓорѓи Лазаревски и Ѕвонко Костовски, дирекно на своите работни места, секојдневно ги слушаа тие ѕверства.
Одлуката за дејствување, односно вадење на површина на тие злодела на врхушката на ВМРО-ДПМНЕ е тешка, мачна и болна. Сепак во себе вагаат дали да спасат човечки судбини и да го угасат вулканот што гори во нив, или да остават така, пламенот од тој вулкан да ги изгори самите нив.
Сепак, херојскиот ков, од којшто се направени им сугерира да се организираат, да ги изанализираат можните сценарија и на крај да дејствуваат по најбезбедното сценарио од тие.
Одлуката не е лесна, бидејќи, требаше прво да се повлечат од друштвото и пријателите. Не дека не ги сакаат, туку мора да се оттргнат од нив за да и тие не станат сомнителни на властите и да ги доведат во опасност. Секоја средба со другарите би значела можеби, закани, притисоци, бркање од работа, опасност за физичката безбедност на нивните блиски и ред други проблеми којшто режимот може да им ги донесе.
Треба да го изолираат и обезбедат и семејството. Треба да бидат сигурни дека во домот нема никакви материјали или други докази кој режимот може да ги изкористи за да ги затвори и блиските луѓе.
Бидејќи нема закон за укажувачи во Македонија тогаш, знаат дека на институционална подршка не можат да сметаат. Затоа сите следни чекори треба внимателно да ги превземаат, бидејќи тие се двајца и премногу мали во однос на избезумената партиска машинерија на Никола Груевски, Сашо Мијалков, Митко Чавков и останатите истурени и позадински играчи во сенка кои го држеа режимот.
Најдобра опција за нив тогаш била да ги предадат на нивниот колега Зоран Верушевски.
На крај работите излегоа во јавност и се понатаму е историја, во која овие две херојски имиња Ѓорѓи Лазаревски и Ѕвонко Костовски се живи сведоци и херои.
На една деценија од нивниот херојски потфат имаме случаи кој во светски рамки се вбројува во еден од најзначајните од рангот на Едвард Сноуден и Џулиан Асанж.
Република Северна Македонија, заради нивна заштита го забрза носењето на законот за заштита на укажувањето каде беше една од првите европски земји која го донесе тој закон во 2015 година. Дури 4 години подоцна Европската Унија носи Директива за заштита на укажувачите, во која се предвидуваше сите држави да ја спроведат до декември 2021 година, но за жал, само 4 држави ја имаат докрај спроведено, сите останати или немаат започнато со нејзината имплементација или е во процедура.
Денес, Ѓорѓи Лазаревски и Ѕвонко Костовски се безбедни и можат мирно да спијат со помислата дека, тежината на тоа што го слушат и тоа што го знаат го знае и јавноста и уште една многу важна работа е дека илјадници вработени граѓани имаат правна заштита доколку решат да ги споделат неправдите што ги гледаат и сведочат, благодарение на нив.