Центарот за управување со промени со препораки за подобрување на услугите за граѓаните

ЦУП во рамки на работната програма „Подобра испорака на јавни услуги за граѓаните со активна вклученост на Собранието“ работеше на испораката на јавните услуги, го меревме задоволството на граѓаните преку спроведени анкети и дадовме препораки за подобрување и модернизација (дигитализација) која е неопходна особено во услови на оваа криза која беше последица на пандемијата предизвикана од Ковид-19.

Заедно со мрежата на граѓански организации спроведовме истражувања за испораката на јавни услуги на централно и локално ниво и ги срочивме во Збирката на истражувања.

Направивме и истражување кое има за цел да даде оценка за отвореноста на институциите кон гласот на граѓаните, нивните повратни информации за услугите и мерење на задоволството, за која досегашните оценки на ЦУП покажаа дека не е на задоволително ниво, ја оценивме целисходноста на реализираните мерки во областа на јавните услуги во однос на мислењата и барањата на граѓаните од јавните услуги и од институциите. (линк)

Една од поактуелните теми за 2020 година како последица на пандемијата предизвикана од Ковид-19, беше преминот од кабинетска во електронска настава, која предизвика бура од реакции и проблеми пред се кај учениците и наставниците, но и кај сите засегнати граѓани. ЦУП во рамки на програмата изработи анализа која го опфаќа спроведувањето на мерките за одвивање настава на далечина во периодот од март до јуни 2020 година, ги сублимира сознанијата и ги воопштува со цел од нив да се извлечат валидни и применливи лекции, но содржи и конкретни препораки што директно ги адресираат сите учесници вклучени во процесот на образование во нашата држава. Главната цел е да се даде придонес кон креирање и примена на соодветен пристап за ефикасно одвивање на процесот на образование во иднина, доколку поради ваква или слична ситуација на криза мора да се реализира како настава на далечина, но и осовременување на образованието во таа насока, со цел да одговори на предизвиците на модерното време.

Центар за управување со промени го поддржа пополнувањето на Каталогот на јавни услуги со податоци за над 1300 услуги за граѓаните и бизнисите врз основа на правните акти. Овие податоци се основа за работата на Националниот портал за услуги, кој Министерството за информатичко општество и администрација го пушти во употреба на почетокот на 2020 година. Националниот портал ќе биде единствена точка за пристап до информации за граѓаните за сите услови и чекори за добивање одредени јавни услуги.

ЦУП редовно го изработува Барометарот на веб-транспарентност со кој ги рангира ЕЛС според нивото на проактивна транспарентност, во рамките на дефинирана рамка на индикатори. Индикаторите се составен дел на Стандардите за е-транспарентност на единиците на локална самоуправа, како дел од проектот “Граѓанинот на прво место” (линк).

ЦУП учествуваше во стратегијата и порталот за отворени податоци кои се изработени во рамки на проектот „Поддршка на процесот на реформи на јавната администрација“ имплементиран од Центарот за управување, финансиран од Владата на Обединето Кралство, со поддршка на Британската амбасада Скопје. Проектот се стреми да придонесе кон враќање на довербата во институциите преку зајакнување на транспарентноста и отчетноста на институциите и воведување на систем за отворени податоци; подобрување на процесите на стратешко планирање и следење на политиките на Владата, а со тоа унапредување на ефективноста и ефикасноста на политиките; засилување на принципите на управување со човечкиот капитал во администрацијата врз принципите на заслуги и обезбедување на инклузивност и предвидливост на легислативата.  Линк до порталот за отворени податоци: https://data.gov.mk. Публикации кои се издадени за таа цел се : Стратегија за отворени податоци 2018 – 2020 година, издадена од МИОА во соработка со Центарот за управување со промеи (линк од публикацијата). ЦУП заедно со МИОА ја разви Методологијата за спроведување функционална анализа (ФА), а потоа поддржа спроведување на ФА во неколку институции од централната власт, при што беа идентификувани проблемите од организациски аспект во однос на функциите кои ги вршат, ресурсите и подготвеноста за постигнување на нивните стратешки цели. Издадени документи се Методологија за спроведување на функционална анализа (линк), Анализа на законот за вработени во јавниот сектор (линк) како и Анализа на законот за административни службеници (линк).

ЦУП учествуваше во изработка на анализа на потребите за дигитализација на Собранието на С. Македонија, вклучувајќи и портал за отворени податоци на Собранието. Но исто така, ЦУП во соработка со НДИ преку поддршка на Швајцарската амбасада, го поддржа постигнувањето на поголема независност и професионалност во работата на Собранието на РСМ преку спроведување на ПВР за измените на Законот за Собранието, а изработи и предлог политики за регулирање на областите кои се во целосна надлежност на собраниската служба. Ова резултираше со измени на Законот за Собрание (линк) каде ЦУП успешно го имплементираше европскиот модел за управување со квалитет во јавниот сектор CAF во Собранието на РСМ, изработи каталог на податочни сетови на Собранието во контекст на иницијативата за отворени податоци на Собранието и изработи технички спецификации за набавка на нова компјутерска и мрежна опрема во Собранието.

ЦУП во соработка со Министерството за труд и социјална политика (МТСП), согласно одлуката на Влада и мерките предвидени во Стратегијата за реформа на јавна администрација и Акцискиот план (линк), подготви анализи кои треба да бидат основа за изградба на идниот кохерентен систем на плати за вработените во јавниот сектор (за законодавната рамка на актуелните платни системи во РСМ, компаративна анализа на платни системи во други земји на ЕУ и подготока на методологија за утврдување на основниот и варијабилниот дел на плата според резултати и во согласност со евалуација на работните места). Овие анализи ќе бидат основа за дискусија на идните активности околку  воспоставување на рамка за регулирање на системот на плати во РСМ.

ЦУП изработи Патоказ за подобрен стратешки пристап и секторска отчетност, со препораки како да се подобри целокупниот систем за стратешко планирање и како да се воспостави Центар за Влада кој би бил надлежен за воспоставување на координативен механизам во следењето на имплементацијата на јавни политики. Во овој труд е прикажан системот за стратешко планирање, но и на институционална рамка за создавање и имплементација, вклучувајќи финансирање, подготовка и управување со проекти, мониторинг и оценување. Анализата на официјалните документи вклучува стратегии, закони и меѓународни извештаи.

Во склоп на проектот „Програма за поддршка на Парламентот“, ЦУП во соработка со работна група од собраниската служба, во периодот јануари – март 2020, го спроведоа процесот на внатрешна проценка согласно сите 9 критериуми предвидени во КАФ инструментот. Во март 2020 год. беше организирана и последната работилница за приоретизација на која се разгледуваше КАФ Извештајот подготвен од работната група со 110 предложени мерки за подобрување и се дефинираа и селектираа приоритетни мерки и quick wins  кои би биле предмет на имплементација во следните 2 години од страна на собранието. На работилницата, покрај експертите од ЦУП, работната група за само – проценка, учество земаа и сите раководни структури во собранието како и претставници на кабинетите на Претседателот на Собранието и на Генералниот Секретар.  По работилницата беше подготвен и План за подобрување со Акциски план кој се очекува да биде усвоен од страна на врвното раководство во овој период и да се започне со негова имплементација. Додека, после одржаните состноци со Генералната секретарка на Собранието на 6 јули 2020 година, беа доставени и предлог препораки за безбедна работа и реорганизација на работните процеси во Собранието (линк).

Во рамки на проектот ЦИВИКА мобилитас како институционален грант даден од МЦМС, во изминатата година ЦУП, подготви два документи за политики: Анализа на достапните електронски услуги, Настава на далечина – компаративна анализа. Анализата за достапните електронски услуги се однесува на начинот на кој се испорачуваат најчесто користените услуги за граѓаните, дали тие веќе се дизајнирани како дигитални услуги, дали воопшто можат да бидат дигитални и што е потребно за тој процес. Анализата вклучува и преглед на електронските услуги на порталот https://uslugi.gov.mk/ и нивно оценување според степенот на софистицираност.  Компаративната анализа за спроведување на настава на далечина дава приказ на начинот на кој се спроведе наставата во нашата држава во периодот март-јуни 2020 година, во време на кризата предизвикана од пандемијата на Ковид- 19. Документот дава преглед на три поусовршени системи за спроведување настава на далечина како добри примери од кои македонскиот образовен систем може да научи многу.

Во рамки на проектот „Носење промени – добро управување и ефективност во јавната администрација“ беше изработен преглед на системите на плати во јавниот сектор во три избрани држави (линк од публикација), како примери за реорганизација на системот за плати во РСМ. За овој дел од реформата на јавната администрација ЦУП отвори дебата во јавноста. Со поддршка на проектот беше анализирано споделувањето на знаењето во јавниот сектор (линк од публикација), како предуслов за ефективни институции. Забележувајќи го недостатокот на институционална меморија и непостоењето на систем за споделување на знаењето во јавната администрација, претставува проблем кој резултира со недоволен квалитет на работата, премногу трошење заради губење ресурси, незадоволни граѓани, а сето ова беше особено нагласено во текот на кризата предизвикана од Ковид-19.

Во рамки на Работната програма: Подобра испорака на јавните услуги за граѓаните со активна вклученост на Собранието, поддржана од Европска Унија беше изработена алатка за прибирање и објавување иницијативи на граѓани и граѓански организации. Алатката е во форма на веб апликација каде може да се поднесуваат иницијативи, да се дава поддршка на иницијативи и истите да се праќаат до целните групи на донесувачи на одлуки. Иницијативите се покренуваат од граѓани и граѓански организации, потоа ЦУП може да ја истражи темата, да ја објави иницијативата и по прибирање на потребната поддршка за предметната иницијатива (во број на граѓани-поддржувачи), истата да ја достави до релевантните институции со цел покренување на јавна дискусија и поттикнување на бараната промена. Првите две објавени иницијативи се за подобрување на услугите за граѓаните преку нивна целосна дигитализација. Алатката е достапна на следниот линк.

ЦУП во рамки на проектот „Дигитализација во јавниот сектор во РСМ за непречено функционирање“ финансиран од Британската амбасада Скопје, изработи повеќе електронски услуги за потребите на државните институции. Електронската услуга за нострификација на дипломи во основно, средно и високо образование[1] беше пуштена и промовирана на националниот портал е-Услуги https://uslugi.gov.mk/. Преку порталот ќе може да се поднесе барање за нострификација и еквиваленција на образовни квалификации стекнати надвор од РСМ. Во таа насока, МОН подготви акциски план кој предвидува промена на начинот и поедноставување на постапките преку кои граѓаните можат да се обратат за да добијат одредена услуга со цел остварување на одредено право. Исто така, оваа година ЦУП го заврши и процесот за дигитализација на услуги за упис во градинка, упис во основно училиште, конкурси за ученички и студентски стипендии, регистрација на проекти во Секретаријатот за европски прашања и аплицирање за финансирање на проекти за реновирање на училишни објекти.


Оставете коментар

коментар(и)